Лузитанија (роман)

„Лузитанија“роман на српскиот писател Дејан Атанацковиќ од 2017 година. Исто така, Атанацковиќ е и авторот на илустрацијата на насловната страница. Романот бил награден со НИН-овата награда за најдобар роман.

Содржина

уреди

Романот се состои од воведен текст и од 27 глави:

  • Во воведниот дел е наведено соопштението на истражувачот Н. за своето откритие дека под морето постои потопен град и дека сантите мраз претставуваат превртени куќи.[1]
  • Глава 1: На почетокот на XX век, во Белград постоела болница за душевно болни лица во која управникот, д-р Душан Стојимировиќ, применувал необични методи на лечење. Кога австроунгарската војска го зазела градот, тој бил затворен, но набргу бил ослободен благодарение на помошта на американскиот доктор Рајан. Тогаш, болницата добила екстериторијален статус, со сопствена власт.[2]
  • Глава 2: Василије Арнот, школуван во Виена, добил налог да направи диорама во Природонаучниот музеј во Белград. На денот на претставувањето на проектот и потпишувањето на договорот наеднаш се појавил непознат државен советник кој од Арнот побарал да изработи сосема спротивен проект. Два дена подоцна биле убиени кралот и кралицата, а Арнот веднаш ја напуштил Србија.[3]
  • Глава 3: Во 1915 година, во Србија пристигнал славниот филантроп сер Томас Липтон, кој во близината на Крагуевац учествувал на спиритистичка сеанса на која духот на господинот Теофиловиќ, еден од патниците на потопениот на бродотЛузитанија“, му соопштил шифрирана порака.[4]
  • Глава 4: Кон крајот на XIX век, Теофиловиќ емигрирал во САД, каде работел како архитект. Истовремено, тој имал желба да биде погребан во Белград и поради тоа купил парцела на белградските гробишта и направил скица за својата монументална гробница. Сакајќи да се врати во татковината, на 1 мај 1915 година, тој се качил на бродот „Лузитанија“, кој експлодирал откако бил торпедиран од германска подморница.[5]
  • Глава 5: Во јуни 1903 година, Арнот пристигнал во Фиренца, каде добил задача да проучи еден необичен препариран примерок на човеколико суштество во намалени димензии.[6]
  • Глава 6: Сер Липтон пристигнал во окупираниот Белград каде ја посетил болницата со која раководел д-р Стојимировиќ.[7]
  • Глава 7: Теофиловиќ го преживеал потопувањето на „Лузитанија“, а потоа, преку Ирска пристигнал во Фландрија каде беснеела војната. Оттаму, движејќи се по рововите и по подземните патишта, се упатил кон татковината.[8]
  • Глава 8: Додека Арнот го испитувал необичниот примерок, во музејот влегол кустосот кој го поведол во разгледување на музејските простории. Во една соба се наоѓал труп на жена и кустосот и Арно влегле во трупот од каде се нашле во една пештера, а потоа и во шума. Таму, на една чистина се одржувала театарска претстава.[9]
  • Глава 9: Во душевната болница, сер Липтон ја разгледал збирката препарирани животни кои биле пренесени од Природонаучниот музеј и во таа прилика ја видел фотографијата на која бил Арнот.[10]
  • Глава 10: Теофиловиќ го продолжил своето патување низ рововите на Западниот фронт и сретнал еден индиски водич кој му покажал дека во подземјето постои посебен свет. За време на патувањето, тој сретнал човек-мечка, кој му дал пакет што треба да го однесе во Белград.[11]
  • Глава 11: Еден пациент му раскажувал на сер Липтон дека во минатото лудницата ја посетил Хумболт кој донел таинствена кутија. Тогаш, во лудницата ненадејно се појавил непознат човек, наречен Писателот, кој постојано само пишувал, а потоа ненадејно исчезнал.[12]
  • Глава 12: Арнот и неговиот водич повторно се вратиле во шумата, каде влегле во стеблото на огромен костен, потоа поминале низ просторија со животински костури и низ повеќе канцеларии за повторно да се вратат во просторијата од каде што ја започнале обиколката на музејот. Таму, Арнот забележал дека примерокот што го испитувал исчезнал, а на масата стоела една кутија. Утредента, тој добил писмо дека испитуваниот примерок неочекувано пристигнал во Виена.[13]
  • Глава 13: Арнот станал опседнат со кутијата и постојано смислувал различни претпоставки за нејзината содржина, но немал храброст да ја отвори. Неговиот пријател Ходек се распрашал за необичните случки во музејот и за потеклото на кутијата, но не добил никакви сознанија. Тогаш, еден непознат човек му рекол дека во кутијата се наоѓа животот на Арнот.[14]
  • Глава 14: Во душевната болница, на сер Липтон му била претставена картата на државата Лузитанија (како што се викала лудницата).[15]
  • Глава 15: Состојбата на Арнот не се подобрувала, а неговиот пријател Ходек дознал од еден психијатар за сличен случај во Виена во кој некој човек, исто така, бил опседнат со една необична кутија.[16]
  • Глава 16: Во едно предавање, д-р Стојимировиќ се осврнал на својствата на одделните видови дрвја, особено на костенот како најпогоден за изработка на цврсти кутии.[17]
  • Глава 17: Во лудницата, сер Липтон здогледал костур кого го викале Изабел, а за чие потекло му била раскажана следнава приказна: Нестор бил скитник кој, по скитањето низ европските метрополи, се вратил во Белград, каде отворил ателје во кое цртал женски актови. Набргу, ателјето било затворено од полицијата, а Нестор продолжил да живее со Изабел. Кога избувнала Првата балканска војна, тој бил мобилизиран. При извршувањето на една задача во Албанија, Нестор зел со себе костур на млада жена, а потоа, на патот до Белград, коските ги закопувал под стеблата на костени при што за секое поединечно место правел скици. Кога се вратил во Белград, веднаш бил затворен и обвинет за повеќе дела, меѓу кои и за убиството на Изабел. Во истрагата бил вклучен и д-р Стојимировиќ кој врз основа на цртежите на Нестор успеал да ги пронајде закопаните коски. Меѓутоа, обвинителот во процесот против Нестор неочекувано умрел, а Нестор бил ослободен од обвиненијата, но бил одведен во лудницата со која раководел д-р Стојимировиќ. Во една прилика, тој исчезнал, а при расчистувањето на урнатините предизвикани од австроунгарското бомбардирање на Белград во поранешниот дом на Нестор биле пронајдени закопаните остатоци на непозната жена.[18]
  • Глава 18: За време на престојот во лудницата сер Липтон го здогледал господинот Теофиловиќ, а потоа се сретнал со д-р Стојимировиќ кој го запознал со уредувањето на државата Лузитанија и го поканил да му се придружи во претставата закажана за истата ноќ.[19]
  • Глава 19: Во средината на септември 1915 година, Теофиловиќ најпосле пристигнал во Белград, целиот покриен со кал и со кутија во рацете. Набргу, тој бил пренесен во лудницата, а кутијата му ја предал на д-р Стојимировиќ. За време на престојот во лудницата, Теофиловиќ постојано цртал минијатурни скици за својата гробница, а три години подоцна, тој умрел.[20]
  • Глава 20: На 2 јули 1903 година, Арнот исчезнал, а неколку дена подоцна во посета на Ходек дошол непознат човек, кој се претставил како Хумболт, а во него Ходек го препознал музејскиот водич. Хумболт му кажал дека Арнот воопшто не постоел, туку дека Ходек бил тој што пишувал роман за неговиот живот. Исто така, Хумболт ја побарал кутијата на Арнот, а подоцна, кога Ходек ја зел кутијата, сфатил дека таа е необично тешка.[21]
  • Глава 21: Во октомври 1915 година, една граната го погодила Природонаучниот музеј во Белград, кого го зафатил пожар, а повеќе сведовци виделе група луѓе кои ги спасиле примероците од музејот.[22]
  • Глава 22: Доцна во ноќта, во лудницата дошол германскиот офицер Кирхнер кој му дал кутија на д-р Стојимировиќ. Потоа, тие двајца ссе појавиле со животински глави, а на сер Липтон му дале глава од еж, по што со камионет, чиј возач имал глава на мачор, отишле во воената болница на австроунгарската војска и оттаму зеле ранет човек. Кога се вратиле во лудницата и ги извадиле маските, сер Липтон видел дека возачот-мачор бил американскиот доктор Едвард Рајан.[23]
  • Глава 23: По исчезнувањето на Арнот, Ходек добил итно писмо од татко му, кој го известил дека при проучувањето на необичниот примерок се ослободил арсеник кој усмртил двајца негови помошници. Потоа, полицијата го уништила примерокот за кој претходно било утврдено дека навистина претставува човек во намалени димензии.[24]
  • Глава 24: На почетокот на ноември 1915 година, сер Липтон заминал во Солун. Претходно, д-р Рајан му објаснил дека во лудницата се засолнувале сите противници на војната, кои потоа биле испраќани на безбедно место. Притоа, сер Липтон го слушнал говорот на д-р Стојимировиќ за штетните постапки на човештвото против природата и за нештата што имаат вредност сами по себе. Своите белешки сер Липтон ги оставил во лудницата, а 100 години подоцна тие биле пронајдени во една белградска психијатриска клиника.[25]
  • Глава 25: Есента 1919 година во Белград пристигнала Елизабет Теофилович, која се сретнала со д-р Стојимировиќ. Во разговорот, таа му ја раскажала својата историја: Кога имала седум години, нејзиниот татко, господинот Теофиловиќ ги напуштил сопругата и ќерката, но подоцна почнал редовно да се гледа со Елизабет. Откако тој заминал за родниот крај, таа влегла во неговиот стан и набргу дознала за неговата судбина. Подоцна, во весниците прочитала за државата Лузитанија и веднаш имала претчувство дека татко ѝ се наоѓа таму. По некое време, Елизабет се преселила во станот на татко ѝ, а еден ден добила писмо од д-р Стојимировиќ кој ја известил за неговата смрт. Наскоро, таа заминала во Београд.[26]
  • Глава 26: Во својот дневник, Ходек го опишал исчезнувањето на Арнот на следниов начин: Утрото, штом се разбудил, Арнот веднаш знаел дека се наоѓа во некој друг свет, внатре во кутијата. Притоа, тој седел во дворот на вилата, во друштво со човекот-зајак (музејскиот водич Хумболт) и со друг човек со глава на јагула, а потоа, на еден медалјон забележал долга поворка од разни животни.[27]
  • Глава 27: По завршувањето на војната постепено пропаднала државата Лузитанија, која продолжила да функционира како болница. Во 1919 година, д-р Рајан заминал во Естонија, каде работел за Црвениот крст; за офицерот Кирхнер не можело да се најде никаков податок; во Природонаучниот музеј во Белград останале два експоната поврзани со Арнот (зајак и јагула); Хумболт умрел во 1979 година, а претходно, откако бил успешно излекуван во една психијатриска болница, работел како неформален музејски водич во Фиренца; д-р Стојимировиќ уживал голема слава поради неговата хуманитарна активност за време на војната, но тој продолжил да живее повлечено; непознат дарител продолжил да испраќа помош за душевната болница; во 1925 година, болницата била преселена во Ковин, а во таа прилика, пациентите, предводени од д-р Стојимировиќ, марширале низ Белград.[27]

