Хенрик Ибзен

норвешки писател и драматург (1828–1906)
(Пренасочено од Ибзен)

Хенрик Ибзен (20 март 1828 - Осло, 23 мај 1906) — норвешки писател и драматург. Во своите дела го критикувал современото буржоаско општество. Негови најзначајни дела се „Нора“, „Комедија на љубовта“, „Привиденија“ и „Народен непријател“.

Хенрик Ибзен
Ибзен во 1900 година
ЗанимањеДраматург, поет, театарски режисер
НационалностНорвежанец
Жанрнатурализам
реализам
Значајни делаПер Гинт (1867)
Куќа за кукли (1879)
Духови (1881)
Непријател на народот (1882)
Грдото пајче (1884)
Хеда Габлер (1890)
Потпис

Животопис

уреди

Животниот пат на Ибзен е комплексен и вклучува разни места, земји и занимања, како и различни животни околности низ кои поминал. Ибзен потекнува од малото место Скиен во кое живеел сиромашен живот. Уште во раната младост, Ибзен останал без татко му, поради што семејството западнало во тешка сиромаштија, поради што тој морал да го прекине школувањето и да се вработи како аптекарски помошник. Во детството и во младоста претрпел два-три големи потреси кои предизвикале да се повлече во себе и да се предаде на читањето книги. Наспроти тоа, во подоцнежната возраст Ибзен читал малку и неговите познаници сведочат дека во неговата работна соба (преполна со скапи слики) речиси и да немало книги.

Во 1850 година, Ибзен се запишал на Универзитетот во Кристијанија, а истата година била изведена неговата прва драма „Каталина“, која не постигнала никаков успех. Сепак, Ибзен воопшто не се обесхрабрил, туку започнал да издава едно списание, а потоа заминал во Берген, каде што продолжил да пишува и да режира. Подоцна, тој бил именуван за уметнички директор на театарот во Кристијанија. Огорчен поради тоа што Норвешка не ѝ помогнала на Данска, која во тоа време била нападната од Прусија, Ибзен ја напуштил татковината и во странство поминал 27 години. Притоа, најпрвин заминал во Рим, а потоа живеел во Дрезден и во Минхен. Во летото 1874 година, по десетгодишна пауза, Ибзен за првпат ја посетил татковината. По долгогодишно боледување, Ибзен умрел во 1906 година, а на неговиот погреб го испратила поворка долга три километри.[1]

Творештво

уреди

Творештвото на Ибзен опфаќа една збирка поезија и 24 драми, отсликувајќи една крива линија на уметничкиот развој во кој неговите идеи и уметнички постапки се менувале со текот на времето. Оттука, произлегува тешкотијата да се даде единствена оцена на неговите драми. Кон тоа придонесува и големиот временски период во кој творел тој: неговата прва драма „Катилина“ датира од 1848-1849 година (а била прикажана во 1850 година, без некој поголем успех), додека последната драма „Кога ние мртвите ќе се разбудиме“ е напишана половина век подоцна, во 1899 година.[2]

Во почетниот период од творештвото Ибзен пишувал драми инспирирани од норвешките легенди, исполнети со национален романтичен занос. Во својата триесет и четврта година, Ибзен ја напишал драмата во стихови „Комедија на љубовта“ во која за првпат директно ги анализирал општествените процеси на своето време. Како последица на тоа, норвешката буржоазија реагирала остро: во една прилика, кога ја побарал паричната помош што во тоа време им се доделувала на младите писатели, еден член на комисијата, инаку професор на Универзитетот во Кристијанија, изјавил дека Ибзен не заслужува помош, туку ќотек. Сепак, подоцна му била доделена помош, а една негова историска драма постигнала успех. По напуштањето на Норвешка, за време на престојот во Рим, Ибзен ги напишал драмските поеми „Бранд“ и „Пер Гинт“, но по преселбата во Германија започнал да пишува реалистични драми во кои обработувал разни општествени проблеми. Кога во 1874 година повторно ја посетил Норвешка, Ибзен слушнал за една афера поврзана со норвешките бродоградилишта и тоа го инспирирало да ја напише драмата „Столбови на општеството“, завршена во Германија, во 1877 година. Со оваа драма Ибзен станал славен: само во февруари 1888 година, дури пет берлински театри истовремено ја прикажувале драмата! Подоцна, тој ги напишал драмите „Нора“ и „Привиденија“ со кои предизвикал бурни дискусии (првата) и огорчени реакции и цензура (втората), но затоа пак, неговите драми биле топло примени во натуралистичките театри во Париз, Берлин и Лондон. Понатаму следеле драмите „Дива патка“, „Ромерсхолм“, „Жени од морето“ и „Хеда Габлер“, сите напишани во Германија. Последните четири драми („Градежникот Солнес“, „Малиот Ејолф“, „Јон Габриел Боркман“ и „Кога ние мртвите ќе се разбудиме“) ги напишал по враќањето во Норвешка.[3]

Значење и влијание

уреди

Уште додека бил жив, творештвото на Ибзен предизвикувало различни коментари: за едни, тој бил предмет на најостри напади, додека за други бил ненадминлив гениј; едни гледале во него проповедник на неморалот, а за други бил првокласен моралист; едни го обвинувале за анархизам и социјализам, а според други тој бил ничеовско-аристократски противник на демократијата; за едни бил непријател на христијанството, а за други пример за нов христијанин, итн. Притоа се случувале разлики во толкувањето и кај неговите најблиски лични познаници, кои со него имале можност да разговараат или да се допишуваат[4]

Во 1956 година, по повод педесетгодишнината од смртта на Ибзен, ширум светот биле објавени бројни есеи, статии и студии во кои било истакнато дека тој претставува една од најзначајните појави во развојот на светската драма. Сепак, постоеле различни толкувања на значењето на неговото творештво: според едни, Ибзен бил гигант на своето време и извршил големо влијание врз повеќе драмски писатели, но тој повеќе ја нема истата вредност за денешниот читател; други истакнувале дека тој е основач на современата драма, а неговото денешно значење повеќе е литерарно-теориско отколку практично-сценско; според трети, Ибзен и понатаму е едно од најголемите имиња на светската драма, така што тој сè уште е актуелен и модерен.[4] Според Јован Дучиќ, Ибзен е централна личноста на современиот духовен театар, а заедно со Шекспир и Софокле, тој е еден од трите големи имиња на светската драма. Во неговите дела, човекот води борба со самиот себе и поради тоа Ибзен е нов и претставува најголема фигура на општествениот и духовниот театар на своето време.[5]

За ликовите во неговото творештво

уреди

Ниче ја дал теоретската основа на погледите на современата „госпоѓа“, ја открил психата на аристократскиот дух, а Ибзен во живи ликови ја претставил трагедијата на тој дух. Јунакот на Ибзен е секогаш и секаде истиот: Бранд, Боркман, Солнес и Стокман, сите тие се ученици на Заратустра. Тие го усвоиле основниот принцип на неговото учење за тоа дека остварувањето на својата сопствена личност е единствената цел во животот на човекот, која го води кон исполнување на највозвишените мисии на човештвото, кон подобрување и оплеменување на човечкиот род. Таа идеја им давала гигантска сила и лавовска волја. Таа им помогнала во омразата од народот да ја гледаат најголемата награда, во патилата - возвишено блаженство, во смртта - круна на своето дело. Таа ги научила да бидат сурови кон човекот во име на љубовта кон човештвото. Тие луѓе се глуви за она што е околу нив, бидејќи фанатично веруваат дека живеат за нешто што е далеку од нив.

Еден осамен и несфатен јунак се појавува пред нас од сите драми на Ибзен. Ибзен покажал современ натчовек во разни ситуации, кој е доследен секаде само на самиот себе и самиот ги создава своите морални вредности.

Жената кај Ибзен е робинка, често извонредно убава, храбра, и по умот и по духот посилна од својот господар, но сепак е робинка. И покрај разновидните женски ликови кај Ибзен, кај него нема јунакиња која си поставила цел пред себе, а да не е во врска со некој маж. Поетскиот лик на Нора би изгубил од својот шарм ако нејзините ум и лукавство се надвор од волјата и желбите на мажот. Мажите може да се градители, проповедници, научници, но жените се само поддршка или одмор за мажите. Така зборувал Заратустра, а Ибзен само ги олицетворил тие идеи за жената.

Наводи

уреди
  1. Stanislav Bajić, „Henrik Ibzen“, во: Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 122-126.
  2. Stanislav Bajić, „Henrik Ibzen“, во: Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 122.
  3. Stanislav Bajić, „Henrik Ibzen“, во: Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 123-126.
  4. 4,0 4,1 Stanislav Bajić, „Henrik Ibzen“, во: Henrik Ibzen, Stubovi društva. Beograd: Rad, 1963, стр. 121.
  5. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 298-299.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: