Отсекување на главата на Св. Јован Крстител — еден од големите 15 христијански празници од есенскиот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 29 август, односно на 11 септември по стариот календар. Овој празник е познат под различни имиња како:Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен, некаде едноставно само Отсечение или Опсечение. Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за строг пост.

Отсекување на главата на Св. Јован Крстител
Отсекување на главата на Св. Јован Крстител
Слика на Отсечението од 1637 година. Дело на Џузепе Леонардо
Го празнува(ат)Христијанските и нехристијански земји
Видхристијански
ЗначењеДен на отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител
Датум29 август / 11 септември
Обичаиобредно пеење, ритуали
Главата на Јован Крстител на мозаик во „Св. Троица“ во Радовиш

Житие

уреди

Јован Крстител или Јован Претеча (хебрејски: יוחנן המטביל, Yoḥanan ha-mmatbil, арапски: يحيى Yahyá или يوحنا المعمدان Yūhannā al-maʿmadān, Арамејски јазик: ܝܘܚܢܢ Yoḥanan)[1] — важен светец во христијанството, братучед на Исус Христос според евангелието на Лука и човекот којшто Го крстил во реката Јордан. Со оглед дека оваа главна улога на Свети Јован се остварила на денот на Богојавление (19 јануари), древната Црква денот по Богојавление му го посветил на неговиот спомен. Јован Крстител најверојатно имал голема улога во првите векови во христијанството, а според некои тој дури бил и поголем број на верници. Денеска, во христијанството Јован се смета за светец и маченик. Во исламот е познат како пророк Јахја ибн Закарија. Медејците пак го сметаат за единствен и вистински месија.

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римското Царство го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Тоа бил синот на стариот Ирод, оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем во времето кога требало да се роди Исус Христос. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета. Но тој, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал:

Не ти личи да ја земеш жената на брат ти

Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети. Еднаш кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада која што со својата игра толку го занесла Ирода што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде сè што ќе посака дури и да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка што долго го чекала овој час веднаш и рекла да ја побара главата на Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирода тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни. За кусо време девојката ја имала на послужавник глава на Свети Јован која ја предала на својата мајка. Според преданието, телото на Јован го зеле неговите ученици и го погребале, а главата ја зела Иродијада, која ја закопала во дворецот на Ирод, плашејќи се наводно да не може да воскресне Јован. Евангелистот Лука, кој посакал да го пренесе Јовановото тело од Севастија, во којашто големиот Пророк бил убиен од царот Ирод во Антиохија, родното место на Св. Лука, успеал да ја пренесе само едната рака на Свети Јован, којашто во Антиохија била чувана до 10 век. Потоа била пренесена во Цариград, но во времето на Турците исчезнала оттаму. Според преданието, во следните години, некој богат човек се замонашил во Елеонорската гора, па по неколку години сакал да прави своја ќелија на местото во дворецот. По започнување на ископувањата, тој ја пронашол главата на Јован. За раката на светителот се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архијерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.

Славење

уреди

Во Македонија

уреди

Значењето на Свети Јован Крстител. неговиот голем култ воопшто во христијанскиот свет оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ. Па така, како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни, селски или поголеми свечености, со заеднички гозби (ортии) и сл. Народот на овој пост држи строг пост, не јаде не само мрсно, туку и риба и зејтин. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други производи со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот. Според фолклористот Марко Китевски, Св. Јован Крстител е значаен во народот и поради тоа што тој се поврзува со кумството и побратимството, бидејќи според народните преданија, кога светците ги делеле функциите, на Св. Јован му се паднале кумството и побратимството.[2]

Гевгелиско

Овој празник е познат како Св. Јуван Посни и го сметале за тежок празник кога не смеело да се шие и да се пере облеката на децата. Тој ден, свештеникот одел по куќите и светел вода. Постарите жени тој ден додека не го бакнеле крстот и леб не јаделе. Утрото, домаќинката со српот сечела трева од која одбирала три страка коприва, ги врзувала со црвен конец и ги обесувала над влезната врата. За здравје на кровот ставале црвена преѓа.[2]

Охридско

Ефтим Спространов запишал:

„Имало некој цар и сакал да се женит за снаа си. Свети Јон не го остал и многу зборвел, за да не се сторит таква страмота. Тога царот го затворил во апцаана и го држел таму. Оваа снаа му – имала една ќерка ногу лична. Цароф је викнал еднуш да му поиграт едно оро – да му се покршит како ченѓија и је рекол: Ќе ти дам што ќе сакаш- едно царство да ми посакаш и то ќе ти дам”. Момичката отишла и је казала на мајка си. Та бидеешчем била лута на Свети Јона је рекла на ќерка си: Поиграј му и ко ќе ти речит, што сакаш да ти дам, ти да му речиш: Од Свети Јона глаата.” Оваа момичкава била ногу аџамија. Ко је рекол: Шо сакаш да ти дам, та му рекла: Од Свети Јона глаата. Не знаела клетата зашчо је рекла така мајка је. Тогај царот пратил џељати и на саатот му је пресекле. Во тепчишче је клале и је занесле горе. Е ама на Свети Јон веднуш му порасла друга“.
Велешко

Во регионот на Велес овој празник се нарекува „Црн свети Јован“ и на него, како и низ сите денови од седмицата не се крое и шие никаква облека, бидејќи се сметало дека кој ќе ги облече ќе биде погоден од несреќи (ќе се намери).[3]

Србија

уреди

Во Херцеговина, на овој посен ден, луѓето не работат понапорна работа, а особено внимаваат да не прават ништо во врска со семиња, па дури и се обрнува внимание на тоа на кој ден е паднат празникот, па ако тоа е понеделник, на пример, тогаш секој понеделник од годината треба да се избегнува справувањето со семе . Во некои села се договарале со орање да се почне ден по празникот, и се одредувало и кој прв треба да почне.

Во Шумадија исто строго се пости, не се работаат понапорни работа и се смета дека овој ден е добар да берење на лековити билки. На овој ден децата не трба да јадат домати, праски, јаболка и ништо со црвена боја. Само жените работаат со семе, кое го оставаат за следната година.

Наводи

уреди
  1. Wetterau, Bruce. World history. New York: Henry Holt and company. 1994.
  2. 2,0 2,1 „На Свети Јован Отсечен не се јаделе ниту домати оти потсетувале на крвта на светителот“, Дневник, година XIX, број 5862, петок, 11 септември, стр. 32.
  3. СбНУ, ХІ, 85.

Надворешни врски

уреди