Едвард VIII (цело име: англиски: Edward Albert Christian George Andrew Patrick David; 23 јуни 1894 – 28 мај 1972) бил крал на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска и на Британските доминиони и император на Индија од 20 јануари 1936 година, кога на престолот го наследил татка си Џорџ V, до абдикацијата во декември истата година, 325 дена подоцна.

Едвард Осми
Edward VIII
Крал на Обединетото Кралство и на Британските доминиони, Император на Индија (повеќе...)
Едвард како Принц од Велс во Отава, 1919
Едвард како Принц од Велс во Отава, 1919
Владеел(а) 20 јануари 1936 – 11 декември 1936
Претходник Џорџ V
Наследник Џорџ VI
Сопруга Волис Симпсон (по абдицирањето)
Полно име
Едвард Алберт Кристијан Џорџ Ендрју Патрик Дејвид
Титули
НКВ Војвода од Виндзор
НВ Крал
НКВ Принц од Велс
НКВ Војвода од Корнвол
НКВ Принц Едвард од Велс
НКВ Принц Едвард од Корнвол и Јорк
Династија Виндзор
Кралска химна Боже чувај го Кралот
Татко Џорџ V
Мајка Мери од Тек
Роден(а) 23 јуни 1894.
Вајт Лоџ, Сари, Англија
Крштевање 16 јули 1894
Вајт Лоџ, Сари, Англија
Умрел(а) 28 мај 1972. на 77 години.
Париз

Бил познат по својот бурен живот и љубовните авантури, особено со повозрасни и мажени жени, поради што ги загрижувал и татко му и политичкиот естаблишмент во Британија и во доминионите.[1][2]

Стапил во љубовна врска со познатата американка Волис Симпсон, јавна личност и космополитка, која поради своето бурно минато и два пропаднати брака била сметана за скандалозен избор на кралот. Поради тоа Едвард, сега веќе крал, бил под силен притисок на семејството и на политичкиот естаблишмент да не ја реализира намерата да се ожени со неа, и покрај тоа што немало формална пречка за тоа.[3][4][5]

Поради ова, Едвард решил да абдицира, и тоа го сторил на 10 декември 1936 година. Следниот ден ѝ се обратил на јавноста со изјава, во која рекол и дека го сторил тоа „за да се ожени со жената што ја сака“. Го наследил брат му, принцот Алберт, кој владеел како Џорџ VI.

По абдикацијата, Едвард ја добил титулата Војводата од Виндзор, а по Втората светска војна живеел приватен живот и останал во брак со Волис Симпсон до смртта во 1972 година.

Детство

уреди
 
Едвард (втор од лево) со неговиот татко, братот и сестрата, фотографија на баба му Александра од Данска, 1899 г.

Едвард е роден на 23 јуни 1894 година во Вајт Лоџ, на периферијата на Лондон за време на владеење на неговата прабаба кралицата Викторија.[6] Тој бил најстар син на војводата и војвотката од Јорк (подоцна Џорџ V и кралица Мери). Кога се родил, бил трет наследник на англискиот престол, по неговите дедо и татко.

При кршетвање го добил името Едвард Алберт Кристијан Џорџ Ендрју Патрик Дејвид, на 16 јули 1894 година.[7] Името било одбрано во чест на принцот Алберт Виктор, кого во семејството го викале Еди или Едвард, и неговиот пра-прадедо кралот Кристијан IX.[8] Во семејството и неговите блиски пријатели го викале Дејвид.[9]

Едвард бил одгледан од дадилка, а не од родителите, бидејќи тоа било пракса во тоа време. Една од неговите дадилки, секогаш го штипнувала пред тој да се појави пред родителите, по што Едвард почнувал да плаче.[10] Дадилката била отпуштена од работа откако било откриено нејзиното малтретирање на децата.

 
Едвард на служба на бродот Хиндустан, 1910 г.

