Ангелци
Ангелци — село во Општина Василево, во околината на градот Струмица.
Ангелци | |
Координати 41°28′35″N 22°36′39″E / 41.47639° СГШ; 22.61083° ИГД | |
Општина | Општина Василево |
Население | 869 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 27001 |
Надм. вис. | 219 м |
Слава | Свети Спас |
Ангелци на општинската карта Атарот на Ангелци во рамките на општината | |
Ангелци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиАнгелци се наоѓа во југоисточниот дел на Република Македонија, во западниот дел на Струмичка Котлина, лево од патот Струмица-Радовиш. Од најблискиот град Струмица е оддалечен 7 километри.
Надморската височина во селото е 219 метри додека селото зафаќа површина од 6 км2. Од нив, 523,6 хектари се обработливо земјиште, 20,8 хектари се пасишта и 0,4 се шуми.[2]
Историја
уредиРан период
уредиАнгелци е една од најстарите неолитски населби на Балканот. За тоа сведочат ископувањата што биле направени од Заводот и Музеј од Струмица каде на наоѓалиштето Страната биле пронајдени повеќе предмети од овој период и денес се изложени во Музејот во Струмица.
Отоманско Царство
уредиСпоред преданијата името на ова село потекнува од убавата мома Ангелина која била грабната од турски војководец. Кога Османлиите го освоиле регионот, селото имало само 18 куќи. Поминувајќи покрај селото, османлискиот водач Забит забележал една многу убава девојка. Селската убавица се викала Ангелина, а офицерот ја викал Ангелца. Забит рекол на селаните дека ќе се врати по неа, иако таа била свршена. Кога аскерот заминал од селото, селаните ја сокриле девојката Ангелина. Со нејзината убавина целото село се гордеело и не сакале да ја дадат за синот на Забит. Кога офицерот Забит повторно се вратил во селото, овојпат со намера да ја грабне Ангелина, селаните се обиделе да го излажат, кажувајќи му дека таа побегнала. Кога офицерот видел дека селаните немат намера да ја дадат убавицата, наредил на војниците да го претресат селото. Војниците внимателно ја претресле секоја куќа. Најпосле ја нашле девојката. Иако родителите се спротивставувале, Забит ја качил девојката пред себе на коњот и заминал од селото. Грабнатата девојка ја подарил на син му во Истанбул како спомен од неговиот освојувачки поход во тој дел на Македонија. Селаните долго време се сеќавале на тој немил настан и тагувале за убавицата Ангелина, односно Ангелца како што ја викал офицерот. Според народната легенда, во знак на сеќавање на селската убавица, селото било наречено Ангелци.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 345 жители, од кои 220 Македонци и 125 Турци[3][4]. Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 112 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија и 24 Роми[3][5].
По започнувањето на Балканските војни, од селото 3 луѓе биле доброволеци во Македонско-одринските доброволни чети[6] На 20-годишнината од војната било востановено одликување Медал за Балканската војна 1912-1913, кој бил доделен на Харалампи Стоилов, како учесник во 7-та Кумановска дружина[7].
Југославија
уредиПо крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион. По крајот на Втората светска војна, Ангелци било вклучено во НР Македонија, во составот на СФРЈ.
Македонија
уредиПо распаѓањето на СФРЈ, селото формално било вклучено во составот на Република Македонија. Според територијалната организација на Република Македонија, селото припаѓа на Општина Василево.
Стопанство
уредиВо селото постојат неколку претпријатија кои се во чекор со европските побарувања. Една од Фирмите е Riprom, мало претпријатие кое има тенденции за раст. Има посадено 150 декари вишна која во целост се извезува во ЕУ, а исто така врши откуп од регионот за извоз во ЕУ.
Демографија
уредиСпоред германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци и 100 Турци.[8]
Во 1961 година селото имало 682 жители, од кои 651 Македонец, 24 Турци и 6 Срби. Во 1994 година во селото живееле 893 луѓе, од кои 866 Македонци, 27 Турци [2]..
На пописот од 2002 година, селото имало 913 жители. Следува табела на националната структура на населението[9]
Националност | Вкупно |
Македонци | 857 |
Турци | 34 |
Роми | 0 |
Албанци | 0 |
Власи | 0 |
Срби | 1 |
Бошњаци | 0 |
останати | 21 |
Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Ангелци има 869 жители. Следува табела на народносната структура на населението:
Народност | Вкупно |
Македонци | 568 |
Албанци | 0 |
Турци | 211 |
Роми | 1 |
Власи | 0 |
Срби | 0 |
Бошњаци | 0 |
Други | 89 |
На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[10]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 580 |
1953 | 519 | — | 135 | — | — | 7 | ... | — | 661 |
1961 | 651 | — | 24 | ... | ... | 6 | ... | 1 | 682 |
1971 | 773 | — | 11 | — | ... | 3 | ... | — | 787 |
1981 | 824 | — | 14 | — | — | 2 | ... | — | 840 |
1991 | 857 | — | 37 | — | — | 3 | — | 10 | 907 |
1994 | 866 | — | 26 | — | — | — | — | 1 | 893 |
2002 | 857 | — | 34 | — | — | 1 | — | 21 | 913 |
Институции и знаменитости
уреди- Цркви[11]
- Црква „Св. Јован Златоуст“ — главната селска црква;
- Црква „Св. Спас“ — манастирска црква
- Манастирски комплекс - во близина на селото се наоѓа местото Кајнинци каде што досега се изградени околу 11 манастирски цркви, градени по сон.[12][13]
- ОУ „Гоце Делчев“
- Спортско игралиште
- Клуб на пензионери
Самоуправа и политика
уредиИзбирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1805 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 759 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости
уредиВо поранешно време имало повеќе културни збиднувања во Ангелци, како на пример „Сина Вечер“ иницирана од младината на Ангелци. Во сегашно време останало да се прославува празникот на селото Свети Спас. Во Манастирскиот комплекс на селото Ангелци се одржува фестивал на народни ора и игри „Света Петка“ со учество на повеќе културно уметнички друштва од регионот.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 Панов Митко, Енциклопедија на селата во Република Македонија, Патрија, Скопје, 1998. стр. 5.
- ↑ 3,0 3,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 160.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 106-107.
- ↑ „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 826.
- ↑ Веселин ДЕНКОВ, Български ордении медали, Кибела, София, 2001, 164.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Сонуваат светци, па им градат црквички[мртва врска]
- ↑ СТРУМИЧКОТО СЕЛО АНЃЕЛЦИ ЖИВЕЕ ВО СУЕВЕРИЕ
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.