Жан Жионо
Жан Жионо (француски: Jean Giono) (30 март 1895 – 8 октомври 1970) - француски писател.
Жан Жионо Jean Giono | |
---|---|
Портрет на Жан Жионо од Ежен Мартел, 1937 година | |
Роден/а | 30 март 1895 Маноск, Франција |
Починат/а | 8 октомври 1970 Маноск, Франција | (возр. 75)
Занимање | писател |
Националност | француска |
Книжевно движење | Популарна култура |
Значајни дела |
|
мрежно место | |
centrejeangiono.com |
Животопис
уредиЖионо е роден во 1895 година, во малото место Маноск, во југоисточна Франција. Потекнувал од скромно семејство: татко му бил чевлар, а мајка му перачка. Образованието го прекинал пред матурата и се вработил во локалната филијала на една банка, во која останал долги години, напредувајќи во работата. Како обичен војник, Жионо учествувал во Првата светска војна. Во 1929 година, Жионо за првпат дошол во Париз, за да потпише договор за издавање на еден роман, а потоа живеел на падините над Маноск. Од 1935 година се преселил на висорамнината Контадур, каде собрал млади ученици на кои им ја проповедал религијата на природата.[1]
Творештво
уредиЖионо зазема значајно место во историјата на француската книжевност на XX век. Притоа, неговото име претставува синоним за поврзаноста со природата и култот на природата како основа на уметничкото дело. Во таа смисла, Жионо може да се смета за современ наследник на Хомер, Хесиод и Вергилиј. Стекнувајќи ја својата афирмација во 1930-тите, Жионо не останал незаинтересиран и за општествените и општочовечките проблеми. Но за разлика од неговите современици, тој не го барал решението во бунтот, револуцијата и енергичната акција (како Малро или Сент Егзипери), во уметноста (како Пруст или Малро) или во религијата (како Моријак), туку тој го гледа решението во старата селска наивност и едноставност и во враќањето кон природата. Оттука, тој бил пропагатор на движењето што во тоа време се појавило во Франција - нудизмот.[2]
Во младоста, Жионо бил под влијание на Хомер, чија „Одисеја“ го инспирирала да го напише првото книжевно дело. Исто така, многу ја читал Библијата, но не како верско дело, туку како епопеја за примитивното живот близок со природата. Големо влијание врз него имале и Херман Мелвил, чиј роман „Моби Дик“ подоцна го превел, како и Волт Витман. Откако објавил една збирка песни, во 1929 година, Жионо ги објавил романите „Ритче“ (‘’Colline’’) и „Еден од Бомињ“ (‘’Un de Beaumugne’’), а во 1930 година излегол и романот „Подем“ (‘’Regain’’). Овие три романи претставуваат еден вид трилогија, посветена на Големиот Пан, т.е. на животот во природата и севкупната поврзаност во светот.[3]
Од 1930 година натаму, во творештвото на Жионо се забележуваат одредени промени: неговите дела стануваат пообемни и поинтензивни; лиризмот и вербалната сила стануваат сè поизразени; а многу нагласена е намерата на авторот за упатување пораки. На тој начин, неговите романи се претвораат во епопеи, а неговите ликови сè помалку се поединечни личности, а сè повеќе легендарни ликови или митолошки суштества. Во 1931 година го објавил романот „Големото стадо“ (‘’Le Grand Troupeau’’), инспириран од Првата светска војна, а во 1932 година се појавила книгата „Синиот Жан“ (‘’Jean le Bleu’’) во која го опишал своето детство поминато во природата. Потоа, во 1934 година следувал романот „Песната на светот“ (‘’Le Chant du Monde’’). Нудистичките погледи на Жионо особено се присутни во романот „Нека остане мојата радост“ (‘’Que ma Joie demeure’’) од 1935 година (насловот е позајмен од едно дело на Бах, со тоа што Жионо го исфрлил последниот збор „Исусе“). Во него, Жионо ја истакнал пораката дека животната радост може да се стекне преку несебичност и добрина, т.е. ако човекот се ослободи од стегите на парите и раскошниот живот и да се им се приближи на природата и здравите нагони.[4]
