Димо Хаџи Димов

македонски револуционер и политичар
(Пренасочено од Димо Хаџидимов)

Димо Хаџи Димов (19 февруари 1875 - 13 септември 1924) — македонски социјалист, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација, истакнат претставник и идеолог на Серската група, еден од основачите на Народната федеративна партија и деец на Бугарската комунистичка партија.

Димо Хаџи Димов
Роден 19 февруари 1875
Горно Броди, Серско
Починал 13 септември 1924(1924-09-13) (возр. 49)
Софија, Бугарија

Рани години

уреди

Семејството на Хаџи Димов во 1879 година, бегајќи од турскиот аскер, се доселува во Дупница, Бугарија. Димо основно училиште завршува во Дупница, а во 1891 година се запишува во Педагошката гимназија во Ќустендил. Таму ќе потпадне под влијание на својот учител Ефрем Каранов кој ќе ја разгори неговата љубов кон помагање на сиромашните. Со завршување на училиштето (1895 година) ќе учителствува во Дупница преокупиран со социјалистичките идеи и ослободување на својот народ.

Социјалист и национален деец

уреди
 
Корица на Македонското освободително дело издадено во Лом 1900 година.

Во редовите на ТМОРО се вклучува во 1896 година. Се спријателува со Јане Сандански за кого, според кажувањето на Иван Харизанов, Димо Хаџи Димов претставува духовен учител, „кој како брат се грижеше за него“. Од 1901 година Хаџи Димов се вклучува поактивно во македонското ослободително движење. На забелешките во социјалистичките кругови дека движењето е буржоаско по својот карактер, Хаџи Димов возвраќа дека социјалистите треба да учествуваат во него за да го отстранат негативното влијание на буржоазијата и да го постават на здрави основи. Во судирот помеѓу Внатрешната организација и Врховниот комитет Хаџи Димов застанува категорично на страната на Внатрешната организација.

Баница

уреди

Во договор со Гоце Делчев, тој во јануари 1903 година заминува со четата на Борис Сарафов за Македонија. По неколку месеци, на 3 мај пристига во селото Баница за да се сретне со Делчев. Следниот ден турската војска го напаѓа селото и во Битката загинува Делчев. Хаџи Димов успева да се извлече и кон крајот на мај се враќа во Дупница.

Еден од идеолозите на реформското крило

уреди

види: Серска група

По Илинденското востание заедно со Јане Сандански и Ѓорче Петров застанува против врховистите. Се профилира како истакнат претставник на Серската група и на реформската струја во ВМОРО. Тој е еден од авторите на Директивата за идната дејност на Организацијата. Учествува во организацијата и уредувањето на органот на ВМОРОРеволуционерен лист“ од јуни 1905 година. На Рилскиот конгрес е избран и за уредник на овој весник.

Во 1908, во времето на Младотурската револуција, Хаџи Димов заминува за Солун и е еден од иницијаторите за создавање на Народната федеративна партија. Една од целите на оваа партија е Македонија да се оформи како одделна самоуправна единица т.е. турската империја да се реформира како источна федерација и наместо вилаетите од националните провинции да се формираат самоуправни области како: Македонија, Албанија, Ерменија. Го уредува и весникот „Конституциона зора“. Во Солун останува до јануари 1909 година, кога се враќа во Софија и се вработува во Министерството за земјоделство.

Прва балканска војна

уреди

Во Првата балканска војна Димо Хаџи Димов бил подофицер во 14-от пешадиски македонски полк на Седмата пешадиска рилска дивизија на бугарската војска. Учествува во битките за Царево село и Кочани.

Привремено претставништво на бившата ВМРО

уреди

По Првата светска војна Хаџи Димов заедно со Ѓорче Петров и соработниците на Јане Сандански се организираат во борба за извојување на автономна и обединета македонска држава. Во ноември 1918 година оваа група излегува со Декларација во која ги изложуваат своите погледи околу Македонија, а потоа Хаџи Димов погледите изложени во Декларацијата ги доразвива во својата брошура „Назад кон автономија“. На 9 март 1919 година е објавен Апел до македонското население и емиграцијата во Бугарија. Хаџи Димов е еден од 19-те потписници на Апелот и влегува во шестчленото Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација што е формирано на состанокот на кој е усвоен Апелот. По неповолните резултати од Версајскиот договор, активноста на Привременото претставништво опаѓа. Бугарската комунистичка партија преку Хаџи Димов се обидува да го подведе Претставништвото под свое влијание, но не успева во намерата поради противењето на останатите членови и пред сѐ на Ѓорче Петров. Соочено со ваква ситуација, кон крајот на 1919 година Претставништвото се самораспушта.

Во партиските редови на КПБ

уреди

Од крајот на 1919 година Хаџи Димов се вклучува во активностите на Бугарската комунистичка партија околу емигрантите во Бугарија. Станува секретар на тогаш формираната Централна емигрантска комисија и уредник на „Ослободување“. Во 1921 година партијата решава да го создаде Емигрантскиот комунистички сојуз, во кој Хаџи Димов продолжува да игра важна улога. Како партиец, тој го популаризира делото на Советскиот Сојуз и ја поздравува победата на Октомвриската револуција, ја разобличува бугарската реакција и ги шири социјалистичките идеи. „Советска Русија допрва има да игра улога на Балканот и Европа, од која улога победените и поробените народи можат да очекуваат само заштита, само помош, само ослободување.“

По задушувањето на Септемвриското востание, поголем дел од раководството на Бугарската комунистичка партија е затворено или емигрира од Бугарија. Во такви услови е избрано ново привремено раководство на партијата, при што Хаџи Димов е избран во Контролната комисија. Станува и комунистички пратеник во бугарското Народно собрание. Во мај 1924 година влегува и во Централниот комитет на партијата.

Убиство

уреди

Сите овие активности на Димо Хаџи Димов ќе го доведат во судир со бугарската власт и со автономистичката ВМРО. Заканите кон него стануваат сѐ почести. По убиството на Тодор Александров десницата на македонското движење се одлучува многукратно да се одмазди. На состанокот со левицата што е закажан за 12 септември 1924 година во Горна Џумаја настанува колеж на многумина истакнати левичари. На оваа средба требало да дојде и Хаџи Димов, но тој сепак не дошол. Но тоа не му помага да го избегне убиството. Веќе следниот ден, попладнето, Хаџи Димов е убиен од страна на Владо Черноземски на улиците на Софија. Закопан е на софиските гробишта до секретарот на ЦК БКП Тодор Петров и, согласно неговото атеистичко уверување, без верски обреди.

Мисли на Димов

уреди
Ве повикувам во името на Гоце за да ни послужи тоа име како моќна повелба за нашето единствено чувствување како Македонци и за целосно и сестрано откинување од ноктите и мрежата на онаа политика, чии носители најмногу придонесоа за раскинувањето и за новата трагедија на Македонија и кои и денес продолжуваат преднамерно да всадуваат несогласија и конфликти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја одбраниме Татковината од нови заговори и од нови предавства. Сите по патот на Гоце! Сите под едно знаме, неговото знаме! [1]
Со притисок и заплашување бугарската официјлна политика се мачи да го парализира во македонскиот народ неговиот инстинкт за самозапазување, да го задуши и умртви никулецот на оние идеи што би го спасиле од непријателската поделба, да ја убие онаа моќна и жива формула што сама по себе родува во неговата свест и во неговата душа, формула за запознавање на неговата целост како самостојна државна единица на Балканот. Тоа чувство, таа вест, таа решеност, што се заеднички за целиот македонски народ, се во целосна противречност со целите на бугарската политика. И ако таа успее да ја задржи во заблуда бугарската општествена свест, ќе изврши еден нов и тежок злостор и спрема македонскиот и спрема бугарскиот народ [1]
Македонија не ќе се ослободи со дипломатски средства, преку надворешна интервенција, ами преку револуција и по пат на самоослободување. Тајната дипломатија на империјалистичка Европа, искористувајќи ги великодржавните територијални аспирации на малите балкански држави, ги вовлекува нив во своите игри и ги држи во потчинетост и заостанатост. По националното ослободување, ќе дојде борбата за класно и социјално ослободување
Само на бугарските влади и буржоазијата им е доволно да бараат присоединување на Македонија, зашто тоа го бараат нивните интереси, но тие интереси се противни на интересите на македонскиот народ [1]

Димо Хаџи Димов во народното творештво

уреди

Димо Хаџи Димов е опеан во народната песна. Така, тој се споменува во песната „Буките развиват браќа“[2]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 „Димо Хаџи Димов, идеолог и теоретичар“
  2. Macedonian Folklore Classics, Kiril Mančevski. Macedonian Radio and Television, MP 41035.

Литература

уреди
  • Димо Хаџи Димов, „Македонското прашање“, Скопје, 1974.
  • Димо Хаџи Димов, „Македонското прашање“, Скопје, 2002 и 2004.
  • Димо Хаџи Димов, „Македонското ослободително дело: предавање читано пред јавното собрание во градот Лом, 9 февруари 1900 г.“, Скопје, 2014.
  • Димо Хаџи Димов, „Македонското прашање и учителот: реферат прочитан на една од седниците на Плевенскиот учителски собир (15 април 1902 г.)“, Скопје, 2014.
  • Димо Хаџи Димов, „Илинденското востание и поуките од него за денешните македонски револуционери“, Скопје, 2014.
  • Димо Хаџи Димов, „Поглед на нашиот општествен живот“, Скопје, 2014.
  • Орде Иваноски, „Димо Хаџи Димов“, Битола, 1989.
  • Орде Иваноски, „Димо Хаџи Димов: живот и дело“, Скопје, 1995.

Надворешни врски

уреди