Обршани
Обршани — село во Општина Кривогаштани, во околината на градот Прилеп.
Обршани | |
Улица низ селото | |
Координати 41°16′56″N 21°21′46″E / 41.28222° СГШ; 21.36278° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Кривогаштани |
Област | Прилепско Поле |
Население | 672 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7525 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20075 |
Надм. вис. | 589 м |
Обршани на општинската карта Атарот на Обршани во рамките на општината | |
Обршани на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во западниот дел на Прилепското Поле, а на југозападната страна на територијата на Општина Кривогаштани.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 589 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 27 километри,[2] додека од општинското средиште Кривогаштани е оддалечено 7 километри. Претставува природен крстопат кон Прилеп-Крушево-Демир Хисар.
Низ селото поминува регионалниот пат 2339, кој ја поврзува Пелагонија со Железник.
Селото е големо низинско село помеѓу селата Пашино Рувци, Бела Црква и Боротино. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари длабоки 3 до 6 метри. Нема извори во околината.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Чатојца, Камење, Ливадски Пат, Средни Пат, Друм, Боротински Пат и Камберица.[3]
Селото има збиен тип, поделено на четири маала: Сугароско, Паскоско, Ѓореско и Баир Маало.[3]
Историја
уредиОбршани е старо македонско село. Во него се наоѓаат родови, кои најверојатно се староседелски. Прв пишан помен за селото се среќава од 1337 година кога кралот Стефан Душан го прилoжил на манастирот Трескавец.[3] Селото се споменува и во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Абршани и имало 35 семејства, 2 неженети и 4 вдовици, сите христијани.[4]
Околу 500 метри североисточно од селото се наоѓа месноста Црквиште, каде денес има ливади и нема остатоци од старини. Денес, таму се наоѓа Обршанскиот манастир. Покрај патот за соседното село Боротино во нивите и во ливадите биле ископувани стари гробови.[3]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 6,6 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 588 хектари, додека на пасиштата и на шумите отпаѓаат мали површини.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото постојат продавници и услужни објекти.[2]
За време на турското ропство во селото постоеле чифлици и тоа: Велиов, Бајрамоски, Аџи Здравев и Ицкоичин. Сопствениците на првите два живееле во Битола, а другите во Прилеп. По ослободување од османлиската власт, жителите ја купиле чифчиската земја, а некои ја добиле и со аграрната реформа.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Обршани живееле 540 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Обршани имало 448 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Обршани се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 65 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[8]
Обршани е големо село, но со намалување на бројот на жителите. Така, во 1961 година селото броело 1.229 жители, главно македонско население, а во 1994 година бројот се намалил на 825 жители, од кои 823 биле Македонци и двајца жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Обршани живееле 793 жители, сите Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 672 жители, од кои 667 Македонци, 2 Албанци, 1 останат и 2 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 540 | 448 | 1.005 | 1.169 | 1.229 | 1.247 | 1.138 | 863 | 825 | 793 | 672 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиОбршани е старо македонско село, во него живеат родови кои не знаат дали се староседелски или доселенички.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1955 година родови во селото се:
- Староседелци и доселеници со непознато потекло: Смургевци (13 к.), Истинџиовци (11 к.), Аџиовци (10 к.), Дамчевци (9 к.), Момировци (4 к.), Глушевци (4 к.), Станчевци (2 к.), Шестаковци (4 к.), Бардинковци (2 к.), Размовци (1 к.), Ѓоревци (9 к.) и Дрлевци (4 к.).
- Доселеници со познато потекло: Шарковци (13 к.), „доселени се некогаш од Шар Планина” Полог; Китановци (5 к.), доселени се од Кривогаштани; Мисковци (11 к.), доселени се од Воѓани; Рулевци (2 к.), доселени се од селото Рулја во Леринско; Козаровци (2 к.), доселени се од Воѓани, таму им се род Банковци; Киселовци (2 к.), доселени се во 1936 година од Кривогаштани, таму имаат роднини; Пасковци (14 к.), доселени од селото Воѓани, каде имаат роднини, во Воѓани се доселени од Растојца во Железник. а во Растојца од некое место кое е сега во Албанија.
