Арсениј Бигорски
Арсениј Бигорски (род. Димевски[1]; ок. 1770 - 27 јуни 1839)[2] — истакнат македонски духовник и преродбеник од почетокот на XIX век, архимандрит, игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Претеча“. Под неговото водство манастирот достигнал завиден расцут.[1][3]
Архимандрит Арсениј Бигорски | |
---|---|
Арсениј Бигорски насликан од зографот Михаил Самарински | |
Роден(а) | Арсениј Димевски ок. 1770 Галичник, Македонија |
Починал(а) | 27 јуни 1839 |
Националност | Македонец |
Образование | Ќелијно училиште на Бигорскиот манастир |
Вероисповед | православие |
Потпис | |
Животопис
уредиАрсениј е роден кон крајот на XVIII век во Галичник, во семејството Димевци. Учел во ќелијното училиште на Бигорскиот манастир, тогаш предводен од игуменот Митрофан Бигорски.[4] Во 1807 г. е назначен за игумен на манастирот.[3]
Под неговата управа, манастирот се претворил во духовен центар на христијанските села од Мијачијата и стожер на сиот општествен живот.[4] Во седмата година од неговата управа, во 1814 г. Арсениј ја започнал изградбата на конакот од североисточната страна, познат како Горни Палат. Во овој комплекс се наоѓаат монашките ќелии и игуменската одаја. На 12 април 1820 г. почнала да се гради манастирската трпезарија, сочинета од приземје и два ката.[4] Трапезаријата е целосно насликана.[3]
Арсениј порачал од Елбасан балдахин за олтарот на католиконот (главната црква),[1] а во 1834 г. платил за резбите за иконостасот — дело на прочуената тајфата на Петре Филиповски - Гарката, едно најубавите примери на македонското копаничарство, работено од 1830 до 1835 г. Порачал и свеќници за црквата од Зографскиот манастир.[1] Уредил и султански ферман за Реканската каза, со кој им се забранува на месните власти да го попречуваат биењето на камбаните.[1]
Во 1833 г. по порачка на Арсениј е изработен и големиот кивор на манастирот — една од неговите светињи. Киворот претставува заедничка работа на зограф, копаничар и златар. На надворешноста на капакот, на медалјон од ковано сребро е претставено Распетието со Богородица и Свети Јован Крстител. Од внатре тој е насликан од зографите Михаил и Даниил со ликовите на светците чии мошти се вградени во киворот. Истите светци се претставени и во сребрена гравура внатре во самиот кивор.[5]
Истата година Арсениј купил маслинови насади во Елбасан, куќа во Гостивар, вложил во манастирскиот метох во Рајчица со купување на лозје, градини, изградба на чешми и поправка на дворот.[4] На манастирскиот имот во 1835 г. е изграден храмот „Св. Ѓорѓи Победоносец“,[3] направена е маѓерница (кујна) и конакот е обновен од темел.[1] Набавил чифлик во селото Небрегово, Прилепско, како и црковни предмети и недвижен имот во Требиште. Направил особени напори за збогатување на манастирската библиотека.[4]
Во 1837 почнал да негува врски со Кнежевството Србија, добивајќи од кнезот Милош Обреновиќ пари и камбана. Подоцна манастиро се здобил со втора камбана.[1]
Умира на 27 јуни 1839 година.[4]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Јеромонах Доситеј (Талески) (2015). Игумените на Бигорскиот Манастир „Свети Јован Крстител“ – В: Бигорски Манастир – 20 години возобновено монаштво (PDF). Бигорски манастир. стр. 346.
- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Арсениј“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 83. Text "series " ignored (help)
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 „Бигорските стари игумени“. Бигорски манастир. Посетено на 13 ноември 2017.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 „Столб на македонската преродба“. Бигорски манастир. Посетено на 10 април 2015.
- ↑ „Светињи на Бигорскиот манастир“. Бигорски манастир. Посетено на 31 август 2018.
Надворешни врски
уреди- Благиот и благодатен монашки лик на славниот Бигорски игумен – ктитор, архимандрит Арсениј. Бигорски манастир, 27 јуни 2014
- Одбележан јубилејот за архимандрит Арсениј Бигорски († 1839). Бигорски манастир, 27 јуни 2014
- Пронајдено историско писмо на славниот бигорски игумен, Архимандрит Арсениј. Религија.мк, 21 декември 2017
Духовни титули | ||
---|---|---|
Претходник Митрофан |
Игумен на Бигорскиот манастир 1807 – 27 јуни 1839 |
Наследник Јоаким |