Црква „Св. Димитриј“ - Градешница
Свети Димитриј – гробјанска црква во мариовското село Градешница. Се смета дека потекнува од XIV век, со што е најстара црква во Општина Новаци и една од најстарите во битолскиот регион.[1] Во 1992 година, црквата била прогласена за споменик на културата на Македонија.[2]
Свети Димитриј
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Архијерејско намесништво | Битолско |
Парохија | Старавинска |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°05′02.2″N 21°45′20.8″E / 41.083944° СГШ; 21.755778° ИГД |
Место | Градешница |
Општина | Новаци |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Димитрија Солунски |
Завршено | XIV/XV век |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | еднокорабна |
Црквата била изградена во XIV или XV век, фрескописот веројатно е од крајот на XIV и почетокот на XV век или од почетокот на XVI век, а ѕиданиот иконостас е од почетокот на XVI век. Фрескоживописот во црквата денес не е целосно зачуван поради оштетувањата низ годините. Со своите особености, тој е карактеризиран како доцнокомненски од периодот кога со Византија владееле Палеолозите. На него се сочувани како словенски натписи коишто преовладуваат во олтарниот простор, така и грчки коишто преовладуваат во наосот.[3] Притоа, живописот во наосот и иконостасот очевидно се разликува од оној во олтарот, што укажува на тоа дека црквата можеби била зографисана во два различни временски периоди.[4]
Местоположба
уредиЦрквата се наоѓа на влезот од селото, покрај патот кој води до него.[2]
Историја
уредиЦрквата потекнува од XIV или од XV век. Фрескописот на црквата според некои е од крајот на XIV и почетокот на XV век, но истражувањата на други автори дел од фрескоживописот и ѕиданиот иконостас го датираат од почетокот на XVI век. Црквата е една од најстарите во битолскиот регион.[1]
Архитектура
уредиГрадбата на црквата е еднокорабна со правоаголна основа и апсида на источната страна. Влезот се наоѓа на западната страна, а над него има ниша во којашто е насликан Свети Димитриј, а овој фрескопис не е целосно сочуван.[5]
Внатрешноста на црквата била фрескоживописана врз подлога од варов малтер скоро на целата површина, односно на источниот, западниот, северниот и јужниот ѕид, на сводот и на ѕиданиот иконостас. Денес, фрескоживописаните површини не се целосно зачувани поради оштетувањата низ годините. Особено впечатлив во внатрешноста е масивниот камен иконостас којшто го дели наосот од олтарниот простор. Во продолжение на наосот се поставени мермени столбови, по еден на северната и јужната страна, а преку нив и иконостасот се изѕидани по три слепи ланци над кои се издига камениот свод.[6]
Иконостас
уредиИконостасот во црквата потекнува од XVI век.[7] Тој е од типот на ѕиданите иконостаси кои најрано се појавиле на териториите под византиска власт во XIII век. Во Македонија, цркви со ѕидани иконостаси се само неколку и се појавиле во XIV, XVI и XVII век, како на пример во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, црквата „Св. Никола“ во Шопско Рударе и црквата „Св. Атанасиј“ во Слоештица.[4] Иконостасот е изѕидан од полуделкан камен споен со малтер и го преградува олтарниот простор по целата широчина на наосот. Во средишниот дел е поставен влезот во олтарот, кој во горниот дел лачно е засводен. Од северната страна постои влез којшто води кон жртвеникот, кој исто така во горниот дел лачно е засводен. Наместо со икони, тој е украсен со фрески.[8]
Фрескоживопис
уредиСпоред некои автори, фрескоживописот во наосот на црквата и на иконостасот којшто потекнува од XVI век очевидно се разликува од оној во олтарниот простор. Но, некои показатели укажуваат дека фрескописот временски потекнува од периодот кон крајот на XIII век. Сепак, досегашните согледувања водат во две насоки. Живописот е од два различни временски периоди, а притоа постариот е дело на особено вешт и надарен зограф, но поверојатно е дека тој е дело на некоја месна монашка енклава. Во периодот на фрескоживописувањето, покрај главниот зограф работеле и помошници кои ги сликале горните партии, а главниот зограф работел на првите зони во наосот, олтарниот простор и иконостасот. На некои места е забележително повторно туширање од поново време, а можно е да има и преправки од постар период.[4]
