Каролиншко Царство
Каролиншко царство (франц. Empire carolingien, герм. Karolingisches Reich, итал. Impero carolingio) (800–888) ― царство на Франките во Западна и Средна Европа во раниот среден век. Со него управувала Каролиншката династија, кои владееле како кралеви на Франките од 751 година и како кралеви на Ломбардите од 774 година. Во 800 година, папата Лав III во Рим го крунисал кралот на Франките Карло Велики за цар во обид да го пренесе Римското Царство од Византија во Западна Европа.
Каролиншко Царство Romanum Imperium, Universum Regnum, Romanorum sive, Francorum Imperium, Imperium Christianum (латински)
|
||
---|---|---|
Главен град | Мец,[1] Ахен | |
Уредување | Царство | |
Валута | Денариј |
По граѓанската војна (840–843) која избувнала по смртта на царот Лудвиг Побожниот царството било поделено на автономни кралства, со еден крал сè уште признат како цар, но со мала власт вон неговото царство. Единството на царството и наследното право на Каролинзите и понатаму се признавале. Во 884 година, Карло Дебелиот повторно ги обединил сите каролиншки кралства, но умрел во 888 година и царството веднаш се распаднало. Поради тоа што единствениот преостанат легитимен наследник од династијата бил дете, благородништвото избирало регионални кралеви кои не припаѓале на династијата или, во случајот со источното кралство, нелегитимен Каролин. Нелегитимната лоза владеела со истокот до 911 година, а во западното кралство легитимната Каролиншка династија била обновена во 898 година и владеела до 987 година (со прекин од 922 до 936 година).
Во царството живееле помеѓу 10 и 20 милиони луѓе.[2] Во сржта била Франкија, земјата помеѓу Лоара и Рајна, каде што се наоѓала главната кралска резиденција на царството, Ахен. На југ ги преминувало Пиринеите и се граничело со Емиратот Кордоба, а по 824 година со Кралството Памплона; на север се граничело со кралството на Данците; на запад имало куса копнена граница со Бретања, која подоцна била сведена на вазал; а на исток имала долга граница со Словените и Аварите, кои на крајот биле поразени и нивната територија била вклучена во царството. Суверенитетот на Каролинзите во јужните делови на Италија бил оспорен од Византијците и она што преостанало од Ломбардското Кралство во Кнежеството Беневенто. Своевремено, царството имало разни латински имиња; терминот „Каролиншко Царство“ се појавило подоцна.
Историја
уредиПодемот на Каролинзите (о. 732–768)
уредиИако Карло Мартел одлучил да не ја прифати титулата крал или цар тој бил апсолутен владетел со речиси цела денешна континентална Западна Европа северно од Пиринеите. По неговата смрт кон кралствата на Франките биле додадени само Ломбардија и Марка Хиспаника кои тој делумно и ги освоил.
Мартел го зацементирал своето место во историјата со одбраната на христијанска Европа против муслиманската војска во битката кај Тур во 732 година. Пиринејските Сарацени кон тешката арапска коњаница придодале берберска лесна коњска и создале огромна војска која речиси никогаш не била поразена. По победата Карло го добил презимето Мартел („Чекан“).[3]
Пипин III ја прифатил понудата за крал од страна на папата Захариј околу 741 година. Владеењето на Карло Велики започнало во 768 година по смртта на Пипин. По смртта на неговиот брат Карломан, тој станал единствен владетел со кралството. Карло Велики бил крунисан за римски цар во 800 година.[4]
Владеењето на Карло Велики (768-814)
уредиКаролиншкото Царство за време на владеењето на Карло Велики го зафаќала поголемиот дел од Западна Европа, како што порано тоа било случај со Римското Царство. За разлика од Римјаните, кои територијата меѓу Рајна и Елба ја контролирале помалку од дваесет години и биле протерани оттаму по катастрофата во Тевтобуршката Шума (9 н.е.), Карло Велики го скршил германскиот отпор и на подолго време го проширил своето царство до Елба, влијаејќи на настаните речиси до руските степи.
