Дивокоза (науч. Rupicapra rupicapra) — животно од семејството на шуплорогите. Должината на телото изнесува 130 см, височината 70-80 см, а тежината 30-50 килограми. Снагата е снажна, јака, со здрави нозе, прилагодени за одење по карпи и стрмнини. Крзното зимно време има кафеаво-црна боја, долго и густо, а летно време е кусо со жолто-’рѓава боја и темна црта на грбот.

Јаре

Едногодишна
Женка
Мажјак

По должина на главата, од муцката кон ушите, има темна (речиси црна) лента. И мажјаците и женките имаат рогови , кои се црни, со обична должина 24-31 см, силно извиени назад како кука. Кај женките тие се покуси, а врвот е во правец назад. На мажјаците пак врвот е насочен надолу со што е речиси паралелен на основата на роговите. Нивната крв е побогата на црвени крвни зрнца, а срцето помоќно во споредба со тие на други цицачи, што живеат на планините. Копитата имаат цврст надворешен раб и мека, слична на габа, внатрешност. Тоа им овозможува одлично прилепување кон карпите, камењата и замрзнатите површини. Сето тоа им овозможува да искачат разлика од 1000 метри надморска височина само за неколку минути. Дивокозата живее претежно на карпи и пасишта, но исто така и во планинските шуми. Обично стадата бројат 6-20 женки со нивните јариња и млади мажјаци, а ги води некоја стара женка. Се среќаваат и стада само од мажјаци (2-5 единки). Инаку мажјаците и старите женки живеат самостојно. Женките достигнуваат полова зрелост на 2-3 година, а мажјаците нормално на четвртата година. Дивокозата нема роднинска врска со домашната коза. Живее околу 15-17 години.

Пролет:

За овој период од годината дивокозата го менува темното и дебело зимско крзно со жолто-’рѓаво и кусо летно крзно. Женките ги напуштаат стадата и по 165-175 дневна бременост раѓаат едно, понекогаш и две јариња. Речиси веднаш по раѓането јарињата се спремни да ја следат мајката.

Лето:

Дивокозите формираат мали стада. Женките ги дојат јарињата околу 6 месеци истовремено хранејќи се обилно. За тоа време од годината најсакана храна се различните видови трева (62%) и свежи гранки. Јаде дури и токсични алкалоиди како чемериката.

Есен:

Крзното потемнува и се здебелува. Крајот на есента (ноември-декември) е сезоната за парење. Дивокозата е полигамна и еден мажјак се пара со повеќе женки. За да добијат некоја женка мажјаците водат привлечни борби. Тие ја маркираат територијата со мирисните жлезди, што им се наоѓаат зад роговите. Мирисот ги привлекува женките. Кога ќе се појави друг мажјак тие се ежат еден спрема друг, а по кратки судири се бркаат по карпите. Ретко некој ќе добие траума. Но во заградени ловишта, каде нема простор за бегање, се забележани повеќе случаи на смрт, што зборува за голема жестина во борбите. За време на парењето мажјаците не се хранат, губат многу енергија и како резултат тие силно ослабуваат.

Определување полот на дивокозата

Зима:

Со првите врнежи на снег, дивокозите ги напуштаат пасиштата и се симнуваат во планинските шуми. Храната е претежно сува трева, гранки и мов. За тоа време на годината дивокозите умираат најмногу - поради лавини, глад, болести или како жртва на ѕверови. Дивокозите добро држат на студ, а при големи снегови можат ништо да не јадат до две недели. За време на зимата можат да загубат до 1/3 од нивната тежина.

Траги

Деноноќие:

Активна е само за време на денот. Преку лето дивокозата се храни наутро и навечер, а попладне се одмара на високо место или пасе за кратко време. Преку зима пак, поради малата количина на храна се движи целиот ден со мали одмори. Ноќе се движи само при опасност.

Траги:

Трагата на дивокозата претставува стапка со две тенки и долги копитчиња со широко растојание меѓу нив (долу на сликата). Стапката е долга 5-6 см и широка 3-4 см. При нормално одење копитата се одбележуваат паралелно,а при трчање врвовите се оддалечени и се одбележуваат и задните помали копитчиња (горе на сликата).