Фрескоживописот со своите особености е карактеризиран како доцнокомненски од периодот кога со Византија владееле Палеолозите. Сочуваните словенски натписи на фрескоживописот главно преовладуваат во олтарниот простор, а грчките во наосот на црквата. Според анализите, ракописот на испишаните натписи е од иста зографска рака. Можно е во периодот кога црквата била зографисана таа да била во рамките на македонските или српските средновековни држави, во кои словенскиот јазик имал предимство пред грчкиот, а присуството на словенски натписи можеби е последица и на близината на црквата до манастирите во кои се негувал словенскиот јазик.[3]
Боите коишто се употребени за сликање на фигурите, пејзажите и архитектурата се топли во повеќе тонови и меѓутонови, а за заднината се користени студени бои претежно со сиво-сини тонови коишто остсаваат впечаток на хармоничен изглед поради одмереноста на интензитетот. Деловите од телото на ликови се насликани на основа со нијанси на жолт окер, бледозелени сенки, кафеави контури за нагласување на очите, веѓите и носот, како и истакнување на осветлените површини со бела боја. Само кај претставата Богородица Знамение, за сликање на ликовите на Богородица и Исус незначително е употребена црвена боја на површината на образите. Косите на светителите и ангелите се насликани претежно со кафеава боја, а прамените и кадрите се определени со жолт окер.[3]
Иконостас
уредиВо долниот дел на иконостасот, односно цоклето, е насликана драперија во посветли и потемни тонови на жолт окер и е украсена со растителен мотив во црвена и црна боја. Крајот на драперијата е насликан со широка црвена трака. Над драперијата на јужната страна на иконоастасот е живописана допојасна претстава на Исус Христос Спасител, кој со десната рака благословува, а во левата држи отворено евангелие. Тој е насликан со темноцрвен хитон и белузлав химатион. До него е живописана допојасна претстава на Свети Димитриј. Тој е насликан со војничка облека со меч во десната и краток нож во левата рака. Неговата глава е украсена со свечена дијадема со скапоцени камења (бисери). Од неговата страна е насликан штит со кружен облик. Штитот е насликан со виолетово-црвена боја, а украсен е со растителни орнаменти и еден антропоморфен детањ. Наметката на светецот е насликана со маслинестозелена боја, туниката во црвена, а панцирот во сива боја.[9]
Кон северната страна од средишниот влез во олтарот во ниша е живописана највпечатливата претстава на Богородица Милостива. Таа е прикажана како го држи малиот Исус во своите прегратки, милувајќи го со својот образ. Насликана е мошне емотивно, изразувајќи ги човековите особини. Облечена е во раскошен мафорион во темна карминесто црвена боја којшто е обрабен со жолто-црвенкаст тон на окер, а малиот Исус е облечен во краток жолто-окераст хитон. На крајната северна страна до влезот во жртвеникот е живописана допојасна претстава на Свети Никола во бел полиставрион којшто е украсен со црни крстови и омофор со црвени крстови. Светецот во левата река држи затворено евангелие коешто е во црвено-окераста боја и е украсено со бисери, а со делумно сочуваната десна рака благословува. Светителите кои се претставени и распоредени на местото од престолните икони се сместени во обрабени рамки во вид на лента со ширина од 4 см, која од обете страни е со нагласена тенка бела линија. Претставата на Свети Никола е сместена во правоаголна насликана рамка, а другите се залачени во горниот дел или личат на полукружни ниши, освен претставата на Богородица Милостива којашто е насликана со изведена ниша и има дополнително нагласена црвена бордура во вид на трака. Оваа претстава е нагласена со уште еден вид украс со искривени ленти коишто го следат обликот на нишата. Во лунетата над претставата на Богородица е испишан криптограмски текст. Основата на живописаните претстасви е со светла сиво-сина боја, додека кај Богородица во горниот дел е со светла сиво-сина, а во долниот дел со зелена боја. Ореолите на светците се насликани со жолт окер и се нагласени со тенки бели линии. Ликовите се насликани слоевито во жолт окер, зелени сенки и белузлави нагласоци. Потписите се во бела боја.[10]
