Гавијал
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Влекачи
Ред: Crocodilia
Семејство: Gavialidae
Род: Gavialis
Вид: G. gangeticus
Научен назив
Gavialis gangeticus
(Gmelin, 1789)

Гавијал (науч. Gavialis gangeticus) познат и под името Индиски гавијал или гариал е еден од двата преживеани видови од фамилијата гавијаловидни, во која спаѓаат крокодиловидни влекачи до долги остри муцки. Спаѓа во групата на критично загрозени видови. Гавијалот е второ најдолго крокодиловидно животно после морскиот крокодил [1].

Еволуција

уреди

Фосилната историја на гавијалите е доста проучувана. Првите примероци се одвоиле од останатите крокодиловидни животни за време на доцната креда. Најспецифична одлика за претставниците на оваа фамилија е долгата тенка муцка, која претставува адаптација на исхрана со мали риби. Иако гавијалите ја изгубиле големата механичка сила на вилиците која ја имаат крокодилите и алигаторите, па поради тоа не можат да ловат големи животни, сепак формата на нивната муцка им дава и одредени предности. Намалената тежина и отпорност во вода на нивниот череп и острите вилици им овозможува лесно движење низ водата и лов на брзи риби.

Првите гавијали не се знае дали се директно поврзани со модерните видови, некои изумреле во исто време како и диносаурусите (доцната креда) додека други преживеале и до раниот еоцен. Денешните гавијали еволуирале во делтите и крајбрежните води во Африка, потоа преминувајќи го Атлантикот стигнале и до Јужна Америка. Во врвот на нивната распространетост во плиоценот тие зафаќале голем дел од Азија и Америка. Еден вид Rhamphosuchus crassidens присутен во Индија, се смета дека растел и до неверојатни 15 метри, па дури и повеќе.

Распространетост

уреди

Го среќаваме на северниот дел од индискиот потконтинент, односно: Бутан (речиси изумрен), Бангладеш (близу до изумирање), Индија (присутен е во мал број, но популацијата се зголемува), Мјанмар (најверојатно изумрен), Непал (присутен и популацијата се зголемува) и Пакистан (речиси изумрен). Најчесто се среќава во речните системи на Индус (Пакистан), Брамапутра (Бангладеш, Бутан и североисточна Индија), Ганг (Бангладеш, Индија и Непал) и Маханди (Индија), како и во мал број во Каладан и Ајејарвади во Мјанмар. Во одредени региони, живеат на истите територии и со Мугер крокодилот (Crocodylus palustris) и со морскиот крокодил (Crocodylus porosus).

Живеалиште

уреди

Гавијалите живеат во мирните делови на длабоките реки. Морфологијата на овие животни не им дозволува многу лесно да се движат на копно. Всушност гавијалите ја напуштаат водата само кога лежат на брегот за да се топлат на сонцето или кога положуваат јајца во гнездата кои ги градат на песочните брегови од реките.

Особености

уреди
 
Гавијал во заседа
 
Мажјак гавијал

Најспецифична одлика на овие животни е издолжената, тенка муцка, слична на нивниот роднина лажниот гавијал (Tomistoma schlegelii). Формата на муцката се менува со возраста на единката. Колку гавијалот е постар, толку муцката е поиздолжена. На врвот на муцката кај возрасните мажјаците има израсток во форма на топка, наречен „гара“ (по индискиот збор што значи лонец, грне). Овој израсток служи во многубројни активности, како создавање на звучно брмчење, како мамец за привлекување женки, како и правење меури во водата (активност која се смета за ритуал при парењето на овој вид).

На долгите вилици има многу преплетени остри заби, адаптирани на нивната исхрана со риби. Гавијалот има 27 до 29 горни и 25-26 долни заба на секоја страна. Првиот, вториот и третиот мандибуларен заб се наоѓаат во засеци на горната вилица. Предните заби се и најголеми.

Овој вид е еден од најголемите видови на крокодиловидни животни, освен морскиот крокодил (Crocodylus porosus) и нилскиот крокодил (Crocodylus niloticus), со многу единки со рекордни голеини од 6 метри и тежина од 1000 килограми[2]. Сепак повеќето гавијали не надминуваат 5 метри и тежина од 680 килограми[3]. Трите најголеми регистрирани единки се гавијалот убиен во реката Гогра во август 1920 со должина од 6,5 метри, гавијалот убиен во реката Чеко во 1934 до 6,3 метри, и гигантскиот гавијал од реката Коси во северн Бихар во јануари 1924 година до рекордни 7 метри[4].