Распространетост

уреди
 
Дивокозата во Европа

Дивокозата се среќава во планините на Западна, Јужна и Источна Европа, Мала Азија и Кавказ. Поради географската изолираност на популациите во науката се поделени на 2 вида со 10 подвида. На Пиринејскиот Полуостров и Апенинскиот Полуостров живее видот пиринејска дивокоза (Rupicapra pyrenaica) со 3 подвида. На Алпите, Карпатите, планините на Балканскиот Полуостров, Мала Азија и Кавказ се среќава обичната дивокоза (Rupicapra rupicapra) со 7 подвидови. Во минатото се среќавале пошироко и во шумите, но се истиснати од човечката активнст во високите предели на планините. Така, на пример, во Кантабриските Планини на карпест терен дивокозата слеѓува до морето.

Во Република Македонија живее Балканската дивокозата (Rupicapra rupicapra balcanica) на планините од западниот дел од државата - Кораб, Шар Планина, Баба Планина, Јакупица, Дешат, Галичица, Бистра, Јабланица.

Надвор од Европа дивокозата е доведена во Нов Зеланд во 1907 година како дар од австрискиот цар Франц Јосиф. Таму наидова на одлични услови за живот, популацијата бргу се зголемува и денес таа не е заштитена, така што Департаментот за заштита дури го охрабрува ловот, за да ја зачува месната флора.

Видови

уреди
 
Rupicapra rupicapra tatrica во Татрите
  • Rupicapra rupicapra (Обична дивокоза)
  • Rupicapra pyrenaica (Пиринејска дивокоза)

Балканска дивокоза

уреди
 
Дивокоза во Катлановска Бања

Дивокозата потекнува од Pachygazella sp. од Средна Азија, која живеела пред околу 10 милиони години. Со текот на времето популација се поделила на две големи групи - северна и јужна, односно Rupicapra rupicapra и Rupicapra pyrenaica . Пред околу 10 000 години балканската дивокоза се одделила од алпскиот подвид. Тие се разликуваат по некои одлики на роговите и краниумот. Денес таа живее фрагментирано по планините на Балканскиот Полуостров. Во Грција живее во мали популации на Родопите и планините од Епир до северозападен Парнас, а нејзиниот број изнесува од 300 до 500 единки. Во Албанија се среќава на Албанските Алпи, на Дебар, Либражд, Пука, Мирдита, во средна Албанија - Баратанд Скрапар, и на југ во Коломже и Пермет. Бројноста на дивокозите во Албанија е нешто 1000 единки. Во државите од поранешна Југославија се среќава во сите, без Словенија. Во крајот на осумдесеттите години броела околу 14 000 единки, но по војните нема точни подтоци за денешната состојба. Во Бугарија живее на Стара Планина, Рила, Пирин, Родопи, а наскоро е доведена и на Витоша. Бројноста на бугарските популации е околу 2000 дивокози. Во добар дел од балканскиот ареал живее во паркови и резервати.

 
Определување возраста на дивокозата

Дивокозата е ценет ловечки трофеј. Како редок дивеч таа претставува посебна атракција и предизвик за ловците, исто и заради тешко пристапните терени на планините. Се лови претежно заради роговите, бидејќи само тие се оценуваат. Се користи меѓународниот стандарт CIC [1]. Колку постара е дивокозата толку поголеми се роговите, бидејќи тие не се менуваат и растат цел живот. Ловот се изведува со ловечки карабин на популација најмалку од 30 единки. Се ловат трофејно зрели 12-14 годишни единки. Таа фаза е достигнување на врв во развојот на индивидот, кој потоа ја следи амплитудата на опаѓање. Во големи популации се ловат и живини над четири годишна возраст. Исто така, постои и селективен застрел кај дивечот кој заостанува во развојот. Ловокрадците ја убиваат пред сè заради месото. На младите дивокози месото е кревко , а на старите кози е жилаво и тешко за јадење.

Наводи

уреди
  1. Rupicapra rupicapra. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 5 април 2009. Database entry includes a brief justification of why this species is of least concern.

Надворешни врски

уреди