Азурен Брег

француска ривиера, средоземниот брег на Франција
(Пренасочено од French Riviera)

Азурен Брег (француски: Côte d'Azur) или Француска Ривиерасредоземниот брег на југоисточниот дел на Франција, вклучувајќи ја и суверената држава Монако. Нема официјална граница, но обично се смета дека се простира од италијанската граница на исток до Сен Тропе, Јер, Тулон или Касис на запад.[1][2]

Карта на која е прикажан делот на кој се простира Азурниот Брег

Ова крајбрежје било една од првите современи области за одмор. На почетокот, во XVIII век тоа било зимско одморалиште за британската висока класа. Со пристигнувањето на железничката пруга кон средината на XIX век, станало место за забава и рекреација и на британската, руската и другите аристократии, како и омилено место на кралицата Викторија и кралот Едвард VII, кога тој бил принц од Велс. За време на летото, исто така, претставувала дом на многу членови на семејството Ротшилд. Во првата половина на XX век била посетена од голем број уметници и писатели, меѓу кои биле Пабло Пикасо, Анри Матис, Едит Вортон, Вилијам Сомерсет Мом и Олдос Хаксли, како и од богатите Американци и Европејци. По Втората светска војна станало популарно туристичко одредиште и место за конвенции. Многу познати личности, како Елтон Џон и Брижит Бардо, имаат куќи во областа. Официјално, Азурниот Брег е дом на 163 националности со 83.962 странски жители[3], иако проценките на бројот на странски државјани кои живеат во област често се многу повисоки.[4]

Светилникот во Ница, на Азурниот Брег

Најголем град е Ница, кој има население од 347.060 (2006).[5] Градот е центар на урбаната заедница Ница-Азурен Брег, која се состои од 24 општини и над 500.000 жители во урбаната област.

Ница е дом на аеродромот Ница Азурен Брег, трет најпрометен аеродром во Франција (по аеродромите Париз-Шарл де Гол и Париз-Орли), кој се наоѓа на областа на делумно одземена крајбрежна земја на западниот крај на Англиската променада. Вториот аеродром во Манделе некогаш бил комерцијален аеродром на областа,[6] но сега главно се користи од страна на приватни и деловни авиони.[7] Автопатот А8 поминува низ областа, како и стариот главен пат општо познат како национален пат број 7 (официјално сега наречен D N7 во департманот Вар и D6007 во департманот Приморски Алпи).[8] Возовите го опслужуваат крајбрежниот регион и внатрешноста на Грас, а возот TGV пристигнува за 5 и пол часа од Париз во Ница.

Француската ривиера има вкупно население од над два милиони жители. Ги содржи приморските летувалишта на Кап д’Ај, Болје сир Мер, Сен Жан Кап Фера, Вилфранш сир Мер, Антиб, Жијан ле Пин, Кан, Сен Рафаел, Фрежис, Сент Максим и Сен Тропе.[9] Исто така е дом на паркот за висока технологија и наука односно технопол кој се наоѓа во Софија-Антиполис (северно од Антиб) и центарот за истражување и технологија на Универзитетот во Ница Софија-Антиполис. Регионот има 35.000 студенти, од кои 25% работат на своите докторати.[10]

Француската ривиера е огромна област за пловење и крстарење со неколку пристаништа по должината на брегот. Според Агенцијата за економски развој на Азурниот Брег, секоја година ривиерата е домаќин на 50% од светската флота на суперјахти, со посета на 90% од сите суперјахти на брегот на регионот барем еднаш во својот живот.[11]

Како туристички центар има голема придобивка од 300 сончеви дена годишно, 115 километри долго крајбрежје и плажи, 18 голф-терени, 14 ски-центри и 3.000 ресторани.[12]

Потекло на поимот

уреди

Потекло на името Азурен Брег

уреди
 
Поглед од пристаништето Херкул во Монако

Името Азурен Брег му било доделено на брегот од страна на писателот Стивен Лиежар во својата книга „Азурен Брег“ (La Côte d’azur), објавена во декември 1887 година.[13] Лиежар е роден во Дижон, во францускиот департман Златен Брег (Côte-d'Or) и го адаптирал тоа име само заменувајќи го зборот „златен“ со зборот „азурен“ по азурната боја на Средоземјето.[14]

