Радожда

село во Општина Струга

Радожда — село во Општина Струга, во околината на градот Струга, југозападна Македонија.

Радожда

Радожда и Охридското Езеро

Радожда во рамките на Македонија
Радожда
Местоположба на Радожда во Македонија
Радожда на карта

Карта

Координати 41°6′14″N 20°37′59″E / 41.10389° СГШ; 20.63306° ИГД / 41.10389; 20.63306
Општина Општина Струга
Население 710 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 26043
Надм. вис. 725 м
Слава Голема Богородица
Радожда на општинската карта

Атарот на Радожда во рамките на општината
Радожда на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на селото Радожда и Охридското Езеро од патеката кон пештерната црква Св. арх. Михаил
 
Плажа во Радожда

Радожда се наоѓа на западниот брег на Охридското Езеро, крај македонско-албанската граница. Сместено е во југозападниот дел на Општина Струга, чиј атар се доира до државната гранична линија и брегот на Охридското Езеро[2]. Радожда е сместено во подножјето на карпест гребен кој се спушта од планината Јабланица. Селото е рамничарско и расположено на надморска височина од 700 до 725 метри. Од градот Струга е оддалечено 11 километри во јужен правец и на два километри од границата со Албанија. Атарот зафаќа површина од 7,9 км2, од кои шумите зафаќаат 505 хектари, пасиштата 185 хектари и обработливото земјиште само 59 хектари[2]. Иако нема одговарачки природни услови, селото има варошки налик, односно изглед на мало гратче.[3] До крајот на Втората светска војна Радожда била од типот на мала селска населба со куќите збиени на куп во подножјето на варовничкиот одсек, меѓутоа во поново време населбата е изградена крај самиот брег на Охридското Езеро во правец север-југ, во должина од 1000 метри, на тој начин здобивајќи се со низински тип и доста модерни и големи куќи.[3]

Називите на потезите во рамки на селскиот атар се следните: Ќафа Сан, Завој, Лаз, Преслоп, Истоци, Босештина, Нојница, Млака,Шиклица, Кошјо, Дуко-рид, Мал лаз, Љогумно, Локов, Локоска краста, Кајмакчалан, Евли, Горна и Долна Поповница, Лештев, Брегој, Тумба, Тудерен, Осој, Јабланово, Пештев, Аралица, Селиште, Богоројца, Краста, Пескојна, Горно и Долно Ливадиште, Елен Камен (или Еленско).[3]

Историја

уреди
 
Пештерната црква „Св. Архангел Михаил“

Селото Радожда е доста старо, со постојано постоење од околу X века. Со сигурност се знае дека постоело во средновековниот период, каде што од пишуваните извори како Душановата повелба од 1342-1345 година кога било подарено на црквата Пресвета Богородица Перивлепта во Охрид, се споменува под името Радобужда.[3] Подоцна во Опширниот описен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа. Селото било формирано во планинските ливади на околу еден километар на запад. Но близината на езерото како важен извор на храна ги натерало селаните да се преселат во приобалата и тука да ја формираат новата населба. Како најстари семејства се Шеќероски, Солакоски, Пејоски, Скрчески, Кутаноски, Шопоски. Во селото постои зачувано предание дека во минатото кога насила биле преобратени во ислам православните Македонци во соседното село Рајца (денес во Албанија), обидите тоа да се стори и во Радожда останале неуспешни, бидејќи некои жени се самоубивале скокајќи од високиот карпест отсек западно од селото со цел само да не се потурчат.[3]

Радожда во XX век

уреди

Пред воспоставувањето на државната граница, постоеле многу живи врски помеѓу жителите на Радожда и соседните села Лин и Рајца, кои денес се наоѓаат во рамките на Албанија. До крајот на Првата светска војна во 1918 година, жителите на Радожда одржувале тесни стопанско-економски и општествени врски, меѓу кои чести биле и брачните врски, но по воспоставувањето на границата селото Лин станало мешано христијанско-муслиманско.[3] Слични врски биле одржувани и со селото Рајца, со кои се склопувале т.н. шишани кумства, се разменувале производи и сл.

За време на Втората светска војна за време на италијанско-албанската окупација, Радожда на неколкупати била ограбувана од албанците наречени „балисти“ од селото Чезме, кое се наоѓа на соседната планина Мокра, чиј пат кон Струга водел низ Радожда каде што убиле 4 мажи, отерале жива стока и ограбиле покуќнина, накит, пари.

Стопанство

уреди
 
Женска народна носија од Радожда, сликана пред 1930 г.

Во основа Радожда има полјоделско-шумарска функција[2], меѓутоа населението на селото сè повеќе се насочува и е вклучено во второстепените и третостепените стопански гранки, како што се туризмот, индустриското производство и занаетчиството. Историски населението на Радожда се занимавало со 3 стопански дејности - земјоделство, сточарство и риболов, кои постепено биле заменети од занаетчиството - градежништвото и туризмот.[3] Во минатото сточарството било главната гранка, а селото по кажувања на постарите имало „булуци и булуци (стада) кози, овци, говеда и коњи“ со чија помош се наѓубрувало обработливото земјиште кое добро раѓало, а освен тоа 14 домаќинства се занимавале и со риболов, меѓутоа постпено економски населението почнало да остварува приходи од другите дејности и пензии со кои купува леб, млеко и други намирници во продавниците.[3] Во селото засега работи еден погон на фабриката Единство од Струга со околу 30 работници. Други економски единици нема освен 4 продавници на мешовита стока, 2 кафе барови и 7 рибни ресторани, кои се надалеку познати по својот специјалитет - охридската пастрмка, поради што тие се и често посетувани од домашни и странски гости. Населението е претежно занаетчиски ориентирано. Радожданци се познати фасадери и керамичари. Другиот дел од населението работи по фабриките во Струга, а дел во установите во Струга. Досегашниот погон на рибарското стопанство “Летница“ не работи и рибарите нив околу 20 останаа без работа поради одземената концесија пред три години и недоделената досега. До селото води асфалтиран пат кој е изграден пред 20 години, но сега е целосно саниран. Во мал дел е застапено и земјоделството пред сè за домашни потреби, односно градинарството со одгледување на домати, пиперки, лук, кромид, пченка, краставици, како и живинарство со одгледување кокошки и во помал дел патки, а исто така е застапено и овоштарството преку одгледување на цреши, јаболка, кајсии, сливи и вишни.

Во непосредна близина на само два километри према Струга се наоѓа автокампот “Ливадиште“, кој е еден од најдобрите автокампови во Македонија, во кој работат неколку жители на Радожда, а према албанската граница се наоѓа туристичката населба “Треска“ која е во стечај и ја има судбината на основачот, фабриката за мебел “Треска“ од Скопје, но сѐ уште е посетувана од многубројни посетители поради незаменливите природни убавини што ги поседува, особено во лето.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948809—    
1953755−6.7%
1961866+14.7%
1971777−10.3%
1981858+10.4%
ГодинаНас.±%
1991840−2.1%
1994849+1.1%
2002808−4.8%
2021710−12.1%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Радожда имало 650 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Радожда имало 800 Македонци, од кои 480 под врховенството на Бугарската егзархија и 400 патријаршисти.[5]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Радожда е претставено како мешано македонско-албанско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 85 куќи.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[7]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, Радожда има 808 жители, од кои 806 Македонци, 1 Србин и 1 останат.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 710 жители, од кои 689 Македонци, 1 Влав, 1 Србин, 1 останат и 18 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 650 880 809 755 866 777 858 840 849 808 710
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]


Статистички гледано селото бележи благ пад на бројот на своето население, кое во 1961 година броело 866 жители, а во 1994 година 849 жители[2].

Во селото се говори на посебен дијалект со свои одлики, кој во македонската дијалектологија е познат како вевчанско-радошки дијалект.

Родови

уреди

Селото Радожда отсекогаш, па сѐ до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.

Според истражувањата од 1979 година, родови во селото се:[3]

  • Староседелци: Пејовци (23 к.), Скрчески (18 к.), Славковци (17 к.), Несторовци (18 к.), Шеќеровци (10 к.), Кутаноски (10 к.), Бакрачески (10 к.), Шопоски (9 к.), Мангоски (9 к.), Јулоски (9 к.), Солакоски (7 к.), Кумбароски (4 к.), Бушовски (4 к.), Пуроски (3 к.) и Волканоски (1 к.)
  • Доселеници: Степаноски (2 к.) доселени се, но не знаат од каде; Љакоски (6 к.) доселени се од некое место во Црна Гора; Шајноски (10 к.) доселени се однекаде.

Општествени установи

уреди

Во селото има и деветгодишно училиште со околу 80 ученици кои учат во сите девет одделенија.

Самоуправа и политика

уреди
 
Фреска на Св. Архангел Михаил во истоимената пештерна црква во Радожда, од крајот на XIII век. Фреската е со претстава на сцена од циклусот на Архангел Михаил — „Чудото во Хона“. Архангел Михаил е претставен во местото Хона, неговото светилиште како отвора низ карпите цепнатина во која ќе се изгубат матните води на паганите упатени кон исцелителниот извор на светецот. Оваа ретка сцена се вбројува меѓу најстарите претстави на „Чудото во Хона“ во ѕидното сликарство на целокупната христијанска уметност.

Селото припаѓа на општинскиот центар Струга и се наоѓа во нејзината административна граница. Во селото има месна заедница со совет и претседател на МЗ. Одлуките се донесуваат со акламации, бидејќи се третираат проблеми од комуналната сфера на живеењето кои ги тангираат сите жители. Се чувствува дека на селото му е потребна малку поголемо ангажирање на МЗ, поголема самоиницијатива, анимирање на еколошкото друштво на кое активноста му е замрена иако има полно проблеми кои треба да се решаваат во содејство со целокупното население.

Цркви[14]

Културни и природни знаменитости

уреди

Радожда е богата со културни и природни знаменитости. Селото има седум цркви од кои централна е селската црква Свети Никола која е изградена во XVIII век. Други цркви се најстарата пештерска црква Свети Арангел Михаил која е од XIV век и поновите Св.Петка, Св.Недела, Св.Среда, Св.Илија и Св.Богородица. Понова знаменитост е 22 метри високиот крст којшто се наоѓа на влезот во селото.

Друга многу важна знаменитост е зачуваниот дел на патот Вија Егнација-зимска траса. Таа минувала преку подалечните јужни предели преку Албанија и Македонија, бидејќи поблиските биле преку зима завеани и со тоа непроодни. Зачувани се околу стотина метри од поплочениот пат кој селаните го викаат калдрма. Од природните реткости најважно е самото езеро кое според староста е едно од најстарите во светот. Друга реткост е карпата која се наднесува над селото, која е висока околу 70-80 метри и долга околу 300 метри.

Археолошки наоѓалишта[15]

Редовни настани и обичаи

уреди

Во селото нема културни настани, туку помасовните настани кои се одржуваат се однесуваат на верските традиционални одбележувања на неколку празници. Тоа се фрлањето на крстот кое се обнови во 1990 година и кое се одржува на брегот на езерото кај црквата Св.Недела. Фрлачот и скокачите по крстот се наоѓаат во кајчиња на околу 50 метри од брегот. По фаќањето на крстот кој е метален и завиткан во бела риза, групата која го фатила заминува низ селото влегувајќи во сите куќи од селото каде се дарувани од населението.

За празникот Прочка или Проштени Поклади помладите одат „на проштевање“ кај постарите со зборовите „За многу години Поклади. Весели Велигден да го дочекаме“, а при поздравувањето велат „Ај проштаај“, а постарите им возвраќаат „Алал и прост да ви е“.[16] Порано во Радожда за овој празник е забележан обичај кога домаќинката, некоја невеста или мома, од тестото за суканите јадења месела едно колаче и непечено го закопувала вземи (в бавча или в нива), а потоа палела една ржаница закачена на сливова, врбова, дренова, лескова или чаталеста „лиснигојца“ за да му се заканува на кртот што правел штета и при тоа велела:

Ќе го печиме кртот
да не орат, да не копат
да ојт по планина
да не ојт в поле
да не ојт в бавча
да не прајт штета.[16]

За Велигден на вториот ден се оди со крсти. Целото село е во селската црква од каде тргнува поворката на чие чело се наоѓаат црковни реликвии знаме, икони, крст и се посетуваат црквите Св. Богородица, Св. Илија и другите каде сите застануваат, палат свеќи, се молат, жените си разменуваат вапцани јајца, а мажите се нудат со ракија.

Во очи на 2 август - Илинден населението се собира кај црквата Св.Илија каде доаѓа попот, крштева вода, го пее лебот кој подоцна жените го раздаваат на присутните. Мажите седат во круг и си ги подаваат пагурчињата со ракија.

На 28 август е верскиот празник Голема Богородица, кој воедно е и селска слава. На тој ден празнува целото село и доаѓаат гости од останатите струшки села, Струга и Охрид.

Личности

уреди
Родени во Радожда

Спорт

уреди

Во Радожда е активен фудбалскиот клуб ФК „Морнар“

Култура и Етнологија

уреди

За носијата во делото „Пътуване по долините на Струма, Места и Брегалница. Битолско, Преспа и Охридско“, Васил К'нчов вели:

„Мъжете носят бели дрехи, в които се вижда явно арнаутското влияние: тесни беневреци, пояс със силях и пищови, къса бяла дрешка на рамената, каквато носят арнаутите, и арнаутска ресечка (чока), горна бяла дреха с увиснали ръкави. Жените се обличат, както ресенките, само всичките дрехи са от домашна материя и на кръста са навити много пъти козиняви върви, както в Битолско.“ [19]

Иселеништво

уреди

Селото било поголемо но бидејќи желбата за пари повеќето од селаните се иселиле на печалба и веќе никогаш не се вратиле Некои од иселените селани доаѓаат на викенд и си одат. Повеќето се иселени во Франција, Австралија, северна Америка, Србија (Белград) и Хрватска (Славонска Пожега) и други држави.[3] Иселеници од Радожда во рамки на Македонија има во селото Мислешево и градовите Струга, Охрид, Битола, Прилеп и Скопје.[3]

Галерија

уреди
 

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Отиди кај: 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.251
  3. Отиди кај: 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Ф. Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 159-162.
  4. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име :0.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.164-165.
  6. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Струшко архијерејско намесништво“. Дебарско-кичевска епархија. Архивирано од изворникот на 2014-03-04. Посетено на 2010-05-17.
  15. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 397. ISBN 9989-649-28-6.
  16. Отиди кај: 16,0 16,1 Домазетоски, Петко (1993). „Обичаите поврзани со „Проштени Поклади" во селата Лабуниште, Радожда и Локов - Струшко“. Етнолог. Здружение на етнолозите на Република Македонија - Музеј на Македонија (3): 129.
  17. Исторически албум на град Струга, София, 1930, стр. 35.
  18. „НИТКИТЕ НА СУЗАНА“. Агенција за иселеништво на Македонија. 3 декември 2008. Архивирано од изворникот на 2022-03-07. Посетено на 2011-11-15.
  19. К'нчов, Васил (1900). Патуване по долините на Струма, Места и Брегалница. Битолско, Преспа и Охридско. Софија. стр. 471.

Надворешни врски

уреди