Бигор Доленци

село во Општина Кичево
(Пренасочено од Бигор-Доленци)

Бигор Доленци — село во областа Долно Кичево, во Општина Кичево, сместено на патот помеѓу градовите Кичево и Македонски Брод.

Бигор Доленци

Поглед кон Бигор Доленци

Бигор Доленци во рамките на Македонија
Бигор Доленци
Местоположба на Бигор Доленци во Македонија
Бигор Доленци на карта

Карта

Координати 41°29′8″N 21°0′0″E / 41.48556° СГШ; 21.00000° ИГД / 41.48556; 21.00000
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Долно Кичево
Население 114 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6258
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12027
Надм. вис. 916 м
Бигор Доленци на општинската карта

Атарот на Бигор Доленци во рамките на општината
Бигор Доленци на Ризницата

Потекло на името

уреди

Името на селото доаѓа на „бигор“ што означува вид камен или бела земја, како и „Доленци“ што доаѓа од придавната форма долен со значење луѓе што се населени во долниот дел на месноста.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Улица низ селото

Селото се наоѓа во јужниот дел на Кичевската Котлина, во областа Долно Кичево, во источниот дел на територијата на Општина Кичево. Бигор Доленци се наоѓа на левиот брег на реката Треска.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 670 метри.[3] Од градот Кичево е оддалечено 5 километри и лежи во подножјето на планината Челоица.

Селото се наоѓа во непосредна близина на градот Кичево од неговата југоисточна страна. Сместено е помеѓу планинската падина на планината Челоица и рамницата околу Треска. Околни села се: Карбуница, Староец, Челопеци и други.[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Треска, Пашина Воденица, Ѓубришта, Емров Даб, Бел Камен, Димова Нива, Гољак, Радошоа Нива, Бука, Мишковец, Калуѓери, Бежаница, Орел, Стојкови Ниви, Столева Нива, Елоец, Орлоо седело, Осој Ниви, Доленечки Кладенец, Горно Село, Гумниште, Гробишта, Бојчеј Ниви, Мали Доленци, Жаркоа Нива, Дувало, Пропас, Долга Нива, Средна Нива, Длабоки Дол, Леќоа Нива, Гола Мара, Трбушоска Кошара, Рупи, Јазот, Даздарица, Мечкарици, Напевци, Шејдојци, Ливада, Ѓушкојца и Бела Стена.[4]

Селото има збиен тип. Роднинските куќи се групирани и се поблиску една до друга. Одредени краеви на селото носат имиња по родовите, како Ѓорчевци, Ќирковци, Јаневци, Марковци и други. Селото од 1948 година постепено се префрла кон патот Кичево-Македонски Брод, а тој дел при основањето се водело како маало Гола Мара.[4]

Историја

уреди
 
Стара куќа во селото

Во втората половина на XV век, во Кичевско постоеле три села со името Доленци, колку што постојат и денес. Тоа биле селата Бигор Доленци, Јагол Доленци и Манастирско Доленци. Едното имало 4, другото 12, а третото 44 словенско-христијански куќи. Веројатно Бигор Доленци било најголемото со 44 куќи.[4]

Најпрвин селото се наоѓало во месноста Мало Доленци, кое се наоѓа недалеку од денешното село во подножјето на планината Гољак. По раскажување на мештаните, старото село имало 350 христијански куќи. Но, за време на турското владеење поради убиство на двајца Татари на патот Кичево-Прилеп, селото го запалило и населението се разбегало. Поголемиот дел се населил во маалото Бичинци во градот Кичево, а другиот дел во селата Челопеци и Лисичани. Населението кое отишло во овие две села било исламизирано („потурчено“).[4]

Дел од населението кое одбило да се потурчи биле убиени, а се спасила само една девојка, која побегнала на падините на планината Гољак. Таму се омажила за овчар по име Петко. Тие изградиле куќа во месноста Горно Село и го основале Горно Бигор Доленци. Тоа село до околу 1880 година имало 30 куќи, кои повеќето потекнувале од синовите на Петко. Во селото единствено се доселиле родовите Ѓорѓевци и Карановци од други села.[4]

