Ристо Стефановски
Ристо Стефановски (Скопје, 5 декември 1928 — Скопје, 22 март 2022) — македонски театролог и глумец.
Ристо Стефановски | ||
Роден | 5 декември 1928 Скопје, Кралство СХС | |
---|---|---|
Починал | 22 март 2022 Скопје, Македонија | (возр. 93)|
Националност | Македонец | |
Народност | Македонец | |
Занимање | театролог, глумец | |
Роднини | Мирко Стефановски (брат) Горан Стефановски (внук од брат) Влатко Стефановски (внук од брат) |
Животопис
уредиРисто Стефановски е роден на 5 декември 1928 година во Скопје. Се образувал на Државната театарска школа во родниот град, а потоа студирал глума на Театарската академија во Белград. Во периодот од 1951 до 1960 година работел како глумец во Народниот театар во Скопје, а од 1957 до 1983 година раководел со Куклениот театар кој подоцна прераснал во Драмски театар. Во меѓувреме ги завршил студиите на Факултетот за драмски уметности во Белград, на отсекот за организација. Од 1983 до пензионирањето во 1988 година бил извршен директор на Македонскиот народен театар.[1]
Тој бил дел од жирито на фестивалите „Стериино позорје“ во Нови Сад (1988/89) и на „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (МЕСС, 1990). Освен тоа, бил претседател и на Меѓународниот театарски институт во Македонија (1994-1996) и на Советот на МТФ „Војдан Чернодрински“ (1995/96).[2]
Ристо Стефановски починал ненадејно на 22 март 2022 година во Скопје.[3]
Творештво
уредиНапишал повеќе книги и текстови за театарската уметност. Автор е на книгите: „Театарот во Македонија“ (1976), „Театарот во Македонија од античкиот период до 1944 година“ (1990), „Од Хераклеја до народен театар во Битола“ (1994), „Театарот во Македонија – од партизанскиот до Младинско-детскиот“ (1998); историографските дела „Театарот во Македонија (1963-1967)“ (2006) и „Подемот на театарот (1968-1971)“ (2006); а се јавува и како соавтор на бројни трудови од областа на теаатарската дејност, вклучително „30 години Драмски театар“ и „Летопис на МНТ 1945-1995“.[2]
Награди
уредиДобитник е на бројни награди и признанија, вклучувајќи ги наградата „13 Ноември“, наградата „11 Октомври“, Стериината награда за животно дело, наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело и наградата „Св. Климент Охридски.[1][2]
Изјави за делото на Ристо Стефановски
уредиСпоред драматургот Јордан Плевнеш, Ристо Стефановски е личност кому театарот му е животно занимање и го смета за еден од најнеуморните трагачи низ историјата на театарската уметност во земјата, кој преку систематско истражување има напишано хронолошки трудови за театарот којшто се протегаат од антиката, античкоримско, средновековноримско, отоманско време и зачетоците на битовата драма, па сè до современите тенденции на македонскиот театар.[2]
Театарскиот режисер Владо Цветановски за неговиот театарски времеслед има забележано:
„ | Ристо Стефановски поминува низ точките на историјата на македонскиот театар, не обидувајќи се да ни го раскаже неискажливото чувство за одредениот сценски настан, но грижливо ги опишува специфичните околности кои довеле до одреден сценски резултат. Низ податоци, факти, низ општествени превирања, низ драматичните мигови заробени во фотографии, низ реакциите на официјалните рецензенти, на цензорите во партиските ќелии, на верификацијата на настанот низ бројот на гледачите… Нам како на читатели на оваа хронологија ни останува вообразбата, моќта за претпоставка, ако сакаме да дознаеме каква била емотивната енергија што одредениот театарски настан го произвел кај гледачот...[2] | “ |
Филмографија
уреди- „Волча ноќ“, р. Франце Штиглиц, 1955;
- „Мис Стон“, р. Жика Митровиќ, 1958;
- „Виза на злото“, р. Франце Штиглиц, 1959;
- „Македонска крвава свадба“, р. Трајче Попов, 1967;
- „Планината на гневот“, р. Љубиша Георгиевски, 1968;
- „Враќање од рајот“, р. Димитрие Османли, 1969;
- „Републиката во пламен“, р. Љубиша Георгиевски и Горан Бошковски, 1969;
- „Истрел“, р. Бранко Гапо, 1972;
- „Настан можеби последен“, р. Вељо Личеноски, 1972;
- Покладникот — „Недела“, р. Димитар Христов и Душко Наумоски, 1973;
- „Луѓе и птици“, р. Димитрие Османли, 1973;
- „Најдолгиот пат“, р. Бранко Гапо, 1976;
- „Исправи се, Делфина“, р. Александар Ѓурчинов, 1977;
- „Ангели на отпад“, р. Димитрие Османли, 1995;
- Дедо Коле — „Како убив светец“, р. Теона Стругар Митевска, 2004;
- „Големата вода“, р. Иво Трајков, 2004;
- „Тајната книга“, р. Владо Цветановски, 2006;
- Старецот — „Вера“, р. Верица Недеска, 2019.
- Телевизиски серии
- „Залез над езерската земја“, р. Благој Андреев, 1973;
- „Итар Пејо“, р. Коле Ангеловски, 1977;
- Татко — „Најдолгиот пат“, р. Бранко Гапо, 1977;
- „Илинден“, р. Димитрие Османли, 1982.
- „Македонија може“, Коле Ангеловски, 1991.
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Ристо Стефановски“. Кинотека на Македонија.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Македонска театарска хронологија“. Паноптикум. 7 јуни 2019.
- ↑ „Истакнатиот театралог Ристо Стефановски почина на 94 години“. Независен. 22 март 2022.
Надворешни врски
уреди- Ристо Стефановски на Семрежната филмска база на податоци (англиски)