Елвира Нотари
Елвира Нотари (родена како Марија Елвира Џузепа Кода; Салерно, 10 февруари 1875 – Кава де' Тирени, 17 декември 1946) била италијанска филмска режисерка, првата воопшто во Италија и меѓу првите во светската кинематографска историја. Значењето на нејзината фигура се доближува по важност до она на Алис Ги - Блаше.[1] Освен што била прва режисерка, била и најуспешна[2], со продукција која, меѓу 1906 и 1929, брои околу 60 наслови на долгометражни филмови и стотици краткометражни и документарци, сите произведени од нејзината продукциска куќа.[3] Нејзиното дело се смета за предвесник на Неореализмот.[1][3]
Биографија
уредиЌерка на Диего Кода и Ањезе Вињес, во нејзиното родно место Салерно посетувала Сцуола Нормале(како што се нарекувале средните училишта во тоа време) и исто така предавала некое време по дипломирањето, пред да се пресели со нејзиното семејство во Неапол во 1902 година, каде што започнала да работи како модистка, професија која продолжила да ја практикува за забава и во текот на нејзината понатамошна дејност како режисерка. Во Неапол го запознала фотографот Никола Нотари, поранешен сликар специјализиран за боење на фотографски филмови со анилин, со кого се омажила на 25 август 1902 година, земајќи го неговото презиме. Заедно ја основале продукциската куќа Филм Дора, со која продуцирале актуелни документарни и краткометражни филмови. Подоцна, со новото име Дора Филм, компанијата започнала и со продукција на долгометражни филмови, базирани на вистински настани во Неапол или на популарни неаполски песни.
Продукцијата се одвивала со пионерска техника: често кадрите биле обоени рачно, поединечно, во виножито од нијанси,[4] другпат машински, со униформирани бои, променливи од сцена до сцена во однос на изразените чувства, сина за меланхолија, црвена од гнев итн.[4]; сликите биле пропратени со музика и пеење, интерпретирани во живо,[4] и може да се каже дека претставувале форма на мултимедијално шоу.[5]
Елвира работела како режисерка со прецизност и сериозност,[6] избирајќи го популарниот Неапол како привилегиран амбиент за нејзините приказни и ангажирајќи ги пријателите и семејството во глумата и продукцијата, вклучувајќи го и нејзиниот син Едуардо (бељаџијата Џенариело, во фиктивниот филм, еден од првите детски актери на италијанската кинематографија, кој учествувал во сите нејзини филмови), а понекогаш дури и самата таа, давајќи им живот на типичните неаполски ликови со незаборавно емотивно влијание, нудејќи одлични примери на кинематографија означена со неспоредлива способност во „справувањето со социјалните прашања и разликување на себеси како талентиран режисер, потврдувајќи ја оригиналноста на киното на неаполската школа.[7]
Отворила и училиште за филмска уметност, каде предавала природна глума, без драматични претерувања (позајмени од филмските ѕвезди како Франческа Бертини и Лида Борели ) кои биле во согласност со вкусот на публиката од тоа време, и современ начин на изразување емоции, врз основа на психолошката димензија на ликовите.[6] Некои анегдоти за нејзините начини за здобивање со спонтаност во актерството потсетуваат и се чини дека ги предвидуваат оние што подоцна настапуваат, користени од Виторио Де Сика во однос на Енцо Стаиола во Крадците на велосипеди.[6]
Режирала повеќе од шеесет филмови, за кои ги напишала и темите и сценаријата, често инспирирани од неаполски песни или од трагични настани што навистина се случиле во Неапол во тоа време. Светот прикажан во нејзините филмови бил оној на неаполските живеалишта, рибарите, силеџиите, бељаџиите, свет во кој владеела сиромаштијата, карактеризиран со силна социјална нелагодност, каде што над неправдите и драмите љубовта секогаш доживувала триумф. Нејзините дела биле направени да предизвикаат емоции на толку убедлив начин што станала многу позната епизодата[8] во која некој од публиката во едно неаполско кино испукал неколку куршуми во екранот за да го убие „лошиот човек“ во филмот.
