Кубански крокодил

(Пренасочено од Crocodylus rhombifer)
Кубански крокодил
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Влекачи
Ред: Crocodilia
Семејство: Crocodylidae
Род: Crocodylus
Вид: C. rhombifer
Научен назив
Crocodylus rhombifer
Cuvier, 1807
Распространетост на Crocodylus rhombifer

Кубанскиот крокодил (Crocodylus rhombifer) е мал вид на крокодил (просечна должина од 2,4 метри) кој живее само во Куба, односно мочуриштето Запата и Исла де ла Хувентуд. Овој вид е критично загрозен и се смета дека во минатото бил распространет низ Карибите.

Кубанскиот крокодил има многу специфични одлики по кои се разликува од останатите крокодили, како што се светлата боја на кожата на возрасните единки, поострите и поцврсти крлушки на кожата и јаките и долги нозе. Овој вид е најкопнен вид од сите крокодили, и исто така се смета за најинтелигентниот.

Живеалиште

уреди

Овој крокодил е многу малку распространет. Живее на мала територија која го покрива мочуриштето Запата во северозападна Куба и мочуриштето Ланиер на Исла де ла Хувентуд. Во минатото бил распространет и на Кајманските Острови и на Бахамите. Кубанскиот крокодил за свое живеалиште ги одбира слатките води како мочуриштата, барите и реките и многу ретко плива во солени води[1].

Особености

уреди

Возрасен Кубански крокодил обично не надминува 3,5 метри во должина. Мажјаците се поголеми од женките (види полов диморфизам). Во минатото биле најдени и единки долги 5 метри, но тоа било многу ретко. Кубанскиот крокодил има кратка широка глава со коскен израсток во вид на венец помеѓу очите. Големи остеодерми кои се наоѓаат на грбот продолжуваат и на задниот дел на вратот. Лушите на нозете се пошироки од обично. Бојата на горниот дел од телото е потемна и има црни и жолти пеги. Стомакот на овој крокодил е со побледа боја и нема никакви специфични белези. Опашката има црни дамки и/или пруги.

Кубанските крокодили имаат 66-68 заби, со специфична одлика на задните заби со кои можат да го кршат оклопот на желките. Нозете имаат помалку пловна кожичка од останатите крокодили, што им овозможува полесно движење на копно.

Овие крокодили се одлични пливачи, но исто така се адаптирани и на одење и скокање. Ова ги прави адаптирани и за живот во вода и на копно. Како и останатите влекачи и овие зависат од надворешната температура бидејќи не се способни да ја одржуваат со помош на нивниот метаболизам. Тие ја апсорбираат топлината од сонцето или од топлата вода, најчесто за време на утрото, кога се ладни и исцрпени, или после оброк, бидејќи топлината го забрзува нивниот метаболизам.

Помеѓу крокодилите постои хиерархија заснована на полот, големината и темпераментот. Единките од овој вид живеат помеѓу 50 и 75 години.

Исхрана

уреди
 

Младите крокодили се хранат до мали риби, слатководни членконоги и ракови. Возрасните единки ловат мали цицачи, риби и желки. Овие крокодили имаат тапи задни заби, што помага при кршењето на оклопот на желките кои ги ловат. Кубанскиот крокодил ја употребува техниката на ловење со скокање, која ја среќаваме и кај некои други крокодиловидни животни како американскиот алигатор. Со удар на моќната опашка, тие можат да се издигнат од водата и да уловат мали животни кои се наоѓаат на гранките од дрвјата кои висат над водата[2]. Според фосилните остатоци, се смета дека порано се хранеле со сега изумрениот џиновски земјен мрзливец, што најверојатно ја предизвикала еволуцијата на нивните тапи задни заби кои денес ги користат за кршење на оклопот на желките.

Размножување

уреди
 

Многу малку се знае за однесувањето на кубанскиот крокодил за време на размножувањето. Гнездата на овие крокодили се во вид на насип. Сезоната за парење обично почнува во мај и трае 3-4 месеци. Бројот на јајцата зависи од големината и староста на женката, но во просек изнесува 30-40 јајца. Крокодилите несат голем број на јајца, бидејќи поголемиот дел од младите крокодили умираат многу брзо по испилувањето. Ова се случува поради голем број на фактори, најмногу поради грабливоста врз јајцата и на младенчињата од страна на бројни цицачи, влекачи и птици. Исто така регистриран е и канибализам, каде постарите кубански крокодили ги јадат младите. Јајцата се со големина од 5 до 7,6 сантиметри, и инкубацијата трае 58-70 дена. Полот на младите крокодили е одреден со температурата на гнездото.

Заштита

уреди
 

Кубанскиот крокодил е на списокот на загрозени видови. Неговото ограничено живеалиште и малата распространетост го прават доста ранлив вид. Најголемата закана за овој вид претставува човекот со прекумерниот лов и заземање на природното живеалиште. Сѐ уште има потреба од истраживања на преостанатите популации од овој крокодил. Кубанскиот крокодил го има и во заробеништво во САД, каде што се дел од програм за размножување. Во минатото имало проблеми со хибридизација, која го ограничува генетскиот потенцијал на овој вид[2].

Денес се проценува дека 3000 до 6000 кубански крокодили живеат во дивината на површина од 300 km2 во дел од југозападниот дел на мочуриштето. Сѐ уште се непознати многу информации за екологијата и природните одлики на кубанскиот крокодил, затоа потребни се упте многу истражувања за да се зголеми и зачува преостанатата популација на овие влекачи.

Наводи

уреди
  1. „National Zoo“. Архивирано од изворникот на 2016-06-24. Посетено на 2009-01-10.
  2. 2,0 2,1 University of Florida

Надворешни врски

уреди