Сливово

село во Општина Дебрца

Сливово — село во Општина Дебрца, во областа Дебрца, во близина на патот Кичево - Охрид.

Сливово
Сливово во рамките на Македонија
Сливово
Местоположба на Сливово во Македонија
Сливово на карта

Карта

Координати 41°24′20″N 20°50′42″E / 41.40556° СГШ; 20.84500° ИГД / 41.40556; 20.84500
Регион Дебрца
Општина  Дебрца
Население 5 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6346
Шифра на КО 19043
Надм. вис. 1.084 м
Сливово на општинската карта

Атарот на Сливово во рамките на општината

Потекло на името

уреди

Во околината на селото имало многу сливи, и отука дошло името на селото Сливово, или Сливоо, по месниот дијалект.[2]

Географија и местоположба

уреди

Селото Сливово се наоѓа во областа Дебрца, на северозападните падини на Илинска Планина. Оддалечено е 30 километри јужно од Кичево и 37 километри северно од Охрид. Атарот на селото Сливово граничи со атарите на следните села: од западната страна со селата Врбјани и Годивје, од северната страна со селата Малкоец и Јудово, од источната страна со селото Турје, и од јужната страна со селата Мраморец и Арбиново.

Месностите во атарот на селото се следните, во шумскиот дел на селото: Капалиште, Храсјен, Турјанска чешма, Попој нивје, Ќосарица, Голак, Спаси камен, Калуѓерец, Мачерник, Фурна, Али чука, Папрадиште, Црни врв, Топачери, Мајчи круша, Преспол, Милошев рид и Кочерид.

Во деловите каде има обработена земја се месностите: Попоа водејнца, Лениште, Клодорама, Св. Никола, Странка, Брце ( горно и долно), Гола глава, Лагон, Турски кладенец, Длага, Слогојне, Трапишта, Бел пат, Кошари пелиор, Врчало, Камен, Печи Змија, Гуска и Осоји.

Куќите во селото се од збиен тип и има три маала: Горно, Долно и Средно маало.[3]

Историја

уреди
 
Спомен дом на Првата македонско-косовска бригада

Селото за првпат се спомнува во пописниот дефтер од 1582 година, кога припаѓа на Охридскиот санџак, нахија Дебрца. За претходна локација на селото се спомнува дека била во месноста Св. Никола, која лежела југозападно од денешната положба на селото, но поради турските разбојници, селото најпрво се поместило во месноста Јакоски куќи. Таму, Сливово се наоѓало околу 1800-та. Но, поради разбојниците, и од таму се поместило, па селото било преместено на денешната местоположба.[4]

Во текот на своето бурно минато, селото било двапати палено до темел. Во текот на Илинденското востание во селото се запалени 70 куќи, 93 кошари и плевни, една воденица, една црква и едно училиште.

Според податоците од 1873 година, селото имало 80 домаќинства со 218 жители христијани (Македонци).[5]

На 11 септември 1944 година, во Сливово била формирана Првата македонско-косовска ударна бригада.

 
Спомен-плоча за Првата македонско-косовска бригада

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948489—    
1953463−5.3%
1961332−28.3%
1971194−41.6%
198170−63.9%
ГодинаНас.±%
199135−50.0%
199424−31.4%
200216−33.3%
20215−68.8%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Сливово имало 400 жители, сите Македонци христијани.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Сливово имало 480 жители.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Сливово е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 52 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[9]

Според пописот од 2002 година, во селото Сливово живеат 16 жители, сите Македонци.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 5 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 400 480 489 463 332 194 70 35 24 16 5
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Сливово е македонско село. Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Сливово се:

  • Староседелци: Митрушковци (10 куќи) живеат во Горно Маало, слават Варвара и Преображение; Ѓурковци (10 куќи) живеат во своето маало, слават Варвара и Преображение, помеѓу нив има некој Мијак, посинет од Галичник од Ѓиновци; Вељановци или Прензовци (6 куќи) живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Распоповци (11 куќи) живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Смилевци (11 куќи) и Богдановци (4 куќи) се еден род, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Шопаковци или Аврамовци (8 куќи) живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Чалевци со Димчевци и Андревци, и Белчевци (10 куќи) се еден род, и живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение.
  • Со непознато потекло се: Димчевци (4 куќи) и Симоновци (9 куќи) се два посебни рода, некои за нив велат дека се староседелци и далечни деленици од некои од староседелските родови, живеат во свои краеви во селото и двата рода слават Варвара и Преображение.[2]