Комерцијалниот успех на нејзините филмови бил огромен, дури и во странство. На пример, филмот 'Nfama, прикажан во киното „Виторија“ во Неапол, на улица Толедо, се прикажувал добри 32 дена со околу 6.000 посети. Филмот 'A legge, од 1921 година, преземен од „Во Сан Франциско“, едночинка на Салваторе ди Џакомо, се прикажувал 36 дена: толпата луѓе што се насобралe во киното „Виторија“ ги принудиле организаторите да ги преместат проекциите во 10 часот наутро.[9]
И покрај големиот успех кај публиката, нејзините филмови сепак се судриле со една комбинација на многу неповолни фактори: сместувањето на сцените во сиромашните населби и начинот на претставување на реалноста ја направиле, всушност, непопуларна кај штотуку настанатиот фашистички режим . Единствените фигури на нејзините хероини од сиромашните населби се судриле со филмската критика заснована на сексистичка и патријархална визија за општеството, во која доминираат машки личности.[4] Згора на тоа, интересот на фашизмот за филмската уметност довела до централизација на продукцијата во Рим што ја маргинализирала јужната филмска индустрија, а исто така (иако во помала мера) онаа северната.[4] Крајно, побарувачката за врвни филмски остварувања и суперпродукции ја засенила реалистичната нарација на приказни типични за филмовите на Нотари.[4]
Многу често нејзините филмови биле цензурирани: некои, всушност, се сметале за антинационалистички и не можеле да бидат испратени во САД, дури и ако понекогаш успевале нелегално да проциркулираат во њујоршката заедница на имигранти од Little Italy.[4]
Во последните две години од нејзината кариера, под влијание на филмовите на американската кинематографија, таа се потрудила да направи два филма (Napoli terra d'amore, од 1928 година и Napoli sirena della canzone од 1929 година) сместени во општествено опкружување од високата класа.[10]
Дора филм ги запрела сите свои продукциски активности во 1930 година, поради неможноста да ги поднесе сè повисоките финансиски трошоци за продукција на филмови поради појавата на звучните филмови . Поради оваа причина, била трансформирана во компанија за дистрибуција на филмови. Синот на двојката, Едуардо Нотари, си ја пробал среќата во Англија, но не успеал и брзо потоа се вратил во Италија.
Во 1940 година, заедно со нејзиниот сопруг Никола, се пензионирала во Кава де' Тирени, каде што потоа починала на 71-годишна возраст.
Голем дел од фотографскиот и филмскиот материјал што ѝ припаѓал наследниците го пренеле во 1998 година во Меѓународниот музеј за кино и театар (MICS) во Рим.
Делумна филмографија
уреди- Gli arrivederci (1906)
- L'accalappiacani (1909)
- Il processo Cuocolo (1909)
- Maria Rosa di Santa Flavia (1910)
- Fuga del gatto (1910)
- Bufera d'anime (1911)
- La figlia del Vesuvio (1912)
- I nomadi (1912)
- Guerra italo-turca tra scugnizzi napoletani (1912)
- L'eroismo di un aviatore a Tripoli (1912)
- Carmela la pazza (1912)
- Povera Tisa, povera madre (1913)
- Errore giudiziario (1913)
- Tricolore (1913)
- Ritorna all'onda (1914)
- A Marechiare 'nce sta 'na fenesta (1914)
- Addio mia bella addio... l'armata se ne va... (1915)
- Figlio del reggimento (1915)
- Sempre avanti, Savoia (1915)
- Carmela, la sartina di Montesanto (1916)
- Ciccio, il pizzaiuolo del Carmine (1916)
- Gloria ai caduti (1916)
- Barcaiuolo d'Amalfi (1917)
- La maschera del vizio (1917)
- Mandolina a mare (1917)
- Il nano rosso (1917, од истоимениот роман на Каролина Инверницио )
- Gnesella (1918)
- Pusilleco addiruso (1918)
- Medea di Porta Medina (1918 година, од истоимениот роман на Франческо Мастриани )
- Chiarina la modista (1919)
- Gabriele il lampionaio (1919)
- 'A Legge (1920)
- A Piedigrotta (1920)
- 'A mala nova (1920)
- Gennariello il poliziotto (1920)
- Luciella (1921)
- Il figlio del galeotto (1921)
- 'A Santanotte (1922)
- Cielo celeste (1922)
- Cielo 'e Napule (1922)
- Il miracolo della Madonna di Pompei (1922)
- Pupatella (1923)
- Reginella (1923)
- Cor' e frate (1923)
- 'O cuppè d' 'a morte (1923)
- Sotto San Francisco (1923)
- 'Nfama! (1924)
- Così piange Piero (1924)
- Mettite l'avvocato (1924)
- Trionfo cristiano (1925)
- Fenesta ca lucive (1926)
- La leggenda di Napoli (1928)
- Napoli terra d'amore (1928)
- Napoli sirena della canzone (1929)
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Gwendolyn Audrey Foster, Women film directors: an international bio-critical dictionary, 1995 p. 284
- ↑ Gwendolyn Audrey Foster, Women film directors: an international bio-critical dictionary, 1995 p. xx
- ↑ 3,0 3,1 Gwendolyn Audrey Foster, Women film directors: an international bio-critical dictionary, 1995 p. 282
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Gwendolyn Audrey Foster, Women film directors: an international bio-critical dictionary, 1995 p. 283
- ↑ Giuliana Bruno, Rovine con vista: alla ricerca del cinema perduto di Elvira Notari, 1995, p. 106 e sgg.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Giuliana Bruno, Rovine con vista: alla ricerca del cinema perduto di Elvira Notari, 1995, p. 126
- ↑ Mira Liehm, Passion and Defiance: Film in Italy from 1942 to the Present, p. 15
- ↑ Giuliana Bruno, Maria Nadotti, Off screen: women and film in Italy, 1988, p. 153
- ↑ Vittorio Martinelli, Sotto il sole di Napoli, cit., p. 367
- ↑ Francesca Vatteroni, «NOTARI, Elvira», Enciclopedia del Cinema (2004), Istituto dell'Enciclopedia italiana Treccani.