Мускулатурата на екстремитетите на гавијалите не дозволува животното да го издигне телото од земјата, па зота тој се движи со влечење на телето нанапред. Во вода, овие животни се најподвижни и најбрзи од сите крокодиловидни роднини. Опашката е странично сплескана и многу поразвиена од кај останатите видови, што овозможува одлични способности за маневрирање во вода.

Исхрана

уреди
 
Мажјак гавијал во зоолошката градина во Сан Диего

Младите гавијали се хранат со инсекти, ларви и мали жаби. Возрасните единки се хранат речиси единствено со риби, иако забележано е како некои се хранат и со мртви животни. Морфологијата на муцката и идеално приспособена за лов на риби. Тенката муцка нуди многу мал отпор во вода, што овозможува брзи и нагли движења за зграпчување на рибите. Забите во форма на игли се одлични за цврсто држење на рибите со лизгава кожа.

Опасност за човекот

уреди

Гавијалите не се човекојадни животни. И покрај нивната големина, тие поседуваат тенки и слаби вилици, неспособни да ловење на било кое поголемо животно, вклучувајќи го и човекот. Митот дека гавијалите јадат луѓе може да доаѓа поради фактот дека физички се доста слични на крокодилите.

Размножување

уреди

Сезоната на парење започнува во ноември и трае цел декември и голем дел од јануари. Правењето на гнездото и положувањето на јајца е за време на сувата сезона, односно март, април и мај. Ова е поради тоа што за време на сувата сезона, реките се стеснуваат и се создаваат песочни брегови погодни за градење гнезда. Женката несе помеѓу 30 и 50 јајца. Јајцата на гавијалот се најголеми, споредено со другите видови крокодиловидни животни. Инкубацијата трае околу 90 дена, пото младите излегуваат и се упатуваат директно кон водата. Мајката се грижи за младите само првите неколку дена, а потоа тие се препуштени сами на себе.

Заштитен статус

уреди
 

Во 1970-тите години, гавијалот е доведен на работ од изумирање, а и денес се наоѓа на списокот на критично загрозени видови. Соработката на екологистите и на неколку влади доведе до намалување на опасноста од изумирање. Надежта лежи во заштитните програми кои се почнати во 2004 година. Целосна заштита за овој вид е донесена во 1970-тите со надеж дека ќе се намали ловокрадството, но на почетокот спроведувањето на оваа заштитa одела доста бавно. Денес, има 9 заштитени региони во Индија, кои се поврзани со фарми и институции за размножување во заробеништво. Овие институции ги собираат јајцата од дивината, ги одгледуваат во заробеништво (со цел да се намали смртноста од природни грабливци) и потоа се пуштаат во дивината (првите единки одгледани во заробеништво се пуштени во 1981 година). До денес, повеќе од 3000 животни се пуштени во дивината благодарение на овие програми, и популацијата во Индија се проценува на 1500 животни, со можеби 1000-2000 во останатите региони каде што е распространет овој вид. Овие програми, сепак не ги дале очекуваните резултати. Повеќе од 100 гавијали умреле во Индија од непозната причина. Оваа смртност се смета дека го намалила бројот на парови способни за размножување на помалку од 400. Тестовите на умрените гавијали покажале можност од труење со метали.

Во 2007 година, овој вид е преместен од листата загрозени видови, на списокот на критично загрозени, според Црвениот список на заштитени видови. Исто така е и под заштита на Вашингтонски договор за заштита на видовите, со Апендикс 2[5][6].

Наводи

уреди
  1. Crocodilian species - Gharial
  2. <http://animals.nationalgeographic.com/animals/reptiles/gavial.html Архивирано на 25 јуни 2007 г.>
  3. San Diego Zoo's Animal Bytes: Alligator & Crocodile
  4. Wood, The Guinness Book of Animal Facts and Feats. Sterling Pub Co Inc (1983), ISBN 978-0-85112-235-9
  5. „Choudhury, B.C., Singh, L.A.K., Rao, R.J., Basu, D., Sharma, R.K., Hussain, S.A., Andrews, H.V., Whitaker, N., Whitaker, R., Lenin, J., Maskey, T., Cadi, A., Rashid, S.M.A., Choudhury, A.A., Dahal, B., Win Ko Ko, U., Thorbjarnarson, J & Ross, J.P. 2007. Gavialis gangeticus. In: IUCN 2007. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. <www.iucnredlist.org>>“. Архивирано од изворникот на 2007-12-25. Посетено на 2009-01-24.
  6. “At 200, gharials now on critically-endangered list” by Neelam Raaj , TNN, The Times of India, 13 Sep 2007

Надворешни врски

уреди