Потекло на поимот Француска ривиера

уреди

Поимот Француска ривиера е вообичаен во англискиот јазик. Бил создаден по аналогија со поимот Италијанска ривиера, која се протега источно од Француската ривиера (од Вентимиља до Ла Специја). Уште во XIX век, Британците се обраќале кон тој дел од регионот како Ривиера или Француската ривиера, што обично се однесувало на источниот дел од брегот, помеѓу Монако и италијанската граница.[15] Првобитно, „ривиера“ е италијански термин кој се употребува и денес и во превод значи „крајбрежје“.[16]

На окситански и француски јазик, вообичаени имиња се Còsta d'Azur на окситански и Côte d'Azur на француски.[17] Име како „Француска ривиера“ (Ribiera Francesa на окситански, Riviera Française на француски) е невообичаено и звучат чудно; единствено се употребува при буквален превод. На пример, на француски, „Riviera Française“ се сретнува во енциклопедијата Ларус[18] како празници на група англиски работници.[19]

 
Стариот град Мантон кој е последниот град кој се наоѓа пред италијанската граница

Споровите околу околу распространетоста на Ривиерата и на Азурниот Брег

уреди

Азурниот Брег и Француската ривиера немаат официјални граници. Некои извори ја поставуваат западната граница кај Сен Тропе во департманот Вар. Други ги вклучуваат Сен Тропе, Јер или Тулон во Вар, или најдалеку до Касис кој е сместен во депарманот Устие на Рона.[1][2] Во нејзиниот роман напишан во 1955 година, „Талентираниот г-дин Рипли“, Патриша Хајсмит ја опишува Ривиерата дека започнува од брегот на Тулон па сè до италијанската граница.

Историја

уреди

Од праисторијата до бронзеното доба

уреди

Азурниот брег е населен уште од праисторијата. Примитивни алатки кои потекнуваат од пред 1 милион години биле откриени во Грот ди Валоне, во близина на Рокбрин Кап Мартен, со камења и коски од животни, вклучувајќи говеда, носорози и бизони. На Тера Амата (380.000 до 230.000 п.н.е.), во близина на пристаништето во Ница, бил пронајден камин кој се смета дека е еден од најстарите најдени во Европа.[20]

Камени долмени и споменици од бронзеното време можат да се најдат во близина на Драгињан, додека долината на чудата (Vallée des merveilles) во близина на планината Бего, која се наоѓа на 2000 метри надморска височина, се претпоставува дека била верско светилиште на отворено и содржи над 40.000 цртежи на луѓе и животни, а потекнува од околу 2000 п.н.е.[21]

Грчко влијание

уреди

Од почетокот на VII век п.н.е., грчки морнари од Мала Азија почнале да го посетуваат и потоа да започнат со изградба на трговски места долж Азурниот Брег. Вакви места биле изградени во Олбија (Сен Пјер де л’Алманар, во близина на Јер); Антиполи (Антиб) и Никеа (Ница). Овие населби, кои тргувале со жителите од внатрешноста, станале соперници на Етрурците и Феникијците, кои, исто така, го посетувале Азурниот Брег.

Римска колонизација

уреди
 
Крстилницата од V во Фрежиската катедрала која е сè уште во употреба

Во 8 година п.н.е. императорот Октавијан Август изградил импозантен трофеен споменик во Ла Тирби (Апски трофеј или Трофеј на Август) за одбележување на мирот во областа.

Римски градови, споменици и амфитеатри биле изградени по должината на Азурниот Брег и многу од нив се зачувани и денес, како амфитеатрот и бањите во Симје, над Ница, и амфитеатрот, римските ѕидови и други остатоци во Фрежи.

Варварите и христијаните

уреди

Римска Прованса го достигнала врвот на својата моќ и просперит во текот на II и III век п.н.е. Кон средината на III век, германските народи почнале да го напаѓаат регионот и римската моќ ослабнала.

