Света Недела

христијанска маченичка

Недела или Света великомаченичка Недела или Киријаки(ја) (грчки: Αγία Κυριακή; III век - 289)[1]христијанска светица и великомаченичка за време на царот Диоклецијан. Се чествува на 7 јули (20 јули по нов стил)[2] Таа е многу почитувана во Македонија, каде постојат голем број храмови посветени на неа.

Света Недела
Икона на света Недела
Великомаченичка
Роден(а) III век, Никомедија
(денешен Измит, Турција)
Починал(а) 289, Халкедон
(денешен Кадиќој, Истанбул, Турција)
Почитуван(а) во православие
католицизам
Главно светилиште црква „Св. Недела“, Истанбул
Слава 7 јули (20 јули н.с.)
Црквата „Св. Недела“ во Битола.

Житие

уреди

Недела е родена Никомедија, Анадолија како единствено чедо на богати грчки родители Доротеј и Евсевија, кои биле побожни христијани. Бидејќи се родила на Господовиот ден недела, родителите ја нарекле по тој ден.[3]

Од детството таа му се посветила на Бога. Била убава и многумина ја барале за жена, но таа ги одбивала сите, велејќи дека му е вереница на Исус Христос. Главниот судија на градот сакал да ја вери за неговиот син бидејќи и таа била од имотно семејство, но таа го одбила и него. Налутен од ова, судијата решил да ја пријави неа и родители на царот Диоклецијан како христијани.[3]

Диоклецијан наредил семејството да се уапси; кога одбил да ги чествува паганските богови, Доротеј бил претепан. Бидејќи овој обид бил залуден, Доротеј и Евсевија биле протерани во Мелитина во источна Анадолија. Недела биле испратена во Никомедија на распрашување од неговиот зет и совладетел Максимијан. Кога Недела одбила да се откаже од верата, Максимијан наредил да биде камшикувана.[3] Бидејќи Максимијан не успеал да ја убеди да се преобрати, тој ја испратил кај Иларион, епарахот на Витинија во Халкедон, со порачка тој да се обиде да ја преобрати или да му ја врати.

Иларион се потрудил колку што можел со ветувања и закани, но кога ова не успеало, наредил Недела да биде мачена. Била обесена за коса додека војниците ја гореле со факели. По неколку часа била одврзана и фрлена во зандана. Ноќта ѝ се јавил Христос и ѝ ги излечил раните. Утредента Иларион изјавил дела боговите ја излекувале од сожаление и ѝ порачал да оди во храм за да им се заблагодари. Доведена во паганскиот храм, Недела се помолила на Бога да ги уништи идолите; веднаш настанал ненадеен земјотрес и статуите се распрнале на парчиња. Иларион тогаш изрекол богохулни зборови, и веднаш умрел погоден од гром.[4]

Недела претрпела мачење од Аполониј, наследникот на Иларион. Ја фрлиле во оган, но пламенот се гасел. Кога ја фрлиле на диви ѕверови, тие се скротиле. На крајот Аполониј наредил да биде убиена со меч. Пред погобувањето се помолила на Бога да ја прими неа и сите оние што ќе го слават нејзиниот спомен. Кога завршила со молитвата, му ја предала душата на Господа пред мечот да се спушти на нејзината глава.[1]

Светицата тогаш била возраст од 21 година. Благочестивите христијани ги зеле нејзините останки и ги закопале.

Почитување

уреди

Света Недела во православието се чествува на 7 јули (20 јули по нов стил).[2]

Тропар

уреди

Во нејзина чест се пее следниов тропар:[1]

Овцата Твоја, Исусе, Недела, повикува со силен глас: Тебе, Младоженецу мој, Те љубам и, Тебе барајќи Те, се подвизувам, и со Тебе се распнувам, и во Твоето крштение се погребувам, и заради Тебе страдам, та со Тебе и да царувам; и умирам за Тебе, за и да живеам со Тебе. Но, како жртва непорочна, прими ме мене, која со љубов се жртвував за Тебе. По нејзините молитви, како Милостив, спаси ги душите наши.


Кондак

уреди

Во богослужбата се пее овој кондак за великомаченичката:[1]

Светата Христова маченица денес нè собра да ги прославиме нејзините славни подвизи, и нејзиното божествено страдање; со нејзината доблесна душа таа, всушност, се покажа сообразна со нејзиното име – господарка на својот дух и на своите страсти.


Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Житие: Светата великомаченичка Недела — Православен календар на МПЦ
  2. 2,0 2,1 Црковен календар на МПЦ за јули
  3. 3,0 3,1 3,2 Страница за света Недела Архивирано на 13 октомври 2017 г. — Северноамериканска епархија на Антиохиската православна црква (англиски)
  4. Напис за празнувањето на света Недела, Фактор, 19 јули 2016 г.

Надворешни врски

уреди