Арбасанци

село во Општина Свети Николе

Арбасанци — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.

Арбасанци

Поглед кон селото

Арбасанци во рамките на Македонија
Арбасанци
Местоположба на Арбасанци во Македонија
Арбасанци на карта

Карта

Координати 41°53′25″N 22°05′04″E / 41.89028° СГШ; 22.08444° ИГД / 41.89028; 22.08444
Регион  Вардарски
Општина  Свети Николе
Област Овче Поле
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2225
Повик. бр. 032
Шифра на КО 24003
Надм. вис. 490 м
Слава Духовден
Арбасанци на општинската карта

Атарот на Арбасанци во рамките на општината
Арбасанци на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Селото се наоѓа во областа Овче Поле, на крајниот источен дел на територијата на Општина Свети Николе и со еден мал се допира со подрачјето на Општина Пробиштип.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 490 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено повеќе од 15 километри.[2]

Селото се наоѓа во непосредна близина на Стануловци на југ и селото Буриловци на југозапад. Западно од селото се протега висорамнина на височина од 450 метри, која се обработува. Источно од селските куќи се издигнува земјиштето составено од еруптивни карпи, кое е покриено од трева и шума. Во селото имало три извори, кои биле соѕидани во чешми, кои биле наречени Стара чешма, Чумче и Вишна. Понатаму од селото се послабите извори Млака и Димискин.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Петрева Струга, Оштра Чука, Голо Брдо, Три Камена, Црвена Земја, Змијарник, Ардовати Камен, Корија, Вражи Вир, Вишни Дол, Ливадско Кладенче, Солиште, Големо Брдо, Шајкова Орница, Калуѓер, Горна и Долна Пударница, Крс, Ковиљак, Три Долци, Ќерамидница, Војнички Рид, Коцева Млака, Мелиш, Поровиште, Чука, Брег, Дупки, Орлов Камен и Главица.[3]

Селото има збиен тип и издолжено во насока северозапад-југоисток. Се разликуваат Горно и Долно Маало.[3]

Селото скоро и да не е поврзано со никаков пат и до него се пристапува преку земјен пат низ ниви.

Историја

уреди

Арбасанци претставува старо село, кое отсекогаш се наоѓало денешното место. Старо е и името на селото, за кое мештаните не го знаат потеклото. Во селото се зачувани староседелски македонски родови.[3]

Од пишаните извори се знае дека севастократорот Дејан го приложил селото на манастирот „Св. Богородица“ во Архиљевици, додека царот Душан во 1355 година го потврдил истото. Сепак некои проучувачи сметаат дека ова се однесува за селото Арбанашко во околината на Куманово.[3]

Во XIX век, Арбасанци било село во Штипската каза на Отоманското Царство.

Стопанство

уреди

Атарот не е многу голем и зафаќа простор од 6,4 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 442,1 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 185 хектари, а на шумите само 9,2 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]

Во текот на отоманскиот период во селото постоел чифлиг на некој Аџи-Мемет од Штип, додека останатата земја била на селаните. Околу 1910 година, Аџи-Мемет го продал чифлигот, а мештаните купиле ниви и во атарот на соседното село Буриловци.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948169—    
1953193+14.2%
1961163−15.5%
197123−85.9%
19818−65.2%
ГодинаНас.±%
19915−37.5%
19944−20.0%
20021−75.0%
20210−100.0%

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[4]

Селото е мало и во 1961 година броело 163 жители, а во 1994 година само четири жители, македонско население.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Арбасанци живеел само 1 жител, Македонец.[5]

Според последниот попис од 2021 година, во селото немало жители.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 169 193 163 23 8 5 4 1 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[6]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[7]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Родови

уреди

Арбасанци е чисто македонско православно село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се:

  • Староседелци: Туклерци (2 к.), Зоневци (6 к.), Веселиновци (1 к.), Тренчевци (4 к.), Трипчевци (3 к.), Брдарци (2 к.), Анчевци (4 к.) и Темелковци (1 к.), сите наведени родови се староседелски, првите три рода потекнуваат од ист предок;
  • Доселеници: Шоповци (2 к.), не знаат точно од каде се доселени, но според името може да се претпостави дека се од Кривопаланечко или Кратовско.

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Свети Николе во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Немањици, во која покрај селото Арбасанци, се наоѓале и селата Горно Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Мечкуевци, Немањици, Орел, Патетино, Равници и Стануловци. Селото било дел од некогашната општина Мечкуевци во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Арбасанци, Буриловци, Мечкуевци, Ранчинци, Патетино и Станулевци.

Избирачко место

уреди

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1698 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Мустафино. Во ова избирачко место се опфатени и селата Арбасанци, Буриловци и Стануловци.[10]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 347 гласачи.[11]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 340 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[13]
  • Ќерамидница — населба и некропола од доцноантичко време; и
  • Црквиште — средновековна црква и некропола.
Цркви[3]

Во селото постоела мала црква „Св. Атанасиј“, која од 1950-тите години е во рушевина. Околу нејзе се наоѓале селските гробишта.[3]

Редовни настани

уреди
Слави[3]

Иселеништво

уреди

Од селото се иселил значителен дел од населението. Со сигурност се знае за следните иселеници, во следните овчеполски села: Дедо-Мишеви се иселиле во селото Патетино, Трпчеви и Моневи се иселиле во селото Врсаково, а Доневи се иселиле во селото Мустафино. Од селскиот род Туклерци има иселеници во Буриловци. Од Тренчевци и од Брдарци има иселеници во Стануловци. Од Шопови има иселеници во Мустафино и во Ерџелија.[3]

Некои семејства се иселувале и во градовите. Во Штип се иселиле: Зоневи, Темелкови, Трипчеви, Веселинови и Шопови. Во Свети Николе се иселиле Тренчеви, Анчеви и Шопови.[3]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 13. Посетено на 23 март 2021.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 742–743.
  4. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  5. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 март 2021.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  9. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  10. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 23 март 2021.
  11. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 23 март 2021.
  13. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 345. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди