Бетмен
Бетмен (англиски: Batman) — измислен лик и главен протагонист од стриповите на DC Comics, и е еден од најпрепознатливите измислени ликови на денешницата. Бетмен е тајната самоличност на Брус Вејн, мултимилионер, индустријалец и еден од највлијателните луѓе во градот Готам. Во раните години, Бетмен бил цртан од Боб Кејн и бројни негови помошници, а еден од главните сценаристи бил Бил Фингер.
Бетмен | |
---|---|
Издавање | |
Издавач | DC Comics |
Прво појавување | Историско: Детективски стрипови #27 (мај 1939.) Современо: Бетмен #404 - Batman: Year One прв дел (јули 1986.) |
Автори | Боб Кејн Бил Фингер |
Информации | |
Вистинско име | Брус Вејн |
Пријателски врски | Семејство Бетмен Лига на правдата Аутсајдери |
Познати моќи | генијално ниво на интелигенција, одлични детективски способности, совршена физичка подготвеност, одлично владеење на боречки вештини, опременост со висока технологија. |
Сведоштвото на убиство на неговите родители кога бил дете, го води да стане суперхерој, и да започне да се бори против злосторствата во градот Готам. Облечен во темен костум, на кој се наоѓа приказ на лилјак, Бетмен се бори против злосторниците од Готам меѓу кои најпознати се Џокерот, Пингвин, Гатанката, Отровната Ајви, Мистер Фриз, Жената Мачка и други.
Историја на Бетмен
Почетоци
Бетмен првпат се појавил во мај 1939 година во 27. број на "Детективските стрипови", и по некое време стекнал дотогаш невидена популарност. Во исто време започнале да се издаваат "Детективски стрипови" во кои главен лик бил Бетмен и "Акциони стрипови" со Супермен како главен јунак и тие два серијала на стрипови се најдолги серии кои некогаш биле издавани (Детективските стрипови и ден-денес излегуваат секој месец). Набрзо по дебито во "Детективските стрипови", Бетмен станал посебен серијал на стрипови. Првиот број излегол во пролетта 1940, кога бил претставен и најголемиот непријател на Бетмен - Џокерот. Детективските и акционите стрипови ги издава "Ди-си комикс" (DC Comics), една од трите најголеми стрип куќи во Америка.
Идејата за Бетмен дошла од Боб Кејн, но за денешниот изглед на Бетмен заслужен е сценаристот Бил Фингер. Кејн го замислил Бетмен како херој кој бил сличен на Супермен: костумот ни одблиску не му бил толку мрачен, туку имал и различни црвени нијанси на себе; имал упростена маска, а наместо наметка имал крила и не носел ракавици. Бил Фингер го советувал Кејн да ги тргне крилата и црвените нијанси од костумот и да стави наметка и маска. Така бил создаден конечниот изглед на Бетмен. Со оглед на тоа дека Кејн дошол до идеја за создавање на таков суперхерој, само нему му се признати авторските права врз Бетмен. Кејн подоцна го признал и придонесот на Фингер во создавањето на ликот Бетмен, но Фингер немал никаква финансиска корист од тоа.
Бетмен низ историјата се менувал, некогаш низ нијанси, некогаш драстично. Можат да се издвојат три периоди во развојот на ликот: златна епоха, сребрена епоха и современа епоха. Ваквата поделба се однесува на сите суперхерои на издавачката куќа "Ди-си комикс".
Златна епоха
Во златната епоха го запознаваме патот на Бетмен од тажен, осамен, мал сирак, до немилосрден одмаздник. Минатото на Бетмен првпат е прикажано во 33. број на "Детективските стрипови", а подоцна е спомнато во 47. број на стриповите за Бетмен, каде дознаваме дека Бетмен е син на докторот Томас Вејн и неговата жена Марта, двајца богати и угледни граѓани на Готам Сити. Брус живеел комфорен и среќен живот до својата осма година кога ситниот криминалец, Џо Чил, при неуспехот да и ги украде бисерите на Марта, ги убил неговите родителите, кои во тој момент се враќале од кино.
Брус се заколнал дека ќе го исчисти Готам од криминал и зло кое веќе е долго време присутно. Затоа, тој започнал со напорни физички и ментални тренинзи како и студирање на математика, физика, хемија, боречки вештини и магични трикови (бегање од невозможни ситуации итн.), меѓутоа, сфатил дека само знаењето нема да биде доволно за да го победи криминалот. Размислувајќи за тоа, приметил лилјак како му влетува во собата и тоа го инспирирало да стане човекот-лилјак - Бетмен (Batman). Полицијата во почетокт не гледала благонаклонето на неговите одмазднички акции. Во тоа време, Брус Вејн имал вереница Џули Медисон, која првпат се појавила во 31. број на "Детективските стрипови".
Во 38. број на "Детективските стрипови", Брус посвоил сираче (циркускиот акробат Дик Грејсон), кое подоцна станало Робин — најдобар пријател и помошник на Бетмен. Бетмен исто така станал и еден од основачите на "Лигата на праведниците". Во првото појавување на тимот во 3. број на All Star стриповите, Бетмен, како и Супермен, бил почесен член на тимот така што во златната епоха се појавува во неколку приказни. Односот на Бетмен со полицијата се подобрил во раните 1940-ти и во 7. број на стриповите за Бетмен, тој станал дури и почесен член на готамската полиција. Во овој период бил воведен и нов лик, батлерот Алфред, кој по откривањето на тајните идентитети на Брус и Дик, се приклучил на тимот во 16. број на стриповите за Бетмен. До 1950-тите биле претставени најмногу елементи од кои се состои митот за Бетмен.
Сребрена епоха
Се смета дека сребрената епоха започнала во 1956 година, кога бил претставен Бари Ален како нова унапредена верзија на Флеш. Бетмен не се променил значајно до доцните 1950-ти (овој период се нарекува Земја-прва). Релаксираниот пристап на ликот помеѓу златната и сребрената епоха е видлив во настанувањето на повеќе приказни со научнофантастична подлога, но ликот на Бетмен не се променил значајно до 1964 година, кога се вратил на своите детективски корени и кога научната фантастика била потполно исфрлена од стрипот.
По претставувањето на Ди-Си Мултивселената околу 1960 година го запознаваме Бетмен од Земја-втора. Земја-втора е паралелен свет во кој ги има истите ликови како и во Земја-прва, но на творците им е дозволено да уфрлуваат во стриповите она што никогаш не би можеле, па дури и да ја менуваат историјата и потеклото на главните ликови. Во оваа варијанта, Бетмен бил оженет со Селина Кајл ("Жена-мачка") и со неа имал ќерка Хелена Вејн, која подоцна станува "Ловкиња". Ловкиња со Робин од Земја-втора ја презеле работата на Бетмен по неговото пензионирање со цел да стане комесар на полицијата во Готам. Тој ја задржал таа позиција сè додека не бил убиен во последната авантура на Бетмен од Земја-втора.
Бетмен често соработувал со други суперхерои, и тоа најмногу со Супермен со кој почнал редовно да соработува во низата World's Finest стрипови кои биле издавани од 1954 до 1986 година. Бетмен станал еден од основачите на "Лигата на праведниците" (Justice League Of America) и се појавил во првата сторија за тимот во број 28. Brave and the Bold. Во тоа изданије, кое излегувало помеѓу 1970-тите и 1980-тите, Бетмен редовно се појавувал еднаш месечно и соработувал со другите суперхерои.
Дик Грејсон (Робин) во 1969 година се запишал на факултет и тоа претставувало еден од обидите на Ди-Си да ги ревитализира стриповите за Бетмен. Исто така, Бетмен се преселил од замокот во стан на врвот на главната зграда "Вејнови", која се наоѓа во центарот на Готам како би можел брзо да се замеша. Во периодот помеѓу 1970-тите и 1980-тите, Бетмен главно работел сам, со повремени појавувања на Робин и Бетгрл. Сториите од овој период биле многу мрачни и содржеле многу насилство. Повторно се појавил "Џокер", ликот од златната епоха, а бил претставен и новиот противник на Бетмен - "Рас Ал Гул". Во 1980-тите, Дик Грејсон станал "Ноќен летач". " Во последниот број на "Brave and the Bold", во 1983 година, Бетмен ја напуштил "Лигата на праведниците" и формирал ново здружение "Аутсајдери". Тој бил водач на тимот до број 32. на стриповите за Бетмен и "Аутсајдери", кога стрипот ненадејно го променил името.
Екранизација на Бетмен
За Бетмен се снимени повеќе телевизиски и филмски приказни. Првото појавување на Бетмен на филмското платно се случило во 1943 година во филмот "Бетмен", а насловната улога ја играл Луис Вилсон. Во овој филм за првпат била создадена и прикажана славната Бет-пештера. Исто така, бидејќи филмот бил снимен за време на Втората светска војна, во него биле застапени бројни антијапонски навреди. Во 1949 година бил снимен вториот филм за Бетмен под наслов "Бетмен и Робин", каде главната улога ја играл Роберт Ловери. Сепак, овој нискобуџетен филм не предизвикал поголемо внимание кај публиката. Подоцна, од 1966 до 1968 година се прикажувала најпознатата телевизиска серија за Бетмен кого го играл Адам Вест, додека Барт Ворд го играл ликот на неговиот помошник Робин. Во оваа серија бил прикажан познатиот автомобил на Бетмен - "бетмобил".[1]
Филмскиот серијал за Бетмен продолжил двата филма во режија на Тим Бартон: "Бетмен" од (1989) година и "Враќањето на Бетмен" од 1992 година. Во нив, главната улога ја толкувал Мајкл Китон, но и тој и режисерот подоцна се повлекле од серијалот поради несогласувањата со студиото "Ворнер брос", кое барало идните продолженија да имаат поведар тон. Во 1995 година бил снимен филмот "Бетмен засекогаш", во режија на Џоел Шумахер, а главната улога ја играл Вал Килмер. Меѓутоа, кавгата меѓу главниот глумец и режисерот била причина Килмер да не биде вклучен во снимањето на следниот филм, под наслов "Бетмен и Робин" од 1997 година, повторно режиран од Шумахер, а овојпат, главната улога му припаднала на Џорџ Клуни. Според критичарите и гледачите, тоа бил најлошиот филм во серијалот за Бетмен. Во 2005 година бил прикажан новиот филм за Бетмен, под наслов "Бетмен започнува", во режија на Кристофер Нолан, по што истиот режисер ги потпишал и филмовите "Мрачниот витез" од 2008 година и "Подемот на мрачниот витез" од 2012 година. Во сите три филма, улогата на Бетмен ја играл Кристијан Бејл, а трилогијата остварила огромен комерцијален успех.[1]
Бетмен: Анимирана серија
Бетмен: Анимирана серија е името на американската анимирана ТВ серија заснована на содржината од стрип компанијата D C суперхерој Бетмен, чии автори се Боб Кејн и Бил Фингер. Серијата наиде на голема популарност кај публиката како најточен приказ на Бетмен и неговиот универзум и како најдобра анимирана серија создавана според стрипот. творците на оваа серија отишле толку далеку, што ја анимирале серијата на црна позадина со нанесување боја на серијата, со цел да изгледа што потемна и целосно успевајќи во тоа.
