Грдото Пајче

сказна од Ханс Кристијан Андерсен
(Пренасочено од Грдото пајче)

Грдото Пајче (дански: Den grimme ælling) — позната сказна на данскиот баснописец Ханс Кристијан Андерсен, која важи за мошне оригинален вид на биографска сказна. Првпат е објавена во 1843 година.[1]

Илустрација на сказната од Вилхелм Педерсен — првиот илустратор на Андерсен

Својот трнлив пат низ животот и творештвото најдобро го оцртал со помош на сказната „Грдото Пајче“, во 1843 година. Во оваа приказна симпатично запишува:

Не е лошо да се родиш покрај бара заедно со патките, ако си се извел од јајце на лебед.

Ваквото творештво на Андерсен одекнало низ целиот свет. Оваа сказна-биографија се смета и за сказна-манифест, па дури и за упатство за секој млад човек, без непотребно морализирање, дека секогаш патот на успехот е полн со непредвидливости, искушенија и неизвесност, но само работата е таа што ги решава сите дилеми на една животната и творечката егзистенција.

Содржина

уреди

На еден селски имот, патка лежела во гнездото во кое имало шест јајца. Еден ден, од петте јајца излегле пет убави пајчиња, а подоцна се распукало и шестото јајце од кое се појавило многу грдо пајче, наречено Грдото Пајче. Подоцна, патката ги однела патчињата во дворот на фармата за да ги запознае со старата патка која уживала посебен углед меѓу птиците. Таму, старата патка и сите други птици ги пофалиле патчињата, но за последното рекле дека е многу грдо. Оттогаш, сите животни на фармата се однесувале лошо кон Грдото Пајче, вклучувајќи ги и неговите браќа и сестри. Бидејќи повеќе не можело да го поднесе злоставувањето, една ноќ, тоа побегнало од фармата и стигнало во блиското мочуриште каде запознало диви патки. Но тогаш се зачуле истрели и двете патки паднале мртви. Всушност, Грдото Пајче се нашло во екот на ловот на диви патки. Исплашено, тоа ја покрило главата со крилјата, а тогаш нему му се приближило ловечкото куче кое само го помирисало и си заминало. По некое време, тоа стигнало до една сиромашна куќа во која живеела старица со кокошка и мачор. Некое време, патчето живеело во куќата, а мачорот и кокошката го прекорувале затоа што тоа не знаело да несе јајца или да преде. Од друга страна, водено од стремежот да плива во водата, еден ден тоа ја напуштило куќата. Есента, тоа здогледало лебеди и било воодушевено од нивната убавина. Меѓутоа, набргу дошла зимата и еден ден, Грдото Пајче замрзнало во водата. Во таква состојба го пронашол некој селанец кој го однел дома и таму го повратил во живот. Меѓутоа, кога неговите деца посакале да си поиграат со пајчето, тоа се исплашило и направило неред во куќата, а потоа побегнало надвор. По некое време дошла пролетта и нему му се повратила силата, па еден ден летнало во убава градина. Таму, тоа здогледало три лебеди, а кога се погледнало во водата, забележало дека и тоа е убав млад лебед. Него веднаш го забележале другите лебеди и децата, кои се воодушевувале на неговата убавина.[2]

Наводи

уреди
  1. Tatar, Maria (2008). The Annotated Hans Christian Andersen. W.. Norton & Company. стр. 99–118.
  2. Ханс Кристијан Андерсен, Бајки. Скопје: Македонска книга и Детска радост, 1967, стр. 38-49.

Надворешни врски

уреди