Првото образование Едвард го добил дома. По смртта на баба му кралицата Викторија, во 1901 година, неговите родители патувале низ кралството девет месеци, а за тоа време Едвард, брат му и сестра му биле оставени со бабата и дедото, кралицата Александра и кралот Едвард VII. Откако се вратиле родителите од патувањето, Едвард бил даден на воспитвање кај двајца мажи, Фредерик Финч и Хенри Хенсел,[11] кои го воспитувале строго. Под нивно туторство, Едвард научил германски и француски јазик,[12] а во 1907 година се запишал на Кралскиот морнарички колеџ.[13] По две години, се префрлил во Британскиот кралски морнарички колеџ, во Дартмут. Во тој период прележал заушки, поради кои, се претпоставува, останал неплоден.[14]

На 6 мај 1910 година, Едвард станал „Војвода од Корнвол“ и „Војвода од Ротсеј“ кога татко му станал крал, по смртта на Едвард VII. Еден месец подоцна, на неговиот 16 роденден, на 23 јуни 1910 година ја добил титулата Принц на Велс и Ерл на Честер.[15] Подготовките за неговата иднина како крал започнале сериозно, па така, по три месечно служење на бродот „Хиндустан“, се запишал на колеџот Мадлин во Оксфорд. Бил спретен јавач, а на факултетот научил да игра поло.[16] По осум семестри, го напуштил Оксфорд без да стекне академска титула.[17]

Принц од Велс

уреди
 
Портрет на Едвард од Реџиналд Ивс, околу 1920 г.

Едвард бил официјално прогласен за „принц од Велс“ на посебна церемонија одржана во замокот Карнарвон, северозападен Велс, на 13 јули 1911 година.[18]

Кога избувнала Првата светска војна во 1914 година, Едвард бил на возраст да учествува во војната,[19] па се приклучил на Гренадиерската гарда во јуни 1914 година, и иако Едвард сакал да замине на фронт, државниот воен секретар не го дозволил тоа, наведувајќи ја огромната штета што би се случила доколку претстолонаследникот биде заробен од непријателите.[20]

Сепак Едбард заминувал на фронтот колку можел почесто, за што добил Воен крст во 1916 година. неговото учество во војната го направило популарен меѓу ветераните.[21] Во 1918 година Едвард за првпат летал со воен авион, а подоцна добил и дозвола за летање.[22]

Неговиот најмлад брат, Принц Џон, починал на возраст од 13 години, на 18 јануари 1919 година по тежок епилептичен напад.[23] Реакцијата на Едвард во врска со смртта на Џон биле ладни.

Во текот на 1920-те години, Едвард како принц на Велс го претставувал татко му кралот Џорџ V на многу настани, дома и во странство. Со својот кралски статус, убавиот изглед и статусот на неженет, привлекол големо внимание од јавноста, и во еден период бил најфотографираната славна личност.[24] Во 1926 година се интересирал за науката, а бил и претседател на Британската асоцијација за унапредување на науката.[25]

Ги посетувал сиромашните делови на Британија,[26] и бил на 16 турнеи низ империјата меѓу 1919 и 1935 година. Во 1919 година стекнал ранч во Пекиско во Канада,[27] а во 1924 година, ѝ доделил трофеј, Трофеј на принцот од Велс, на Националната хокеарска лига.[28]

Несовесното однесување на Едвард со жените во текот на 1920-те и 1930-те години ги загрижувало премиерот Стенли Болдвин, кралот Џорџ V, и блиските на принцот. Татко му бил разочаран што Едвард не успева да се смири, се згрозувал од неговите љубовни врски со мажени жени, и не сакал да го види на престолот. „Откако ќе умрам - изјавил Џорџ - ова момче ќе се уништи себеси за 12 месеци.“[29]

Во 1930 година, Џорџ V му го дал на принцот на користење имотот Форт Белведере во Големиот Виндзорски парк,[30] каде Едвард продолжил со своите врски со мажени жени, и каде ја запознал Волис Симпсон, Американка еднаш разведена, и вторпат мажена за британско-американски стопанственик. иако било јавно познато дека принцот и Волис се во љубовна врска, Едвард не му признавал на својот татко дека е во врска со неа, и велел дека е несоодветно да ја нарекуваат негова љубовница.[31] Кралот Џорџ V и кралицата мери еднаш ја сретнале Волис во Бакингамската палата во 1935 година,[32] а потоа одбивале да ја примат.[33] Љубовната врска на претстолонаследникот со разведената Американка многу ги загрижила сите, што полицијата испратила луѓе да го следат парот за да откријат каква е нивната врска.[34]

Едвард VIII

уреди
 
Едвард VIII, 3 ноември 1936 г.

Кралот Џорџ V починал на 20 јануари 1936 година, и Едвард го наследил престолот како крал Едвард VIII. Едвард прекршил неколку правила меѓу кои при сликање на традиционалниот портрет на кралот. Секој крал бил сликан свртен во спротивна страна од неговиот претходник, а Едвард барал да го сликаат свртен кон лево, како што бил насликан неговиот татко.[35] Биле исковани неколку монети како тест пред да абдицира, кои денес се ретки.[36]

 
Монета со ликот на Едвард VIII

Во текот на август и септември 1936 година, Едвард и Симпсон крстареле по Средоземно Море на јахта, а во октомври веќе било јасно дека кралот сака да се ожени со неа, која во меѓувреме се разведувала од својот втор сопруг.[37] За оваа љубовна врска пишувале американските весници, но британските молчеле, така што јавноста во Британија не знаела ништо до декември.[38]

Абдикација

уреди
 
Едвард VIII и Волис Симпсон на одмор во Југославија, 1936 г.

На 16 ноември 1936 година, Едвард го поканил британскиот премиер Стенли Болдвин во Бакингемската палата, каде му ја кажал својата желба да се ожени со Волис Симпсон кога таа ќе го добие разводот од вториот сопруг. Болдвин му кажал дека повторна женидба по развод е морално неприфатлива за Црквата на Англија, и дека народот нема да ја прифати Симпсон како кралица.[39] Како крал, Едвард бил главен на Црквата на Англија, а свештениците очекувале од него да го поддржи учењето на Црквата. Архиеископот Кантербериски бил гласен во ова барање.[40] Едвард предложил морганатски брак, при што тој ќе остане да биде крал, но Симпсон нема да биде кралица, туку да добие некоја помала титула, а доколку имаат деца, тие нема да бидат претстолонаследници. Овој предлог го поддржал политичарот Винстон Черчил, а некои историчари денес сметаат дека тој го смислил планот,[40] но британскиот кабинет го отфрлил предлогот.[41][42]

Едвард го информирал Болдвин дека ќе абдицира ако не му е дозволено да се ожени со Симпсон, а Болдвин му поставил три избори: да се откаже од брак со неа; да се ожени со неа наспроти забраната на министрите; или да абдицира.[43] Едвард не планирал да се откаже од желбата да се ожени со Симпсон, а знаел дека ако се ожени со неа наспроти желбата на министрите, тие ќе дадат оставки, со што ќе предизвика државна криза.[44] Избрал да абдицира.[45]

Едвард ги потпишал сите документи за абдикација во Форт Белведере, на 10 декември 1936 година, во присуство на неговите браќа, Алберт, Хенри и Џорџ.[46] Вечерта на 11 декември 1936 година, Едвард ја соопштил својата одлука за абдикација на радио програма, изјавувајќи дека „Мене ми е невозможно да сего носам товарот на одговорност и да ги исполнам моите должности како крал, без помошта и поддршката од жената што ја сакам.“ И додал дека ваквата одлука е негоа и само негова.[47] Наредниот ден, Едвард заминал во Австрија, а со Симпсон се сретнал неколку месеци подоцна, кога нејзиниот развод бил завршен.[48] Неговиот брат војводата од Јорк, го наследил престолот како Џорџ VI, а неговата ќерка подоцна го наследила рпестолот од него, како кралица Елизабета.

Војвода од Виндзор

уреди

На 12 декември 1936 година, Џорџ VI најавил дека сака на брат му да му додели титула „Војвода од Виндзор“ со претставка Кралско височество.[49] Официјалниот документ бил потшишан на 8 март наредната година. Одлуката за тоа да го направи братот кралски војвода Џорџ VI ја донел со цел да се осигура дека Едвард нема да може да се кандидира во Долниот дом на Обединетото Кралство, ниту ќе може да зборува за политички прашања во Домот на лордовите.

Со документ издаден на 27 мај 1937 година, била потврдена „титулата, стилот или атрибутот Кралско височество“ за војводата од Виндзор, и било посебно нагласено дека неговата сопруга и потомци, доколку ги има, нема да ја носат оваа титула или атрибут. Некои министри сметале дека Едвард го изгубил својот кралски ранг и дека не треба да има кралска титула, бидејќи е абдициран крал, луѓето треба да му се обраќаат само со „господин Едвард Виндзор“.

Војводата од Виндзор се оженил со Симпсон, која го сменила името во Волис Ворфилд, на приватна церемонија на 3 јуни 1937 година, во замокот Канде, близу Тур, Франција. Црквата на Англија одбила да го признае бракот, а кралот Џорџ VI им забранил на членовите на кралското семејство да присуствуваат на венчавката.[50]

Забраната за сопругата на Едвард да се ословува со „Кралско височество“ предизвикала конфликт, како и финансискиот договор. Владата одбила да ги стави војводата и неговата сопруга на списокот за годишна исплата на средства, а трошоците на Едвард ги платил лично Џорџ VI. Војводата ја компромитирал својата позиција со својот брат, сокривајќи го степенот на неговата финансиска вредност кога неформално се согласил со износот на надоместокот. Богатството на Едвард се зголемило со приходи од неговото Војводство Корнвол, а кои му биле исплатени додека бил принц од Велс. Џорџ VI му ги препишал на Едвард Сандрингемскиот дворец и замокот Балморал, кои и бездруго биле личен имот на Едвард што ги добил од својот татко Џорџ V, а кои не се пренесувале како имот на новиот крал.[51] На почеток, Едвард му телефонирал секој ден на Џорџ VI, барајќи пари и повикувајќи на неговата сопруга да биде доделена претставката кралско височество, додека измалтретираниот крал наредил да не ги спојуваат телефонските повици.[52]

Односите меѓу војводата Едвард и неговото кралско семејство биле затегнати со децении. Војводата претпоставувал дека може да се насели во Британија по година или две егзил во Франција, но кралот Џорџ VI (со поддршка од кралицата Мери и својата сопруга, кралицата Елизабет) се заканил дека ќе ги прекине финансиските надомести на Едвард ако тој се врати во Британија без покана.[51] Едвард бил огорчен на својата мајка, на која во 1939 година ѝ напишал дека со нејзиното последно писмо (во кое му забранува да дојде на помен на татко му), го уништила и последното негово чувство што го имал за неа, и дека понатамошно нормално допишување меѓу нив е невозможно.[53]

Втора светска војна

уреди
 
Војводата и војвотката со Адолф Хитлер, 1937 г.
 
Едвард на смотра на СС група со Роберт Лај, 1937 г.

Во октомври 1937 година, војводата Едвард и војвотката ја посетиле нацистичка Германија, спротивно на советот на британската влада, и се сретнале со Адолф Хитлер во неговата резиденција Бергхоф во Баварија. За оваа посета германскиот печат многу пишувал. За време на посетата, вовјодата отпоздравил со нацистички поздрав.[54] Во Германија тие биле третирани како кралски членови, а посебно војвотката со сето достоинство и статус.[55]

Поранешниот австриски амбасадор Алберт фон Менсдорф-Пули-Дитрихштејн верувал дека Едвард го фаворизира германскиот нацизам и дека на почеток сакал сојуз со Германија.[56] Хитлер бил убеден дека Едвард е пријателски расположен кон Германија, и сметал дека преку него можеле да се подобрат англиско-германските односи ако не абдицирал.[57]

Во септември 1939 година војводата и војвотката биле донесени во Британија со брод, и Едвард иако претходно бил фелдмаршал, му бил доделен рангот мајор-генерал во прилог на Британската воена мисија во Франција.[12] Во февруари 1940 година, германскиот амбасадор во Хаг тврдел дека војводата ги издал сојузничките воени планови за одбрана на Белгија,[58] што војводата подоцна негирал.[59] Кога Германците извршиле инвазија на северна Франција во мај 1940 година, Едвард и сопругата побегнале на југ, а во јуни во Шпанија. Во јули заминале во Португалија.[60] Под шифрираното име „Операција Вили“, нацистичките агенти, главно Валтер Шеленберг, планирале да го убедат војводата да се врати во Шпанија, или да го киднапираат ако е потребно.[61] Лордот Келдкот го предупредил Винстон Черчил за ова, кој во тоа време бил премиер,[62] по што Черчил му се заканил на војводата со воен суд ако не се врати на британска земја.[63]

Во јули 1940 година, Едвард бил прогласен за гувернер на Бахамите, каде парот пристигнал на 17 август.[64] Војводата не уживал во оваа задача, бидејќи островите ги сметал за третокласни колонии.[65] Британското министерство за надворешни работи се противело на планот на војводата и војвотката да крстарат со јахтата на шведскиот магнат, Алекс Венер-Грен, за кого британските и американските служби сметале дека е близок пријател на командантот на Луфтвафе, Херман Геринг.[66]

Многумина историчари веруваат дека Хитлер бил спремен да го врати Едвард на престолот со надеж дека на тој начин ќе создаде фашистичка Британија.[67] Познато било дека војводата и војвотката имале симпатии кон фашизмот, и дека за време на окупацијата на Франција, војводата побарал од германските сили да постават стражари во неговите куќи во Париз и на брегот, и тие поставиле.[68] Во декември 1940 година, војводата дал интервју за американскиот весник „Либерти“ додека се наоѓал во Насау. Интервјуто било објавено на 22 март 1941 година, во кое пишувало дека војводата изјавил оти Хитлер е вистински и логичен водач на германскиот народ, и дека доаѓа времето кога американскиот претседател Франклин Д. Рузвелт ќе преговара за мировен договор. Новинарот го известил Рузвелт за содржината на интервјуто на приватна средба во Белата куќа на 23 декември 1940 година.[69] Војводата подоцна реагирал дека бил погрешно азбран и дека погрешно бил цитиран.[70]

Војводата Карл Александер од Виртемберг, кој во тоа време бил монах во американски манастир, им кажал на ФБИ дека војвотката спиела со германскиот амбасадор во Лондон, Јоаким фон Рибентроп, во 1936 година, и дека уште е во постојан контакт со него, кому му издава тајни.[71]

Биографот Чарлс Хигам тврдел дека Ентони Блант, агент на MI5 и советски шпион, по наредба на британското кралско семејство заминал во Германија пред крајот на војната да ги земе писмата на војводата напишани до Хитлер и други нацисти.[72] Се знае дека кралот Џорџ VI го испратил кралскиот библиотекар во придружба на Блант во март 1945 година во Германија да ги земат документите поврзани со германската кралица Викторија, најстарото дете на англиската кралица Викторија, меѓу кои имало писма на мајката и ќерката, а некои од нив биле однесени во Чикаго. Документите што ги зеле Блант и кралскиот библиотекар како и оние вратени од Чикаго, биле оставени во кралската архива.[73] Документите што американските трупи ги зеле од Марбург Германија во мај 1945 година, биле објавени кон крајот на 1950-те години, со што се потврдиле теориите дека војводата имал симпатии кон нацистичката идеологија.[74][75]

По војната, војводата во своите мемоари признал дека им се восхитувал на Германците, ни негирал дека бил настроен нацистички.[76]

Крајот на животот

уреди
 
Војводата во 1945 година

По војната парот се вратил да живее во Франција, а до крајот на животот живееле пензионирано, бидејќи војводата никогаш повеќе немал официјална служба по враќањето од Бахами. Финансискиот надомест на војводата бил надополнет со владини услуги и нелегално тргување со валути.[77] Градот Париз му одобрил куќа за живеење со номинална кирија,[78] а француската влада го исклучила од плаќање данок,[79][80] со што парот можел слободно да купува преку британската амбасада без да плаќа данок.[80] Во 1951 година, војводата објавил мемоари Приказната на кралот, во кои изразил несогласување со либералната политика. Девет години подоцна, напишал книга со наслов Семеен албум, каде зборувал за модата и навиките на кралското семејство од времето на Кралица Викторија до негово време.

Војводата и војвотката во 1950-те и 1960-те години често организирале забави и патувале меѓу Париз и Њујорк. Во јуни 1953 година, го гледале крунисувањето на Елизабета II на телевизија во Париз.

 
Американскиот претседател Ричард Никсон со војводите од Виндзор во 1970 г.

Во 1955 година, го посетиле претседателот Двајт Ајзенхауер во Белата куќа, а во 1970 година биле поканети на вечера во Белата куќа од претседателот Ричард Никсон.[81]

Кралското семејство никогаш не ја прифатило војвотката, а кралицата Мери одбивала да ја прими. Сепак, Едвард понекогаш се среќавал со мајка му и со брат му Џорџ VI, а присуствувал и на погребот на Џорџ во 1952 година. Кралицата Мери останала лута на Едвард и огорчена поради неговиот брак со Волис, велејќи му: „Да се откажеш од ова за тоа.“[82] Во 1965 година, војводата и војвотката се вратиле во Лондон, и биле посетени од Елизабета II, и неговата снаа, војвотката од Кент и сестра му кралската принцеза Мери. Во 1967 година, со кралското семејство присуствувале на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на кралицата Мери, а последната церемонија на која присуствувал војводата бил погребот на принцезата Марина во 1968 година.[83] Во 1969 година бил поканет од Елизабета II да присуствува на церемонијата на доделување на титулата Принц од Велс, но одбил велејќи дека принц Чарлс нема да го сака таму својот „стар чичко“.[84]

Во декември 1964 година, му се влошило здравјето, и бил опериран во Хјустон од аневризам на стомачната аорта, а во февруари 1965 година имал операција поради одвојување на ретината на левото око.. Кон крајот на 1971 година, војводата кој бил пушач уште од младоста, добил рак на грло, и му била препишана кобалтна терапија. На 18 мај 1972 година, кралицата Елизабета II го посетила парот додека била во државна посета на Франција, и разговарала со војводата 15 минути.[85]

Смрт

уреди

На 28 мај 1972 година, десет дена по посетата на кралицата, војводата починал во неговиот дом во Париз, пред својот 78 роденден. Неговите останки биле вратени во Британија, во капелата Св. Ѓорѓи во замокот Виндзор. Погребот се одржал на 5 јуни, на кој присуствувале кралицата, кралското семејство и војвотката ов Виндзор, која престојувала во Бакингемската палата. Бил закопан на кралските гробишта покрај кралскиот мавзолеј на кралицата Викторија и принцот Алберт.[86] Изнемоштена и болна од деменција, војвотката починала 14 години подоцна и била закопана до нејзиниот сопруг.[87]

Наводи

уреди
  1. Ziegler, p. 233.
  2. Middlemas, Keith; Barnes, John (1969). Baldwin: A Biography. London: Weidenfeld and Nicolson. стр. 976. ISBN 0-297-17859-8.
  3. Broad, p. 71.
  4. Broad, p. 75.
  5. Williams, p. 101.
  6. Windsor, p. 1
  7. Demoskoff, Yvonne (27 декември 2005), Yvonne's Royalty Home Page – Royal Christenings, Архивирано од изворникот на |archive-url= requires |archive-date= (help)
  8. Ziegler, p. 5
  9. Ziegler, p. 6
  10. Windsor, p. 7; Ziegler, p. 9
  11. Parker, pp. 12–13
  12. 12,0 12,1 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име matthew.
  13. Parker, pp. 13–14
  14. Kirsty McLeod (15 February 1999), „Historical Notes: The lamentable legacy of royal parenting“, Independent, Посетено на 10 September 2016
  15. „No. 28387“. The London Gazette. 23 June 1910. стр. 4473.
  16. „The Prince of Wales Starts Play“ (PDF), Polo Monthly, стр. 300, June 1914, Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-07-30, Посетено на 30 July 2018
  17. Parker, pp. 14–16
  18. Weir, Alison (1996), Britain's Royal Families: The Complete Genealogy Revised edition, London: Pimlico, стр. 327, ISBN 978-0-7126-7448-5
  19. Windsor, pp. 106–107 and Ziegler, pp. 48–50
  20. Roberts, p. 41 and Windsor, p. 109
  21. Ziegler, p. 111 and Windsor, p. 140
  22. Edward VIII (Jan–Dec 1936), Official website of the British monarchy, 12 January 2016, Посетено на 18 April 2016
  23. "Death of Youngest Son of King and Queen". Daily Mirror. 20 January 1919. p. 2.
  24. Broad, Lewis (1961), The Abdication: Twenty-five Years After. A Re-appraisal, London: Frederick Muller Ltd, стр. 4–5
  25. „Report of British Association for the Advancement of Science“, archive.org, University of Oxford: British Association for the Advancement of Science, Посетено на 21 September 2014
  26. Windsor, p. 215
  27. Voisey, Paul (2004), High River and the Times: an Alberta community and its weekly newspaper, 1905–1966, Edmonton, Alberta: University of Alberta, стр. 129, ISBN 978-0-88864-411-4
  28. Prince of Wales Trophy, National Hockey League, Посетено на 1 May 2010
  29. Middlemas, Keith; Barnes, John (1969), Baldwin: A Biography, London: Weidenfeld and Nicolson, стр. 976, ISBN 978-0-297-17859-0
  30. Windsor, p. 235
  31. Ziegler, p. 233
  32. Windsor, p. 255
  33. Bradford, p. 142
  34. Bowcott, Owen; Bates, Stephen (30 January 2003), „Car dealer was Wallis Simpson's secret lover“, The Guardian, London, Посетено на 1 May 2010
  35. Windsor, pp. 293–294
  36. Edward VIII, Royal Mint Museum, Архивирано од изворникот на 2016-09-16, Посетено на 4 August 2016
  37. Broad, pp. 56–57
  38. Broad, pp. 44–47; Windsor, pp. 314–315, 351–353; Ziegler, pp. 294–296, 307–308
  39. Windsor, pp. 330–331
  40. 40,0 40,1 Pearce, Robert; Graham, Goodlad (2013), British Prime Ministers From Balfour to Brown, Routledge, стр. 80, ISBN 978-0-415-66983-2, Посетено на 3 January 2019
  41. Windsor, p. 346
  42. Windsor, p. 354
  43. Windsor, pp. 354–355
  44. Beaverbrook, Lord (1966), Taylor, A. J. P. (уред.), The Abdication of King Edward VIII, London: Hamish Hamilton, стр. 57