Оригиналните епизоди, продуцирани од Брус Тим и Ерик Радомски, првпат биле емитувани од 1992 до 1995 година. .[2][3] Серијата е едноставно наречена „Бетмен: Анимирана серија“ во првата сезона, а потоа го променува името во „Авантурите на Бетмен и Робин“ за помладата публика повеќе да се запознае со ликот на Робин, а за подоцна и да го промовираат новиот филм „Бетмен засекогаш“.
Премиерата на серијата беше во 1992 година, неколку месеци по успешната премиера на уште еден филм за Бетмен, „Враќање на Бетмен“.
Општ преглед
Тим и Радомски ја проектирале серијата инспирирани од Тим Бартон филмовите, користејќи детали и мотиви како што се на пример црно-белите секвенци за претставување на имињата на епизодите. Со цел да се направи што помрачна серија, продуцентите ја преминале границата на акциони цртани филмови. Тоа бил првиот цртан филм по долго време каде што се пукало со вистинско огнено оружје (за разлика од останатие цртани од тоа време во кои се пукало со ласерски пиштоли), со што Бетмен навистина ги погодува и повредува негативците. Покрај тоа, многу позадини за серијата се насликани на црна хартија.
Серијата била добитник на наградата Еми и набргу добила многу пофалби за уникатните анимации и квалитетни сценарија и веднаш станала голем хит. Публиката од сите возрасти давала пофалби за софистицираниот, филмски тон и врвните психолошки приказни. Глумецот, Кевин Конрој, на пример, користел две карактеристични бои на глас за да ги игра Брус Вејн и Бетмен, трансформирајќи еден карактер во друг. Серијата, исто така, има неизбежен тим на познати глумци кои позајмиле гласови од разни класични негативци. Најзначаен од нив е Марк Хемил, кој се здобил со сосема нова кариера во анимација, поради извонредните перформанси на Џокер.
Една од причините за успехот на серијата е што таа успеала да ги редефинира старите класични ликови и да им оддаде почит на своите претходни портрети и да им даде драматични особини. Негативците како што се Дволичен (Харви Дент) и Лудиот Шапкар (Џервис Теч), како и херојот како што е Робин, се доказ. Најдобар пример за драматична промена е Г. Виктор Фриз - променет од клишираниот луд научник опседнат со студот, во трагична фигура чии ледена надворешност ја крие уништената љубов и желба за одмазда. Меѓутоа, најпознатата новина на серијата е главната помошничка на Џокер, Харли Куин, која станала толку популарна што Ди Си исто така ја вклучил во стрипот за Бетмен.
Бетмен како тема во популарната култура
- „Бетмен, Мандрак, Фантом“ (српски: Betmen, Mandrak, Fantom) — песна на српската рок-група Дисциплина кичме од 1989 година.[4]
- „Темата на Бетмен“ (англиски: Batman Theme) — песна на британската рок-група Џем (The Jam) од 1977 година.[5]
- „Batman“ — песна на македонската група ПМГ Колектив од 2008 година.[6]
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 "Бејл е омилен Бетмен, Клуни - 'убиец' на серијалот", Антена, бр. 792, 30 август 2013, стр. 27.
- ↑ Грешка во наводот: Погрешна ознака
<ref>
; нема зададено текст за наводите по имеtv.com
. - ↑ „A History of Batman on TV“. IGN. Посетено на 15 август 2010.
- ↑ Discogs, Disciplina Kičme – Зелени Зуб Na Planeti Dosade (пристапено на 10.9.2022)
- ↑ YouTube, The Jam - In the City (Full Album) 1977 (пристапено на 16 декември 2017)
- ↑ „www.pmgrecordings.com (пристапено на 3 декември 2017)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-01. Посетено на 2017-12-03.
Надворешни врски
- „The Wayne Manor“ - Македонски портал за Бетмен Архивирано на 23 февруари 2010 г. (македонски)