Во делото „Вистинските богатства“ (‘’Les Vraies Richesses’’) од 1936 година, кое претставува еден вид поетски трактат во проза, Жионо отишол чекор напред и го кренал гласот против модерниот живот и современата цивилизација, залагајќи се за едноставност и природност. Во тој поглед, Жионо претерал со пропагирањето на својата идеологија, наштетувајќи му на уметничкиот квалитет на делото. Во 1937 година, Жионо ги објавил пацифистичкиот есеј „Одбивање послушност“ (‘’Refus d’obèissance’’) и романот „Борба во планината“ (‘’Bataille dans la Montagne’’) којшто претставува апокалиптична слика на една поплава во Алпите. По 1947 година, Жионо објавил низа романи од кои посебно се истакнува „Хусар на покривот“ (Le Hussard sur le Toit) од 1951 година. Исто така, треба да се одбележи и неговиот патопис од Италија, објавен во 1954 година. Како признание за целокупното негово творештво, во 1954 година, Жионо станал член на Академијата Гонкур.[5]
Пантеистичката идеологија на Жионо
уредиЦелокупното творештво на Жионо е инспирирано од тесната врска меѓу човекот и природата. Според него, исто како растенијата, животните или камењата, човекот е составен дел на природата, која со своите закони ги соединува сите нешта во светот. Оттука, надвор од природата не постои среќа за човекот, туку нему му е потребна природност, едноставност и отфрлање на материјалните вредности. Жионо смета дека човекот треба да се ослободи од сето она што е одвишно и непотребно, од сите амбиции кои водат до чувството на незадоволеност и несреќа. Човекот не треба да трча по среќата, туку едноставно треба да живее. Во тој поглед, само преку сведување на своите потреби на минимум, тој може да го достигне чувството на среќа. Така, среќата зазема централно место во филозофскиот систем на Жионо. А, среќата се постигнува преку враќање во природата, ослободување на инстинктите и отфрлање на стегите што ги наметнуваат институциите и општеството. Определувајќи се за индивидуализам, Жионо смета дека секој човек посебно, во самотија, треба да ја бара животната радост и да го пронајде патот до среќата. Дури тогаш, поединецот треба својата среќа да ја подели со среќата на сличните на себе, т.е. со оние кои дошле до среќата по истиот пат.[6]
Што се однесува до смртта, Жионо проповедал стоички став кон неа, но се противел на бесмисленото убивање во војните. Сепак, зачудува тоа што, иако бил пацифист и милитарист, Жионо не зазел одлучен став кон подемот на фашизмот и кон Втората светска војна, сè додека војната не ја зафатила Франција. Делумно, тоа се должи на фактот што Жионо се чувствувал како граѓанин на природата, така што не бил претерано приврзан кон својата татковина.[7]
Жионо воопшто не ги признавал колективната и организирана акција, чувствувал одбивност кон градот и ја осудувал интелигенцијата како сила која го заведува народот и ги расипува природните инстинкти. Од друга страна, тој пристрасно ги возвишувал селското занаетчиство и обработката на земјата. Во тој поглед, слободно може да се каже дека творештвото на Жионо се одликува со голем степен на наивност и идеализам. Денес, постојат различни мислења за творештвото на Жионо, особено во поглед на стилот. Имено, не само што се забележува невоедначеност меѓу одделните фази од неговото творештво, туку тие разлики во квалитетот се забележуваат и помеѓу одделните дела, па дури и во рамките на едно исто дело. Во почетната фаза, Жионо обемно се потпирал врз народниот говор, со одредено неопходно дотерување. Оттука, покрај едноставноста и природноста, во неговото дело се забележува и прецизност и маниризам. Втората фаза од неговото творештво се одликува со голема сила во сликањето на материјалните сцени од природата во кои преовладуваат лиризмот и изразена способност за изразување на боите и облиците, иако понекогаш тие слики се пренатрупани. Подоцна, овие слики (најчесто пропратени со метафора, персонификација и споредба) сè поретко се забележуваат во делата на Жионо, а во третата фаза тој внесува елементи на реалистичниот стил и покажува поголем интерес за човековата психологија.[8]
Наводи
уреди- ↑ Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 110-111.
- ↑ Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 109-110.
- ↑ Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 110.
- ↑ Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 111.
- ↑ Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 111-112.
- ↑ Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 113.
- ↑ Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 114.
- ↑ Mihailo Pavlović, „Žan Žiono“, во: Žan Žiono, Druga mladost. Beograd: Rad, 1964, стр. 114-117.