Мустафино
Мустафино — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.
Мустафино | |
Поглед кон селото | |
Координати 41°50′21″N 22°04′30″E / 41.83917° СГШ; 22.07500° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Свети Николе |
Област | Овче Поле |
Население | 400 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2225 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 24024, 24524 |
Надм. вис. | 390 м |
Слава | Спасовден |
Мустафино на општинската карта Атарот на Мустафино во рамките на општината | |
Мустафино на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото потекнува од турското лично име Мустафа.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Овче Поле, во југоисточниот дел на територијата на Општина Свети Николе.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 390 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено 19 километри.[3]
Селото се наоѓа околу малата Буриловска Река, лева притока на Светиниколска Река. Споменатата положба е добра од стопански причини, јужно и западно од селото селаните имаат големи површини на обработлива земја и ливади, а на ридестата зона источно од селото се наоѓаат пасишта. Во Мустафино постојат две чешми и поголем број на бунари, кои во минатото биле главен извор на вода за пиење. Водата во чешмите доаѓа од извор северно од селото. Во атарот на селото постојат и други помали извори.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Орлобрегица, Дупки, Сиврикара, Умиште, Мера, Врсник, Кашли, Курчи Рид, Длаги Рид, Буба-Ружин Дол, Ѓерен, Крушка, Калин-Трла, Кочански Пат, Калдрма, Река, Ливади, Буниште, Пиринча, Сусерка, Бозли, Длаги Мери, Дрварски Пат, Црвени Брегови, Буриловско Рамниште, Копана Чука, Ќерамидница, Пударница и Голема Страна.[2]
Селото има збиен тип и е поделено на два дела: Старо Село (лево од реката) и Населеничко Маало (десно од реката). Во старото село живеат постарите македонски и скоро доселените влашки родови, а до 1912 година таму живееле и Турци. Населеничко Маало е основано по Првата светска војна од страна на српски колонисти.[2]
Селото е поврзано со асфалтен пат од соседното село Ерџелија.
Историја
уредиОстатоците од старини укажуваат дека на денешното село имало жители уште од стари времиња. Мештаните зборуваат дека во самото село покрај реката ископувале „римски гробови“, наоѓале стари ќерамиди и друго.[2] Најстарата населба на подрачјето на селото, на местото Узун Мери, датира уште од палеолитот.
Народната традиција наведува дека денешното село било основано од Турците. До 1912 година во селото имало 60 турски куќи, но таа година со отпочнувањето на Балканските војни тие се иселиле заедно со отоманската војска и нивните куќи биле запалени.[2]
Со иселувањето на турското население, на нивното место дошле српски колонисти. Вкупно се населиле 63 семејства, главно Срби од Далмација, кои добиле 10 до 20 хектари. Овие жители биле иселени од бугарските окупаторски власти во 1941 година.[2]
Стопанство
уредиАтарот е релативно голем и зафаќа простор од 29,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.638 хектари, на пасиштата отпаѓаат 338 хектари, а шуми речиси и да нема.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото работи земјоделска задруга и услужни објекти.[3]
За време на отоманскиот период, голем дел од земјата ја држеле турски и албански бегови поделена на 15 чифлици. Сите бегови живееле во Штип. До 1912 година, Македонците немале своја земја, за потоа да ја добијат со аграрната реформа. Во овој период, земја добиле и новите српски колонисти. По нивното иселување за време на Втората светска војна, нивната земја припаднала половина на земјоделската задруга „Ерџелија“, а половина на новите македонски доселеници.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мустафино живееле 340 жители, од кои 145 Турци, 130 Македонци и 65 Роми.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мустафино имало 80 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци и 100 Власи.[6]
Поради голема емиграција на населението, Мустафино преминало од големо во средно село по големина. Така, во 1961 година селото имало 947 жители, од кои 777 биле Македонци, а 170 жители останати, а во 1994 година бројот се намалил на 564 жители, од кои 517 биле Македонци, 44 Власи и 3 Срби.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Мустафино живееле 517 жители, од кои 475 Македонци и 42 Власи.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 400 жители, од кои 360 Македонци, 23 Власи и 17 лица без податоци.[8]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Мустафино:
Година | Македонци | Власи | Срби | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | 782 |
1953 | 723 | 135 | 2 | 1 | — | 861 |
1961 | 777 | — | 0 | 170 | — | 947 |
1971 | 791 | — | 5 | 41 | — | 837 |
1981 | 620 | 71 | 6 | 2 | — | 699 |
1991 | 528 | 44 | 6 | 0 | — | 578 |
1994 | 517 | 44 | 3 | 0 | — | 564 |
2002 | 475 | 42 | 0 | 0 | — | 517 |
2021 | 360 | 23 | 0 | 0 | 17 | 400 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
уредиМустафино е македонско-влашко православно село.[2]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:
- Македонски родови: Воловци (6 к.), доселени се на почетокот на втората половина на XIX век од селото Ранченци. Се доселил Јане, кој бил дедо на Сане (жив на 70 г. во 1956 година); Лазаровци (2 к.) и Сатировци (4 к.), доселени се однекаде после првиот род; Давидковци (1 к.), доселени се од селото Стануловци кон крајот на XIX век; Кршевци (3 к.), Маневци (1 к.), Јаневци (2 к.), Доневци (3 к.) и Гиговци (3 к.), доселени се од селото Врсаково; Здравевци (1 к.), Наковци (1 к.) и Коцевци (2 к.), доселени се од селото Судик; Погачка (1 к.), доселени се од селото Кадрифаково; Тасевци (1 к.), доселени се од селото Богословец; Тесличка (2 к.), доселени се од селото Горно Црнилиште; Цуцуловци (3 к.), доселени се од селото Долни Балван, ; Стојменовци (2 к.), доселени се од селото Бистренци, Демиркаписко; Ладе (1 к.), Бунгуровци (1 к.), Бојковци (1 к.), Данил (1 к.), Ѓеровци (3 к.), Гоцевци (1 к.), Тренчевци (1 к.), Костовци (2 к.), Сеневци (2 к.), Тодосовци (4 к.), Колевци (2 к.), Дојчин (1 к.), Стојилко (1 к.), Миајловци (1 к.), Васил (1 к.), Алексо (1 к.), Станисавци (1 к.), Стево (1 к.), Стојмен (1 к.), Крало (1 к.), Анѓел (1 к.), Тасе (2 к.), Гоговци (2 к.), Тимовци (3 к.), Стојче (1 к.), Стојан (1 к.), Коле (1 к.), Стојан (1 к.), Гоговци (2 к.), Милјан (1 к.), Трајко (1 к.), Милко (1 к.), Марини (3 к.), Доне (1 к.), Кузман (1 к.), Баруто (1 к.), Киро (1 к.), Менчо (1 к.), Филемон (1 к.), Петре (1 к.), Стојиловци (2 к.), Стојил (1 к.), Максим (1 к.), Петре (2 к.). Ѓеровци (2 к.), Величко (1 к.), Стојмен (1 к.), Цоне (1 к.), Станини (2 к.), Ѓеле (1 к.), Јосим (2 к.), Гоче (1 к.), Мите (1 к.), Ѓеро (1 к.) и Славе (1 к.), споменатите родови дошле во периодот помеѓу 1924 и 1946 година во куќите на иселените турски родови, како и во куќите на подоцна иселените српски колонисти. Доселени се од Кривопаланечко и Кратовско (Конопница, Сурлица, Опила и др.).
- Влашки родови: Мишовци (3 к.), Михајловци (2 к.), Колевци (2 к.), Митевци (5 к.), Колчовци (2 к.), Костовци (1 к.), Пачуро (1 к.) и Сурдовци (2 к.), наведените родови се доселени во периодот помеѓу 1917 и 1949 година. Тие биле номади, летото го поминувале во околината на Крива Паланка, на местото Калин Камен. Додека во зима биле во Солунско, Велешко и Овче Поле. Нивното право потекло е од околината на Грамошта во Егејска Македонија, од каде избегале во времето на Али-паша Јанински.
Иселеништво
уредиТурското население од селото е иселено во Турција.[2]
Од македонското население се знае за иселеници во Богословец (Ќосевци), Алакинци (Шаркови), Стањевци (Карафиловци, подалечно потекло од Пчиња кај Куманово), Врсаково (Моневи и Давидкови), Ерџелија (Божинови) и Сарчиево (Лечови).[2]
Некое време во селото живеело и српско колонистичко население кое потекнувало од Далмација. Во текот на Втората светска војна нив Бугарите ги иселиле во Србија.[2]
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Даме Груев“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Даме Груев“ - Ерџелија
- Дом на културата
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Мустафино било село во Штипската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ерџелија, во која покрај селото Мустафино, се наоѓале и селата Амзабегово, Аџибегово, Богословец, Буриловци, Горно Црнилиште, Делисинци, Долно Црнилиште, Ерџелија, Кадрифаково и Пеширово. Општината Ерџелија постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе влегувале селата Ерџелија, Кадрифаково и Мустафино.
Избирачко место
уредиВо селото се наоѓа избирачкото место бр. 1698 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место се опфатени и селата Арбасанци, Буриловци и Стануловци.[9]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 347 гласачи.[10]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 340 гласачи.[11]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[12]
- Немашница - Рамниште — населба од римско време
- Пиринџа — населба од бронзено време
- Турски Гробишта — населба и некропола од римско време
- Ќерамидница — населба од доцноантичко време
- Узун Мери — палеолитска населба[13]
- Цркви
- Црква „Вознесение Христово“ — главна селска црква, подигната на местото на некогашниот селски крст
- Џамии[2]
Во минатото во селото постоела џамија покрај Стара чешма во горниот дел на селото, каде денес се наоѓа куќата на влашкото семејство Костови.
- Реки[2]
- Буриловска Река — тече низ селото
Редовни настани
уреди- Слави[2]
- Спасовден — главна селска слава
Личности
уреди- Герасим Јанев (1879-?) — војвода на ВМОРО и ВМРО
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 751–754.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 204. Посетено на 15 април 2021.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 232.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 134-135.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 15 април 2021.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 15 април 2021.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 24 март 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 355. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Пронајдени орудија на неандерталци на локалитетот "Узун мери"