Осврт кон делото

уреди

Во својата рецензија на романот, Никола Драгомировиќ напишал: „Дејан Атанацковиќ стрпливо го гради дејствието и ги води читателите низ комплексните ходници на имагинацијата. Со сарамаговска нарација ги вкрстува ликовите и настаните и со секоја страница докажува дека нема крај на изненадувањата. Маестрално ракувајќи со апсурдот, го создава светот на инверзијата на нормалноста. „Лузитанија“ е роман за засолништето, каде секој може да ги најде своето место и смисла.“[28]

Наводи

уреди
  1. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 7-8.
  2. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 9-18.
  3. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 19-27.
  4. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 29-33.
  5. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 35-42.
  6. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 43-47.
  7. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 49-51.
  8. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 53-59.
  9. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 61-70.
  10. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 71-74.
  11. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 75-81.
  12. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 83-85.
  13. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 87-92.
  14. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 93-101.
  15. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 103-105.
  16. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 107-117.
  17. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 119.
  18. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 121-138.
  19. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 139-144.
  20. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 145-150.
  21. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 151-161.
  22. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 163-167.
  23. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 169-172.
  24. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 173-17.
  25. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 177-183.
  26. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 185-201.
  27. 27,0 27,1 Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017, стр. 203-207.
  28. Dejan Atanacković, Luzitanija. Beograd: Besna kobila, 2017.