Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Михаил
Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Михаил (Ново Село (Штипско), 20 мај 1912 - 6 јули 1999) бил четвртиот архиепископ на Македонската православна црква по нејзиното обновување. Михаил бил свештеник и вероучител, даровит црковен оратор и мудрец, и останал запаметен по прекрасните беседи. Тој е единствениот духовник на кој му било понудено местото претседател на Република Македонија. Архиепископот Михаил за поглавар на Македонската православна црква беше избран на 4 декември 1993 година.
Михаил | |
---|---|
Родено име | Методи Гогов |
Архиепископ од | 1993 |
Архиепископ до | 1999 |
Претходник | Гаврил II |
Наследник | Стефан |
Роден | 20 мај 1912 Ново Село, Косовски Вилает, Османлиска Империја |
Починал | 6 јули 1999 Скопје, Македонија | (возр. 87)
Други архиепископи со име Михаил |
Рани години
уредиГ.Г. Михаил е роден е во Ново Село, Штипско, во 1912 година, како Методи Гогов. Како дете бил слаб и со кревко здравје, па по желба на неговата мајка Санда, шестгодишното дете редовно ќе ги посетува богослужбите и ќе се грижи за чистотата на црквата. По завршувањето на основното образование, тој во 1927 година се запишал богословијата во Битола. Во 1932 година заминал на студии во Белград на Богословскиот факултет, каде што дипломирал во 1936 година како најдобар студент во генерацијата. Како авторитет меѓу студентите влегува во редовите на македонскиот кружок за да биде назначен за секретар на студентското здружение на Богословскиот факултет, а го подготвувал и студентското теолошко списание како главен уредник.
По дипломирањето присилно бил мобилизиран во српската војска, при што неколкупати бил осудуван од Воениот суд. Пред војната дошол во Штип и кратко време предавал веронаука во штипската гимназија, но со судска казна за дела против интересите на кралот и кралска Србија, набргу бил депортиран во Ужице за да предава српска пропагандна веронаука.
Втора светска војна
уредиПред почетокот на Втората светска војна се вратил во родниот крај и станал парохиски свештеник во црквата Св. Никола и хонорарен вероучител во гимназијата. Учествувал во Народноослободителната војна, најнапред во позадината, а при крајот на војната бил член на АСНОМ и се наоѓал во Горно Врановци, при Главниот штаб.
Период по војната
уредиПо војната патува низ Македонија и ги образова духовните одбори, наместо дотогашните архиерејски намесништва. Заедно со протојереите Кирил Стојанов и Никола Апостолски, го организираат одржувањето на Првиот црковно-народен собир во Скопје на почетокот од март 1945 година, на кој присуствувале 300 учесници, свештеници и мирски лица, на кој едногласно била донесена одлуката за обновување на Охридската архиепископија.
Михаил се залагал за самостојност на МПЦ, па во два наврати одлежал над шест години затвор. Бил осуден и затворен од тогашната власт заради идеите за национална, социјална и духовна слобода на македонскиот народ. По шест месеци бил ослободен, но за кратко. Во 1948 година повторно бил уапсен и осуден на 5,5 години затворска казна. И покрај сите притисоци и закани да се откаже од свештеничкото служење, Михаил останал цврст во своите ставови и продолжил да служи како свештеник во Скопје.
Михаил бил меѓу првите мисионери во Австралија, во првата македонска православна општина „Свети Ѓорѓи“ во Мелбурн. Бил испратен во 1966 година, а се вратил при крајот на 1970 година. По неговото враќање бил назначен за ректор на Македонската православна богословија, каде предавал англиски јазик, омилитика и пастирско богословие. Покрај англискиот зборувал француски, руски и се служел со повеќе живи класични јазици.
Од 1972 година бил генерален секретар на Македонската архиепископија и одговорен уредник на службениот лист на МПЦ - „Весник“. За архијереј бил хиротонисан на 25 декември 1988 година. Неговото Блажество Г.Г. Михаил е познат по тоа што не сакал да ги чита своите богослужбени слова, но е запаметен по неговото ораторство со кое ги надминувал сите архиjереји.
Избор за Архиепископ на МПЦ
уредиИзборниот Архиепископски црковно-народен собор се одржал на 4 декември 1993 година, во Соборниот храм на Охридската архиепископија - Света Софија. На работата на соборот учествувале 92 делегати од сите епархии на МПЦ.
Соборот започнал со божествена литургија во црквата Св. Богородица - Каменско, која ја служеле тројцата митрополити: Тимотеј, Стефан и Михаил, кои го сочинувале раководното тело на МПЦ по упразнувањето на архиепископскиот престол.
Во Соборниот храм на охридските архиепископи најнапред бил извршен мал водосвет, а потоа и призив на Светиот Дух.
По првото гласање, Митрополитот Михаил добил 41 глас, Митрополитот Петар 32 гласа, Митрополитот Горазд 1 глас и биле утврдени 18 неважечки ливчиња. Бидејќи никој од кандидатите не добил натполовично мнозинство, се пристапило кон второ гласање на кое Митрополитот Михаил го добил потребното мнозинство и бил избран за Поглавар на Македонската православна црква.
Востоличувањето на новиот Архиепископ Охридски и Македонски било извршено наредниот ден, во присуство на претседателот на Владата на РМ Бранко Црвенковски, министерот за вера Ристо Иванов, Скопско-призренскиот бискуп Јоаким Хербут, старешината на Исламската верска заедница Јакуп Селимовски и др.
Од страна на Митрополитот Петар на новоинтронизираниот архиепископ му биле предадени инсигниите на архиепископското достоинство и жезолот на Свети Климент.[1]
Архиепископ на МПЦ
уредиАрхиепископот Михаил дошол на чело на МПЦ две години по осамостојувањето на Македонија како држава. Тој станал единствениот духовник кому му било понудено местото на претседател на државата. На почетокот на 90-тите години Михаил требало да биде еден вид македонски Макариос, но тој се откажал од овој предизвик не сакајќи да ја замени црковната со државничка позиција,
Како надлежен за Американската епархија, Михаил успеал да ги прибере големиот број на верници, да ги надмине сите спорови, а со тоа овозможи оваа епархија да заживее со полн црковен живот. Сепак тој не успеал да отпатува за Австралија, затоа што не сакал да биде пречекан од поделените, туку од сите обединети верници Македонци. Водел преговори и со претставници на Српската православна црква за воспоставување на духовно единство меѓу двете цркви.
За време на неговото архиепископување биле направени потребните измени и дополнувања на Уставот на Македонската православна црква, статутите за трите епархии во странство и други црковни закони и норми. Исто така, за негово време се зголемила издавачката дејност во МПЦ, при што биле отпечатени повеќе богослужбени изданија и книги со богословска содржина.
Починал на 6 јули 1999 година. Неговото вечно почивалиште се наоѓа во Манастирот Св. Наум Охридски во Радишани.
Цитати
уреди„Ние, Михаил, избран и востоличен архиепископ охридски и македонски, се заколнувам во семоќниот Бог дека на Македонската православна црква и својата татковина Република Македонија ќе им бидеме верни и предани, ќе го почитуваме и чуваме црковниот Устав, ќе ја чуваме чистотата на светото православие, црковните канони и прописи, ќе го чуваме канонското единство на сите православни автокефални цркви, а посебно ќе ја почитуваме Македонската православна црква во сè, па и во своите дела и постапки ќе се раководиме исклучително од доброто и интересите на нашата Света Црква и Татковина, и дека нема да се согласиме со никаква измена што би била спротивна на нивните интереси“. - Изјава по повод изборот за Архиепископ на МПЦ (4.12.1993)
Библиографија
уреди- Почит кон Свети Кирил Солунски - Десетте поклоненија на Светикириловиот гроб во Рим - во соавторство со Митрополитот Кирил и Олга Спиркоска (Скопје,1979);
- Нашето свето православие (Скопје)
Книги за Архиепископот Михаил:
уреди- Михаил Архиепископ Охридски и Македонски - Ратомир Грозданоски (Скопје, 1994)[2]
- Македонскиот завет за г.г. Михаил - Милан Р. Дурло
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Дедо Михаил заборавен од МПЦ
- Видео записи за Неговото блаженство г.г. Михаил
- Послание на Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Михаил
Претходник Гаврил II |
Архиепископ Охридски и Македонски 1993–1999 |
Наследник Стефан |
- ↑ Негово Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Михаил. Скопје: Матица Македонска. 1994. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ „Проф. д-р Ратомир Грозданоски“. www.rrgrozdanoski.mk. Посетено на 2021-01-10.