На архитравот којшто се протега по целата должина на иконостасот во правоаголно поле ограничено со црвени ленти горе и долу се живописани допојасните претстави на дванаесетте апостоли. Над нивите глави со бордура е одвоен натпис којшто се протега по целата должина на иконостасот. Во средишниот дел се живописани апостолите Свети Петар и Павле. Зад Петар се живописани апостолите Лука, Марко, Андреја, Вартоломеј и Јаков, а зад Павле се живописани Матеј, Јован, Тома, Симон и Филип. Од страната на Петар, апостолите држат евангелија, а од страната на Павле држат затворени свитоци.[10]
Олтар
уредиВо првата зона во олтарниот простор, на источниот ѕид е прикажана композицијата Поклонување на жртвата, чија местоположба е определена со црковните канони и начинот на којшто треба да се претставени во олтарот. Во средишниот дел е прикажан малиот Исус како благословува со десната рака полулегнат на чесна трпеза. Зад него се насликани црква и други објекти, од левата и десната страна е претставен по еден ангел во бела ѓаконска облека со по една рипида во рацете која на врвот завршува со осумкрака ѕвезда којашто во христијанството ги симболизира осумте еони на Христовата слава. Од десната страна е прикажан Свети Василиј со бел полиставрион и црни крстови, врз омофорот се насликани темноцрвени крстови. Од левата страна се прикажани Јован Златоуст и Свети Атанасиј Александриски исто така во полиставриони, но омофорот на Свети Атанасиј е насликан со црни крстови. Свитоците коишто ги држат архијереите се испишани на црковнословенски јазик. Композицијата е единствена и ретка поради присуството на Господовите ангели со осумкраките ѕвезди и архитектонските детали. Слична ваква претстава се среќава во олтарниот простор на црквата „Св. Богородица Пречиста“ во селото Граешница којашто потекнува од почетокот на XV век.[11] Црковнлословенски натписи се забележителни кај композицијата Поклонување на жртвата, додека кај другите композиции во олтарот и наосот на црквата се среќаваат натписи на грчки јазик кои се прифатени како епитети и карактеристични грчки именувања, како што е примерот со Христос Емануил во претставата на Богородица Знамение.[12]
Во нишата на жртвеникот во првата зона е насликан Свети Стефан Првомаченик облечен во бела одежда, а над оваа претстава во полукалотата на апсидата, живописана е допојасна предна претстава на Богородица Знамение со темноцрвен мафорнио на чии гради во круг во облик на клипеј е насликан Христос Емануил со црвен хитон и жолт окераст химатион. Над рамената на Богородица, во висина на главата, со изразена црвена боја се живописани кружни медалјони коишто се обработени со жолта окереста лента. Во внатрешноста на медалјоните со бела боја се испишани потписи со содржината „Мајка Божја“. Богородица Знамение е варијанта на Богородица Ширшаја со молитвено издигнати раце. Претставата е работена по текст на пророкот Исаија, според кој Богородица е прикажано како отелотворение на црквата „Mater Ecclesiae“. Ваквата претстава на Богородица претставува значаен тематско-времеследен показател затоа што во пошироката сфера на византиската уметност е присутен во постарата уметност. Во Македонија, овој иконографски тип во XIII век започнал да се заменува со друг наречен „Оранта“. Над претставата на Богородица Знамение има два значајни живописи. Првиот живопис е веднаш над конхата е живописсан ликот на Исус Христос на бел урбус. Според иконографскиот тип, тој претстсавува неракотворен образ, а се нарекува уште и „византиски тип“. Овој тип потекнува од почетоците на црковните христолошки расправи за прикажувањето на вистинскиот Христов лик, а притоа црквата прифатила два типа. Еден од нив е неракотворниот образ, односно дека ликот не е насликан од човечка рака, туку е директен отисок на Христовиот лик. Христовиот лик е претставен со смирека хиератичност, величествен без трновиот венец и во согласност со византиската иконографија. Вториот живопис е над оној на Исус Христос и претставува мошне редок приказ на Отецот Бог, за чие живописување обично се користи предлошката на Христовиот лик, но косата и брадата се насликани со белузлава боја за да се нагласи старосната разлика меѓу Отецот Бог и Синот Божји. Поимањето на Отецот Бог на претстасвата во олтарниот простор е во согласност со визијата на Старецот не деновите, кој е опишан кај пророкот Даниил како старец кој седи во бела облека како снег, бела коса како волна и престолот му е огнен како пламен. Отецот Бог на оваа претстава е прикажан благословува со двете раце; облеката е насликани со бела боја; драпирањата се изведени со лазурна кафеаво-црвена и лазурна светлозелена боја; косата и брадата се во бела боја, а за нагласување на прамените е употребена светлокафеава и жолта окераста боја. Ореолот е насликан со жолт окер и во внатрешноста се насликани три рози со по осум ливчиња, од кои две се странично поставена и една е над темето. На површината во внатрешноста обично се слика осумкрака ѕвезда, но кај оваа претстава има отстапување, а осумте ливчиња на розите се заменети со осумте краци на ѕвездата коишто ги претставуваат осумте еони на идната слава. Старецот на деновите е прикажан како лебди во двојна елиптична мандорла во бела боја, која е нсена од два серафими и ја претставува божествената светлина. Серафимите се насликани со жолт окер, а со кафеава боја се насликани крилјата и образувани се ликовите.[13]
Наос
уредиФрескописот во наосот веројатно потекнува од ист период како оној на иконостасот и е во многу лоша состојба. Зачуваните површини краткорочно се заштитени со општивки за да се спречи нивно отпаѓање. Голем број од употребените пигменти за живописувањето се оштетени, променети и поради тоа нивното препознавање не е можно во целост. Претставите се врамени со насликани црвени ленти коишто се обрабени со бели линии, заднината е со сиво-сина боја, а потписите се испишани со бела боја.[14]
На западниот ѕид над влезната врата е зачувен незначителен остаток со натпис на којшто веројатно била испишана годината на живописување на храмот, како и податоци за ктиторот и зографот. Во првата зона на западниот ѕид кон југ се живописани две светителки во цел раст, од кои едната е Света Петка, а другата не може да се препознае, но можно е да се работи за светите Теодора, Марина или Недела. Во продолжение на првата зона кон север во цел раст е претставен Свети Прокопиј. Света Петка е прикажана во кафеаво-црвена наметка со крст во десната рака, а сенките се изведени со темна карминесто-црвена и црна боја. Свети Прокопиј е прикажан како воин со жолт окераст панцир, светлосива туника и карминесто-црвена наметка. Во продолжение на светиот воин Прокопиј се живописани светите воини Димитриј и Ѓорѓи. Тие се облечени во војничка панцирна облека со нивните атрибути во десната рака, односно Свети Димитриј со меч, а Свети Ѓорѓи со копје и штит. Живописани се со употреба на жолта окераста боја за панцирите, светлосива за туниките и карминесто-црвена за наметките. Ореолите се насликани со изразена жолта окераста боја, нагласена со тенка бела линија. Во продолжение на првата зона на северниот ѕид се прикажани Свети Кузман и Дамјан во цел раст. Свети Кузман со десната рака благословува, во левата рака веројатни држи исцелителска кутија, а неговата одежда е изведена со кафеава боја. Свети Дамјан во десната рака држи исцелителски инструмент, во левата исцелителска кутија, а неговиот химатион е насликан во светлоцрвена боја. На крај е претставен Свети Никола во цел раст, кој со десната рака благословува, а во левата рака држи отворено евангелие. Тој е живописан во бел полиставрион којшто е украсен со црвени крстови, а омофорот е со црни крстови. Општо гледано, зографот користел претежно топли бои наспроти заднината која е главно сивосина и на некои места зелена. Ореолите на светителите се со изразен жолт окер, а потписите се со бела боја.[14]
Во втората зона над влезната врата на западниот ѕид во наосот е насликана претставата Успение на Пресвета Богородица. Богородица е живописана како лежи на црвениот посмртен одар со обиколка од бела драперија, а пред него се поставени два свеќници. Свечениот чин на успението е претстасвен со помал број свети архијереи и апостоли поради ограниченоста на просторот. Преовладуваат карминесто-црвената, белата и жолтата окераста боја, а полиставрионите на архијереите се насликани со црвени крстови. Во северниот и јужниот дел, претставата содржи неутврдени светители во цел раст со облека во жолта окераста боја. Во третата зона се прикажани подпојасните претстави на светите маченици, а во втората зона на северниот ѕид од наосот во плитката ниша кон запад е живописан евангелистот Марко, а во нишата кон исток е претставен евангелистот Матеј. Од внатрешната страна на лакот кон запад се претстсавени Јован Крстител и пророкот Соломон, додека фрескоживописот кај лакот кон исток не е сочуван.[15]
