Општина Чешиново-Облешево

општина во Македонија
(Пренасочено од Чешиново-Облешево)

Општина Чешиново-Облешевоопштина во Кочанско, Источна Македонија. Општинско седиште е селото Облешево. Општината била создадена во 2004 година со спојување на општините Чешиново и Облешево.

Општина Чешиново-Облешево
Општина
Знаме на Општина Чешиново-ОблешевоГрб на Општина Чешиново-Облешево
Карта
ДржаваМакедонија
РегионИсточен
Година кога е основана1945 (како месен народен одбор), 1996
СедиштеОблешево (2005-до денес), Чешиново (1996-2005)
Населени места
Управа
 • ГрадоначалникДалибор Ангелов
Површина
 • Вкупна132,2 км2 (51,0 ми2)
Население (2021)[1]
 • Вкупно5.471
 • Густина41/км2 (110/ми2)
Час. појасCET (UTC+01:00)
 • Лето (ЛСВ)CEST (UTC+02:00)
Повикувачки број+033
Регистарски табличкиKO
Мреж. местоcesinovo-oblesevo.gov.mk
Карта на општина Чешиново-Облешево со селските атари.
Демографска карта на општина Чешиново-Облешево со селските атари.

Историја

уреди

Историјата кажува дека денешната територијата на општина Чешиново-Облешево отсекогаш била центар на овој регион каде биле сместени органи на државната управа за секоја власт своевремено. Историските податоци кажуваат дека уште со формирањето на кралството СХС па сè до крајот на Втората светска војна овде било сместено седиштето на локалната власт на српските управители а подоцна и на бугарските кметови за време на Втората светска војна.

Со првиот закон за територијална организација на општините во Република Македонија од 1996 година на оваа територија постоеле две општини и тоа Општина Облешево и Општина Чешиново. Со законот за територијална организација од 55/2004, 12/2005 година општина Чешиново се припои кон општина Облешево во заедничка општина со едно име Општина Чешиново-Облешево.

Општи податоци

уреди

Општината Чешиново-Облешево се наоѓа во најнискиот рамничарски предел од Кочанско Поле. Зафаќа простор во средното сливно подрачје на реката Брегалница, во подножјето на планините Осогово и Плачковица.Општината зазема средишна позиција помеѓу поголемите градски општини Кочани, Штип и Пробиштип. Преку главната сообраќајница Штип-Кочани-Делчево, општината се поврзува со Р. Бугарија.

Општина Чешиново-Облешево зафаќа територија од 133,5 км2, на која се протегаат следните населени места: Чешиново, Облешево, Соколарци, Спанчево, Теранци, Чифлик, Кучичино, Бурилчево, Уларци, Жиганци, Бања, Врбица, Ново Селани и Лепопелци. Седиште на општината е Облешево. Целокупниот регион на општината е поделен на рамничарски дел- обработливо земјиште 6.618 ха и планински дел-шуми 1.045,3 ха. Просечната надморска височина во општината изнесува 338.Изразено по населени места тоа изгледа вака:

Село Надм. вис. (м) Површина во атарот (км2) Вкупна земјоделска површина (ха) Обработливо земјиште Пасишта Шуми
Бања 370 10,4 865 401 461 3
Бурилчево 330 5,6 516 286 224 6
Врбица 430 11,5 1.100 430 650 20
Жиганци 320 7,2 641 577 60 4
Кучичино 320 10,2 936 422 509 5
Лепопелци 330 4,0 352 308 44 0,5
Ново Селани 330 2,1 183 162 21 0,2
Облешево 305 6,3 587 579 8 0,6
Соколарци 340 19,0 1890 893 990 7
Спанчево 350 17,6 1.289 484 785 20
Теранци 340-400 21,6 2.012 614 445 953
Уларци 305 5,3 439 408 18 13
Чешиново 335 7,0 634 619 15
Чифлик 295 5,7 513 435 65 13
Вкупно 133,5 11.957 6.618 4.295 1.045,3

Население

уреди

Според последниот попис од 2002 година општината има 7.490 жители, од кои[2]:

Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 7.453 99,54
Албанци 0 0,0
Турци 3 0,01
Роми 0 0,0
Власи 28 0,40
Срби 4 0,05
Бошњаци 0 0,00
останати 2 0,01
Вероисповед Вкупно
православни 7.467
муслимани 1
католици 0
протестанти 0
останати 22
Јазик Вкупно
македонски 7.452
албански 0
турски 3
ромски 0
влашки 28
српски 4
бошњачки 0
останати 3

Сè до средината на минатиот век немаме пишани податоци за бројот на населението на територија на општина Чешиново-Облешево.Првите податоци ги сретнуваме дури во 1866 година, но и тие не се точни бидејќи се дадени по проценка: за македонското население е даден вкупниот број а за турското-само за машкото население.Поточни податоци се сретнувааат некаде дури околу 1900 година.Во табелата е наведен бројот на населението во сите населени места почнувајќи од 1900 година:[3]

Населено место 1900 1948 1961 2002
Бања 200 629 687 436
Бурилчево 100 178 240 149
Врбица 100 278 213 18
Жиганци 156 430 579 358
Кучичино 350 567 760 591
Лепопелци 140 135 156 17
Ново Селани - 78 123 71
Облешево 350 673 1011 1.098
Соколарци 680 1055 1307 946
Спанчево 785 923 1209 996
Теранци 395 834 882 710
Уларци - 334 465 356
Чешиново 310 791 1134 1.056
Чифлик 220 392 623 688
Вкупно 3.786 7.297 9.389 7.490

Денес на територија на општина Чешиново-Облешево живеат вкупно 7.490 жители (Попис 2002 година) изразено во домаќинства бројот изнесува вкупно 2.423 домаќинства или 2960 станови за живеење. Просечен број на членови на едно домаќинство изнесува 3,1. Според националната припадност на територија на општината живеат 7.455 Македонци, 30 се влашко население 4 срби и 1 се изјаснил како останато.Од вкупниот број на жители 45,6% се активно население.Густината на населението изнесува 56,6 жители на 1 км2. Миграцијата село-град последните години е доста опадната и младото население останува во општината, барајќи издршка во земјоделието.

Во табелата е прикажан вкупниот број на население даден според возрасни групи, состојба 30.06.2008 година, по спецификации. (Податоци од ДЗС)

Старосна група Вкупно Мажи Жени
0 56 34 22
1-2 113 58 55
3-4 117 64 53
5-6 125 69 56
7-9 224 111 113
10-14 413 208 205
15-19 494 245 249
20-24 525 278 247
25-27 308 167 141
28-29 179 92 87
30-34 521 305 216
35-39 481 266 215
40-44 507 262 245
45-49 558 308 250
50-54 566 309 257
55-59 540 296 244
60-64 414 203 211
65-69 348 170 178
70-74 365 159 206
75-79 248 97 151
80+ 214 86 128
Сите 7319 3789 3530

Природни ресурси

уреди
Клима

Карактеристична за ова поднебје е умерено континенталната клима која се одликува со долги и топли лета и кратки и благи зими.Годишната температурна амплитуда е доста голема и изнесува 25,4 °C.

Во Чешиново-Облешево зимата не е многу студена и не трае долго, ретко паѓа снег а и кога ќе падне не се задржува долго.Пролетта е умерено топла и во споредба со другите годишни времиња е доста врнежлива.Наспроти неа летото е многу топло и суво. Есента исто така е топла и често доста долга.

Ветровите во општина Чешиново-Облешево дуваат речиси од сите правци и во секое време од годината. Сепак најголема честина имаат ветровите кои дуваат од југозападен и од западен правец. Овие ветрови доаѓаат од Овче Поле поради што населението ги вика под едно име Овчеполец. Тоа се главно топли и прилично благи ветрови. Дуваат најмногу во пролет и во есен. На второ место е североистчниот ветар кој доаѓа по долината на реката Брегалница.Тоа е студен ветар и донесува ведро време. Дува најмногу зиме.

Од температурата на воздухот зависи неговата влажност која е важен климатски елемент за земјоделството .Просечната релативна влажност на воздухот изнесува 70%. Најниска е во месец август 56% а највисока во месец декември 83%.

Во Чешиново-Облешево паѓа просечно по 538мм дожд. Најмалку дожд паѓа во месец јули 25 мм, а најмногу во мај 68 мм. Најголем број од врнежите се во вид на дожд.

Бројот на деновите со магла е незначителен и облачноста не е голема. Средната годишна облачност изнесува 5,0. Вовлечен ред

Почва

Општина Чешиново-Облешево располга со земјиште со најквалитетни алувијални почви кои се протегаат по текот на реката Брегалница, Масалница Кочанска и Злетовска река. Ридскиот и планинскиот дел главно е покриен со делувијални почви. Овие два типа почви алувијалните и делувијалните зафаќаат околу 90% од целокупната површина на рамниот дел од котлината. Останатите видови почви како црвениците, смолниците и други покриваат 10%. Алувијалните почви имаат добри хемиски физички и хидропедолошки својства и како такви влегуваат во редот на најквалитетни видови почви. Тоа се млади почви кои и денеска се создаваат и постојано се обновуваат со нови количини речен нанос. Содржат доста хумус, органоминерали, глини и биогени елементи. Најпогодни за обработка се оние кои имаат длабок физиолошки активен слој со подземни води на 1-2 метри. Проблем претставуваат поплавите бидејќи тогаш со нанесувањето на чист чакал и песок врз плодните алувијални почви се создаваат и неплодни површини.Кон вливот на Злетовска Река во река Брегалница алувијалнитењ почви преоѓаат во песокливо глинести. Истите лесно се обработуваат и даваат високи приноси на ориз и други житни култури.

Делувијалните почви се раширени по рабниот дел на полето. Се јавуваат во вид на наносни конуси меѓу рамното дно и повисоките ридови и планински терени.Во зависност од механичкиот состав може да бидат песокливи и глинести.Малку содржат органски материјали и се сиромашни со хумус. На нив добро успеваат житата, афионот бостанот, а доколку се наводнуваат погодни се за овоштарници и лозови насади. Смолниците во вид на појаси се јавуваат во подрачјето на селата бања, Спанчево и лепопелци. Настанати се врз езерски терциерни глини и вулкански туфови. Кога се наводнуваат набабруваат, но слабо пропуштаат вода. Тешки се за обработка, меѓутоа содржат доста хумус и се плодни. Погодни се за одгледување на нивски култури, а посебно на пченицата. На нив успеваат и некои индустриски култури како шеќерната репа, памукот, тутунот и афионот.

Хидрогените црници содржат најмногу глина над 30% и доста хумус, поради тоа доста личат на смолниците. На нив се одгледуваат нивски култури и ориз (с.Кучичино).

Источно од Злетовска Река околу Уларското Блато се јавуваат мочурливи-глејните почви, но само на мали површини. Планинските делови на котлината главно се покриени со кафеави шумски почви. На нив расте шумска вегетација и тоа букова и иглолисна шума. Во полјоделството се користат за одгледување на р’ж и компири, а од овошјето на нив успеваат сливата и јаболката.

Хидрографија

Река Брегалница тече по средината на полето и е главен реципиент во котлината. Во неа се влеваат сите речни текови од ова подрачје. Во Кочанската Котлина (во која голем дел зафаќа и атарот на општина Чешиново-Облешево) Брегалница навлегува кај с.Истибања тече кон југозапад кон с.Крупиште. Низ полето реката има рамнински карактер со просечен пад од 1,8%. Коритото и е плитко и непостојано често затрупувано со наноси на притоките и пороите што предизвикува излевање на водата и пополнување на околното земјиште. Поголеми притоки на Брегалница се Кочанска Река, Оризарска Река и Злетовска Река кои се влеваат од десната страна на нејзиното корито.Покрај нив постојат и помали рекички и потоци како на пример Спанчевска река, Банска река и други кои немаат изградено корито до Брегалница.

Кочанска река извира од јужната страна на Лопенската Била на Осогово во месноста Ретки Буки на надморска височина од 1.630м, а во Брегалница се влева над с.Чифлик на 295 м.н.в.Од Кочани до вливот тече како рамничарска река. Оризарска река извира под Царев Врв на Осогово на надморска височина од 1.510м, а во Брегалница се влева кај с.Теранци на надморска височина од 320 метри. До с.Оризари долината е клисуреста и е позната како Оризарска Река, а потоа низ полето до вливот тече како низинска река под името Масалница.

Име на реката Површ.на сливот во км2 Должина во км Просечен пад Пошуменост (%)
Кочанска Река 198,0 34,0 39,3% 45
Оризарска Река 137,0 30,0 39,5% 50
Злетовска Река 460,0 50,0 25
Брегалница 4307,0 225,0 7,0%

Полето на територија на општина Чешиново-Облешево се наводнува со води од вештачкото езеро „Калиманци“. Тоа се наоѓа на реката Брегалница во Овчипалско-Истибањската клисура, а е изградено во 1969 година. Браната е каменонасипна со глинено јадро, висока 92м. А долга 240м. Езерото е долго 14км., широко 0,3км. и длабоко 80м. Зафаќа површина од 4.23 км2 и акумулира 127м3 вода. Основната намена на ова езеро е за наводнување на околу 28.000 ха главно оризови полиња во Кочанската котлина но и на дел од обработливите површини во Овче Поле. За таа цел изградени се два главни канали од кои десниот има должина од 98 км и водата од ова езеро ја носи дури до Овче Поле, а левиот 36 км. Вишокот од вода се користи за производство на електрична енергија преку за таа цел изградена хидроцентрала со инсталирана моќ од 12,8 MW.

Руди и рудни богатсва

Неметалите во овој регион се изразени преку организираната експлоатација особено на опалската бреча (рудникот за неметали „Опалит“ Чешиново) која се употребува за додаток во цементот ; потоа опализираниот туф од „Неметали“ Чешиново со производната програма од прашкасти и гранулирани производи со широка примена во технологијата за вода, градежништво, гумарската индустрија, хемиската индустрија и др.; глина од индустријата за градежни материјали ИГМ „Брегалница“ Кучичино градежен камен (андезити, андезитски игнимбрити, габро кровни шкрилци), пескови и чакали експлоатиран воглавно од речните корита на реката Брегалница и Злетовска Река. Опалска бреча Составена е од силициумова киселина (опал). Минерали во нејзиниот состав се: калцедон, каолинит, хематит, лепидокрокит. Наоѓа широка примена во цементната индустрија.

Опализиран туф Припаѓа на групата на пирокластични стени. Изразито е лесен и доста хигроскопен, доста е дроблив и крт. Наоѓа широка примена во градежната, цементната, керамичката и гумената индустрија како и во индустријата за вештачки ѓубрива. Кварцни суровини Се произведуваат следните видови на кварцни суровини: висококвалитетни кварцови и кварцити. Наоѓаат примена во електрометалуршката и хемиската индустрија како и во градежништвото. Од металите забележано е присуството на бакарот, цинкот, оловото и железно-титанските минерали со карактер на минеролошки појави чие присуство е забележано во централниот Осоговски масив.

Термални извори

Изворот во с.Бања во минатото претставувал каптажа во вид на обичен бунар соѕидан со камења, со длабочина од 2,30м и бил покриен со бетонска плоча отворена во средината за ослободување од водената пареа. Нивото на водата во каптажата се наоѓа на 1м под површината на теренот. Старата бања, примитивно изградена, се наоѓала до самата каптажа. Еден дел од водата од каптажата е спроведен во самата бања, а другиот во селската чешма која се наоѓа веднаш пред бањата. Денеска овде постои изграден бањолошки центар. За бањата е обезбедено доволна количина на термоминерална вода, која е со висока температура од 63˚С.

Лековитите својства на водата се исти со водата на Негорска бања. Така, констатирано е дека водата делува благотворно при лекувањето на следните болести: заболувања на жолчните патишта и жолчната кесичка, гинеколошки заболувања, воспаление на нервите, ревматични заболувања и други болести. Но најголем ефект со оваа вода како лековита е постигнат при лекувањето на чир на желудникот и на дванаесетпалачно црево.Оваа вода може да се применува и за инхалации, поради што може да има силно благотворно дејство на катаралните воспалувања на дишните патишта.

Во моментот бањолошкиот центар заради нерешените сопственички и управувачки права и односи не е во активна состојба, со што од една страна објектот е оставен на забот на времето, а потенцијалите за преотстапување на стопанисувањето од Владата на РМ, со што се надева дека наскоро ќе може да планира нов, современ развој на бањата.

 
Бањата во село Бања

Инфраструктура

уреди
Индустриски зони во општината
  • Локација 1

Назив: Индустриски дел с.Чешиново
Сопственост: Приватна
Површина на атарот:16,35 ха
Локација: Од Магистрален пат М5 до влезот на с.Чешиново
Локацијата е погодна за дејностите:Производство, преработка, трговија
Инфраструктура: Се наоѓа непосредно до Магистралниот пат М5. Водоводната мрежа поминува непосредно покрај локалниот пат Л1 кој го поврзува с.Чешиново со Магистралниот пат М5 (лесна достапност до подземни води), канализационен систем со пречистителна станица функционира во населеното место Чешиново. Во индустрискиот дел сеуѓте нема спроведено канализациона мрежа.
Информации: Близина до Магистралниот пат М5 кој ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија. Оддалеченост од поголемите центри, од Штип 20км, од Кочани 10км. Оддалеченост од општинскиот центар Облешево 3км.

Локација 2
Назив: Дел од урбан блок „4“ Облешево
Сопственост: Државна
Површина на атарот: 8,00 ха
Локација: На влезот во с.Облешево, непосредно покрај магистралниот пат М5
Локацијата е погодна за дејностите:Производство, преработка, трговија
Инфраструктура: Пристапност до водовод, канализација, асфалтни патишта.
Информации: Близина до Магистралниот пат М5 кој ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија.

Електрификација
На подрачјето на општина Чешиново-Облешево сместена е трафостаница 35/10 kV „Чешиново“ која е регионален центар за напојување со електрична енергија. Оваа трафостаница има инсталирана моќност од 4 MVA и се напојува преку 35 kV-тен далновод Кочани-Чешиново со должина од 10.280м.Од неа излегуваат 10 kV водови за напојување на дистрибутивните трафостаници во селата Чешиново, Чифлик, Кучичино, Бурилчево, Уларци, Жиганци, Лепопелци, Ново Селани, Врбица, Соколарци и Спанчево, а постои и врска за напојување на с. Облешево.

ПТТ мрежа
На територија на општината има солидна телекомуникациска инфраструктура со вкупна мрежа од 2.000 броеви. Во делот на поштенскиот сообраќај на оваа територија делува и работи ЈП „Македонска пошта-подружница Кочани“ со свои поштенски единици во населените места Облешево и Чешиново.

Водовод
Во делот на водоснабдувањето на граѓаните во општина Чешиново-Облешево ќе го напоменеме следното: Населено место Бања е приклучено на регионалниот систем за водоснабдување, односно со вода за пиење се снабдува преку градски водовод Кочани. Во населените места Облешево, Чифлик и Чешиново постои секундарна водоводна мрежа. Истите се поврзани со градски водовод Кочани, но сè уште мрежата не функционира. Со вода за пиење се снабдуваат преку поединечни дупнатини-хидрофори. Во населените места Теранци, Соколарци, Спанчево, Кучичино и Жиганци постојат локални водоводи и со нив сè уште стопанисуваат Месните Заедници. Останатите населени места со вода за пиење се снабдуваат преку поединечни дупнатини-хидрофори. Општината има изготвено проект за регионален водовод во кој се опфатени 12 населени места во општината. Најзначајниот проект со кој ќе се овозможи квалитетно и системски да се реши водоснабдувањето на општина Чешиново-Облешево е изградбата на браната Речани на Оризарска Река. Со проектот е планирано водите од Оризарска Река да се користат преку повеќенаменски хидросистем за водоснабдување на населението и индустријата на општините Чешиново-Облешево, Кочани и Виница.

Канализација
Канализациона мрежа има во две населени места и тоа во Чешиново и во Облешево. Во Чешиново постои и Пречистителна станица на фекалната канализација. Истата е од анаеробен тип. Населено место Облешево не е целосно опфатено со канализациона мрежа.

Патна мрежа
Низ општината поминува магистралниот пат М5 кој ја поврзува Р Македонија со Р.Бугарија. Сите населени места во општината се поврзани со локални патишта. Должината на локалната патна мрежа во општината изнесува 71,7 км од кои асфалтирани се 34,050 км а 37,650 км се земјени патишта.

Јавно Претпријатие
Услугите од јавен карактер на територија на општината ги извршува Јавното Претпријатие за Комунални Дејности „Облешево“, Облешево.

Образование

уреди

Наставата во општина Чешиново-Облешево се изведува во две основни и осум подрачни училишта и тоа во склоп на ОУ „Климент Охридски “ Облешево работат четири подрачни училишта во населените места Бања, Теранци, Чифлик и Кучичино, а во склоп на ОУ „Страшо Пинџур“ Соколарци работат исто така четири подрачни училишта во населените места Чешиново, Спанчево, Жиганци и Уларци. Во моментов наставата ја следат вкупно 584 ученика. Во училиштата се вработени вкупно 71 наставник во одделенска и предметна настава. Заради вклучување на граѓаните од регионот преку различни облици на активности кои ќе овозможат размислување и дејствување во согласност со современите научни, културни и демократски достигнувања се формира Невладината организација „ Центар за едукација Чешиново-Облешево“. Центарот во соработка со Основните Училишта на територија на општината организира курсеви по информатика и странски јазици.

Културно историски споменици

уреди

Дека овој крај бил многу густо населен во античко време покажуваат многу археолошки наоди и споменици.Меѓу археолошките материјали најчесто сретнуваме големи римски питоси, покривна и градежна керамика, фрагменти од други керамички садови, фрагменти или цели надгробни споменици и некрополи.

Големи римски питоси се најдени а и денес сè уште се откриваат на повеќе места но треба да се напоменат наоѓалиштата „Турски гробишта“ кај селото Бања-каде се откриени и цели антички згради, и „Градиште“ во близина на Спанчево.Антички скулптури и надгробни споменици се откриени и во наоѓалиште кај с. Теранци, тоа е тркачки коњаник претставен во акција со хламида лесно подигната и набрана од ветерот. Околу нозете на коњот движењето го следи и едно куче. Споменикот денес се наоѓа во лапидариумот на Музејот во Штип.На 7км од селото Теранци се откриени исто така остатоци од бедем и неколку згради.

По својата местоположба и форма посебно интересно е градиштето во близина на селото Бурилчево. Местото е наречено „Пилаво“. Во него се откриени траги од бедем што опфаќал поголем зарамнет простор во кој останало многу градежен материјал и керамика. Овде се откопани и неколку римски питоси. Интересно за споменување е и градиштето над селото Соколарци. Од постарите зачувани цркви ќе ја споменеме таа посветена на св.Архангел Михаил во с.Спанчево. Од стариот фреско живопис во олтарниот простор се зачувани светителите од „Великиот вход“ и „Богородица ширшаја небеса“.Стилската анализа на зачуваниот живопис укажува на времето од XVI до XVII век. Во XIX век црквата била преправана и доградена при што поголемиот дел од стариот живопис бил уништен. Од постарите цркви е и црквата „Манастириштето“ над с.Соколарци.

 
Црква Архангел Михаил с.Спанчево

Спорт и спортски манифестации

уреди

Од спортските манифестации вредно за споменување е одржувањето на Илинденски Спортски Игри Чешиново-турнир во фудбал, кој оваа година се одржа по 41ви пат. Турнирот односно манифестацијата трае еден месец 01.07-02.08 секоја година. На турнирот учествуваат екипи на Месните Заедници пошироко од Источниот Регион. Покровител на игрите традиционално е општина Чешиново-Облешево. Оваа манифестација е од битно значење како за афирмирање на фудбалот воопшто така и за развивање на спортскиот дух кај младите. На полето на спортот активни се Фудбалските Клубови „Злетовка“ Жиганци, „Сокол“ Соколарци, „Плачковица“ Теранци, „Мак Млин“ Чешиново, „Ревија“ Чифлик, „ Слобода“ Облешево, „Брегалница“ Кучичино, „Правда“ Бања и „Опалит“ Спанчево кои се натпреваруваат во општинската лига.

 
Илинденски спортски игри

Деловни субјекти

уреди

Општина Чешиново-Облешево претставува една од ретките општини во Република Македонија со висок степен на стопанска развиеност и со оглед на тоа има извонредна основа за перспективен економски развој.Тука се сместени и стопанисуваат повеќе индустриски и преработувачки капацитети. Рудниците Опалит и Неметали (наоѓалишта на вулканизиран туф кој се користи во цементната индустрија); фабриките за ориз и млиновите „Мак Млин“, „Млин Пајо-Оризарство“, „Млин Кула“, „Прогрес“, „Данбоз“, „Го-Мил“, „Еуро Производ“, „Млин Уларци“; погоните за лесна конфекција „Јани-текс“ и „Ро-Ма текс“, млекарата „Осогово-Милк“ , фабриката за тули ГЗ „Брегалница“; бензинската пумпа „Еуро Петрол“, станицата за технички преглед „Еуро Контрол“, транспортното претпријатие „Нале Транс“ и други. На територија на општината работат и неколку ресторани и кафе барови. Најпосетени од нив се Ресторанот Амбасадор во Облешево и кафе барот Мак Млин во Чешиново.

Здравство - социјален сектор

уреди

На територија на општина Чешиново-Облешево работат три амбуланти по општа медицина од кои две во населеното место Чешиново „Ана Мед“ и „ИН Медика“ и една во Облешево „Д-р Влатко“. Во амбулантите работат по еден доктор и една медицинска сестра. Амбулантите се модерно опремени за комплетна превентивна здравствена заштита на населението на територија на општина Чешиново-Облешево па и пошироко. На територија на општината работат и две стоматолошки ординации во кои работат по еден доктор стоматолог и еден забен техничар „Стома Дент“ и „Даре Дент“.Ординациите се сместени во Чешиново и Облешево. Амбулантите работат секој работен ден а во сабота, недела и празници воведени се дежурства. На територија на општината работи и една аптека во населеното место Чешиново. За зачувување на сточниот фонд на територија на општината работи Ветеринарната станица „Здравје“.

Лов и риболов

уреди
Лов

Ловното Здружение „Горица“ од с.Чешиново е корисник на ловиштето бр.4 Соколарци (Одлука на Влада бр.23-2157/3 од 16.05.2000 година). Вкупната површина што ја зафаќа ловиштето изнесува 8350 ха од кои под ловна површина 8110 ха, ловнопродуктивна површина 7270, ловно непродуктивна површина 840 ха и не ловна површина 240 ха. Намена на ловиштето е за одгледување, заштита и ловење на ситен дивеч.Во границите на ловиштето се среќаваат следните видови на дивеч без заштита и тоа: лисица, ласица, кунабелка, твор, јастреб, кокошкар, страчка, волк и др.Што се однесува на бројноста на дивечот без заштита не е забележана пренамноженост на некој од нив со исклучок на лисицата.

Дивеч под заштита во Ловиштето бр.4 Соколарци се див зајак, полска еребица и еребица камењарка.

Риболов

Во река Брегалница можат да се сретнат следните видови на риба: Црвеноперка, Клен, Бојник и други. Во средниот и долниот тек на Злетовска река ги има следните видови на риба: Мрена, Клен, Кленче, Вретенар, Караш, Попадика, Бојник и други.

Самоуправа и политика

уреди

Градоначалник на општина Чешиново-Облешево е Горанчо Крстев од редовите на СДСМ. Тој бил избран на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[4] Советот на општина Чешиново-Облешево е составен од 11 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност се:

 
  СДСМ: 5 места
  ВМРО-ДПМНЕ: 5 места
  НДМ: 1 место

Организација на единицата на локална самоуправа Чешиново-Облешево

уреди

Организациона поставеност:

-Градоначалник
-Претседател на Советот
-Совет на општина Чешиново-Облешево , 11 членови на Советот
-Комисиии на Советот

Постојани Комисии на Советот се:
1. Комисија за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина,
2. Комисија за финансии, буџет и локален економски развој
3. Комисија за општествени дејности
4. Комисија за статут и прописи
5. Комисија за мандатни прашања, избори и именувања.

Организациона поставеност на општинската администрација

- Општинската администрација во општина Чешиново-Облешево се организира во одделенија .
- Одделенија се образуваат заради обединување на повеќе меѓусебно поврзани подрачја од надлежност на општината како и за извршување на: нормативно-правни работи, управување со човечки ресурси, стручно-аналитички, управни, управно-надзорни, информативно-документациони, стручно-оперативни, материјално-финансиски, инвестициони, информатичко технолошки, стручно-административни како и други работи што се извршуваат во органите на Општината.

- Општинската администрација ја сочинуваат:

1.Одделение за човечки ресурси, правни и општи работи

2.Одделение за урбанизам,финансии, администрирање на даноци и такси и локален економски равој

3.Одделение за инспекциски работи

 
Стар грб на Чешиново-Облешево.
 
Стар грб на Чешиново-Облешево 2006-2015

Наводи

уреди
  1. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
  2. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 24 јуни 2011.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  3. „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
  4. „Заклучок за конечност на резултати од гласањето во вториот круг на Локалните избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 3 декември 2017.

Надворешни врски

уреди