Иселеништво
уредиСе знае за следните постари иселени родови и семејства од ова село: Стојчевци (6 к.) иселени се во Оптичари, Стомнаровци (2 к.), Лисковци (2 к.), Дрлевци (1 к.), Пасковци (1 к.), Кромидовци (1 к.) и Рувчевци (1 к.), иселени се во Пашино Рувци, Плитаровци (2 к.), Глуши (1 к.) и Шарковци (1 к.), иселени се во Бучин, Бишиновци (1 к.) и Естенџиовци (1 к.), иселени се во Новоселани, Обршанци (2 к.), иселени се во Поешево, Ќајовци (2 к.), Обршанци (2 к.) и Размовци (1 к.), иселени се во Боротино, Пасковци (3 к.), иселени се во Крушеани, Колчаковци (4 к.), иселени се во Врбјани и Прдлевци (2 к.), иселени се во Свето Тодори.[3]
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Јонче Смугрески“, централно деветгодишно основно училиште
- Дом на културата
-
Дом на културата
-
Основното училиште
-
Старото училиште
-
Детско игралиште
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Обршани било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Кривогаштани, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Кривогаштани.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната Општина Кривогаштани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бела Црква, во која покрај селото Обршани, се наоѓале и селата Бела Црква, Бучин, Воѓани, Пашино Рувци, Пресил и Света. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Обршани, во која влегувале селата Боротино, Обршани и Пашино Рувци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1515 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 584 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 596 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Селска Црква — осамени наоди од римско време; и
- Крај Патот — некропола од непознат период.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Никола“ — главната селска црква, подигната во првата половина на XIX век; и
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — манастирска црква во месноста Црквиште.
- Манастири
- Обршански манастир — нов манастир во близина на селото
-
Манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“
-
Конакот во изградба
-
Главната селска црква „Св. Никола“
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Обршани
- Нове Неданов (1868-1903) — македонски револуционер од ВМРО.
- Диме Јанкулев Смугрески (1871-1906) — македонски револуционер од ВМРО.
- Никола Китанов Георгиоски — македонски револуционер од ВМОРО.[20]
- Недан Николов Георгиоски — македонски револуционер од ВМОРО.[20]
- Диме Кузманов Георгиоски — македонски револуционер од ВМОРО.[20]
- Даме Кузманов Дамчески — македонски револуционер од ВМОРО.[20]
- Атанас Неделков Ѓорески — македонски револуционер од ВМОРО.[21]
- Атанас Трајчев Козароски — македонски револуционер од ВМОРО.[22]
- Саве Анев Паскоски — македонски револуционер од ВМОРО.[23]
- Диме Крстев Паскоски — македонски револуционер од ВМОРО.[23]
- Веле Јончев Смугрески — македонски револуционер од ВМОРО.[24]
- Лазар Новев Смугрески — македонски револуционер од ВМОРО.[24]
- Даме Костов Стомнароски — македонски револуционер од ВМОРО.[24]
- Здравка Ангеловска — учесник во НОВ на Македонија.
- Драган Ванчев Андревски (1950-) — генерал-мајор на АРМ.
- Жртви во војната 1941-1945[25]
- Јонче Смугрески (1923 — 1945), во НОБ, кај Битола
Култура и спорт
уредиВо селоти работи фудбалскиот клуб ФК „Партизан“.
Галерија
уреди-
Парк во селото
-
Сретселото
-
Стара куќа
-
Фудбалско игралиште
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 217. Посетено на 9 јануари 2022.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн. 4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 74
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 237.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 166-167.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 9 јануари 2022.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 9 јануари 2022.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 305. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ 20,0 20,1 20,2 20,3 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ 23,0 23,1 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ 24,0 24,1 24,2 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ Žrtve rata 1941-1945 (PDF). Muzej žrtava genocida Beograd. 1997. стр. 217.