Јагол Доленци

село во Општина Кичево

Јагол Доленци (или само Доленци) — мало село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.

Јагол Доленци
Доленци

Куќи во селото

Јагол Доленци во рамките на Македонија
Јагол Доленци
Местоположба на Јагол Доленци во Македонија
Јагол Доленци на карта

Карта

Координати 41°37′40″N 21°0′55″E / 41.62778° СГШ; 21.01528° ИГД / 41.62778; 21.01528
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Горно Кичево
Население 2 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6254
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12006
Надм. вис. 750 м
Јагол Доленци на општинската карта

Атарот на Јагол Доленци во рамките на општината
Јагол Доленци на Ризницата

Потекло на името

уреди

Историски, името на селото било само Доленци. Името доаѓа од придавката „долен“ со значење луѓе што се населени во долниот дел на месноста. Додека, Јагол го добило во своето име поради непосредната близина на селото Јагол,[2] а со цел да се прави разлика со уште двете кичевски села, Бигор Доленци и Манастирско Доленци.

Географија и местоположба

уреди
 
Традиционална куќа во селото

Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во североисточниот дел на Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 750 метри. Од градот Кичево е оддалечено 17 километри.[3]

Селото се наоѓа во долина засечена во подножјето на планината Буковиќ и се наоѓа во непосредна близина на соседното село Јагол. Други околни села се: Бериково на север и Поповјани на југ.[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Јаголска Река, Граслојца, Планиница, Слогој Волески, Горни и Долни Нивишта, Јани Дол, Рамниште и Богоројчин Камен.[4]

Селото има збиен тип. Не е поделено на маала, бидејќи е мало и доста едноставно. Сепак роднинските куќи се поблизу една со друга.[4]

Историја

уреди

Во втората половина на XV век, во Кичевско постоеле три села со името Доленци, колку што постојат и денес. Тоа биле селата Јагол Доленци, Бигор Доленци и Манастирско Доленци. Едното имало 4, другото 12, а третото 44 словенско-христијански куќи. Веројатно, Јагор Доленци било тоа со 12 куќи.[4]

Помеѓу денешното село и железничката пруга се наоѓа месноста Грамаѓе. На таа месност биле ископани ѕидови од куќи, старо железо, црквиште и некогашни гробови, што припаѓало на некогашното население. Тоа се отселило веројатно кон крајот на XVII век.[4]

Месноста Богоројчин Камен (го нарекуваат и Црквиче) се наоѓа северно од селото кон селото Бериково. Постои предание дека таму месноста била посед на поповјанскиот манастир.[4]

Денешното село потекнува од втората половина на XVIII век, кога било основано од тројца браќа Словени. Тие дошле од областа Мат во денешна Албанија. Од таму заминале поради крвна одмазда. Од нив потекнува денешното население.[4]

Во XIX век, земјата на ова село и шумата на планината Буковиќ била присвоена од кичевскиот ага Исен Јаричка (Торбеш). Агата имал проблеми со некои муслимани од околината на Прилеп, поради што на помош викнал некои Арбанаси од Северна Албанија, кои за постојано се населиле во планинското село Бериково.[4]

Во XIX век, Јагол Доленци било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Во отоманскиот период, но и за време на балистичката окупација во текот на Втората светска војна, значаен број на жители од Јагол Доленци и од околните села биле убиени од страна на Арбанасите. Воедно, им ја краделе стоката и им ги палеле куќите.[4]

Стопанство

уреди
 
Стопански објекти во селото

Атарот е мошне мал и зафаќа простор од 3,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 230 хектари, на шумите отпаѓаат 75 хектари, а на обработливото земјиште 72 хектари.[3]

Во минатото, земјата и шумата била во посед на агата Исен Јаричка. Подоцна, Македонците ја купиле од него обработливата површина.[4]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948155—    
1953162+4.5%
1961143−11.7%
197184−41.3%
198131−63.1%
ГодинаНас.±%
199125−19.4%
199417−32.0%
200213−23.5%
20212−84.6%

Според податоците од 1873 година, селото (тогаш познато како Доленци) имало 16 домаќинства со 68 жители христијани.[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 210 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Јагол Доленци имало 240 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Доленци се води како две чисти македонски села во Кичевската каза, Горно Доленци со 20 куќи и Долно Доленци со 20 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци.[9]

Јагол Доленци било, како што е и денес, мало село, коешто во 1961 година броело 143 жители, а во 1994 година само 17 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Јагол Доленци живееле 13 жители, сите Македонци.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 210 240 155 162 143 84 31 25 17 13 2
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Јагол Доленци е македонско село.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Ниновци (11 к.), Аврамовци (7 к.) и Гиновци (6 к.), потекнуваат од тројца браќа Нино, Аврам и Гино, биле основачи на денешното село. Доселени се од некое село во областа Матија во Албанија во втората половина од XVIII век. Го знаат следното родословие: Љубе (жив на 67 г. во 1961 година) Илија-Митре-Ѓоргија-Секула-Аврам, основачот на родот; Брцевци или Сандевци (1 к.), доселени се од сега албанското село Бериково, од каде се иселиле во 1900 година, го знаат следното родословие: Јордан (жив на 40 г. во 1960 година) Мишко-Санде, кој се доселил, се зборува дека Албанците сакале да им одземат некое девојче, и затоа избегале.

Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[15] Секуловци (10 к.), Ниневци (4 к.) и Ѓиновци (14 к.), доселени се од некое село Долени кај Дебар. Овде се доселиле тројца браќа Нине, Ѓино и Секула. Нине прешол на ислам и отишол во селото Арангел, но неговата жена со детето останале во Доленци. Останатите браќа по некое време прешле во Кичево, каде останале седум години, но некој ага ги вратил назад. Од Ѓиновци има иселеници во Белград. Сите слават Богородица.

Општествени установи

уреди
 
Основното училиште во селото

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Јагол Доленци, во која покрај селото Јагол Доленци, се наоѓале и селата Бериково, Јагол, Папрадиште, Поповјани и Туин. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Доленци, заедно со селата Бериково, Јагол, Папрадиште и Поповјани.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 799 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 9 гласачи.[17]

Личности

уреди

Личности родени во Јагол Доленци:

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Богородица“
Цркви[18]

Иселеништво

уреди

По Втората светска војна се иселиле најмалку 12 семејства, најмногу во Скопје, Кичево и Белград.[4]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 97.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 138. Посетено на 4 јануари 2021.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 45–46.
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 255.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 50.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 јануари 2021.
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 4 јануари 2021.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 11 ноември 2019.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди