Ранченци
Ранченци (порано: Ранчинци) — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.
Ранченци Ранчинци | |
Поглед кон селото | |
Координати 41°55′32″N 22°02′57″E / 41.92556° СГШ; 22.04917° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Свети Николе |
Област | Овче Поле |
Население | 25 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2220 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 24031 |
Надм. вис. | 460 м |
Слава | Света Троица |
Ранченци на општинската карта Атарот на Ранченци во рамките на општината | |
Ранченци на Ризницата |
Потекло на името
уредиСелото првпат се споменува во XV век под името Хранчинци, а низ вековите ова име било подложно на промени. Се претпоставува дека доаѓа од личното име Ранча или Ранче, што доаѓа од Хранимир или Хранислав.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Овче Поле, во источниот дел на територијата на Општина Свети Николе.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 460 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено 13 километри.[3]
Селото се наоѓа во една долина на самата граница помеѓу котлинската површина и ридскиот појас. Селото има слабо вода. Во него постојат две чешми со оскудни количества вода, а исто така има и неколку бунари, кои не се погодни за вода за пиење.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Високи Рид, Руглица, Камена Струга, Пешевица, Сурин, Спасевица, Гладница, Друм, Соколова Чука, Сталеви Трнци, Дретин Дол, Ремин Крс, Принишор и Бошкова Црква.[4]
Селото има збиен тип. Одредени групи на куќи се наречени по самите родови, како Пакосовци, Голевци, Николовци и други.[4]
До селото се стигнува преку асфалтен пат кој се двои од регионалниот пат Свети Николе-Пробиштип.
Историја
уредиСеверозападно од селото се наоѓа месноста Пинишор, каде денес се наоѓаат обработливи површини. Таму мештаните наоѓале врчви, обработени камења и ќерамиди. Вакви старини се сретнуваат и во месноста Дретин Дол, западно од селото.[4]
Нема податоци кога е основано денешното село. Бидејќи во минатото селото било чифличко, во него не се зачувани стари родови, односно домаќинставата во него се преместувале од едно во друго село. Најстари родови во селото се Пакосовци, доселени однекаде. По нив дошле и другите родови, а најнов род се Коневци, доселени во првата деценија на XX век.[4]
Месноста Бошкова Црква се наоѓа повисоко од селото во северна насока. Во отоманскиот период таму постоела градба, која по заминувањето на Турците, каменот се искористил за изградба на манастирот „Св. Недела“. Манастирот се наоѓа во близина на самата месност.[4]
Во 1912 година во селото имало 15 македонски домаќинства, кои работеле на чифлиците. Само малкумина имале своја земја.[4]
Во 2014 година името на селото официјално е сменето во Ранченци.[5]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 11,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 540 хектари, на пасиштата отпаѓаат 433 хектари, а на шумите 180 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
За време на отоманскиот период, малкумина селани поседувале своја земја, но постоел 6 чифлици. Пет од нив биле на Турци, а еден во посед на Македонец, сите од нив живееле во Штип. По 1912 година целата земја од чифлиците била продадена на селаните. По Втората светска војна, државното претпријатие основано во Немањици одземало 100 хектари плодна земја од селаните за нивни потреби.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Ранченци живееле 233 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ранченци имало 280 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[8]
Од селото се иселил голем број од населението, така што селото преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 445 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 67 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Ранченци живееле 38 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 25 жители, од кои 21 Македонец и 4 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 233 | 280 | 460 | 477 | 445 | 294 | 137 | 74 | 67 | 38 | 25 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиРанченци е македонско православно село.[4]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:
- Родови со непознато потекло: Пакошовци (20 к.), Голевци (8 к.), Николовци (7 к.), Кастревци (6 к.), Стојчевци (3 к.), Зајковци (4 к.), Миајловци (3 к.) и Домазетовци (5 к.), доселени се однекаде. Родот Домазетовци потекнува од домазет, родот Пакошовци е најстар во селото.
- Родови со познато потекло: Кочановци (6 к.), доселени се од кочанското село Секулица во втората половина на XIX век, во Секулица имаат истоимени роднини; Бурчеји (5 к.), доселени се во втората половина на XIX век од соседното село Макреш; Коневци (1 к.), доселени се од соседното село Немањици, каде што веројатно биле староседелци.
Иселеништво
уредиОд Ранченци имало иселување уште од пред многу одамна. Се знаат следните постари иселеници: Барутчинци се иселиле во селото Макреш во XIX век; Воловци се иселиле во селото Мустафино, таму се иселиле во средината на XIX век. Други иселеници од постаро и поново време има во Свети Николе, Скопје, Штип и Бугарија.[4]
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Ранченци било село во Штипската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Немањици, во која покрај селото Ранченци, се наоѓале и селата Арбасанци, Горно Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Мечкуевци, Немањици, Орел, Патетино и Стануловци. Селото било дел од некогашната општина Мечкуевци во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Арбасанци, Буриловци, Мечкуевци, Ранчинци, Патетино и Станулевци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1697 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа. Во избирачкото место влегуваат селата Мечкуевци, Патетино и Ранченци.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи.[16]
На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[18]
- Бошкова Црква — средновековна црква;
- Желкоец — населба од доцноантичко време;
- Петрилово — вила рустика од доцноантичко време;
- Сталеви Трници — населба од доцноантичко време;
- Црквиште — средновековна црква и некропола; и
- Шутевец — средновековна некропола.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Недела“ — манастирска црква.
- Манастири
- Ранченски манастир — манастир над селото
Редовни настани
уреди- Слави[4]
- Света Троица — главна селска слава
- Томина Недела и Св. Јован се одбележуваат во манастирот.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 138. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 254. Посетено на 27 април 2021.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 738–740.
- ↑ „Закон за изменување и дополнување на законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија“ (PDF). Сл. Весник на Р Македонија, бр.149 од 13.09.2014 година. Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-10-28. Посетено на 2020-05-28.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 233.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 134 - 135.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 април 2021.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 24 март 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 357. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.