Проскомидија[1][2] (грчки: προσκομιδή - принесување) — прв дел од светата литургија.

Свети Василиј - Охрид

Проскомидијата потекнува од обичајот на старите христијани да принесуваат леб, вино и сè што е потребно за службата на литургијата. Самиот леб, што се користи во неа, се нарекува просфора (поскура), што значи: принесување. Лебот (поскурата) мора да биде квасен (нараснат), чист, пченичен. Самиот Исус Христос зел квасен леб за да ја усоврши светата тајна на причестувањето.

Поскурата е тркалезна и се состои од два дела кои ги симболизираат двете природи на Исус Христос - божествената и човечката. На горната страна на поскурата има печат со прикажан крст и во неговите агли - почетните букви од името на Христос Спасителот: ИС. ХР и грчките зборови: НИ-КА; што значи: Исус Христос победува. Виното за причест е од грозје, црвено, бидејќи црвената боја ја претставува бојата на крвта. Виното се меша со вода како сеќавање на фактот дека од прободеното ребро на Исус Христос на крстот течело крв и вода.

За проскомидијата се употребуваат пет поскури во спомен на тоа како Христос на чудесен начин нахранил повеќе од пет илјади луѓе со пет леба, а овој настан му дал повод на Исус Христос да го поучи народот за духовната ситост и за нераспадливата, духовна храна, која се подава во тајната на светата причест (Јован 6: 22-58). За самото причестување секогаш се користи една поскура (Агнец), според зборовите на апостол Павле: „Еден леб, а ние многу сме едно тело; зашто сите ние се причестуваме од еден леб“ (1. Кор. 10:17), и според нејзината големина, поскурата треба да одговара на бројот на причесниците.[3]

Редослед на проскомидијата

уреди

Подготвувајќи се за службата на литургијата, свештеникот и ѓаконот ги читаат таканаречените „исходни“ молитви пред затворените царски двери и се облекуваат во олтарот во свештени одежди. Потоа свештеникот оди кон жртвеникот, го благословува почетокот на проскомидијата, ја зема првата поскура и со копје ја дели на три крста, велејќи: „Во спомен на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос“. Од таа поскуфа свештеникот со копје ја изрежува средината, во облик на коцка, изрекувајќи ги зборовите на пророкот Исаија: „Како овца ќе го одведат на колење и како Јагне не ја отвори устата своја пред оние што го стрижат. Во Неговото смирение беше донесен Неговиот суд, и кој ќе го објави Неговото потекло? (Ис. 53, 7-8). Овој коцкест дел од поскурата се нарекува Агнец (Јован 1:29) и се остава на дискосот. Потоа, свештеникот крстообразно го пресекува Агнецот од долната страна со зборовите: „Тој се принесува како жртва на Јагнето Божјо, кое ги зема гревовите на светот“, и ја прободува десната страна на Агнецот со копје, изговарајќи ги зборовите на евангелистот: „Еден од војниците му ги прободе ребрата со копје и веднаш излезе крв и вода (Јован 19:34), а тој што виде - посведочи, и све­доштвото му е вистинско; и знае дека ја кажува вистината, за да поверувате вие.“ (Јован 19:35); слично на тие зборови, во чаша (путир) тура вино измешано со вода.

Од друга поскура , наречена „Богородичина“, свештеникот зема една честица во чест наБогородица и го става на десната страна на Агнецот на дискосот. Од третата поскура се земаат девет честици во чест на светите: Јован Крстител, пророците, апостолите, светителите, мачениците, преподобните, бесребрениците, богоотците Јоаким и Ана и светителите чија литургија се служи (Св. Василиј Велики или Св. Јован Златоуст). Овие честици се поставуваат на левата страна на Агнецот на дискосот, по три честици во ред. Од четвртата поскура се зема честица за живите и се става под Агнецот на дискосот; од петтата - за мртвите и се става под честицата извадена за живите. На крајот, од поскурата се вадат честици кои ќе им бидат дадени на верниците; истовремено се чита пригодното „сеќавање“ за здравје и спасение на живите и за упокојување на починатите Божји слуги; честиците од овие поскури се поставуваат заедно со честиците извадени од четвртата и петтата поскура.

На крајот од проскомидијата, свештеникот го благословува кадилото со темјан и окадувајќи ја ѕвездата, ја става над Агнецот и честиците, за да ги зачува во ред, ги покрива дискосот и путирот со две неголеми покривки, а одозгора со уште еден малку поголем, наречен „воздух“, кади пред даровите и го моли Господа да ги благослови принесените дарови, спомнувајќи ги понудените дарови, за кого се принесени, како и да го направи достоен за свештенодејство на божествените Тајни.

Употребените свештени предмети користени за време на проскомидијата и чиновите имаат симболично значење: дискосот ја претставува и Витлеемската пештера и Голгота, ѕвездата - Витлеемската ѕвезда и Крстот, покривките - породилни пелени, пелени и плаштеница, што биле во гробот на Исус Христос, путирот - чашата, во која свештенодејствувал Исус Христос, подготовка на Агнецот - судот, страдањето и смртта на Исус Христос, и неговото прободување со копје - прободување, што го направил еден од војниците. на неговото тело. Соединувањето на сите честици во одреден редослед на дискосот ја означува целата црква Божја, чии членови се: Божјата Мајка, ангелите, сите свети Божји угодници, сите верници христијани - живи и мртви, а нејзината глава - самио Господ нашиот Спасител. Кадењето го претставува осенувањео на Светиот Дух, чија благодат се појавува во тајната на причестувањето.[4]

Доколку служат неколку свештенослужители, само еден ја врши проскомидијата; другите имаат право да кажат имиња за живи и упокоени членови на Црквата при вадењето на соодветните честици.

Наводи

уреди