Во првата зона на јужниот ѕид од наосот, од исток кон запад е прикажан Архангел Михаил во цел раст со меч во десната рака, но живописот во овој дел е делумно сочуван. Сочуваниот живопис се одликува со разновидност од зелена, црвена сива и кафеава боја, како и прецизна обработка на деталите од облеката и крилјата на архангелот. Во продолежние е претставен светител кој не може да се препознае поради распарчените остатоци. Понатаму, во полукружна ниша на сиво-сина заднина е насликана композицијата Молитва (Деизис), на којашто фигурите на Исус Христос, Богородица и Јован Крстител се насликани во цел раст. Во средишниот дел, во преден план е живописан Исус Христос Пантократор, кој со десната рака благословува, а во левата рака држи затворено евангелие. Од неговата десна страна, полупрофилно е прикажана Пресвета Богородица, чии две раце се молитвено упатени кон Христа. Од неговата лева страна, Јован Крстител исто така е претставен полупрофилно со двете раце молитвено упатени кон Христа. Нивните одежди се насликани со ограничен број бои, како на пример кафеаво-црвена за марофионот на Богородица и хитонот на Исус Христос, сива за химатионот на Исус Христос, а облеката на Јован Крстител е насликана со измешани тонови на сива и кафеава боја. Оваа композиција е меѓу најпрепознатливите претстави, а нејзината тематика е преземена од Псалм 45, со тоа што оваа претстава не е толку раскошно прикажан.[16]
Во втората зона над композицијата Молитва во широколачна плитка ниша е живописана претставата на евангелистот Јован како седи на полукружен стол и вдахновен од ангелот го пишува Евангелието. Столот на којшто седи е насликан со изразена окераста жолта боја и е богато украсен со бела, црвена и црна боја. Во иста таква ниша во продолжение кон исток делумно е зачувана претстсавата на евангелистот Лука. Од внатрешната страна на површината на лакот кон исток се насликани пророци кои не може да се препознаат, од внатрешната страна кон исток е прикажан пророкот Давид, а од страната кон запад зачувана е претстава на старозаветен пророк кој не може да се препознае. Во третата зона на наосот претставени се композиции од Христовите празници и страдања. На северниот ѕид, од запад кон исток, прва веројатно е живописана претставата на Исус Христос пред Понтиј Пилат, до неа е делумно зачуваната композиција на Христовото распетие, а на крај е сочувана претставата Слегување во Адот. На јужниот ѕид, од запад кон исток, прва е композицијата Рождество Христово, до неа е Покрстувањето Христово, а на крај е Воскресението на Лазар.[17]
Галерија
уреди-
Влезот
-
Влезната порта
-
Поглед на црквата
-
Апсидата
-
Внарешноста
-
Помошниот објект
-
Гробишта во црковниот двор
Поврзано
уреди- Бренски манастир
- Црква „Св. Никола“ - Градешница
- Црква „Св. Илија“ - Градешница
- Црква „Св. Атанасиј“ - Градешница
- Црква „Вознесение Христово“ - Градешница
- Црква „Св. Антониј“ - Градешница
- Црква „Св. Ѓорѓи“ - Градешница
- Градешница
- Преспанско-пелагониска епархија
- Битолско архијерејско намесништво
- Старавинска парохија
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Градешница Архивирано на 5 октомври 2021 г.“. Мој Роден Крај.
- ↑ 2,0 2,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 34.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 52.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 38.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 34-35.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 35.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 36.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 39.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 39-40.
- ↑ 10,0 10,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 40.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 41.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 42.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 42-43.
- ↑ 14,0 14,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 45.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 47.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 48-50.
- ↑ „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 50-52.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Димитриј“ - Градешница на Ризницата ?