Според истражувањата пак на Јован Трифуноски во 1979 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Биљановци (5 к.) и Смилевци (4 к.).
  • Доселеници: Дуртановци (6 к.) доселени се поради убиство од некое село во околината на Гостивар. Од Гостиварско тргнале тројца браќа Џемуш, Чале и Камбер, првите двајца се населиле во Сливово додека Камбер се населил во Лактиње, од него таму се Камберовци (4 к.), еден предок подоцна од Дуртановци се населил во селото Тајмиште, каде го основал родот Ѓоршовци. Во Дуртановци го знаат следното родословие: Цветан (жив на 73 г. во 1979 година) Стојан-Јован-Симон-Дуртан-Џемуш, по предокот Дуртан го носат името Дуртановци; Распоповци (2 к.) не го знаат местото од каде се доселиле. Во овој род бил свештеникот Трајан на кого му умрела жената и за да може повторно да се ожени тој се распопил; Белчевци (3 к.) се доселени од сега веќе раселеното село Белче кое постоело во атарот на селото Мраморец.[15]

Самоуправа и политика

уреди
 
Куќа во Сливово

Селото влегува во рамките на Општина Дебрца, која се создала во 2004, по спојувањето на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот 1996-2004 селото влегувало во рамките на Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 од 1996, селото било во рамките на големата Општина Охрид.

Во периодот од 1952-1955 селото било главно седиште на Општина Сливово. Во Општина Сливово, покрај селото Сливово, влегувале и селата Врбјани, Годивје, Лактиње, Арбиново, Мраморец и Турје. Во периодот 1950-1952 селото било седиште на Општина Сливово, во која покрај село Сливово припаѓале и селата Арбиново, Мраморец и Турје.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачко место бр. 1328 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште с. Сливово.[16]

На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 4 гласачи.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 4 гласачи.[17]

Религија и култура

уреди
 
Црква Св. Варвара во селото Сливово
Цркви[18]
 
Влезот на црквата Св. Варвара во Сливово
Археолошки наоѓалишта[19]
 
Споменик на загинатите борци од Илинденското востание и од НОБ (1953)
 
Мурал на споменикот на паднатати борци во Сливово
 
Мурал на споменикот на паднатати борци во Сливово

Личности

уреди

Иселеништво

уреди
 
Пример на селска архитектура во Сливово

Во селото Миокази е родот Ќосевци (4 к.). Родовите Тасевци (2 к.) и Маљуковци (1 к.) се отселени во Тајмиште.[25] Во селото Десово се отселени родовите Мицковци (1 к.) и Петковци (2 к.), првите доселени таму 1923 година, а вторите 1925 година. Во селото Дупјачани е родот Сливовци (2 к.) доселен таму 1926 година.[26] Во селото Врбјани е родот Дошлаковци (7 к.), таму отселени 1850 година. Во Ново Село е родот Прензовци, во Ново Село се населиле средината на XIX век. Во селото Велмеј е истоимен род и во Слатински Чифлик е родот Србиновци (1 к.)[27] отселен таму 1922 година. Во текот на XIX век иселеници имало во демирхисарското село Граиште (Распашновци), а кои свои иселеници имале во селото Загориче (Лачовци). Помеѓу двете светски војни околу 20 семејства од селото се иселиле во Бугарија, а по неколку и во САД, Аргентина и Србија (Белград).[2]

После Втората светска војна населението почнува да се иселува во Охрид (50 к.), Скопје (30 к.), Кичево, Струга, Битола, Прилеп, Војводина (во селото Глогоњ) и во Австралија. Во Љубојно се отселени Јовановци во 1950-тите.

 
Куќа во селото Сливово

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 Русиќ, Бранислав. Дебрца-Сливово. Архивски фонд на МАНУ АЕ 89/1.
  3. Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 298.
  4. Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 299.
  5. Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873. София: Македонски научен институт. 1995. стр. стр.102-103.
  6. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 253.
  7. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 162-163.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: САНУ.
  16. User, Super. „МОЈОТ ИЗБОР - Описи на избирачки места“. mojotizbor.mk. Архивирано од изворникот на 2018-02-21. Посетено на 2018-11-11.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  19. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
  20. 20,0 20,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  22. 22,0 22,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  23. 23,0 23,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  24. 24,0 24,1 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Државен архив на Република Македонија.
  25. Трифуноски Ф., Јован (1968). Кичевска котлина : сеоска насеља и становништво. Izdanje autora]. OCLC 18500423.
  26. Трифуноски Ф., Јован (1998). Битољско-Прилепска котлина : антропогеографска проучавања (1914-1997). Српска академија наука и уметности. ISBN 8670252678. OCLC 469501519.
  27. Трифуноски Ф., Јован (1992). Охридско-струшка област : антропогеографска проучавања. Српска академија наука и уметности. ISBN 8670251582. OCLC 27418468.

Надворешни врски

уреди