Владеењето на Карло Велики се карактеризира со речиси постојани војни, а многу од нив ги водел лично. Во 774 година, го поразил Ломбардското Кралство и го припоил кон својот домен прогласувајќи се за „Крал на Ломбардите“. Во 778 година имал неуспешен поход во Шпанија кој завршил со битката кај преминот Ронсево, кој се смета за најголем пораз на Карло Велики. Потоа го проширил кралството во Баварија. Баварскиот војвода Тасило III го искористил војувањето на Карло Велики во Италија, па дигнал бунт против него. Тасило набрзо бил фатен и затворен, а Карло ја укинал титулата баварски војвода. Неговиот син, Пипин во 795 година добил наредба да започне кампања против Аварите, бидејќи Карло Велики бил зафатен со саксонските бунтови. Војната со Аварите завршила во 803 година откако Карло Велики ја испратил својата баварска војска во Панонија. Тој, исто така, ги освоил саксонските територии.[3][5]
Пред смртта на Карло Велики, царството било поделена меѓу членовите на Каролиншката династија. Меѓу нив биле кралот Карло Помладиот, син на Карло Велики, кој ја добил Неустрија; Кралот Лудвиг Побожниот, кој ја добил Аквитанија; и кралот Пипин, кој ја добил Италија. Кога Пипин починал во 810 година имал само еден вонбрачен син, Бернард, а Карло починал без да остави наследници во 811 година. Иако Бернард го наследил Пипин како крал на Италија, Лудвиг бил прогласен за коимператор во 813 година, а по смртта на Карло Велики во зимата 814 година го добил и целото царство.[6]
Владеење на Лудвиг Побожниот и Граѓанската војна (814–843)
уредиИскачувањето на Лудвиг Побожниот на престолот било неочекувано, бидејќи тој бил третиот син на Карло Велики. Тој прво бил крунисан за крал на Аквитанија на три години.[7] Иако неговото владеење било засенето од династичките судире и граѓанската војна која избувнала како резултат на тоа, тој многу бил заинтересиран за религиозните прашања. Една од првите работи што ги направил е „владеење со народот со закон и со изобилство на неговата побожност“,[8] односно со обновување на црквите. Тој, исто така, се потрудил да обнови многу манастири уништени пред неговото владеење, како и да биде ктитор на нови.[7]
Штом дознал за смртта на Карло Велики, веднаш заминал за Ахен, каде што протерал многу од доверливите советници на неговиот татко, гледајќи ги како конкуренција и закана за неговата моќ.[9] Присилното монаштво било тактика што Лудвиг често ја користел на почетокот на своето владеење за да ја зајакне својата позиција и да ги елиминира потенцијалните соперници.[9] Во 817 година неговиот внук, италијанскиот крал Бернард, се побунил против него поради незадоволство што бил вазал на Лотар, најстариот син на Лудвиг.[10] Лудвиг брзо го задушил бунтот, а Бернард Италијански бил заробен и казнет - смртната казна била заменета со ослепување. Бернард починал од нанесената траума два дена подоцна.[11] Италија била вратена под контрола на царството. Во 822 година, покајанието на Лудвиг поради смртта на Бернард во голема мера го нарушило неговиот углед како цар кај благородништвото.[12] Како и да е, во 817 година Лудвиг основал три нови кралства за синовите од неговиот прв брак: Лотар бил прогласен за крал на Италија и ко-император, Пипин бил прогласен за крал на Аквитанија, а Лудвиг Германски бил прогласен за крал на Баварија. Неговиот обид од 823 година да го вклучи својот четврти син (од вториот брак), Карло Ќелавиот во тестаментот наишол на отпор од неговите најстари синови. Назначувањето на Бернард Септиман за камерлеј предизвикало незадоволство кај Лотар, бидејќи тој го изгубил правото како коимператор во 829 година и бил протеран од Италија, а Бернард го презел неговото место како втор по команда по царот.[9][13] Влијанието на Бернард не само врз царот туку и врз царицата довело до уште поголем раздор меѓу благородништвото. Вториот син на Лудвиг, Пипин, исто така бил несреќен - тој бил вклучен во неуспешен воен поход во 827 година и бил уморен од прекумерното мешање на неговиот татко во управувањето со Аквитанија.[9] Гневното благородништво го поддржало Пипин, и за време на Великиот пост во 830 година избувнала граѓанска војна. Последните години од владеењето на Лудвиг биле одбележани со граѓанска војна.
