Врсаково
Врсаково — село во Општина Штип, во областа Овче Поле, во околината на градот Штип.
Врсаково | |
![]() Воздушен поглед на Врсаково | |
Координати 41°49′01″N 22°07′08″E / 41.81694°N 22.11889°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Овче Поле |
Население | 33 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2000 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 30005 |
Надм. вис. | 310 м |
Слава | Спасовден |
![]() |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа на крајниот северен дел на Општина Штип, чиј атар се допира со подрачјата на општините Свети Николе и Карбинци.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 310 метри. Од градот Штип, селото е оддалечено 13 километри.[2]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1204 кај селото Криви Дол.
Селото се наоѓа во југоисточниот дел на областа на самата граница на котлината Овче Поле. Околни села се: Сарчиево, Мустафино и Криви Дол. Во минатото, мештани со вода за пиење се служеле од неколку бунари, а подоцна од пумпи.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Вршник, Ливади, Диклиташ, Калдрма, Сарван, Желкарник, Азмак, Пејковица, Чумец, Чафкарица, Бандрлија, Лојзишта, Црвеница, Солена Вода или Река, Баба-Ружин Дол и Јанин Гроб.[3]
Селото има збиен тип. Одредени делови од селото се групирани во куќи по родови, како Деда-Трајчини, Петрушеви, Николови и други.[3]
Историја
уредиПодрачјето на Врсаково било населено уште од доцноантичкото време, за што сведочат остатоците од населба во наоѓалиштето Судичка Река, сместено на 2 километри североисточно од селото.[4]
Месноста Солена Вода или Река се наоѓа северно од Врсаково, долж долината на Судичка Река. Важи предание дека таму постоело големо и старо село Врсаково, а мештаните кажуваат дека тоа било турско село. Се раскажува дека во него секоја година имало по 80 девојки за мажење и по 80 коњи (атови). Но, во селото настапила чума, која го уништила. На месноста се забележуваат остатоци од некогашното село и се познаваат турски гробишта.[3]
Денешното село е основано по раселувањето на старото турско село и веројатно се случило во првата половина на XIX век. Основачи биле Македонци, кои дошле на чифлигсахабијска земја.[3]
Се говори дека и во денешното село имало појава на чума, кратко по основањето на селото. На месноста Раскрсница постои место Чумини Дупки.[3]
Во 1926 година во селото имало 26 македонски куќи.[3]
За време на српската окупација од 1912 до 1941 година селото силно настрадало.[5] Селаните Пано Митев Трајчев и Тоде Митев Трајчов биле одвлечени од своите домови ноќе и до денес не се знае на кое место биле масакрирани. Пред да бидат одвлечени биле тепани и измачувани во селото заедно со Ване Куков, тепан поради тоа што син му Коце Куков дезертирал од српската војска, потоа Јован Врсачки, тепан поради истото, син му Јордан дезертирал, и Илија Бравчев, кој многу бил тепан по војничкиот бунт кај Криви Дол и Врсаково. Српските четници на Јован Бабунски и жандармите со посебна жестокост се пресметувале со селаните од Врсаково поради тоа што дезертерите Коце, Јордан и Ване се вклучиле во четата на деецот на ВМРО, Иван Јанев–Брло. Сите тепани селани изумреле од добиените повреди.[5]
Селото доста се зголемило по Втората светска војна, кога во него дошле македонски и влашки родови.[3]
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 13,7 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.021,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 300,9 хектари, додека шумско земјиште нема.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]
Во минатото, во селото имало чифлици (вкупно 12). Нивни сопственици биле Мемет-бег, Џелал-бег, Исмет-бег, Џеладин-бег, Сулеман-бег, Тајфур-ага, Хусеин-ага, Ариф-ага, Ибрахим-ага, Кадри-ага, Мула Реџеп и Аџи-Ибрахим, сите од Штип. Сите Македонци работеле на нивните како чифлигари. По 1912 година, чифлиците пропаднале. Едни селани ја купиле земјата од чифлиците, а други ја добиле со помош на државната аграрна реформа.[3]
Во 1947 година, во него било основано државното земјоделско друштво „Црвена Вода“, кое го зазело третина од атарот на селото.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Врсаково живееле 120 жители, сите Македонци.[6]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Врсаково имало 216 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[8]
Од Врсаково повеќе од половината на неговото население емигрирало. Во 1961 година селото броело 395 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 141 жител, од кои 127 биле Македонци, а 14 жители Власи.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 77 жители, од кои 66 Македонци и 11 Власи.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 33 жители, од кои 18 Македонци, 4 Власи, 1 останат и 10 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 120 | 216 | 341 | 355 | 395 | 334 | 240 | 138 | 141 | 77 | 33 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиВрсаково е мешано македонско-влашко православно село.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1956 година родови во селото се:
- Македонски родови:
- Доселеници:
- Доселени во текот на XIX век: Дедо-Трајчини (5 к.), доселени се од селото Немањици во Овче Поле. Изгледа таму биле староседелци; Куковци (2 к.), доселени се од селото Куково кај Пробиштип. Го знаат следното родословие: Милан (жив на 74 г. во 1956 година) Јане-Тасе, кој се доселил; Буклевци (2 к.), доселени се од селото Криви Дол. Таму изгледа биле староседелци; Митеви (2 к.), Коцеви (2 к.), Дедо-Тасени (2 к.), Гигови (2 к.) и Митреви (1 к.), доселени се однекаде;
- Доселеници по Првата светска војна: Трпчевци (2 к.), доселени се во 1926 година од селото Арбасанци; Давидкови (2 к.), доселени се од селото Мустафино. Подалечно потекло од Стануловци каде биле староседелци; Андонови (1 к.), доселени се од селото Богословец. Таму имаат роднини, подалечно потекло од Ерџелија; Василеви (1 к.), доселени се од селото Карбинци;
- Доселеници по Втората светска војна: Петрушеви (6 к.), доселени се во 1945 и 1946 година од Кратовско; Борисови (1 к.), Иванови (1 к.), Павлеви (1 к.), Николови (2 к.), Велкови (2 к.), Накови (1 к.) и Богатинови (2 к.), доселени се од селото Кнежево кај Кратово; Димитрови (1 к.), доселени се од селото Одрено кај Крива Паланка.
- Доселеници:
- Влашки родови:
- Доселеници: Николови (5 к.) доселени се во 1926 година од селото Пишица кај Пробиштип; Ташкови (2 к.), доселени се во 1934 година од селото Макреш кај Куманово; Тодорови (2 к.), доселени се во 1946 година од споменатото село Пишица; Мишеви (2 к.), доселени се во 1954 година од селото Брусник кај Неготино; Атанасови (2 к.), доселени се во 1955 година од селото Кадрифаково.
Иселеништво
уредиОд селото се иселиле поголем дел од македонското население (забележано до 1956 г.), како што се Стојкови (3 к.), Беркови (3 к.) и Шијакови (3 к.) во соседното Сарчиево (заминале во средината на XIX век), Кршеви (3 к.), Маневи (1 к.), Јаневи (2 к.) и Гигови (3 к.), се иселиле во Мустафино, во Штип живее едно домаќинство од Деда-Трајчини и едно домаќинство на Костадин Михајлов.[3]
Во поново време е забележан драстичен пад на бројот на населението.
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
уредиНа крајот од XIX век, Врсаково било село во Штипската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Штип, една од ретките општини која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Штип.
Во периодот 1955-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Штип.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Три Чешми, во која покрај селото Врсаково се наоѓале селата Батиње, Доброшани, Долно Трогерци, Криви Дол, Сарчиево, Судиќ, Сушево, Тестемелци, Три Чешми и Чардаклија. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Црвена Sвезда, во која влегувале селата Врсаково, Доброшани, Криви Дол, Сарчиево, Судиќ, Сушево, Тестемелци и Црвена Sвезда.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 2285 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на зградата на поранешното основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 62 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 63 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[4]
- Судичка Река — населба од доцноантичко време.
- Цркви[3]
- Црква „Вознесение Христово“ — главна селска црква.
- Реки[18]
- Судичка Река — мала река во селото
Редовни настани
уреди- Слави[3]
- Спасовден — главна селска слава
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Врсаково
- Давче Трајчев Калеов — македонски револуционер од ВМОРО.[19]
Култура и спорт
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 63. Посетено на 21 февруари 2025.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 746-749.
- ↑ 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 429. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 5,0 5,1 Галев, М-р Димитар (1991). Белиот терор во Југоисточна Македонија 1912–1941 година; Книга прва. Штип: Друштво на наука и уметност. стр. 677.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 230.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 136-137.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 21 февруари 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 22 февруари 2025.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 71. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Државен архив на Република Македонија.