Бигорски манастир
Бигорски манастир Свети Јован Крстител (или Свештена бигорска обител) — манастир што се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште, по течението на реката Радика во Западна Македонија.[1]
Бигорски манастир | |
---|---|
Поглед на манастирот | |
Основни податоци | |
Место | Ростуше, Македонија |
Координати | 41°37′10.0524″N 20°36′29.6604″E / 41.619459000° СГШ; 20.608239000° ИГД |
Припадност | православие |
Епархија | Дебар |
Осветен | 1020 |
Водство | Дебарско-кичевска епархија |
Мреж. место | http://bigorski.org.mk/ |
Архитектонски опис | |
Завршен | XVIII век |
Историја
уредиСпоред Бигорскиот поменик, како и според записот на чудотворната икона на Свети Јован Крстител, манастирот бил основан од страна на монахот Јован Дебранин во 1020 година[2]. Во врска со постанокот на Бигорскиот Манастир, преродбеникот Јордан Хаџи-Константинов Џинот пишува:
„Во Дебар суштествува една велика обител, наречена Бигор, т.е. храм на ‘Светиот Претеча и Крстител Јован’... Тука има од 15 до 20 калуѓери, и непрестајно Му се служи на Бога бескрвна жртва. Оваа обител е ѕидана од царот Самоил… По паѓањето на бугарското царство оваа обител била запустена и разорена сè до темелите, а после биле обновена од многу работливите монаси“[3].
Ваквото известие на Џинот доаѓа веројатно од раширеното мислење дека Јован Дебарски бил близок роднина на царот Самоил. За тоа пишува и Г. Трајчев:
„Има луѓе кај нас, коишто допуштаат дека Јован произлегувал од родот на цар Самуил. Некои дури го сметаат Јована за најмалиот брат на Мојсеј , Арон, Давид и Самуил“. Но потоа заклучува: „Историјата, меѓутоа, не споменува за такво блиско сродство. Неосновано е, а следствено и недокажано таквото мислење“[4].
Освен во Поменикот, годината 1020 се спомнува уште и на самата чудотворна икона на Свети Јован Крстител, поточно на една плочка од сребрената кошула:
С(вя)тая и чудотворная егω икона с(вя)таго Иωана Пре(д)теча ωблече ся во время смїренаго игумена архимандрита Михаила и архимандрита Харитона сω братиями. 1885. Старата икона е ҂ a҃к (= 1020)[2].
Кога К. Балабанов во почетокот на 70-те години на минатиот век го извадил сребрениот оков од иконата, открил дека на неа пишува:
Поменї раба твоегω Їванъ монахъ[5].
Исто така, на украсниот поменик, кој е во форма на триптих и стоел во светиот олтар, на жртвеникот каде што се подготвува светата проскомидија, стои напишано:
„Лѣта ωтъ Хр҇ста ҂АѾЛД великїй и вѣчнїй поменикъ да помнуется на всякїй день“, и веднаш потоа: „Первий ктиторъ Іванъ монахъ“[6].
Во 1973 година, во храмот на Пресвета Богородица во с. Русјаци, Македонски Брод, била пронајдена една стара штампа, изработена со техниката бакрорез[7]. Таа била изработена во 1832 година од халкографот Теофил, монах до Света Гора, а по нарачка на тогашниот легендарен бигорски игумен Арсениј. На хартијата е изобразен ликот на Свети Јован Претеча, според оној на бигорската чудотворна икона, а под ликот има еден опширен текст, составен на 30 јануари 1831 година, којшто го пренесуваме во оригинал:
„ | †СЕЙ С(ВѦ)ТЫЙ ОБРАЗЬ Ч(ЕС)ТНАГѠ ІѠАНА ПРЕ(Д)ТЕЧИ, ИЗЪ ОБРАЖЕНЪ Ѿ Ч(ЕС)ТНІѦ И ЧОУДОТВОРНІѦ И САМОПРИШІѦ ЕГѠ ИКОНѢ, СІѦ ЧОУДОТВОРНАѦ И Б(О)ЖЕ(С)ТВЕНАѦ ИКОНА, С(ВѦ)ТАГѠ ІѠАННА ПРЕ(Д)ТЕЧИ, САМА ПРИШЛА, НАМѢСТѢ СЕМЪ л҃г ЛѢТА СЕДАЛА НАМѢСТѢ СЕМЪ БЕЗЪ ПОКРОВА И ПОДЪ НЕѦ ИСКИТѢЛЪ ИСТОЧНИКЪ ВОДИ ПРИСЛАДКЇѦ, И ПОТОМЪ ИЗЪѠБРѢЛЪ Ю НѢКЇЙ ХР(ИС)ТОЛЮБИВЫЙ МОНАХЪ НАРИЦАЕМИ ИВАНЪ, И СОГРАДИЛАСѦ МАЛАѦ Ц(Е)РКОВЪ И СОБРАЛЕСѦ МНОГОУ ПОСТНИЦИ, ВО ЛѢТА Ѿ ХР(ИС)ТА, а҃к, НЫНѢ СО БОЖЇЮ ПОМОЩЪ ѠГРАДИСѦ ВЕЛИКЇЙ МОНАСТИРЪ И Ц(Е)РКОВЪ НОВАѦ СО МНОГЇА ПАЛАТИ И ПРЕКРАСНАѦ ТРАПЕЗАРЇА, ВТОМЪ ВРЕМѦ ѠБРѢТЕСѦ КТИТОРЪ СМИРЕНЇЙ ИГОУМЕНЪ АРСЕНЇѦ АРХИМАНДРИТА С БРАТЇАМИ. ВО ЛѢТА Ѿ ХР(ИС)ТА а҃ѿла. М(ЕСЕ)ЦА ЇАНОУАРЇА л҃ ДЕНЪ. ИЖЕ ВО ДЕБРЪСКОЙ ЕПАРХІЙ ѠБРѢТАЕТСѦ МОНАСТИРЪ С(ВѦ)ТАГѠ ІѠАННА ПРЕ(Д)ТЕЧИ ОУСЕКНОВѢНЇЕ[6]. | “ |
Во XVI век манастирот бил целосно разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс не останало ништо. Од помениците, исто така, се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време[8]. Впрочем, низ сета историја на манастирот, како негов градител и возобновител се јавува месното македонско население, од областите на Река и Дебарско.
Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.[1]
- Цркви[9]
- Црква „Св. Јован Крстител“ — главната манастирска црква;
- Благовештение на Пресвета Богородица — параклис;
- Св. Никола — параклис;
- Св. Георгиј Кратовски — параклис;
- Св. Серафим Саровски — скит;
- Конаци
Општи информации
уредиМонашко братство
уредиМонашкиот живот во манастирот е обновен во 1995 година, со доаѓањето на сегашниот игумен Епископ Антаниски г. Партениј. Новиот игумен г. Партениј го затекнал Манастирот духовно замрен, пуст и оставен на забот на времето и уште од самиот почеток се соочил со многубројни тешкотии, при повторното духовно заживување на ова светилиште. Но, свесен дека за монахот вистинската Божествена љубов се наоѓа во болката за спасението на својата душа и во болката за спасението на целиот свет, тој се определил да им служи на другите, и покрај големите искушенија. Знаејќи дека духовната обнова на секој Манастир започнува, пред сè, со обновата на литургискиот живот, игуменот г. Партениј го вовел редовниот деноноќен, седмичен и годишен богослужбен круг, според типикот на светата православна Црква, којшто вклучува: вечерна, повечерие, полуноќница, утрена, часови, Божествена Литургија и останатите богослуженија. Секако, посебен и најдрагоцен Божји дар и благослов за нашата Свештена Обител е обновата на православното старчество, коешто е венец на духовниот подвиг. Духовното раководство на старецот, преку светите тајни исповед, покајание и причест, е срце на духовниот живот, од коешто исходи божествената воскресенска благодат, што ги преобразува душите на луѓето. Сето тоа привлече голем број верници, кои, заедно со возобновеното општежително монаштво, станаа дел од духовната преродба што ја зафати и целата наша Татковина. Така, манастирот и денес, како грижлива и чедољубива мајка, повторно ги повикува сите свои чеда и, подобно на коработ на праотецот Ное, ги отвора своите врати за да ги спаси верните од духовниот потоп. Секој што доаѓа овде е повикан да стане сопричесник на оваа духовна средина, каде што царува главата – Христос и каде што слегуваат Неговите прославени членови – Светиите, за да заедничарат со верните во Божественото богослужение[10].
Денес братството брои околу 30 монаси, кои живеат според општежителните правила на Света Гора Атонска.
Братството на манастирот традиционално го чува Мијачката гарда, која е облечена во посебни свечени костими од овој крај.
Празнувања
уредиГлавниот празник на манастирот, манастирската слава, е Отсекувањето на главата на свети Јован Крстител, на 29 август по стар стил, односно 11 септември по нов стил и другиот втор празник е Раѓањето на свети Јован Крстител, на 23 јуни/7 јули. Други помали слави се Споменот на чудото на пресвета Богородица со иконата „Достојно е“, на 11/24 јуни. Освен тоа, торжествено се слават и празниците и Рождеството Христово, Успение на Пресвета Богородица на 15/28 август, именденот на игуменот Епископ Партениј, на 07/20 февруари, а особено торжествено се празнува Воскресението.
Иконостас
уредиВнатрешното уредување и декорација на црквата го започнал Игуменот Арсениј уште во 1810 г. До крајот на својот живот, игумен Арсениј ќе стане најзаслужен за ангажирањето на иконописци и зографи.
Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм, е секако прекрасниот и единствен од ваков вид во Православието – иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои, по својата вештина на обработка на дрвото, останале ненадминати и до ден денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835-та год.
По својата архитектоника тој е сличен на двокатните иконостаси, што најпрво ги среќаваме на Атос (Света Гора), а потоа и по целиот Балкански Полуостров. Желбата на Арсениј била – иконостасот на манастирот да биде еден од најубавите до тогаш. Затоа решил да ги ангажира најдобрите мијачки копаничари и најдобрите зографи за тоа време, што придонело иконостасот да ги надмине сите други со својата уникатност. Тоа го потврдува и Дамјан Арсов, некогашен жител на Дебар, кој во 1895 г. изјавил дека како иконостасот во Бигорскиот манастир немало ни на Света Гора, а ја обиколил сета.
Она што го прави единствен и неповторлив иконостасот, е употребата на човечката фигура. Тука мијачките копаничари ја покажале сета своја вештина, сместувајќи, на релативно мал простор, значителен број на сцени од Стариот и Новиот завет. Овие сцени се прикажани на таков начин, што ни се пренесува драматичноста на целата ситуација, како да е жива и реална, како да се одвива пред нашите очи.
Покрај човечката фигура, во декорацијата на иконостасот присутни се и разновидни животни, како и цветни мотиви. Сиот тој сплет е остварен во една пријатна хармонија, преку претходно изготвениот цртеж – план на мијачките резбари. Нивната стрпливост да длабат во дрвото и на толку мал простор да изрезбаат толку голем број на сцени од Светото Писмо, буди вистински восхит кај луѓето. Тоа што го создадоа овие резбари не можеме да го сретнеме ниту на Света Гора, ни кај епирските резбари, а најмалку кај резбарите од Балканските резбарски школи.
Иконостасот е прилагоден на димензиите на црквата. Затоа овде се наоѓаат три реда икони, што е редок случај, бидејќи почесто се среќаваат иконостаси со само два реда икони. Налик е на светогорските иконостаси од XIX век, со централно поставени царски двери и два странични влеза, на јужната и северната страна. Царските двери се двокрилни и богато исполнети со резби и иконопис со претстава на „Благовештение“. Покрај „Благовештението“, мајсторите резбари изработиле уште една композиција од животот на Христа, потоа едно од неговите чуда – Исцеление на слепиот, како и „Истерувањето на трговците од храмот“.
Резбаните правоаголни табли под престолните икони се најубавиот дел на иконостасот во Бигорски. На овие табли е потврдена виртуозноста на мијачките копаничари, нивната недостижност во резбарството. Тука, на овие простори, каде се претставени повеќе од петстотини човечки и околу двесте животински фигури, илустративно е претставен Стариот и Новиот завет. Од Стариот завет се издвојуваат: „Жртвата Авраамова“, „Првиот грев“ и „Прогонувањето на Ева и Адам од рајот“, „Каиновото убиство“ и др. Новиот завет започнува од втората табла, со животот на Богородица. Мијачките копаничари од тајфата на Петре Филиповски кои работеле на иконостасот, како да сакале да ја искажат сета своја благонаклоност и почит кон Божјата Мајка – Богородица, изработувајќи четиринаесет сцени од нејзиниот живот. На втората табла централното место го зазема Богородица со Христос. Лево од неа е „Благовештението“, а на десната страна карактеристично е „Поклонението на тројцата источни цареви“, кои носат дарови и се поклонуваат пред Богородица. Тука доста импресивно е прикажано и „Бегството на Богородица во Египет“. Во изразот на лицата од оваа сцена, предаден е психолошкиот елемент во драмата што ги снашла витлеемските деца, заклани по наредба на царот Ирод.
На следните табли прикажан е животот и страдањата на нашиот Господ Исус Христос. Централно е претставена „Тајната вечера“, лево е „Јудиното предавство“ и „Молитвата во Гетсиманската градина“, а на десната половина продолжуваат композициите: „Патот на Голгота“, „Неверен Тома“, „ Христос пред Пилат“ и др.
Под престолната икона на Св. Јован Крстител се претставени повеќе сцени од неговиот живот. Тука се прикажани „Рождеството на Св. Јован“, „Роденденот на Ирод“, „Танцот на Саломија“ и др., меѓу кои најубаво е претставено „Отсекувањето на главата на Претечата“.
На просторот под престолната икона „Собор на апостолите“ резбарите, на свој начин, ја прикажале истата ова икона во резба. Тука Христос е претставен меѓу апостолите со макета на црквата, што ја држат два ангела, со апостолите Св. Петар и Павле во преден план, како основачи на Црквата. Всушност, сите икони имаат свои паралелни претстави во резба, кои се наоѓаат веднаш под нив.
Најгорниот дел од иконостасот е еден од најимпресивните и него го красат големиот крст од Распетието Христово и неговите придружни делови. Ваквиот крст е честа појава кај резбаните иконостаси во поствизантискиот период, особено во XVII, XVIII, и XIX век и претставува символ на верата, спасението и победата. Ламјите што се претставени во подножјето на крстот, го симболизираат злото победено од Христа.
Икона на Свети Јован Крстител
уредиПокрај иконостасот, манастирот е познат и по иконата на Св. Јован Крстител за која се верува дека има чудотворна моќ. Според преданието, иконата ја нашол монахот Јован во 1020 година. Таа сама дошла до местото каде што подоцна бил изграден манастирот и лебдела над изворите на реката Радика. Во XVI век, во времето на султанот Селим II, Османлиите го запалиле манастирот, а иконата мистериозно исчезнала за потоа, уште помистериозно да се врати неоштетена. Во манастирските списи е запишано дека иконата на свети Јован Крстител 35 години не била заштитена и дека дури во 1885 година иконата е обложена со сребрен оклоп. На иконата Јован Крстител е претставен како светец-трирачник. Се верува дека лотретата рака е благосвувачка и дека иконата им помага на родителите кои не можат да добијат деца.[1]
Икона „Достојно ест“
уредиОд северната страна на солеата милува благиот лик на Пресвета Богородица. Оваа нејзина икона е верна копија на иконата Достојно ест, најголемата Светогорска светиња. По особена желба и заложби на Епископ г. Партениј, во 2009 година таа беше изработена и донесена во Манастирот откако се благослови кај оригиналната на Света Гора.
Легенда
уредиСпоред легендата, некој бег од Албанија во текот на XVI век дошол во манастирот на поклонение. Наредната година тој добил син и сиот свој имот му го подарил на Свети Јован. Тој ветил и дека ќе праќа маслиново масло во манастирот зашто такво масло се произведувало на неговиот имот. Денеска месните жители сметаат дека на имотот на бегот постои табла на која е испишано името на светецот.
Свети мошти
уредиВо наосот, во големиот кивот изработен во 1834 година по нарачка на игуменот Арсениј, има делови од моштите на:
- Св. Марина
- Св. Петка
- Св. Евстатиј
- Св. великомаченик Пантелејмон
- Св. Јаков брат Господов
- Св. Јован Крстител
- Св. Трифун
- Св. Харалампиј
- Св. Кирик и Јулита.
Моштите биле донесени од Цариград, од страна на Хаџи Наќе од Белчица, во 1820. Во кивотот, исто така, е вградена честичка од чесниот крст, донесена во 2000 година.
Во олтарот се чуваат и мошти на:
- Св. Агатангел Битолски
- Св. Климент Охридски
- Св. Климентиј Римски
- Св. Серафим Саровски
- Св. Јован Руски
- Св. Варвара
- Св. Лазар Четиридневен
- Св. Јован Шангајски
- Св. Стефан Првомаченик
- Св. Нектариј Егински
- Св. Николај Мирликиски
- Св. Бонифациј од Фулда
- Св. ап. Лин (еден од седумдесетте апостоли)
- Св. Јоаким (татко на Пресвета Богородица)
- Св. Ана (мајка на Пресвета Богородица)
- Св. Ирина
- Св. Екатерина
- Св. Јосиф Исихаст
- Старец Ефрем Катунакиски
- Св. Јаков Хаматурски
Параклиси
уредиМетоси и скитови
уредиМанастирски комплекс
уредиВо манастирскиот комплекс има отворено „Галерија на икони“. Во галеријата има изложено околу седумдесетина икони и истите датираат од XII век, XIII век и XIX век. Галеријата започнала со икони од првата половина на XVII век, и се проследени со Христовиот живот од благовештението, од рождеството, крштевање Христово, преображение, влегувањето во Ерусалим, распнувањето, воскресението, вознесението и успението на Пресвета Богородица.
Во притворот на црквата во 1871 година се наоѓале фреските на Св. Климент Охридски, Св. Наум, Св. Јован Владимир, Свв. Кирил и Методиј, Св. цар Борис и Св. цар Иван Шишман Бугарски.[11] Според бугарскиот новинар Светослав Терзиев, денес имињата на бугарските владетели Борис и Иван Шишман се преправени во Стефан Дечански и Лазар Хребељановиќ, за време на српската управа на Македонија 1913-1941 година.[12]
Во манастирот Бигорски има остатоци од црквата што потекнува од XVI век, односно од XVII век и XVII век, од која сè уште се чуваат големите икони. Најстарите, поточно од XVI век се реставрираат во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.
Занимливости
уредиВо комплексот на манастирот се снимени делови од македонскиот филм „Мис Стон“. На 15 април 2022 година, под режија на Илија Ико Каров, бил издаден филмот насловен „1000 години Сведок на Светлината“, посветен на јубилејот на манастирот. Во него е прикажан монашкиот живот на Светата Бигорска обител.[13]
Пожарот во манастирот
уредиНа 30 септември 2009 година, во манастирскиот комплекс избувнал пожар при што целосно изгорел стариот конак, горниот палат, две трпезарии, гостинската просторија, кујната, библиотеката и монашките живеалишта.[14]
Библиотека
уредиМанастирот е дом на бројни значајни македонски средновековни црковни текстови, како што се:
-
Четвороевангелие од 14 век.
-
Помник од 14 век.
Свети Јован Бигорски како мотив во уметноста
уреди- „Натпис на чешмата во Јован Бигорски“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески од 1988 година.[15]
Галерија
уреди-
Манастир Свети Јован - Бигорски
-
Конакот во манастирот
-
Конаци во манастирот
-
Конаците и црквата
-
Иконостасот во црквата
-
Икона на Свети Кирил и Методиј
-
Икона на Стефан Дечански
-
Исус Христос
-
Дел од иконостасот.
-
Олтарот
-
Поглед кон црквата
-
Поглед кон комплексот од самиот влез
-
Храмот „Св. Серафим Саровски“ - скит на Бигорскиот манастир
-
Разгледница од манастирот Св. Јован Бигорски, стара
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 „Манстир Јован Бигорски“. Архивирано од изворникот на 2008-12-29. Посетено на 2009-08-11.
- ↑ 2,0 2,1 Бигорски (Деловски), Јеромонах Кирил (31.08.2020). „Јован Дебранин како Архиепископ Охридски и прв ктитор на Свештената Бигорска Обител“. Бигорски Манастир. Посетено на 31.12.2022. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=, |date=
(help) - ↑ Хаџи-Константинов Џинот, Јордан (1.01.1859). „Статистическо описание на Дебрска река в Стара Болгария“. Цариградски вестник. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Трайчевъ, Георги (1941). Книга за Мияцитѣ (Историско-географски очеркъ). София. стр. 14–15.
- ↑ Балабанов, Коста (1975). „Дали е оправдано основањето на Бигорскиот манастир и сликањето на иконата посветена на Св. Јован да се поврзуваат со 1020 година? И неколку други прилози кон проучувањето на Бигорскиот манастир“. Културно наследство, VI, (одделен сепарат): 94.
- ↑ 6,0 6,1 Бигорски (Деловски), Јеромонах Кирил (31.08.2020). „Јован Дебранин како Архиепископ Охридски и прв ктитор на Свештената Бигорска Обител“. Бигорски Манастир. Посетено на 31.12.2022. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=, |date=
(help) - ↑ Балабанов, Коста (1975). „Дали е оправдано основањето на Бигорскиот манастир и сликањето на иконата посветена на Св. Јован да се поврзуваат со 1020 година? И неколку други прилози кон проучувањето на Бигорскиот манастир“. Културно наследство, VI, (одделен сепарат): 94–95.
- ↑ „Бигорските стари игумени“. Бигорски Манастир. Посетено на 31.12.2022. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help) - ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „За Манастирот“. Бигорски Манастир. Посетено на 31.12.2022. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help) - ↑ Иванов, Йордан, „Български старини из Македония“, 1908, 1931 (фототипно изд. С., 1970, .djvu формат), стр.85
- ↑ Терзиев, Светослав, „В Македония по дирите на научното разузнаване“, в. „Сега“, 09.9.2006 г. [1] Архивирано на 15 август 2009 г.
- ↑ „Премиера на документарниот филм за Бигорски манастир „1000 години-Сведок на светлината"“. Mkd.mk. 16 април 2022. Архивирано од изворникот на 2022-09-20. Посетено на 18 септември 2022.
- ↑ Извештај од А1: Пожар во манастирот Св. Јован Бигорски
- ↑ Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 26.
Надворешни врски
уреди„Бигорски манастир“ на Ризницата ? |
- † Бигорски манастир — официјално мрежно место
- БИГОРСКИ Е ПОВЕЌЕ ОД МАНАСТИР[мртва врска] - репортажа на Утрински Весник (18 април 2014)
- Манастир „Свети Јован - Бигорски“ Архивирано на 29 декември 2008 г.
- Свети Јован Бигорски, видео