Старо Нагоричане
Старо Нагоричане (изворно: Старо Нагоричино) — село и административно седиште на истоимената општина, во областа Козјачија, во околината на градот Куманово.
Старо Нагоричане Старо Нагоричино | |
Поглед на селото Старо Нагоричане | |
Координати 42°11′53″N 21°49′42″E / 42.19806° СГШ; 21.82833° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Старо Нагоричане |
Област | Козјачија |
Население | 493 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1303 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 17093 |
Надм. вис. | 480-540 м |
Старо Нагоричане на општинската карта Атарот на Старо Нагоричане во рамките на општината | |
Старо Нагоричане на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиНаселбата се наоѓа во областа Козјачија, во југозападниот дел на територијата на истоимената општина, од десната страна на реката Пчиња, недалеку од регионалниот пат Куманово-Крива Паланка. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 480 до 540 метри.[2] Од градот Куманово селото е оддалечено 14 километри.[2]
Селото е големо и се состои од повеќе растурени маала, оддалечени од 500 до 2.000 метри.[3]
Атарот зафаќа површина од 14,9 км2. На него обработливото земјиште зафаќа површина од 976 хектари, на пасиштата отпаѓаат 258 хектари, а на шумите 111 хектари.[2]
Во Старо Нагоричане постои главен дел на селото, наречен Село, како и 13 издвоени маала. Помеѓу нив се: Костинско, Стојилковско, Клисинско, Ванцинско, Пешковско, Богдановско, Попчевско, Пиленац, Крашутинско, Качаровско, Милојско, Сланинци и Бела Грамада. Во најголем дел, во маалата живеат роднински поврзани домаќинства.[3]
Историја
уредиВо XIX век, Старо Нагоричане било христијанско село во рамките на Кумановската каза на Отоманското Царство.
Стопанство
уредиВо основа, селото има полјоделска функција.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Старо Нагоричане имало 1.150 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Старо Нагоричане имало 1.360 жители.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 1.250 Македонци.[6]
Во 1948 година селото броело 1.469 жители, додека во 1971 година живееле 1.271 жител.
Во 1961 година, селото било големо и имало 1.528 жители, од кои 1.382 биле Срби, а 141 жител Македонци. Во 1994 година, селото преминало во средно по големина и имало 638 жители, од кои 540 биле Срби, 90 Македонци и 2 Роми.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Старо Нагоричане имало 555 жители, од кои 452 Срби, 100 Македонци, 1 Ром и 2 останати.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 493 жители, од кои 169 Македонци, 3 Албанци, 302 Срби, 1 останат и 18 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.150 | 1.360 | 1.469 | 1.526 | 1.528 | 1.271 | 1.008 | 724 | 638 | 555 | 493 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
уредиВо главниот дел на селото, наречено Село припаѓаат следниве родови: Јовчинци (11 к.), слават Свети Никола; Павковци (11 к.), слават Свети Никола; Поповци (6 к.), слават Свети Јован; Шантировци (6 к.), слават Свети Никола; Дунци (6.к), слават Свети Никола; Татарци (6 к.), слават Свети Никола; Чипчевци (6 к.), слават Свети Архангел; Медресци (5 к.), слават Света Петка; Ѓоргови (4 к.), слават Свети Јован; Бузини (3 к.), слават Света Петка; Вуци (3 к.), слават Свети Никола и Генајевци (1 к.), слават Света Петка.[3]
Во Стојилковско Маало се наоѓа родот Стојилковци (13 к.), слават Света Петка. Во Клисинско Маало се наоѓа родот Клисинци (6 к.), слават Света Петка. Во Ванцинско Маало се наоѓа родот Ванцинци (11 к.), слават Света Петка. Во Пешковско Маало се наоѓа родот Пешковци (6 к.), слават Света Петка. Во Богдановско Маало се наоѓа родот Богдановци (13 к.), слават Свети Никола. Во Попчевско Маало се наоѓаат два рода: Попчевци (14 к.) и Врањци (6 к.), слават Свети Никола. Во маалото Пиленац се наоѓа родот Пиленац (20 к.), слават Света Петка. Во Крашутинско Маало се наоѓа родот Крашутинци (6 к.), слават Свети Никола. Во Качаровско Маало се наоѓа родот Качаровци (5 к.), слават Свети Никола. Во Милојско Маало се наоѓа родот Милојци (6 к.), слават Свети Никола. Во маалото Сланинци се наоѓа родот Сланинци (2 к.), слават Свети Архангел.[3]
Општествени установи
уреди- ОУ „Светозар Марковиќ“ - Старо Нагоричане — средишно основно училиште
- Пошта (1303)
- Амбуланта
- Полициска станица
- Ветеринарна станица
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Старо Нагоричане, во која селото Старо Нагоричане било единствено село.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Старо Нагоричане, во која покрај селото Старо Нагоричане се наоѓале и селата Алгуња, Никуљане и Челопек.
Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Куманово.
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — средновековен православен христијански храм, изграден во периодот од XI до XIV век
Личности
уреди- Родени во Старо Нагоричане
- Петко Илиев (познат и како Муса и Нагорички) — војвода
Култура и спорт
уреди- Музеи
- Етјен Пат — музеј за карпеста уметност;[13]
Иселеништво
уредиОд Старо Нагоричане има многу порани и понови иселеници. Иселеници од прво време се наоѓаат во селата: Стрновац, Лопате, Војник, Клечевце и Облавце. Поновите иселувања се по завршувањето на Втората светска војна, кога селаните се иселувале во градовите Куманово, Скопје и Белград.[3]
Галерија
уреди- Историски фотографии
-
Старата селска чешма
-
Жители од Старо Нагоричане пред споменикот на војводата Петко Муса во 1920-те години. Споменикот бил миниран од страна на бугарскиот окупатор во Втората светска војна
-
Полициската станица во селото
-
Уреденото сретсело
-
Објект на Кумановско-осоговската епархија близу црквата
-
Средновековната црква „Св. Ѓорѓи“ во средиштето на селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 285. Посетено на 22 мај 2017.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 216.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 128-129.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 26 март 2017.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Музеј за карпеста уметност на Македонија во Старо Нагоричане[мртва врска]
Надворешни врски
уреди- Старо Нагоричане на Ризницата ?
- Портал на Општина Старо Нагоричане Архивирано на 13 март 2014 г.