Во истиот период, христијанството започнало да станува моќна сила во регионот. Првите катедрали биле изградени во IV век и биле создадени првите епархии во Фрежи кон крајот од IV век, во Симје и Ванс во 439 година и во Антиб во 442 година. Најстарата христијанска градба сè уште постои на Азурниот Брег и тоа е крстилницата на Фрежиската катедрала, изградена на крајот на V век, а во истиот период се изградил првиот манастир во регионот, Леринскиот манастир кој се наоѓа на остров во близина на брегот на Кан.

Падот на Западното Римско Царство во првата половина на V век бил проследен со инвазија на Прованса од страна на Визиготите, Бургундите и Остроготите. По ова следувал долг период на војни и династички расправии, кои довеле до понатамошни инвазии од страна на Сарацените и Норманите во IX век.

Грофовите од Прованса и династијата Грималди

уреди

Малку од мирот бил вратен на брегот со основањето на новото царство Прованса во 879 година, кое најпрво било предводено од династијата Бозонид (879-1112), потоа од страна на Каталонците (1112-1246) и на крај го предводеле Ангевините (1246-1382, постарата генерација; а од 1382-1483 помладата генерација).

 
Рушевините на замокот на Грималди во Гримо, во близина на Сен Тропе

Во XIII век, се појавила уште една моќна политичка сила, династијата Грималди. Потекнуваат од благородник протеран од Џенова од страна на неговите соперници во 1271 година, припадниците на различните генерации на Грималди ја презеле власта во Монако, Антиб и Ница, а изградиле замоци во Гримо, Кањ сир Мер и Антиб. Алберт II, сегашниот кнез на Монако е потомок на Грималди.

Во 1388 година, градот Ница и околната територија, од устието на Вар сè до италијанската граница, биле издвоени од Прованса и биле под заштита на Савојската династија. Територијата била наречена Грофовија Ница по 1526 година, а потоа нејзиниот јазик, историја и култура станале различни од оние на Прованса до 1860 година, кога таа била повторно вратена во Франција под Наполеон III.

Прованса ја задржала својата формална независност до 1480 година, кога последниот гроф на Прованса, Рене I од Неапол, починал и го оставил фрофството на неговиот внук, Шарл I Анжујски, кој за возврат го предал на Луј XI од Франција. Во 1486 година, Прованса официјално станала дел од Франција.

Популарност кај британската висока класа во XVIII и XIX век

уреди

До крајот на XVIII век, оваа област подоцна позната како Азурен Брег била далечна и сиромашна област, позната главно по риболовот, маслинови градини и производство на цвеќиња за парфем (произведени во Грас).

Нова фаза започнала, кога брегот почнал да станува современо одморалиште за британската висока класа кон крајот на XVIII век. Првиот британски патник кој ги опишал неговите благодети бил романописецот Тобијас Смолет, кој ја посетил Ница во 1763 година во периодот кога била уште еден италијански град во рамките на Кралството на Сардинија. Смолет ја претставил Ница и нејзината топла зимска клима и со тоа го привлекол вниманието на британската аристократија со книгата „Патувањата низ Франција и Италија“, напишана во 1765 година. Во исто време, шкотскиот лекар, Џон Браун, станал познат по препишувањето на она што тој го нарекувал климотерапија, односно промена на климата, со цел да се излечат различни болести вклучувајќи ја и туберкулозата. Францускиот историчар Пол Гоне напишал дека, како резултат на тоа, Ница била исполнета со „колонија на бледи и рамнодушни англиски жени и рамнодушни благороднички синови кои биле на работ на смртта“.

Во 1834 година, британски благородник и политичар со име Хенри Питер Брум, прв барон на Брум и Воу, кој одиграл важна улога во укинување на трговијата со робови, патувал со неговата болна сестра на југот на Франција, со намера да одат во Италија. А епидемијата на колера во Италија го принудила да остане во Кан, каде што уживале во климата и пејзажот толку многу што тој купил земјиште и изградил вила. Почнал да ги поминува зимите таму и, благодарение на неговата слава, други го следеле неговиот пример: Кан наскоро имал мала британска енклава.

