Мислешево
Мислешево — село во Општина Струга, во непосредна близина на градот Струга. Поради близината на својот град, се смета и за негово предградие.
Мислешево | |
Координати 41°11′6″N 20°42′31″E / 41.18500° СГШ; 20.70861° ИГД | |
Општина | Струга |
Население | 2.969 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 26032, 26532 |
Надм. вис. | 700 м |
Мреж. место | Мислешево |
Мислешево на општинската карта Атарот на Мислешево во рамките на општината | |
Мислешево на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото е распослано во наносната рамнина на охридскиот басен, што се простира околу Струга. Тоа е најблиското село до градот Струга и се наоѓа на околу 2 км североисточно од него. Отсекогаш било, а и денес е, едно од најголемите села во Струшкото Поле. Се наоѓа во струшката котлина, на десната, источна, страна на реката Црн Дрим, на околу 700 метри надморска височина. Неговиот атар на север се граничи со атарот на селото Мороишта, на североисток со атарот на селото Волино, на исток со атарите на селата Требеништа, Горенци и Оровник, на југ со Охридското Езеро, на северозапад со градот Струга и на запад со реката Црн Дрим. Неговата катастарска плоштина зафаќа простор од 1318 хектари.
Во атарот на селото Мислешево, како поголеми и попознати, се сретнуваат следните месности: Рибница, Бјоларница, Крбла, Пералиште, Требенишки Мост, Волински Пат, Мороишки Пат, Мороишка Топола, Кошара, Стара Пруга, Влак, Темни Јаз, Доганџица, Бостаниште, Шаркиница, Поливада, Вишевско Блато, Пашиница, Градски Пат, Маторник, Шемоска Ограда, Бранејнца, Барски Ливаѓе, како и некои помали микротопоними, со локално маалско или семејно значење.
Историја
уредиОд каде дошло името на селото Мислешево е доста тешко да се утврди. За тоа постојат доста преданија, меѓу кои се прикажува и една мала анегдота за името на селото, во која се вели дека неговите жители се думале какво име да му дадат на селото. Долго и долго мислеле, мислеле... и на крајот му го дале името „Мислешо“ или „Мишлешо“, како што се нарекувало и нарекува во народниот говор. Според некои извори името е од словенско потекло и спаѓа во групата лични имиња, а е изведено од зборот „мисл“. Во средниот век се споменува „стас“ – полски имот во село Мислешево, кој кралот Душан (1342-45 г.) со своја даровница, му го дарувал на манастирот „Света Богородица Перивлепта“, денешен „Свети Климент“ во Охрид. Во минатото околу селото се протегало познатото струшко блато, што го предизвикувале поплави, кои биле присутни во доцните есенски, зимски и раните пролетни месеци, предизвикувани од излевањето на езерото и реките Црн Дрим и Сатеска. Тогаш низ селото се одело исклучиво со чизми, односно „скорни“, како што тука се нарекуваат, или пак со кукалки, за што мислешевци биле добри мајстори. Но, затоа пак, полето било многу плодородно.
Стопанство
уредиКако приградска населба на градот Струга и големо село во Струшкото поле, кое е сместено а важен автомобилски пат, Мислешево е економски многу развиено село. Голем е бројот на луксузни куќи за живеење, а скоро секое семејство има свој луксузен патнички автомобил. Земјоделската механизација, составена од трактори, комбајни, косачки, балирки и слични механизирани орудија, претставува неоделив дел од секое замјоделско семејство. Со тоа животот е многу олеснет, земјоделското и сточарското производство многу зголемени, а селото се претвори во вистинска приградска населба. Поради поволните услови од земјоделството најзастапено е одгледувањето на жита, односно пченица и особено пченка, градинарски култури како домати од познатата сорта „воловско срце“, пиперки, кромид, зелка, овоштарство односно одгледување на познатите цреши, јаболка, сливи, круши. Од сточарството се застапени одгледувањето на крави и овци.