  45. Windsor, p. 387
  46. Windsor, p. 407
  47. Edward VIII, Broadcast after his abdication, 11 December 1936 (PDF), Official website of the British monarchy, Архивирано од изворникот (PDF) на 12 May 2012, Посетено на 1 May 2010
  48. Ziegler, p. 336
  49. „No. 34349“. The London Gazette. 12 December 1936. стр. 8111.
  50. Williams, Susan (2003), „The historical significance of the Abdication files“, Public Records Office – New Document Releases – Abdication Papers, London, Public Records Office of the United Kingdom, Посетено на 1 May 2010
  51. 51,0 51,1 Ziegler, pp. 376–378
  52. Ziegler, p. 349
  53. Ziegler, p. 384
  54. Donaldson, pp. 331–332
  55. When the Duke of Windsor met Adolf Hitler, BBC News, 10 March 2016
  56. Rose, Kenneth (1983), King George V, London: Weidenfeld and Nicolson, стр. 391, ISBN 978-0-297-78245-2
  57. Speer, Albert (1970), Inside the Third Reich, New York: Macmillan, стр. 118
  58. No. 621: Minister Zech to State Secretary Ernst von Weizsäcker, 19 February 1940, in Documents on German Foreign Policy 1918–1945 (1954), Series D, Volume VIII, p. 785, quoted in Bradford, p. 434
  59. McCormick, Donald (1963), The Mask of Merlin: A Critical Biography of David Lloyd George, New York: Holt, Rinehart and Winston, стр. 290, LCCN 64-20102
  60. Bloch, p. 91
  61. Bloch, pp. 86, 102; Ziegler, pp. 430–432
  62. Ziegler, p. 434
  63. Bloch, p. 93
  64. Bloch, p. 119; Ziegler, pp. 441–442
  65. Bloch, p. 364
  66. Bloch, pp. 154–159, 230–233; Luciak, Ilja (2012), „The Life of Axel Wenner-Gren–An Introduction“, Во Luciak, Ilja; Daneholt, Bertil (уред.), Reality and Myth: A Symposium on Axel Wenner-Gren (PDF), Stockholm: Wenner-Gren Stiftelsirna, стр. 12–30
  67. Ziegler, p. 392
  68. Roberts, p. 52
  69. Morton, Andrew (2015), 17 Carnations: The Windsors, The Nazis and The Cover-Up, Michael O'Mara Books, ISBN 9781782434658, Посетено на 25 May 2015
  70. Bloch, p. 178
  71. Evans, Rob; Hencke, David (29 June 2002), „Wallis Simpson, the Nazi minister, the telltale monk and an FBI plot“, The Guardian, London, Посетено на 2 May 2010
  72. Higham, Charles (1988), The Duchess of Windsor: The Secret Life, New York: McGraw-Hill Publishers, pp. 388–389
  73. Bradford, p. 426
  74. Fane Saunders, Tristram (14 December 2017), „The Duke, the Nazis, and a very British cover-up: the true story behind The Crown's Marburg Files“, The Telegraph
  75. Miller, Julie (9 December 2017), The Crown: Edward's Alleged Nazi Sympathies Exposed, Vanity Fair, Посетено на 14 August 2018
  76. Windsor, p. 277
  77. Bradford, p. 442
  78. Ziegler, pp. 534–535
  79. Roberts, p. 53
  80. 80,0 80,1 Bradford, p. 446
  81. United Press International. "Duke, Duchess Have Dinner With Nixons" Times-News (Hendersonville, North Carolina) (Hendersonville, North Carolina) 6 April 1970; p. 13
  82. Bradford, p. 198
  83. Ziegler, pp. 554–556
  84. Ziegler, p. 555
  85. Duke too ill for tea with the Queen, BBC, 18 May 1972, Посетено на 24 October 2017
  86. Ziegler, pp. 556–557
  87. Simple funeral rites for Duchess, BBC, 29 April 1986, Посетено на 2 May 2010

Надворешни врски

уреди