Чифлик (Кочанско)
Чифлик — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.
Чифлик | |
![]() Воздушен поглед на Чифлик | |
Координати 41°52′8″N 22°19′2″E / 41.86889°N 22.31722°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Кочанско Поле |
Население | 545 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2301 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 13046 |
Надм. вис. | 295 м |
Слава | Атанасовден летен |
![]() |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во средишниот дел на Кочанското Поле, сместено во Општина Чешиново-Облешево, недалеку од патот Кочани-Штип.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 295 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 13 километри.[2]
До селото поминува патот Кочани-Штип, кој сега е заменет со новиот експресен пат Штип-Кочани на А3.[2]
Селото се наоѓа десно од реката Брегалница, а во близина се наоѓаат селата Облешево на североисток и Чешиново на запад. Во минатото се споменувало и како Полски Пашаџик. Во 1921 и 1926 година, Брегалница го поплавила селото. Водата за пиење во минатото се добивала од бунари.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мраморица, Стара Река, Пералиште, Долно Поле, Прстен, Гладни Рид, Оризиште, Шамак, Млешки, Средно Поле и Ѓурлук.[3]
Селото има збиен тип, чии поединечни групи на куќи се наречени по поголемите родови како Ќеримци, Пачаризи, Табаци и други.[3]
Историја
уредиНародната традиција пренесува дека на местото на денешното село постоело село уште пред доаѓањето на Турците. Во тоа село имало манастир, но со доаѓањето на Турците тие ги убиле поповите и го срушиле селото. По ова, земјата била во посед на некој паша.[3]
Први жители кои дошле на пашината земја и кои го основале денешното село биле предците на македонските родови Ќеримци, Пачаризи и Табаци, кои дошле од пустото селиште Буќевци, во подножјето на Плачковица. Ова ново село Турците го нарекле Пашаџик или Полски Пашаџик за разликување од Пашаџиково на Осоговските Планини. По Првата светска војна, селото било водено како Полски Пашаџик, а потоа како Оливерово. Меѓутоа, Македонците од селото секогаш го нарекувале Чифлик.[3]
Во 1912 година, во селото имало околу 30 македонски домаќинства.[3]
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 5,7 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 435 хектари, па затоа селото има полјоделска функција.[2]
Во него услужни објекти.[2]
Во отоманскиот период во селото имало осум чифлици, чии сопственици биле: пет од Кочани (Омер-ефенди, Кара Омер, Барјактар Омер, Суљеман Арнаут и Македонецот Ципур), двајца од Штип (Каракач Мемет и Евреинот Јауди Бор) и еден од Скопје (Ибраим-ефенди). Оваа земја била купена од мештаните по Балканските војни и по Првата светска војна.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Чифлик (Пашаџик Полски) живееле 220 жители, сите Македонци.[4]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Чифлик имало 304 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[6]
Селото е средно по големина, населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 623, а во 1994 година 706 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, селото имало 667 жители, од кои 666 Македонци и 1 Србин.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 545 жители, од кои 511 Македонци и 34 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 220 | 304 | 392 | 459 | 623 | 610 | 688 | 744 | 704 | 667 | 545 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
уредиЧифлик е македонско село. Сите жители потекнуваат од доселеници.[3]
Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:
- Најстари родови: Табаци (11 к.), Ќеримци или Јанковци (9 к.), Пачаризи (8 к.) и Бошковци (4 к.), тие порано живееле во старото село. Табаци и Бошковци порано биле еден род, во родот Ќеримци некој човек се оженил со православна Ромка, и затоа во овој род и сега има некои луѓе со темна боја на кожата.
- Доселеници:
- Доселеници со познато потекло: Трогерчанци (5 к.), доселени се од селото Трогерци кај Штип; Златановци (5 к.), доселени се од селото Чешиново, таму биле род со Кашовци; Неделковци (6 к.), доселени се од селото Ерџелија во Овче Поле; Шоневци (3 к.), доселени се од селото Спанчево; Припечанци (2 к.), доселени се од селото Припечани; Јаќимовци (1 к.), основачот на родот е доселен како посинет од селото Спанчево;
- Доселеници со непознато потекло: Вардинци (5 к.) и Колевци (9 к.), доселени се, но не знаат од каде.
- Најнови доселеници: Егејци (2 к.) и Полачани (10 к.), првите дошле во 1947 година од Егејска Македонија и добиле земја и куќи од државните власти, а вторите дошле во 1949 година кога во Чифлик била основана работничката задруга. Имаат потекло од селото Полаки на Осогово. Во 1960-тите години немале свои куќи и земја и работеле во селската задруга „Буковец“.
Иселеништво
уредиВо поново време е забележано значително иселување од селото.
Општествени установи
уреди- Подрачното основно училиште „Климент Охридски“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Климент Охридски“ - Облешево
- Задружен дом
-
Задружниот дом
-
Основното училиште
Самоуправа и политика
уредиНа крајот од XIX век, Чифлик било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Облешево.
Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облешево, во која покрај селото Чифлик се наоѓале селата Бања, Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци, Облешево, Спанчево и Тркање. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Облешево, во која влегувале селата Бања, Облешево, Спанчево и Чифлик.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0885 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на домот на културата.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 537 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 539 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[16]
- Гробишта — некропола од доцноантичко време.
- Цркви[17]
- Црква „Св. Наум Охридски“ — главна селска црква; и
- Евангелска црква — евангелска црква.
- Параклиси
- Параклис „Успение на Пресвета Богородица“ — параклис во селото
- Споменици
- Споменик на НОБ
-
Спомен-плочата на споменикот
-
Главната селска црква „Св. Наум Охридски“
-
Споменикот во селото
-
Евангелската црква во селото
Редовни настани
уреди- Слави[3]
- Атанасовден летен — главна селска слава
Култура и спорт
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 319. Посетено на 11 јануари 2025.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 134-135. OCLC 16745284.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р. 132-133.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 11 јануари 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 11 јануари 2025.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 182. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.