Во Мислешево денес, мошне успешно, работат неколку индустриски капацитети, производствени погони и стоваришта за граежни материјали, печатници, три салони за мебел, автосервиси, локали за забавен живот на младите, сместувачки капацитети за туристи, трговски и други приватни претпријатија.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мислешево имало 700 жители, сите Македонци.[2] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мислешево имало 504 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[3]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Мислешево е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 62 куќи.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[5]
Селото броело 1.213 жители во 1961 година, додека во 1994 година имало 3.246 жители, од кои 2.668 се Македонци.
Мислешево е големо село и според својата местоположба всушност претставува предградие на Струга бидејќи по пат на конурбација и доселување на голем број луѓе во населбата Мислешевски Пат веќе е споена со градот Струга.
Согласно пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 3.507 жители, од кои 2.791 Македонец, 28 Турци, 13 Роми, 527 Албанци, 66 Власи, 15 Срби и 67 останати.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.969 жители, од кои 2.195 Македонци, 368 Албанци, 50 Турци, 26 Роми, 38 Власи, 7 Срби, 3 Бошњаци, 182 останати и 100 лица без податоци.[7]
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[8]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 761 |
1953 | 1.028 | 1 | — | — | — | — | ... | — | — | 1.029 |
1961 | 1.204 | 2 | — | ... | ... | 1 | ... | 6 | — | 1.213 |
1971 | 1.301 | 5 | — | — | ... | — | ... | 2 | — | 1.308 |
1981 | 1.886 | 76 | 1 | — | 4 | 3 | ... | 18 | — | 1.988 |
1991 | 2.928 | 68 | 26 | 12 | 28 | 11 | — | 57 | — | 3.130 |
1994 | 2.668 | 433 | 52 | — | 41 | 14 | — | 38 | — | 3.246 |
2002 | 2.791 | 527 | 28 | 13 | 66 | 15 | — | 67 | — | 3.507 |
2021 | 2.195 | 368 | 50 | 26 | 38 | 7 | 3 | 182 | 100 | 2.969 |
Родови
уредиСелото Мислешево, отсекогаш било населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед, кои и во денешно време претставуваат најдоминатно мнозинство во населеното место во кое како жители се водат и лица од други националности, кои всушност живеат во струшката приградска населба Мислешевски Пат, која административно се води како дел од Мислешево. Во етнографските истражувања се забележани следните родови, кои може да се поделат во староседелци, постари доселеници и поновои доселеници.
- Македонски родови:
- Староседелци и доселеници со непознато потекло: Шулевци (30 к.), Мечкаровци (6 к.), Коруновци (3 к.), Мижимаковци (15 к.), Шавревци (8 к.), Љубевци (7 к.), Рембовци (9 к.), Кајмаковци (20 к.) и Бунчевци (7 к.). Првите три рода се најстари, тие се најверојатно староседелци. Од родот Кајмаковци потекнува познатиот пејач Даниел Кајмакоски.
- Стари доселени родови со познато потекло: Кожевци (2 к.) доселени се од селото Волино; Бочевци (10 к.) доселени се од некое село во Дебрца; Шуковци (10 к.) доселени се од селото Горенци; Прентовци (20 к.) доселени се од селото Прентово во Албанија. Тоа село било западно од Струга, на пат за Елбасан; Рајчиновци (10 к.) доселени се од селото Рајце, исто така во Албанија. Како се зборува Рајце се наоѓало во близина на селото Прентово.
- Понови доселеници: Ташманоруштани (22 к.), Луковчани (12 к.), Брчевци (8 к.), Радождани (7 к.), Јабланичани (7 к.), Длабочанци (7 к.), Луковчани (4 к.), Нережани (4 к.), Ржановци (3 к.) и Вевчанци (1 к.). доселени се во периодот од 1971-1977 година. Имињата ги носат по селата од каде се доселени.
- Муслимански родови:
- Албански род: Франговци (1 к.) доселени се од селото Франгово.
- Торбешки род: Лабуништанци (7 к.) доселени се од селото Лабуништа.[9]
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:
- Староседелци: Шулевци (24 к.) и Мечкаровци (4 к.)
- Со непознато потекло: Ѓиковци (4 к.), Кајмаковци (21 к.), Бочевци (9 к.), Шавревци (3 к.), Крецевци или Крецуле (1 к.), Коруновци (3 к.), Бунчевци или Џутевци (4 к.)
- Доселеници: Прентовци (26 к.) околу 1750 година се иселиле од селото Прентово кај Елбасан во Албанија. Најпрво се населиле во селото Лабуништа, каде останал еден дел од родот. Потоа се населиле во Заграчани, Враништа и Охрид. Па во почетокот на XIX век некој ага ги донел во Мислешево; Мижимаковци (11 к.) доселени се околу 1808 година од селото Болно во Преспа; Лабовци (6 к.) доселени се околу 1820 година од селото Мешеишта кај Охрид; Шуковци (4 к.) доселени се околу 1890 година од селото Горенци кај Охрид; Гагалевци (3 к.) доселени се од Охридско; Крстановци или Сирулци (3 к.) доселени се од селото Сирула кај Охрид; Кожевци (1 к.) доселени се од селото Волино кај Охрид, таму имале роднини; Черенковци (1 к.) доселени се од селото Сливово во Дебрца; Рајчиновци или Трајковци (14 к.) доселени се на почетокот од XIX век од селото Рајце, западно од Охридското Езеро, во Албанија.[10]
Општествени установи
уредиВо Мислешево работи осумгодшно основно училиште, а има и 3 православни христијански цркви. Во селото има и Василичарско друштво кое за Василица организира караневал и работи КУД „Мислешево“.
- Црква „Св. Јован Крстител“ - Мислешево
- Црква „Воведение во храм на Пресвета Богородица“ - Мислешево - осветена во 1992 година. Истата е изградена во поголеми размери и осветена на 9 септември 2007 година од страна на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.[11]
- Црква „Св. Климент Охридски“ - Мислешево
- Манастир ,,Пресвето Преполовение" - Мислешево (народски наречена Руса Среда)[12]
Самоуправа и политика
уредиКултурни и природни знаменитости
уредиРедовни настани
уредиЛичности
уреди- Јонче Лабоски (р. 1920) - партизан, учесник во НОБ
- Даниел Кајмакоски - македонски пејач.
- Милан Климов Мижимаковски — македонски револуционер од ВМОРО.[13]
- Ванѓел Стевов Мижимаковски — македонски револуционер од ВМОРО.[13]
Култура и спорт
уреди- ФК Работник
Иселеништво
уредиОд родовите поединечно се знае за следните иселеници до крајот на 1940-тите:
- Од Шулевци иселеници има во Бугарија (едно семејство од 1860 година), Романија (две семејства од 1860 година),Бороец (како домазет од 1900 година), Горни Милановац (две семејства од 1903 година) и во Струга (четири семејства од 1910 година).
- Од Ѓиковци иселеници има во Битола (едно семејство од 1932 година).
- Од Кајмаковци иселеници има во Струга (три семејства од 1908 и 1936 година) и во Бугарија (две семејства од 1918 година).
- Од Бунчевци иселеници има во Мороишта (како домазет од 1908 година), и во Струга (три семејства од 1910 година)
- Од Прентовци иселеници има во Волино (како домазет од 1942 година) и во САД (две семејства од 1907 година)
- Од Лабовци иселеници има во Сливница (едно семејство од 1928 година)
- Од Шуковци иселеници има во САД (две семејства од 1905 година)
- Од Гагалевци иселеници има во Романија (две семејства од 1898 година)
- Од Кожевци иселеници има во Мешеишта.[10]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 254. ISBN 954430424X.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 164-165.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 30.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован (1992). Охридско струшка област. Белград: САНУ.
- ↑ 10,0 10,1 Русиќ, Бранислав. Струшко Поле-Мислешево. Архивски фонд на МАНУ АЕ 88/1.
- ↑ „Осветување на нова црква во Мислешево, струшко“. МПЦ - ОА. 11 септември 2007. Посетено на 2011-01-09.
- ↑ „Осветување на црквата во Мислешево“. Струга Портал. 1 август 2009 00:10. Архивирано од изворникот на 2022-05-18. Посетено на 2011-01-09. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ 13,0 13,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.