Роберт Луис Стивенсон бил еден од британските посетители кој подоцна пристигнал поради неговото здравје. Во 1882 година изнајмил вила наречена „Ла Солитуд“ во Јер, каде што тој го напишал поголемиот дел од „Детската градина во Верс“.

Железница, коцкање, кралски семејства

уреди
 
Казино Монте Карло

Во 1864 година, пет години откако Ница станала дел од Франција по Втората италијанска војна за независност била завршена првата железница, правејќи ги Ница и Ривиерата достапни за посетителите од цела Европа. Сто илјади посетители пристигнале во 1865 година. Од 1874 година, бројот на странски државјани кои станале жители на Ница, од кои повеќето биле британски, изнесувал 25.000.

 
Вила Ефруси во Кап Сен Жан Фера, која била изградена во периодот 1905–1912 од Беатриса де Ротшилд, на семејството Ротшилд

Кон средината на XIX век британските и француските претприемачи почнале да гледаат потенцијал за промоција на туризмот на Азурниот Брег. Во тоа време, коцкањето било нелегално во Франција и Италија. Во 1856 година, моначкиот кнез Шарл III, почнал со изградба на казино во Монако, кое било наречено бања за здравје со цел за да се избегнат критики од страна на црквата. Казиното било неуспешно, но во 1863 година кнезот потпишал договор со Франсоа Блан, еден француски стопанственик кој веќе бил сопственик на успешно казино во Баден-Баден (југозападна Германија), за да се изгради комплекс на нови казина. Блан најмил пароброди и вагони со цел да носи посетители од Ница во Монако и изградил хотели, градини и казино во местото наречено Спелиг. На предлог на неговата мајка, кнегињата Каролина, Шарл III го преименувал местото во Монте Карло по себе. Кога железницата стигнала и до Монте Карло во 1870 година, многу илјадници посетители почнале да пристигнуваат и населението во кнежевството Монако двојно се зголемило.

Француската ривиера наскоро станала омилено одредиште за европските кралски семејства. Само неколку дена по пристигнувањето на железницата во Ница во 1864 година, царот Александар Втори од Русија пристигнал во посета со приватен воз, а потоа набргу била посетена од страна на Наполеон III, а по него следел и Леополд Втори, белгискиот крал.

 
Споменикот на кралицата Викторија во Симје, каде таа била редовен гостин во зимскиот период

Кралицата Викторија била исто така чест посетител. Во 1882 година останала во Мантон, а во 1891 година поминала неколку недели во Гранд Хотел во Грас. Во 1892 година престојувала во хотелот Кост-Бел во Јер. Во последователните години 1895-1899 престојувала во Симје во ридовите над Ница. Прво, во 1895 и 1896 година, го изнајмила Гранд Хотел, додека во подоцнежните години таа и нејзиниот персонал го презеле целото западно крило на Ексцелсиор Хотел Реџина, кој бил дизајниран според нејзините потреби и конкретни желби (дел кој подоцна станал дом и студио на познатиот уметник Анри Матис). Патувала со придружба од шеесет до сто луѓе, вклучувајќи готвач, дами за чекање, стоматолог, индиски слуги, сопствениот кревет и нејзината сопствена храна.[22]

Принцот од Велс бил редовен посетител на Кан, почнувајќи од 1872 година. Често го посетувал наутичкиот клуб, приватниот клуб на Круасет, современото шеталиште на Кан. Престојувал таму секоја пролет во период од три недели, следејќи трки со јахти од брегот, додека јахтата на кралското семејство, Британија, била пловена од страна на професионални членови на екипажот. По неговото крунисување за крал во 1901 година, никогаш повторно не се вратил во посета на француската Ривиера.

До крајот на XIX век Азурниот Брег почнал да привлекува уметнички сликари, на кои им се допаѓала климата, светлите бои и јасната светлина. Меѓу нив биле Огист Реноар, кои се вселил во Кањ сир Мер, Анри Матис и Пабло Пикасо.

Воениот период, американските посетители и пад на аристократијата

уреди

Првата светска војна уништила многу од кралските династии во Европа и ја променила средината и календарот на француската Ривиера. По војната, поголем број Американци почнале да пристигнуваат, со бизнис магнати и познати личности надбројувајќи ги и надминувајќи ги аристократите. Сцената на „високото општество“ се преселила од зимската сезона во летната сезона.

Американците почнале да доаѓаат во јужниот дел на Франција во XIX век. Хенри Џејмс посветил дел од својот роман, „Амбасадорите“, на ривиерата. Џејмс Гордон Бенет Помладиот, син и наследник на основачот на New York Herald, имал вила во Болје сир Мер. Индустријалецот Џон Пирпонт Морган се коцкал во Монте Карло и купил слики од XVIII век на Фрагонар во Грас и ги испратил во музејот Метрополитен во Њујорк.

Главна одлика на француската ривиера во меѓувоените години бил возот Блу, патнички воз со вагони за спиење од прва класа кој ги носел богатите патници од Кале. За првпат патувал во 1922 година и во него со текот на годините патувале Винстон Черчил, Вилијам Сомерсет Мом и идниот крал Едвард VIII.

Додека Европа сè уште закрепнувала од војната, а американскиот долар бил силен, американски писатели и уметници почнале да пристигнуваат на Азурниот Брег. Едит Вортон ја напишала „Годините на Невиноста“ (1920) во вила во близина Јер, освојувајќи ја Пулицеровата награда за роман (првата жена која ја освоила). Танчерката Изадора Данкан често престојувала во Кан и Ница, но починала во 1927 година, кога нејзината марама се заглавила во тркалата на колата во која таа била патничка и ја удавило. Писателот Френсис Скот Фицџералд првпат ја посетил Ривиерата со неговата сопруга Зелда во 1924 година, задржувајќи се на Јер, Кан и Монте Карло и на крајот престојувале во Сен Рафаел, каде што тој напишал голем дел од „Големиот Гетсби“ и започнал со пишувањето на „Нежност е ноќта“.

Додека Американците се во голема мера одговорни за промовирање на летната сезона, францускиот моден творец, Коко Шанел е одговорна за воведувањето на сончањето како мода. Таа се стекнала со впечатлив тен во текот на летото на 1923 година и потоа тенот станал мода во Париз.

Во текот на кризата на британската монархија во 1936 година, Волис Симпсон, невестата наменета за кралот Едвард VIII, престојувала во вилата Лу Вјеи во Кан, зборувајќи со кралот по телефон секој ден. По неговата абдикација станал војвода од Виндзор и неговата нова сопруга останала во вилата Ла Кро во близина на Антиб.

Англискиот драматург и романописец Вилијам Сомерсет Мом, исто така, станал жител во 1926 година, купувајќи ја вилата Мореск која се наоѓала кон врвот на Кап Фера, во близина на Ница.[23]

Втора светска војна

уреди

Кога Германија ја нападнала Франција во јуни 1940 година, останатите британски колонии биле евакуирани прво на Гибралтар и потоа во Велика Британија. Американските еврејски групи им помогнале на некои од еврејските уметници кои во тој период живееле во јужниот дел на Франција, како Марк Шагал, да избегаат во САД. Во август 1942 година, 600 Евреи од Ница биле заробени од француската полиција и пратени во логорот Дранси, па потоа во логорите на смртта. Вкупно околу 5.000 француски Евреи од Ница исчезнале за време на војната.

На 15 август 1944 година, американските војници со падобран слетале во близина на местото Фрежи, и флотата слетала 60.000 војници припадници на американската Седма армија и француската Прва армија меѓу Кавалер и Аге, источно од Сен Рафаел. Германскиот отпор се растурил за неколку дена.

Сен Тропе бил сериозно уништен од страна на германските мински бомби за време на ослободувањето. Писателката Колет направила големи напори за да се увери дека градот ќе биде повторно изграден во својот оригинален стил.

Кога завршила војната, уметниците Марк Шагал и Пабло Пикасо се вратиле да живеат и работат на Ривиерата.