Веднаш по Велигден, синовите на Лудвиг го нападнале царството и го симнале од престолот во корист на Лотар. Лудвиг летото го поминал во заробеништво кај својот син, и бил цар само по титула.[9] Следната година, Лудвиг ги нападнал кралствата на неговите синови и подготвил нови планови за наследување. Лудвиг му ја дал Неустрија на Пипин, му ја одзел царската титула на Лотар и му го доделил Кралството Италија на Карло. Со друга поделба од 832 година целосно ги исклучил Пипин и Лудвиг Германски, именувајќи ги Лотар и Карло за единствени наследници на кралството, по што Пипин и Лудвиг Германски уште истата година се кренале на бунт,[9] а во 833 година се побунил и Лотар. Сите тие заедно ги затвориле Лудвиг Побожниот и Карло. Лотар од Рим го донел папата Григориј IV за божем да посредува, но всушност требало да му даде легитимитет на владеењето на Лотар и неговите браќа преку соборување и екскомуникација на Лудвиг.[9] Во 835 година, во семејството бил постигнат мир, а Лудвиг бил вратен на царскиот престол во катедралата Мец. По смртта на Пипин во 838 година, Лудвиг го крунисал Карло за крал на Аквитанија, а благородништвото го избрало синот на Пипин, Пипин II. Спорот останал нерешен до 860 година, кога умрел Пипин. По смртта на Лудвиг Побожниот во 840 година, Лотар се прогласил себеси за владетел на целото царство, без оглед на претходните поделби.
Како резултат на тоа, Карло и Лудвиг Германски влегле во војна со Лотар. По поразот во битката кај Фонтенај, Лотар побегнал во неговиот главен град Ахен и формирал нова војска, која сепак била послаба од онаа на неговите помлади браќа. Со Стразбуршката заклетва, од 842 година, Карло и Лудвиг го прогласиле Лотар за неподобен за царскиот престол. Царството до Верденскиот договор било поделено помеѓу Лудвиг и Карло на исток и запад. Стразбуршката заклетва, која се смета за пресвртница во европската историја го симболизира раѓањето на Франција и Германија.[14] Поделбата на Каролиншкото Царство била формализирана во 843 година од страна на тројцата синови на Лудвиг Побожниот преку Верденскиот договор.[15]
По Верденскиот договор (843–877)
уредиЛотар ја добил царската титула, управување како крал со Италија и територијата меѓу реките Рајна и Рона, заеднио наречени Средно Франкиско Кралство. На Лудвиг му било загарантирано владеењето како крал со сите земји источно од Рајна и северно и источно од Италија, која била наречена Источно Франкско Кралство кое е претходник на денешна Германија. Карло ги добил сите земји западно од Рона, која се нарекувала Западно Франкско Кралство.
Лотар во 844 година му ја преотстапил Италија на неговиот најстар син Лудвиг II, и го прогласил за ко-император во 850 година. Лотар починал во 855 година, и своето кралство го поделил на три дела: територијата што веќе ја поседувал Лудвиг останала негова, територијата на поранешното Кралство Бургундија му била доделена на неговиот трет син Карло Бургундски, а преостанатата територија за која немало име му била доделена на неговиот втор син Лотар II, чие царство го добило името Лотарингија.
Лудвиг II, незадоволен што не добил дополнителна територија по смртта на неговиот татко, во 858 година се здружил со неговиот вујко Лудвиг Германски против неговиот брат Лотар и неговиот вујко Карло Ќелавиот. Лотар брзо се смирил со својот брат и вујко. Карло бил толку непопуларен што не можел да собере војска за да се бори против инвазијата и побегнал во Бургундија. Тој бил спасен откако епископите одбиле да го крунисаат Лудвиг Германски за крал. Во 860 година, Карло Ќелавиот го нападнал кралството на Карло Бургундски, но нападот бил одбиен. Лотар II му отстапил земјиште на Лудвиг II во 862 година како поддршка за разводот од неговата сопруга, што предизвикало постојани конфликти со папата и неговите чичковци. Карло Бургундиски умрел во 863 година, а неговото кралство го наследил Лудвиг II.
Лотар II умрел во 869 година без легитимни наследници, а неговото кралство Договорот од Мерсен од 870 г., било поделено меѓу Карло Ќелавиот и Лудвиг Германски. Во меѓувреме, Лудвиг Германски бил вмешан во спорови со неговите три сина. Лудвиг II умрел во 875 година и го назначил Карломан, најстариот син од Лудвиг Германски, за негов наследник. Карло Ќелавиот, со поддршка од папата, бил крунисан за крал и цар на Италија. Следната година умрел Лудвиг Германски. Карло се обидел да го припои кон своето царство, но бил поразен во Андернах, а Кралството на источните Франки било поделено меѓу Лудвиг Помладиот, Карломан од Баварија и Карло Дебелиот.
Пад (877–888)
уредиПо смртта на Карло Ќелавиот, царството било нападната од север и од запад од Викинзите, а исто така се соочувало со внатрешни судири од Италија до Балтикот, од Унгарија на исток до Аквитанија на запад. Карло Ќелавиот умрел во 877 година и бил наследен од неговиот син Луј Стамерер како крал на западните Франки, но титулата цар исчезнала. Луј Стамерер физички бил слаб и умрел по две години, а неговото царство било поделено меѓу неговите два најстари сина: Лудвиг III ги добил Неустрија и Франкија, а Карломан ги добил Аквитанија и Бургундија. Кралството Италија конечно му било доделено на кралот Карломан од Баварија, но по мозочниот удар бил принуден да му ја отстапи Италија на својот брат Карло Дебелиот, а Баварија на Лудвиг од Саксонија. Исто така во 879 година, Босо од Виена го основал Кралството Долна Бургундија во Прованса.
Во 881 година, Карло Дебелиот бил крунисан за цар, а Лудвиг III од Саксонија и Лудвиг III од Франкија починале следната година. Саксонија и Баварија биле обединети со царството на Карло Дебелиот, а Франкија и Неустрија му биле доделени на Карломан од Аквитанија, кој исто така ја освоил Долна Бургундија. Карломан умрел во при лов во 884 година, а неговата територија ја наследил Карло Дебелиот, со што всушност повторно го проширил царството на територијата од времето на Карло Велики.
Карло, кој страдал од епилепсија, не можел да го заштити царството од викиншките напади, а откако во 886 година им платил за да се повлечат од Париз, дворот го сметал за плашливко и неспособен. Следната година неговиот внук Арнулф Корушки, вонбрачен син на кралот Карломан од Баварија, подигнал бунт. Наместо да се труди да го задуши востанието, Карло побегнал во Нејдинген и умрел следната година (888 година), зад себе оставајќи поделен ентитет и хаос.
Поделба на царството
уредиПоделба од 887–88 година
уредиКаролиншкото Царство било поделено на следниов начин: Арнулф ја задржал Корушка, Баварија, Лорен и денешна Германија; Грофот Одо од Париз бил избран за крал на Западна Франкија (Франција), Ранулф II станал крал на Аквитанија, Италија ја добил грофот Беренгар од Фриули, Горна Бургундија ја добил Рудолф I и Долна Бургундија ја добил Лудвиг Слепиот, син на Босо од Арл. Другиот дел од Лотарингија станал Војводство Бургундија.[16]
Цареви
уредиЗа други каролиншки кралеви, видете Список на франкиски кралеви. За подоцнежните цареви, видете цареви на Светото Римско Царство.
Име | Kрунисaн за цар | Починал | Монета или печат |
---|---|---|---|
Карло Велики | 25 декември 800 | 28 јануари 814 | |
Лудвиг Побожниот | 1-ви : 11 септември 813 [17] 2-ри : 5 октомври 816 |
20 јуни 840 г | |
Лотар I | 5 април 823 | 29 септември 855 | |
Лудвиг II | 1-ви : Велигден 850 г 2-ри : 18 мај 872 |
12 август 875 | |
Карло Ќелавиот | 29 декември 875 | 6 октомври 877 | |
Карло Дебелиот | 12 февруари 881 | 13 јануари 888 |
Наводи
уреди- ↑ McKitterick 2008, стр. 23.
