Масакр кај Дабница (1942)
За масакрот во пиринското село Дабница, извршен во 1925 година, видете Масакр кај Дабница, 1925
Масакрот кај Дабница — масакр извршен на 19 септември 1942 година[2] кај прилепското село Дабница од страна на бугарскиот окупатор. Во масакрот настрадале 18 лица.
Настан
уредиПо наредба на Битолската обласна полиција од 28 август 1942, во содејство со административната власт, полицијата и војската, биле интензивирани репресалиите кон населението кое го помагало ослободителното движење, особено партизанските одреди.[3] По борбата на Мукос (14 септември, 1942 г.) помеѓу бугарската војска и полиција против четата од Партизанскиот одред „Димитар Влахов“, бугарските сили го блокирале и селото Дабница. Ги собрале селаните сред село и откако виделе дека никој не кажува за врските со партизаните, врзале 64 мажи (на возраст од 16 до 60 години)[3] од селото со ортоми и ги однеле во касарните во Прилеп. Таму тие биле измачувани, со боксови, газење, тепање со стап и коловски жила, бајонети под грло, горење под ноктите на рацете и нозете, гаснење на цигари по телото и друго. Од претепувањето во затворот починал еден селанец, Сотир Дамески.[4]
На 18 септември од затворениците по список извлекле 19мина, 12 од затворените селани од Дабница и 7 Прилепчани, кои следниот ден (19 септември, 1942) ги врзале со ортоми и без да бидат судени, ги повеле на стрелање. На пат кон Дабница, по наредба на поручникот Иван Куцаров, затворениците се стрелани. Иако биле дополнително проверувани дали некој останал жив, еден од затворениците, Петко Велкоски, ранет и искрвавен, се притајува, го подзапира здивот и е фрлен меѓу мртвите другари. На крај, успева да се спаси.[5]
Во писмото испратено од Мирче Ацев до Цветко Узуновски, на 25 ноември 1942 година, во кое го опишува теророт во Прилепскиот крај, тој ги набројува селата Дабница, Стровија, Гостиражни, Габровник, Орао Дол, Мокрени, Богомила, Оморани, Чашка, Рудник, Јаболчиште, чии жители (до 10тина по село) без суд биле стрелани од бугарските војски, под изговор дека ги помагале партизаните. Тој ја опишува тешката положба на населението, бидејќи покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите кои слугувале на бугарските сили, предводени од Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов. Нивните групи агитирале на терен, да ги прикажат партизаните како српски четници кои сакале да ја вратат српската власт. Интересен е фактот што ракописното писмо зачувано од Мирче Ацев е пишувано со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и ден денес. Со, ова писмо се побиваат и големобугарските манипулации за непостоење на македонска азбука и писмо, пред 1945. Писмото се чува во архивот на ИНИ, арх. бр.177 [6]
Жртви
уреди- Адем Мамут Адемоски, роден во 1923 година, во Прилеп, по занимање опинчар. Рано се вклучил кон НОБ. Во неговата куќа се печателе партиски летоци;
- Алекса Миланов Бешироски-Ставре, роден во с. Дабница, земјоделец. Секретар на партиската ќелија во селото, член на Воениот комитет и комесар за снабдување на партизанскиот одред „Димитар Влахов“;
- Душан Перев Бешироски, роден во 1909 година, во с.Дабница, земјоделец. За време на окупацијата активно ја помага НОБ и е еден од најактивните во помошта на одредот „Димитар Влахов“;
- Добре Цанев Јованоски, роден во 1915 година во Прилеп. По занимање дипломиран правник. Во антифашистичкото движење работел од 1938 година. Член на КПЈ од пред војната;
- Ордан Иванов Јованоски (Велкоски), роден во 1912 година во с.Дабница, земјоделец. Член на Воениот комитет на селото и еден од помошниците на комесарот за снабдување на одредот „Димитар Влахов“;
- Тоде Орданов Кремчески, роден во 1919 година во с.Дабница, по занимање земјоделец. Заменик на секретарот на Воениот комитет во селото;
- Ордан Ѓорев Кузманоски, роден во 1905 година во с.Дабница, земјоделец. Член на Воениот комитет на селото, помошник-комесар за снабдување;
- Алексо Стеванов Мазгалоски (Шаламаноски), роден во 1913 година во с.Дабница, земјоделец. Член на КПЈ, претседател на Воениот комитет во селото;
- Аце Димков Мрчески, роден во 1925 година, во с.Дабница, ученик. Член на СКОЈ во Прилепската гимназија, секретар на Воениот комитет во селото, курир на одредот „Димитар Влахов“. Тој е првата жртва на фашизмот како член на СКОЈ;
- Димко Тошев Мрчески, роден во 1894 година во с.Дабница, земјоделец. Татко на Аце Мрчески. Како кметски намесник во селото ги извршува одлуките на партиската ќелија и на Воениот комитет, наредбите на окупаторот ги саботирал и не ги извршувал;
- Гога Нунески, роден во 1898 година во с.Дабница, а живеел во Прилеп, земјоделец. НОБ ја помага морално и материјално. Особено се истакнува во пренесување прехранбени и други артикли од градот во селото за потребите на одредот „Димитар Влахов“. Брат на Андон и Атанас Нунески;
- Андон Нунески, роден во 1904 година во с.Дабница, земјоделец. Член на Воениот комитет на селото и помошник-комесар за снабдување. Брат на Гога и Атанас Нунески;
- Атанас Нунески, роден во 1912 година во с.Дабница, земјоделец. Активно ја помага НОБ, а бил и кандидат за член на КПЈ. Брат на Гога и Андон Нунески;
- Ордан Димков Паноски-Кабецот, роден во 1922 година во Прилеп, по занимање чевлар. Во работничкото движење бил вклучен уште пред војната;
- Андон Миланов Слабејкоски, роден во 1917 година во Прилеп, по занимање бербер. Во НОБ се вклучил во 1941 година;
- Сотир Ѓорев Сотироски-Џигиџик, роден во 1919 година во Прилеп, по занимање работник. Активно бил вклучен во НОБ;
- Киро Ѓорев Ќососки, роден во 1919 година во Прилеп, по занимање кројач. Како активист во НОБ повеќепати бил затворан и интерниран.
Во знак на сеќавање на масакрот
уредиБугарскиот полицаец Иван Стефанов Неделчев, учесник во дабничкиот масакар, згрозен од овој чин ја пишува песната со наслов „На хероите во Дабница“.[9]
Наводи
уреди- ↑ Судењата како последен пораз. Полог - Тетово. 1977. стр. 422. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 421 стр.
- ↑ 3,0 3,1 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 139. ISBN 9989-624-46-1. На
|first=
му недостасува|last=
(help) - ↑ Тачко Локвенец „Дабница“, Скопје, 1987, 26 стр.
- ↑ Ице Ацески – Рапеш „Нескршливите“, Прилеп, 1991, 81-83 стр.
- ↑ Извори за ослободителната војна и револуција во Македонија 1941-1945, Том I Книга втора. Скопје: Институт за национална историја. Декември. 1968. стр. 11–20. На
|first=
му недостасува|last=
(help); Проверете ги датумските вредности во:|year=
(help) - ↑ Ацески, цит. дело, 7 стр.
- ↑ Локвенец, цит. дело, 32 стр.
- ↑ „Дабничкиот колеж“ Архивирано на 4 март 2016 г., oldprilep