Повоениот период и крајот на XX век

уреди

Канскиот филмски фестивал бил отворен во септември 1946 година, по повод одбележувањето на враќањето на францускиот филм на светските екрани. Палатата на фестивалот била изградена во 1949 година на местото на стариот Серкл Наутик, каде што принцот од Велс се сретнувал со неговите љубовници во доцниот XIX век. Премиерата на францускиот филм Et Dieu ... Crea la femme („И така Бог ја создал жената“) во ноември 1956 година била огромен настан за Ривиерата, правејќи меѓународна ѕвезда од глумицата Брижит Бардо и создавајќи врвно меѓународно туристичко одредиште од Сен Тропе, особено за новата класа на богати меѓународни патници кои се нарекувале „џет-сет“.

Бракот на американската филмска глумица Грејс Кели со моначкиот кнез Рение III кој се случил на 18 април 1956 година, уште еднаш го привлекол вниманието на светот. Овој настан бил следен на телевизија од 30 милиони луѓе.

Во текот на 1960 година, градоначалникот на Ница, Жак Медесен, одлучил да ја намали зависноста на Ривиерата од обичниот туризам и да стане одредиште за меѓународните конгреси и конвенции. Ја изградил Палатата на конгресите на Акропол во Ница, и ги основал музејот Шагал и музејот Матис во Симје. Започнал да се шири урбанистичкиот план со високи згради и големи приватни имоти.

Кон крајот на август 1997 година, принцезата Дијана и Доди Фајед ги поминале последните денови заедно на јахтата на неговиот татко близу до плажата Пампелон во близина на Сен Тропе, непосредно пред да загинат во сообраќајна несреќа во тунелот Алма во Париз.

Географија

уреди
 
Шеталиштето Круасет долж крајбрежјето во Кан.
 
Сан Жене во департманот Приморски Алпи.
 
Пристаништето Поркерол, остров во департманот Вар.
 
Плажа на Поркерол.

Места

уреди

Местата кои се наоѓаат на Азурниот Брег, по должината на брегот од југозапад кон североисток се:

Туризам

уреди

Некои податоци поврзани со туризмот на Ривиерата во 2006 година:

  • повеќе од 14 милиони туристи
  • 52% странски гости
  • 65 милиони ноќевања
  • 5 млрд. потрошени од страна на туристите
  • 75.000 работни места, 18% од сите работни места во Поморски Алпи
  • 500.000 дегалати
  • 3 милиони влезници во музеите и спомениците
  • над 45% од туристите дошле по воздушен пат

Клима

уреди

Азурниот Брег има средоземна клима, со сончеви, топли, суви лета и благи зими. Зимските температури се ублажени од страна на Средоземјето; студените денови се ретки. Просечната дневна ниска температура во Ница во јануари изнесува 5,4 °C; во јануари просечната дневна ниска температура во Тулон е 6,2 °C. Просечната висока температура во август во Ница е измерена околу 28,6 °C; во Тулон просечната дневна висока температура изнесува 29,7 °C.

Азурниот брег има во просек повеќе врнежи од Париз годишно (803,3 мм годишно во Ница и 684,8 мм во Тулон во споредба со 649,8 мм во Париз), но врнежливите денови се многу поретки; 111 врнежливи денови во годината во Париз во споредба со 61 дена во Тулон и 63 во Ница. Тулон има 2793 часа сонце годишно, а Ница има 2668 часа.[24]

Во овие крајбрежни области се јавува микроклима, па затоа може да има големи разлики во температурите во различните локации. Силните ветришта како Мистрал и сувиот ладен ветер од северозапад или од исток, се уште една од одликите, особено во зима.

Ница и Приморски Алпи

уреди

Ница и департманот Приморски Алпи се заштитени од страна на Алпите. Ветровите се обично благи, од морето кон земјата, иако понекогаш Мистрал дува силно од северозапад, или ако е попречен од планините, од исток. Во 1956 година еден Мистрален ветер од северозапад достигнал 180 километри на час на аеродромот во Ница.[25] Понекогаш, во лето, ветрот Сироко носи високи температури и црвеникав пустински песок од Африка.