- ↑ McCormick, Michael (2007). „Where do trading towns come from? Early medieval Venice and the northern emporia“. Во Henning, Joachim (уред.). Post-Roman towns, trade and settlement in Europe and Byzantium. стр. 50. ISBN 978-3-11-018356-6.
Overall population estimates for the Carolingian empire range today from ten to twenty million, including the Italian territories. The size of the Carolingian empire can be roughly estimated at 1,112,000 km2
- ↑ 3,0 3,1 Magill, Frank (1998). Dictionary of World Biography: The Middle Ages, Volume 2. Routledge. стр. 228, 243. ISBN 978-1579580414. Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „:0“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ McKitterick 2008.
- ↑ Davis, Jennifer (2015). Charlemagne's Practice of Empire. Cambridge University Press. стр. 25. ISBN 978-1316368596.
- ↑ Joanna Story, Charlemagne: Empire and Society, Manchester University Press, 2005 ISBN 978-0-7190-7089-1
- ↑ 7,0 7,1 Kramer, Rutger (2019). Rethinking Authority in the Carolingian Empire: Ideals and Expectations During the Reign of Louis the Pious (813-828). стр. 31–34. ISBN 9789048532681.
- ↑ Ernold. Carmen. lib. I, 11, 85-91. стр. 10–11.
- ↑ 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 9,5 9,6 De Jong, Mayke (2009). The Penitential State: Authority and Atonement in the Age of Louis the Pious, 814-840. Cambridge: Cambridge University Press. стр. 20–47. Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „:4“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ "Revolt of Bernard of Italy", The Cambridge Medieval History Series volumes 1-5, Plantagenet Publishing
- ↑ McKitterick, Rosamond (1983). The Frankish kingdoms under the Carolingians, 751-987. ISBN 9780582490055.
- ↑ Knechtges, David R.; Vance, Eugene (2005). Rhetoric and the Discourses of Power in Court Culture. ISBN 9780295984506.
- ↑ The Astronomer (anonymous) (2009). „The Life of Emperor Louis“. Charlemagne and Louis the Pious: Lives by Einhard, Notker, Ermoldus, Thegan, and the Astronomer. Преведено од Thomas F. X. Noble. стр. 275. ISBN 9780271037158.
- ↑ „Die Geburt Zweier Staaten – Die Straßburger Eide vom 14. February 842 | Wir Europäer | DW.DE | 21.07.2009“. Dw-world.de. 2009-07-21. Посетено на 2013-03-26.
- ↑ Goldberg, Eric Joseph (2006). Struggle for Empire: Kingship and Conflict Under Louis the German, 817–876. ISBN 978-0-8014-3890-5.
- ↑ MacLean, Simon (2003). Kingship and Politics in the Late Ninth Century: Charles the Fat and the End of the Carolingian Empire. ISBN 978-0-521-81945-9.
- ↑ Egon Boshof: Ludwig der Fromme. Darmstadt 1996, p. 89
Литература
уреди- Bowlus, Charles R. (2006). The Battle of Lechfeld and its Aftermath, August 955: The End of the Age of Migrations in the Latin West. ISBN 978-0-7546-5470-4.
- Chandler, Tertius; Fox, Gerald (1974). 3000 Years of Urban Growth. New York and London: Academic Press. ISBN 9780127851099.
- Costambeys, Mario (2011). The Carolingian World. ISBN 9780521563666.
- Hooper, Nicholas; Bennett, Matthew (1996). The Cambridge Illustrated Atlas of Warfare: the Middle Ages. ISBN 978-0-521-44049-3.
- McKitterick, Rosamond (2008). Charlemagne: the formation of a European identity. England. ISBN 978-0-521-88672-7.
- Reuter, Timothy (2006). Medieval Polities and Modern Mentalities. ISBN 9781139459549.
Надворешни врски
уреди- Создавањето на Европа по терк на Карло Велики (768–814) (бесплатно достапна база на прозопографски и социо-економски податоци од каролиншки правни документи, креирана и одржувана од Кралскиот колеџ во Лондон )