Со текот на годините, селото од падините на планината започнало да се спушта во низинскиот дел. Најпрвин тоа го направиле 3-4 куќи, а последните куќи се спуштиле 1949 година. Оддалеченоста помеѓу старото селиште и денешното село е 2,5 километри.[4]

Во XIX век, Бигор Доленци било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Стопанство

уреди
 
Продавница во селото

Атарот зафаќа простор од 10,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 531,8 хектари, на пасиштата отпаѓаат 263 хектари, а на обработливото земјиште 192,4 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото има продавници.[3]

Полето околу реката Треска до Првата светска војна припаѓало на некои кичевски Торбеши. Подоцна, нивите биле купени од страна на Македонците во селото. Меѓутоа, последните години, нивите мештаните ги продаваат, а ги купуваат Арбанасите од северниот дел на Кичевската Котлина, кои се населуваат во Кичево.[4]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948337—    
1953317−5.9%
1961250−21.1%
1971214−14.4%
1981189−11.7%
ГодинаНас.±%
1991203+7.4%
1994194−4.4%
2002156−19.6%
2021114−26.9%

Според податоците од 1873 година, селото Бигор Доленци (тогаш познато како Белостен Доленци) имало 23 домаќинства со 102 жители христијани (Македонци).[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 315 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Беластен Доленци имало 320 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бигор Доленци се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[8]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Бигор Доленци:[9]

Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
47 59 45 0 45 161 175 336

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[10]

Селото е мало, но нема толкаво иселување како во другите села. Во 1961 година, бројот на населението изнесувал 250 жители, а во 1994 година се намалил на 194 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Бигор Доленци живееле 156 жители, сите Македонци.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 114 жители, од кои 110 Македонци и 4 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 315 320 337 317 250 214 189 203 194 156 114
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Бигор Доленци е македонско православно село.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Староседелски: Бирковци (6 к.), Јаневци (5 к.), Србиновци (4 к.), Степановци (4 к.), Трпевци (4 к.), Ираковци (4 к.), Николовци (4 к.), Тасевци (2 к.) и Ѓурчиновци (2 к.);
  • Доселенички: Ѓорчевци (9 к.), доселени се од сега албанското село Србица, печалбарот Славко Иваноски бил познат гостилничар во Белград, каде ја држел кафаната „Албанија“ до 1932 година; Карановци (8 к.), а познати се и како Петревци. Доселени се од раселениот град Закамен во Малесија.

Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[17]

  • Староседелски: Марковци (3 к.), Трпевци (4 к.), Бирковци (7 к.), Србиновци (5 к.), од нив има иселеници во Бугарија и Романија, Аџи-Настевци (1 к.), Фулаковци (5 к.), Ѓурчиновци (2 к.), Шерет-Степановци (8 к.) и Степановци (1 к.);
  • Доселенички: Ѓорчевци (5 к.), доселени се од селото Србица и Карановци (10 к.), доселени се од денес раселениот град Закамен.

Општествени установи

уреди
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Вранештица.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Староец, во која покрај селото Бигор Доленци, се наоѓале и селата Атишта, Вранештица, Карбуница и Староец. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамки на некогашната општина Челопеци, заедно со селата Лисичани, Миокази, Орланци и Челопеци.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0803 според Државната изборна комисија, сместено во селскиот дом.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 110 гласачи.[19]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 108 гласачи.[20]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[21]
Цркви[22]
Црквите во селото

Редовни настани

уреди

Личности

уреди

Личности родени во Бигор Доленци:

Иселеништво

уреди

После Втората светска војна 30 до 40 семејства се иселиле во Кичево.[4]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 52.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 28. Посетено на 10 ноември 2020.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 26–27.
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 34.
  9. Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 76.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 ноември 2020.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 11 ноември 2020.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 11 ноември 2019.
  20. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 11 ноември 2020.
  21. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  23. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  24. Автор » Живко Грозданоски

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди