Дончо Лазаров - Сојтеријата (30 јануари 1878 во Ваташа1950 во Петрич, Пиринска Македонија, Бугарија) — македонски револуционер, тиквешки војвода и член на Македонската револуционерна организација.[1][2]

Дончо Лазаров
Роден 30 јануари 1878 година
Ваташа, Кавадаречко
Починал 1950
Петрич, Пиринска Македонија, Бугарија
Народност Македонец

Животопис

уреди
 
Тиквешката чета на Дончо Лазаров (седнат е во средина), 1907 година

Потекнувал од револуционерно семејство, во нивната куќа често пати престојувале старите тиквешки ајдуци и револуционери. Во редовите на македонската револуционерна организација бил примен со неполни дваесет години.[2] Завршил педагошко училиште во Скопје. Бил назначен за учител во Тиквешко. Пред Тиквешкото востание се ангажирал околу подготовките на Организацијата и придонел во организирањето на илегална работилница во училиштето во Ваташа за изработка на облека за четниците. Учествувал и во нападот на чифликот на Азис ага, покрај селото Моклиште во 1903 година.[1]

 
Дончо Лазаров - Сојтеријата

Во 1904 година ја напуштил учителската работа во Ресава, Кавадерчко и се вклучил во четата на војвода Добри Даскалов.[3] Неговиот буен темперамент често бил причина за честите судири што ги имал со месните Турци во селото Ваташа, па поради тоа бил честопати апсен и затворан.[2] На крајот од 1905 година бил назначен за реонски војвода во Тиквешијата. Со негова помош четата на војводата Добри Даскалов во текот на јули 1905 година успеала да се извлече од обрачот на турската војска кај селото Ресава. Неговата желба да стане тиквешки околиски војвода честопати го конфронтирала со околискиот војвода и со месното раководство на револуционерната организација, затоа во зимата 1907 година била донесена одлука тој да замине извесен период во Бугарија. Таму останал до Младотурската револуција во 1908. На 1 јули 1907 година со чета тргнал за Македонија од Ќустендилскиот пункт во ВМРО. Неколкупати бил апсен и затворан од турската власт. По Младотурската револуција и формирањето на НФП (Народна федеративна партија), Дончо Лазаров бил еден од нејзините први членови, а извесен период е и раководител на Народната федеративна партија во Кавадерчко.[2] По разочарувањето на Младотурската револуција повторно станал четник кај војводата Лазар Фертикот. Во јуни 1913 година бил меѓу организаторите и раководителите на Тиквешкото востание против српската власт.[1][4] По задушувањето на востанието поголемиот дел од четниците се повлекуваат од Тиквешијата. На овој терен останал само Дончо Лазаров со својата чета.[2]

По Првата светска војна се преселил во Петрич и работел во постојаната окружна комисија. Во 1921 година бил избран за градоначалник на Петрич. Во октомври 1928 година бил избран за член во една комисија за помирување на спротивставените страни во ВМРО, формирана од Илинденската организација. Во 1930 година бил избран за претседател на македонското друштво „Христо Матов“ во градот. Починал во 1950 година во Петрич, Бугарија.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Енциклопедија ВМРО, Скопје, 2015, стр. 164
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 418–419. ISBN 978-608-4621-04-1.
  3. „НА ДЕНЕШЕН ДЕН- РОДЕН Е ДОНЧО ЛАЗАРОВ - СОЈТЕРИЈАТА“. rtk.mk. 30 јануари 2018.
  4. Нова12, Телевизија (2023-06-19). „НА ДЕНЕШЕН ДЕН 1913-ТА ГОДИНА ЗАПОЧНАЛО ТИКВЕШКОТО ВОСТАНИЕ ПРОТИВ СРПСКАТА ВЛАСТ КОЕ КРВАВО БИЛО ЗАДУШЕНО“. ТВ НОВА 12. Архивирано од изворникот на 2024-06-28. Посетено на 2024-06-28.