Дождовите можат да бидат поројни, особено во есен, кога се појавуваат бури и дожд предизвикан од разликата помеѓу постудениот воздух во внатрешноста и топлата средоземна температурата на водата (20 °C-24 °C). Најврнежливи месеци се: септември (75,6 милиметри во просек); октомври (143,9 мм); ноември (94,3 мм) и декември (87,8 mm).[25]

Снегот е редок, паѓа еднаш на секои десет години. Годината 1956 била извонредна, кога 20 сантиметри го покриле брегот.[25] Во јануари 1985 година, брегот меѓу Кан и Мантон доби 30-40 сантиметри снег. На планинските места, снегот е присутен од ноември до мај.

Департманот Вар (кој ги вклучува Сен Тропе и Јер) има малку потопла клима, посува и посончева од Ница и Приморски Алпи, но е помалку заштитен од ветерот.

Ветрот Мистрал, кој носи ладен и сув воздух надолу од горниот алпски регион преку долината на Рона и дува со намален интензитет по Азурниот Брег, се појавува често во текот на зимата. Силни ветрови дуваат во просек од околу седумдесет и пет дена во годината во Фрежис.[25]

Настани и фестивали

уреди

Неколку поголеми настани се одржуваат во:

  • Монако и југоисточна Франција — Рели „Монте Карло“, јануари
  • Монако — Меѓународен фестивалот на циркусот во Монте Карло, јануари / февруари
  • Ница — Карневал, февруари
  • Мантон — Фестивал на лимонот, февруари
  • Туре сир Луп — Виолетов фестивал, март
  • Монако — Мастер „Монте Карло“, април / мај
  • Монако — ГН „Монте Карло“ (Формула 1), мај
  • Грас — Фестивалот Роуз, мај
  • Кан — Кански филмски фестивал и Кански филмски пазар, мај
  • Ница — Џез фестивал, јули
  • Жијан ле Пен — џез на Хуан, кон крајот на јули
  • Грас — Фестивал на јасминот, август

Сликари

уреди
 
Пристаништето во Сен Тропе, дело на Пол Сињак, масло на платно, 1901 година

Климата и живописните бои на Средоземното Море привлекле многу познати уметници во текот на XIX и XX век. Вклучувајќи ги и:

  • Пјер Бонар (1867-1947) — се повлекол и умрел во Ле Кане.
  • Жорж Брак (1882-1963) — сликал често во Л’Естак меѓу 1907 и 1910 година.
  • Роже Бродер (1883-1953) — париски патник и илустратор на постери.
  • Пол Сезан (1839-1906) — роден во Екс ан Прованс, Сезан сликал во Л’Естак помеѓу 1878 и 1882 година.
  • Марк Шагал (1887-1985) — живеел во Сен Пол де Ванс помеѓу 1948 и 1985 година.
  • Анри Крос (1856-1910) — го открил Азурниот Брег во 1883 година и сликал во Монако и Јер.
  • Морис Дени (1870-1943) — сликал во Сен Тропе и Бандол.
  • Андре Дерен (1880-1954) — сликал во Л’Естак и Мартиг.
  • Раул Дифи (1877-1953) — чија жена била од Ница, а сликал во областа, вклучувајќи ги и Ница, Марсеј и Мартиг.
  • Албер Марке (1873-1947) — сликал во Марсеј, Сен Тропе и Л’Естак.
  • Анри Матис (1869-1954) — прво го посетил Сен Тропе во 1904 година. Во 1917 година се населил во Ница, прво во хотелот Бо Риваж, потоа во хотелот Де ла Средоземјее, а потоа во Вила Де Али во Симје. Во 1921 година живеел во стан во Ница, во близина на цветниот пазар од каде имал поглед на морето, каде што останал до 1938 година. Потоа се преселил во хотелот Режина во ридиштата на Симје, над Ница. Во текот на Втората светска војна живеел во Ванс, а потоа се вратил во Симје, каде што умрел и е закопан.
  • Клод Моне (1840-1927) — ги посетил Мантон, Бордигера, Жијан ле Пин, Монте Карло, Ница, Кан, Болје и Вилфранш, и насликал голем број морски глетки на Кап Мартин, во близина на Мантон, и во Кап д’Антиб.
  • Едвард Мунк (1863-1944) — ги посетил живописните Ница и Монте Карло (каде што ја развил страста за коцкање) и изнајмил вила во Сен Жан Кап Фера во 1891 година.
  • Пабло Пикасо (1881-1973) — го поминувал секое лето од 1919-1939 на Азурниот Брег и се преселил таму засекогаш во 1946 година, прво во Валорис, а потоа во Мужен, каде што ги поминал своите последни години.
  • Пјер Огист Реноар (1841-1919) — го посетил Болје, Грас, Сен Рафаел и Кан, пред конечно да се насели во Кањ сир Мер во 1907 година, каде што купил една фарма во планините и изградил нова куќа и работилница од почеток. Потоа продолжил да слика таму до неговата смрт во 1919 година. Неговата куќа е сега музеј.
  • Пол Сињак (1863-1935) — го посетил Сен Тропе во 1892 година, и купил вила, Ла Ун, во подножјето на тврдината во 1897 година. Во неговата вила, неговиот пријател, Анри Матис, го насликал неговото познато дело Лукс, Калм и Волупте во 1904 година. Сињак направил бројни слики од должината на брегот.
  • Ив Клајн (1928-1962) — роден во Ница, се смета за важна фигура во поствоената европска уметност.
  • Саша Сосно (1937-2013) — француски сликар и вајар кој живеее и работел во Ница.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 "Côte d'Azur, côte méditerranéenne française entre Cassis et Menton" ("Côte d'Azur, French Mediterranean coast between Cassis and Toulon") in Dictionnaire Hachette encyclopédique (2000), p. 448.
  2. 2,0 2,1 "Côte d'Azur, Partie orientale du littoral français, sur la Méditerranée, de Cassis à Menton" („Азурен Брег“, источниот дел на францускиот брег, на Средоземното Море, од Касис до Мантон“), во Le Petit Larousse illustré (2005), стр. 1297.
  3. INSEE; Попис 1999 г.
  4. e.g. Comité Régional du Tourisme Riviera Côte d'Azur
  5. INSEE, 2009 – INSEE.fr
  6. Официјално мрежно место: Cannes.aeroport.fr Архивирано на 28 април 2013 г.
  7. Официјално мрежно место: Cannes.aeroport.fr Архивирано на 18 мај 2009 г.
  8. Страница на патот: Nationale7.com Архивирано на 3 март 2010 г.
  9. Jim Ring, Riviera, The Rise and Rise of the Cote d'Azur, John Murray Publishers, London, 2004.
  10. Sirius CCINCA
  11. Агенција за економски развој на Азурниот Брег – p.31 CRDP-Nice.net Архивирано на 4 јули 2010 г.
  12. Агенција за економски развој на Азурниот Брег, op.cit. p.66
  13. Cannes.com
  14. Марк Боаје, L'Invention de la Côte d'Azur : l'hiver dans le Midi, préface de Maurice Agulhon, 378 pages, Édition de l'Aube, 2002, ISBN 2-87678-643-5.
  15. J. Henry Bennett, Mentone, the Riviera, Corsica and Biarritz as Winter Climates (1862)
  16. „Vocabolario: Riviera“. Enciclopedia Italiana di Scienze, Lettere ed Arti. Istituzionali della Treccani.
  17. French online Larousse encyclopedia, article "Côte d'Azur".
  18. French online Larousse encyclopedia, article "Vacances d'été" ("Summer Holydays").
  19. Harrap's Standard French and English Dictionary, 1948.
  20. Henry de Lumley, La Grande Histoire des premiers hommes europeens, pg. 120.
  21. Aldo Bastié, Histoire de la Provence, Edition Ouest-France, 2001.
  22. Michael Nelson, Queen Victoria and the Discovery of the Riviera, Tauris Parke Paperbacks, 2007.
  23. http://www.estatenetfrance.com/St-Jean-Cap-Ferrat/areaguide/details/
  24. Страница на Meteo France
  25. 25,0 25,1 25,2 25,3 Страница на Météo-France.

Надворешни врски

уреди

43°21′54″N 6°50′59″E / 43.36500° СГШ; 6.84972° ИГД / 43.36500; 6.84972