Владислав Петковиќ - Дис
Владислав Петковиќ - Дис (српски: Владислав Петковић - Дис; 12 март 1880, Заблаќе - 29 мај 1917, Јонско Море) — српски поет.
Животопис
уредиВладислав Петковиќ е роден во селото Заблаќе, во близината на Чачак. Тој имал брат, Михајло Петковиќ (кому му е посветена песната „Утринска идила“).[1] Во 1901 година, по неуспешното полагање на матурата во Заечар, се вработил како привремен учител во селото Прлита, на подножјето на Вршка Чука. Во 1903 година се преселил во Белград, каде добил ситна службеничка работа во општинската администрација, со задача „да ги премерува сливите“.[2] За време на Балканските војни, во текот на 1912 година, Дис бил воен известувач при Врховната команда на српската армија. Веќе следната година живеел боемски живот, поминувајќи го времето во „Позоришна кафана“ и „Код Добросава“. Дис живеел скромен, повлечен живот, имал малку пријатели и се одликувал со мало знаење, малку читал и, воопшто, не бил интелектуалец.[3] По избувнувањето на Првата светска војна, во 1915 година, заедно со српската војска, Дис се повекол низ Албанија, преминувајќи на Крф, а оттаму заминал во Франција, каде копнеел по семејството и татковината. Од тој копнеж произлегле песната „Меѓу своите“ (Meђу својима) и циклусот „Недовршени песни“ (Недовршене песме), во кој пее дека „за болка и љубов душата ми знае“, „...во туѓата земја страшно е прогонет да се биде“ и „веќе немам каде, умирам без лек“.[4] Таму, Дис добил тешко воспаление на белите дробови. На 29 мај 1917 година, на враќањето од Франција кон татковината, бродот „Италија“ бил торпедиран од страна на германската војска и Дис се удавил во Јонското Море. Кога неговото тело било извадено од морето, во неговиот костум ги нашле очилате и една драхма и половина.[5]
Творештво
уредиСвојата прва песна со наслов „Идила“, Петковиќ ја објавил на 1 јули 1903 година во „Српски книжевен гласник“ (Српски књижевни гласник) под псевдонимот ДИС, кој е преземен од средниот дел на неговото име ВлаДИСлав, иако постојат некои претпоставки дека псевдонимот е поврзан со „Пеколот“ на Данте, каде тој збор означува „град на болката“. Во 1905 година, Дис бил уредник на последните броеви на списанието „Книжевна недела“ (Књижевна недеља), а соработувал и со списанието „Нова искра“. Во 1911 година, на сопствен трошок, ја објавил збирката „Удавени души“ (Утопљене душе) за која познатиот српски критичар Јован Скерлиќ во „Српски книжевен гласник“ ја напишал најострата критика во својата кариера, нарекувајќи ја збирката лажен модернизам.[2][3] Во 1913 година, повторно како сопствено издание, ја објавил збирката со патриотски песни „Ние го чекаме царот“ (Ми чекамо цара) чие второ издание се појавило во 1914 година. Набљудувано во целината, оваа збирка денес е оценета како многу слаба, обилувајќи со празни и евтино патетични патриотски стихови.[3] Својата прва песна по заминувањето во Франција, со наслов „Меѓу своите“ (Међу својима) Дис ја објавил во 1916 година, во „Српски новини“ (Српске новине), а истата година ги напишал и „Недовршените песни“ (Незавршене песме).[5]
Критички осврт кон делото на Дис
уреди„Собраните песни“ на Дис се појавиле во 1921 година, во издание на „Напредок“ (Напредак), заедно со есеите-некролози кои ги напишале Бранко Лазаревиќ, М. Милошевиќ и други. Во 1929 година, во студијата „Матош - Дис - Тин Уевиќ“, Велибор Глигориќ ја дал првата позначајна рехабилитација на поезијата на Дис. Во 1939 година се појавила збирката „Песни“ (Песме), како 285. книга од 42. коло на „Српска книжевна задруга“ (Српска књижевна задруга), за која изборот го направил Божидар Ковачевиќ (кој го напишал и предговорот). Во 1956 година, во издание на „Нолит“, со предговор на Б. Михајловиќ - Михиз, бил објавен претставителен избор од поетското творештво на Дис. Подоцна, во 1960 година, издавачката куќа „Рад“ објавила избор од песните на Дис, во редакција на Зоран Гавриловиќ, а истата година, во издание на „СКЗ“ и „Матица српска“ се појавила збирката со целокупното творештво на Дис, во редакција на Божидар Ковачевиќ. Исто така, во 1964 година, во едицијата „Бразди“ (Бразде) на издавачката куќа „Просвета“, Миодраг Павловиќ објавил студија за Дис во својата книга „Осум поети“ (Осам песника).[6]
Од формална гледна точка, поезијата на Дис останала во рамките на дотогашниот стил на пеење. Дури и во таа смисла, неговите развлечени стихови ја немаат потребната прецизност и се одликуваат со ритмичка бавност и невоедначеност. Но, Дис продрел длабоко во субјективното и на тој начин ги отворил новите можности во српската поезија во поглед на содржината на песните, а тоа се „просторите на соништата“. Темниот свет што го носел во себе бил вистинскиот извор на поезијата на Дис, кој во српската поезија внел сосема нови тонови на краен песимизам кои пред него биле непознати. Дис се појавил во времето кога српската поезија го славела животот, а тој ја довикувал смртта; неговиот субјективен свет бил сè што имал, а во неговите стихови воопшто нема акција или бунт. Тој отфрлил сè и пеел само за себеси, постојано останувајќи во својата отуѓеност. Ако важи изреката дека поетите се големи деца, тогаш тоа сигурно важи за Дис, зашто тој ретко успевал да се крене на нивото на иронијата, а наместо тоа, во неговите песни постојано се меша пасторалата со најтешката горчина. Всушност, неговата поезија претставува непрекинат психички пораз во неговата борба со светот.[3]
Дис е еден од најтрагичните поети на љубовта во српската поетска историја. Тој пее од онаа страна на животот, тој се чувствува како да е надвор од светот и затоа во неговите песни љубовта има сосема невин карактер. Во неговата поезија, љубовта е само апстракција, ослободена од секаква конкретна содржина. Бидејќи постои само по себе, како етерична самосвест, како еманација што ја поседува суштината, но не и супстанцијата на љубовта, Дисовото љубовно искуство е внатрешно и затворено со границите на сопствениот трагичен субјект. Драмата во егзистенцијата на љубовта во поезијата на Дис започнува токму во неможноста на реалната љубов. Оттука, иако љубовта е централна тема во неговата поезија, Дис не е типичен љубовен поет, зашто тој го исклучува еротизмот од своите песни и, ослободена од еротското, неговата поетска душа секогаш се наоѓа на „престолот на соништата“, на тоа свето место каде што единствено е можна чистата љубов. Воопшто, емоциите на Дис секогаш се на границата на имагинарното, независно дали пее за мртвата сакана, за татковината или за семејството (трите големи поетски теми на Дис со нееднаква уметничка вредност). Иако транспозицијата на тие поетски мотиви не е секогаш голема, ниту возвишена, останува фактот дека Дис е најголемиот српски поет на одрекувањето од љубовта, и тоа во името на чистата љубов.[7]
Творечката имагинација на Дис била ограничена на само неколку основни мотиви и теми кои постојано варирале. Тој немал сили да се воздигне на степенот на интелектуален нихилизам, туку останал песимист-сонувач. Затоа, неговите песни се одликуваат со противречности: песимизам и оптимизам, иронија и банална идила итн. Неговите песни носат во себе различни степени на духовното расположение како одраз на судирот со светот во кој живеел. Тие расположенија се доказ дека се работи за невооедначен поет чија поезија осцилира, а во многу негови песни извира длабока монотонија. Таквата двојност може да се види во неговиот однос кон природата и кон општеството: Кога пее за природата, Дис е повоздржан, помисловен и помудар, а кога пее за луѓето, тој постанува нервозен и невоедначен. Тогаш, неговите стихови стануваат црни и горки, но уметнички послаби, со програмско-претерани слики. Но, дури и овој паралелизам во поезијата на Дис не е внатрешно компактен, бидејќи тие мотиви, набљудувани во целината, обично се слаби: некаде се среќава убав опис или убав љубовен стих, но тоа е сè. Во љубовните песни не успеал да извлече нешто подлабоко и посилно од вообичаените романтичарски изливи и невешта патетика. Неговата љубовна лирика станува силна и сугестивна само кога тој заронува во сплетот на неговите вообичаени идеи, т.е. во неговиот интимен свет.[3]
Дис не бил голем поет во смисла на крупна, блескава личност која неприкосновено се наметнува со својата појава. Светот на неговите поетски асоцијации е сиромашен, интензитетот на доживувањата е прилично низок, неговите песни се преполни со баналности и со романтичарска сентименталност, а стихот му е често извештачен. Но, токму интелектуалната невиност го спасила Дис од опасноста да потпадне под големо влијание на другите поети и да ја задржи својата особеност. Впрочем, во поесните во кои се чувствува дека Дис наслушнал за тогашната модерна поезија на сплинот тој е очајно слаб и извештачен.[8] Сепак, Дис останал запаметен како исклучително значајно име во српската поезија. Она што е потполно автентично во неговата поезија, а тоа е некоја песна, строфа или стих, претставува големо проширување на рамката во која била затворена српската поезија, голем пробив и негација на дотогашните строги мерки, како и посочување на нејзините идни развојни можности. Со тоа, Дис претставува појава која го означила настанувањето на еден нов поетски правец. Оттука, неговата вредност не е само историска, туку некои негови песни претставуваат трајна вредност во српската книжевност.[3]
Влијание
уредиДис извршил непосредно влијание или бил инспирација за повеќе поети. На пример, една песна на српскиот поет Миодраг Павловиќ е наречена „Дис“.[9]
Наводи
уреди- ↑ Vladislav Petković Dis. Beograd: Mlado pokolenje, 1971, стр. 26-27.
- ↑ 2,0 2,1 Vladislav Petković Dis. Beograd: Mlado pokolenje, 1971, стр. 75.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Зоран Гавриловић, „Владислав Петковић-Дис“, во: Владислав Петковић-Дис, Песме. Београд: Рад, 1960, стр. 5-19.
- ↑ Vladislav Petković Dis. Beograd: Mlado pokolenje, 1971, стр. 68-71.
- ↑ 5,0 5,1 Vladislav Petković Dis. Beograd: Mlado pokolenje, 1971, стр. 76.
- ↑ Vladislav Petković Dis. Beograd: Mlado pokolenje, 1971, стр. 76-77.
- ↑ Miodrag Jurišević, „O pesniku“, во: Vladislav Petković Dis. Beograd: Mlado pokolenje, 1971, стр. 5-7.
- ↑ Зоран Гавриловић, „Владислав Петковић-Дис“, во: Владислав Петковић-Дис, Песме. Београд: Рад, 1960, стр. 5-19.
- ↑ Miodrag Pavlović, Izabrane pesme. Beograd: Rad, 1979, стр. 105.