Црква „Св. Никола“ - Градешница

црква во селото Градешница

Свети Никола – главна селска црква во селото Градешница.[1] Таа е најголема од сите цркви коишто се наоѓаат во селото.[2]

Свети Никола

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Битолско
Парохија Старавинска
Местоположба

Карта

Координати 41°05′04.8″N 21°45′42″E / 41.084667° СГШ; 21.76167° ИГД / 41.084667; 21.76167
Место Градешница
Општина Новаци
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Завршено 1862
1923 (обновена)
Живопис 1889
Зограф Коста Николиќ, Јаким Николиќ, Теодосиј Николиќ
Архитектонски опис
Архит. тип трикорабна

Местоположба

уреди

Црквата се наоѓа на сретселото.

Историја

уреди

Црквата била изградена во 1862 година, а била зографисана во 1889 година.[3] Постојат тези дека била изградена на темелите на постар храм, но неопходни се посебни истражувања за да може ова да се потврди или отфрли. Во 1918 година, за време на Првата светска војна, црквата претрпела големи оштетувања.[4] Храмот бил обновен во 1923 година, а за тоа сведочи таблата поставена на левата страна на црквата на која пишува дека била обновена за време на владеењето на кралот Александар I Караѓорѓевиќ.[5] Фрескописот бил обновен во 1927 година, со што биле опфатени горните зони на страчните и средишниот брод. Овие површини повторно биле живописсани од страна на Коста Николиќ и неговите синови Јаким и Теодосија со потекло од Лазарополе.[4] Црквата била осветена истата 1927 година од страна на Митрополит Јосиф од Битола.[6] Во поново време, покривот и тремот биле обновени со средства собрани од месното население.[2] Во поново време, извршени се допилнителни поправки на покривот и тремовите на западната и јужната страна на црквата.[4]

Архитектура

уреди

Градбата на црквата е со димензии од 18,6 × 12 м и висина од 7,87 м. Таа е од типот на базилики, односно т.н. псевдобазилики, кои се карактеристични за преродбенскиот период во Македонија. Главниот влез на црквата се наоѓа на западната страна преку кој се влегува во припратата, а на јужната страна има спореден влез преку кој се влегува во наосот. Над споредниот влез има вдлабната полукружна ниша во којашто е живописана допојасна претстава на Свети Никола, а над главниот влез има вдлабната полукружна ниша во којашто е живописана допојасна претстава на Свети Атанасиј. Ова укажува дека патрон на постарата црква веројатно бил Свети Атанасиј. На источната страна на црквата е обликуван олтарниот простор со средишна апсида, која е полукружна од внатрешната и седмострана од надворешната страна. Од двете страни на апсидата се изведени две полукружни ниши со полукружни основи. На западната и јужната страна се изградени тремови. Ѕидовите на црквата се градени претежно од камен, а за нејзината кровна конструкција се користени малтер и дрво. Покривот на црквата е на две води и е обложен со црвени ќерамиди, а апсидата е покриена со камени тенки плочи од шкрилец. Фасадата е обработена со фуга.[7]

Во внатрешноста на црквата, од северозападната страна на западниот ѕид на припратата е изведена катна глаерија до која се стигнува по дрвени скали. Галеријата над припратата е со правоаголна основа, кон наосот е затворена, односно заградена е со ограда којашто е висока 1 м. Покрај северниот и јужниот ѕид во наосот се поставени дрвени седишта за верниците, но и во меѓупросторот на колонадите на север и југ. Наосот е поделен на три брода со две колонади од по пет столбови. Столбовите завршуваат со капители над коишто се изѕидани лакови и го делат рамниот таван на травеи. На ѕидните површини над лаковите на север и југ се насликани старозаветните пророци, а во средишниот дел на средишниот травеј е поставено платно со претставата на Исус Христос Седржител.[7]

На јужната страна од дворот на црквата видливи се камените оградни ѕидови, каде што е поставена главната влезна дрвена порта. Десно од неа, поставена е чешма.[7] Во дворот на црквата е сместена камбанаријата. Таа има квадратна основа и нејзините ѕидови се изградени од камен, а во горниот дел во висина на ѕвоното е отворена и е оградена со дрвени греди.

Иконостас

уреди
 
Иконостасот

Високиот дрвен иконостас е поставен кон источната страна. Помеѓу колонадата на југ е поставен дрвениот владички престол, насликан со цветни мотиви, а во внатрешноста е поставена икона на Исус Христос на престол. Помеѓу колонадата на север е поставен амвонот којшто е насликан со цветни мотиви. Столбовите и капителите се обоени во бела варова боја, а украсени се со мотиви од винова лоза и гроздови, но и со цветни мотиви. Иконостасот, кој го одвојува наосот од олтарниот простор, е украсен со икони, а некои полиња се претежно насликани со цветни мотиви во т.н. местен барок. Во долната зона на иконостасот, во средишниот дел се поставени царските двери со претставата Благовештение, а лево и десно од нив се распоредени по четири китабиња врз кои се насликани вазни со цветни букети. Во првата зона, односно зоната каде што се поставени престолните икони, се наоѓа порта којашто води до жртвеникот и на неа е прикажан Архангел Михаил, а на портата којашто води до ѓаконикот е прикажан Свети Спиридон. Престолните икони во втората зона се со големи димензии и се наредени од север кон југ по следниот распоред: Света Недела, Свети три хиерарси, Свети Никола, Богородица со Исус, Исус Христос Седржител, Јован Крстител и др. Кај третата зона се поставени икони со помала големина, а притоа во средишниот дел е претставена варијанта на Молитвата (Деизис) со поединечни икони на Исус Христос, Пресвета Богородица и Јован Крстител. Кон југ и север, вдолж ширината на иконостасот, се поставени 12 апостолски икони. Во средишниот дел на врвот од иконостасот, врз основа со две ламји и пропратни икони е поставен т.н. Голем крст (Змиски крст). Иконостасот на дрвентие солпчиња е украсен со цветни мотиви, а хоризонталната штица помеѓу и престолните и апостолските икони е украсена со гранчиња од винова лоза и гроздови кои ритмички се повторуваат. Иконите на иконостасот со голема веројатност може да ѝ се припишат на тајфата на браќата Јосиф и Јаков Радевиќ. Потписите се испишани на словенски јазик. При украсување на ѕидните површини и иконописот претежно преовладуваат светлите бои, а забележителен е незначителен продор на академскиот реализам со напуштање на вековната техника и технологија на византискиот начин на зографисување.[8]

Фрескоживопис

уреди

Поради пространоста на црквата, фрескоживописот е распроеден на класичен начин, со додатоци на композиции коишто се карактеристични за периодот на XIX век. Црквата е зографисана во олтарниот простор, на северниот и јужниот ѕид од наосот, на ѕидните површини кај тремовите и на површините од образуваните лакови на колонадата од столбови во наосот. Главно се насликани претстави и композиции од Новиот завет, Стариот завет, Христовите празници и страдања, како и свети воини и маченици.[3]

Олтар

уреди

Во олтарниот простор е живописана Богородица Оранта и Исус Христос Емануил, поставен во кружна мандорла на градите на Богородица. Над оваа претстава е постои натпис за времетно на живописување на црквата, односно 1889 година. Во долната зона е претставена композицијата Поклонување на жртвата, а во продолжение на север и југ на источниот ѕид се прикажани Свети Стефан, Роман Мелод, Свети Кирил и други светители. Покрај тоа, во олтарот се прикажани и Свети Кузман и Дамјан, Свети Пантелејмон и светото јагне, како и композиции од животот на Богородица и Светото Тројство.[3]

Наос

уреди
 
Претставата на Солунските браќа благословени од Исус Христос

На северниот ѕид од наосот, на поголема површина е живописана композицијата Исус Христос Праведен судија, а во продолжение кон исток се насликани композиции од животот на Исус Христос во втората и третата зона, а Свети Кирил и Методиј се живописани во првата зона. Престатавата на којашто Исус Христос ги благословува Солунските браќа не е застапено само во оваа црква, туку и во црквата „Св. Петка“ во селото Живово. Солунските браќа се прикажани во архијерејска одежда со митра на главата. Свети Кирил е претставен како средовечен човек со темна коса и брада како во десната рака држи архијерејски жезол, а со левата рака на градите држи отворено евангелие на кое со словенски букви е испишан текстот „слово Христово“. Свети Методиј е претставен како старец со бела коса и брада, држејќи крст во десната високо подигната рака и свиток со азбука во левата. Над Солунските браќа е насликан Исус Христос кој ги благословува со обете раце. Како предлошка за вообличување на оваа претстава веројатно послужила една литографија во боја, изработена во 1864 година во Виена по порачка на Христо Данов, а отпечатена од виенскиот мајстор Обенхајнер. Оваа предлошка претходно ја искористил Дичо Зограф при сликањето на икона на којашто се претставени прасловенските учители.[9]

На јужната страна на наосот, во првата зона се прикажани свети воини и други светители и маченици во цел раст. Од исток кон запад, тие започнуваат со претстсавата на Свети Димитриј на коњ, Свети Константин и Елена, Свети Нестор, Теодор Тирон, Теодор Стратилат, Свети Мина, Свети Меркуриј, Архангел Гаврил, Архангел Михаил, Свети Христофор, Свети Прокопиј и завршуваат со месниот маченик Свети Ѓорѓи Димовски. Во втората зона, од исток кон запад се претставени Свети Трифун и веројатно Свети Никола, претставата Преображение Христово, Света Катерина и Света Варвара. На западниот ѕид, во горната зона е насликана композицијата Тајната вечера. На јужниот ѕид, во катната галерија се живописани светите маченици Евгенија и Теодора, а на западниот ѕид се среќаваат претстави од Стариот завет и Пеколот.[10]

Галерија

уреди
Надворешност и камбанарија
Внатрешност

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 15. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 Градешница[мртва врска]. Мој Роден Крај.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 59.
  4. 4,0 4,1 4,2 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 55.
  5. Матески, А.. „Градешница и Будимирци“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 106-107.
  6. Градешница, Мариово – едно од најубавите села во Македонија“. Оф Роуд - Македонија.
  7. 7,0 7,1 7,2 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 56.
  8. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 57-58.
  9. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 59-60.
  10. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 61-62.

Надворешни врски

уреди