Александар Обреновиќ

Александар Обреновиќ (српски: Александар Обреновић, Белград, 14 август 1876 - Белград, 11 јуни 1903) бил крал на Србија, последен српски владетел од династијата Обреновиќ.

Александар I Обреновиќ
крал на Србија
Портрет на Александр Обреновиќ од Влахо Буковац (1900)
На престол1889 - 1903
ПретходникМилан Обреновиќ
НаследникПетар I Караѓорѓевиќ
Жена
Полно име
Александар Обреновиќ
ДинастијаОбреновиќ
ТаткоМилан Обреновиќ
МајкаНаталија Кешко

Во 1889 година, неговиот татко, кралот Милан I Обреновиќ абдицирал во негова корист. Александар тогаш имал дванаесет години, а во негово име владеел Наместнички совет на чело со Јован Ристиќ. Во 1893 година, Александар, најверојатно со помош на својот татко Милан [1], извршил државен удар. Во текот на еден банкет во кралскиот двор биле уапсени намесниците и министрите, Александар се прогласил за полнолетен и го суспендирал уставот.

За да му се забалагодари на својот татко Милан за драгоцените совети, го именувал за шеф на една паралалена полиција, која со помош на војската и администрацијата, помогнала во создавање на авторитарен режим. Александар I ги расипал односите со националистичките партии и владеел со помош на луѓе кои биле наклонети кон Австроунгарија, како што бил Христиќ.

Предизвикал турбуленции во политичкиот живот на конзервативната Србија, кога решил да се ожени со Драга Машин, дворска дама кај неговата мајка, кралицата Наталија. Драга Машин била вдовица на машински инженер, а снаа на еден српски офицер и уживала сомнителен глас. По склучувањето на бракот, Александар го изгубил својот углед и бил политички изолиран во својата држава.

На 11 јуни 1903 година, Александар и неговата жена биле убиени во Стариот Двор во Белград како резултат на еден воен заговор [2], а нивните тела биле фрлени низ прозорец. Двојното убиство во Белград, ја запрепастило Европа. Официјалното соопштение за нивната смрт гласело: Кралот, во гнев или лудило, ги убил своите двајца аѓутанти, па кралицата, а потоа извршил самоубиство [1]

Династија Обреновиќ

уреди
 
Алексанадр во 1882 година
 
Стариот Двор во Белград

Александар Обреновиќ е роден на 14 август 1876 година во породилиште кое било лично финансирано од неговиот татко, српскиот владетел Милан Обреновиќ . Грижата за младиот Александар ја презел неговиот татко.

Милан на свој трошок го испратил својот син на школување во Париз. Во престолнината на Франција, со Александар биле и двајца истакнати пријатели на династијата Обреновиќ, Јован Ристиќ и Коста Протиќ, подоцна тие биле намесници за време на Александровото малолетство. Александар се стекнал со солидно образование, а меѓу друготот ги научил францускиот и рускиот јазик.

Во 1887 година, Александар се вратил во Белград, таму со неполни единаесет години постојано се наоѓал на српскиот двор, каде што за неговото воспитание се грижела гуверната. Таму научил да свири на клавир, да пишува поезија, риболов и да оди на лов. Главно, се наоѓал под надзор на својот татко, кралот Милан Обреновиќ

Владетел на Србија

уреди

Намесништво

уреди
 
Александар во 1890 година
 
Манастирот Жича

На 22 февруари 1889 година, годишнина од прогласувањето на Српското кралство, во Соборната црква во Белград, кралот Милан се појавил со својот тринаестогодишен син Александар во свечена воена униформа и објавил дека се повлекува и го остапува српскиот престол на својот син Александар, но дека во неговото полнолетство со државата требало да управува Намеснички совет. Според уставот, Милан го одредил намесништвото во кое влегле Јован Ристиќ, генералот Коста Протиќ и генералот Јован Белимарковиќ.

Намесништвото презело мерки за подобрување на позициите на династијата Обреновиќ. Биле помилувани приврзаниците на Радикалната партија од обвиненијата и казните поради т.н Тимочка буна. Радикалната партија се вратила во политичкиот живот. Со владата најпрво претседавал Сава Грујиќ, а потоа Никола Пашиќ. Намесништвото се обидело да ги поправи односите со Руското царство. Во летото 1891 година, Александар и Никола Пашиќ го посетиле Санкт Петербург. Рускиот цар Александар истакнал дека Руското царство нема да дозволи Босна и Херцеговина да биде анектирана од Австроунгарија, а тоа ќе и биде пренесено на Виена. Александар и Никола Пашиќ добиле ветување дека Руското царство ќе ја помага српската активност во Македонија.

На предлог на Александар, српската влада и намесништвото му дозволиле на митрополитот Михајло, кој бил протеран од кралот Милан, да се врати во Србија. На 500 - то годишнината од Битката на Косово поле во 1889 година, тринаесетгодишниот Александар во манастирот Жича бил миропомазан од страна на митрополитот Михајло, политичкиот противник на неговиот татко, во присуство на кралските намесници, министерите од српската влада и рускиот престваник Персијаниј.

 
Јован Авакумовиќ
 
Лазаровата црква во Крушевац

Чинот на миропомазување бил особено свечен. Претходно младиот крал присуствувал на бдение во Лазаровата црква во Крушевац, каде поставил темел за споменикот на паднатите косовски борци, на пат за Жича го посетил манастирот Љубостиња, каде била организирана помен на гробот на Милица. Со посебен закон, било основано Друштво за изградба на храмот на Св. Сава во Врачар.

Кралицата Наталија, мајката на Александар, била разведена и во лоши односи со кралот Милан, била протерана од Белград на 7 мај 1891 година и заминала во бањскиот центар Бијариц, со тогашната дворска дама и идна кралица Драга Машин. На 4 јуни 1892 година, починал намесникот Протиќ, по што дошло до судир помеѓу Никола Пашиќ и Јован Ристиќ. Владата на радикалите паднала и била формирана нова на чело со Јован Авакумовиќ на 9 август 1892 година.

Државен удар

уреди
 
Александар во 1895 година
 
Салонот за бал во Стариот Двор во Белград

Во февруари 1893 година се одржале паламентарни избори на кои радикалите и либералите освоиле еднаков број на гласови, а во Србија дошло до политичка криза. На 1 април 1893 година, Александар Обреновиќ ги повикал угледните министри и целото намесништво на вечера во Дворот.

Во текот на вечерата, постојано околу Александар имало околу 10-12 офицери кој служеле кака служители. По вечерата, Александар ги повикал гостите во свечениот салон каде им соопштил дека ги презема кралските овластувања и ја разрешува владата и намесништвото. Според некои извори, зад целиот државен удар стоел Милан [1].

Внатрешна политика

уреди
 
Милан Обреновиќ
 
Лазар Докиќ

Околу Александар тогаш се наоѓале неколку високи офицери, меѓу кој бил и коњаничкиот полковник Лазар Петровиќ, кој подоцна станал негов аѓутант, а кралот му го доделил и чинот генерал. Министрите протестирале против државниот удар, меѓутоа Александар истакнал дека тоа е најдобро за државата. Новата влада била формирана од поранешниот воспитувач на кралот, д-р Лазар Докиќ во која имало неколку угледни радикали.

Во почетокот на своето владеење, Алексанадар на српската влада и ја диктирал својата програма по прашањата од воениот, економскиот и финансискиот живот на српската држава. За да ги потисне радикалите, на 9 јануари во 1894 година, Александар Обреновиќ го повикал својот татко да се врати во Белград.

Милан веднаш започнал да се меша во државните работи. Радикалната партија била незадоволна од враќањето на Милан, нејзините претставници во владата, формирана од Александар, ја напуштиле и преминале во опозиција. Александар се обидел да води политика со неутрални влади, меѓутоа не успеал во тоа. Затоа на 9 мај 1894 година, извршил нов државен удар и го укинал уставот од 1888 година и го вратил стариот од 1869 година.

Надворешна политика

уреди
 
Насловна страна на весникот Вечерње новине од 1895 година (Александар и Никола)
 
Балканот во 1891 година

Во летото 1894 година, Александар го посетил Цариград каде од османлиските власти побарал отстапки за српската пропагнада, бидејќи српските позиции биле загрозени од Бугарската пропаганда и Бугарската егзархија. На враќање од Османлиското Царство го посетил грчкиот двор.

На пат за Србија, навратил во манастирот Хиландар на Света Гора. Хиландарското братство при неговата посета му го подариле Мирославското евангелие, оригиналната повелба на Стефан Немања и уште неколку ракописи. Оваа посета и неговите финансиски прилози, овозможиле манастирот Хиландар да остане во српски раце. По враќањето во Србија, Александар ги расипал односите со својот татко, а Милан бил принуден повторно да ја напушти српската држава. Недела дена подоцна, од прогонство се вратила кралицата Наталија. Веднаш потоа, на 25 јуни 1895 година, била формирана нова влада на чело со Стојан Новаковиќ.

Александар под влијание на својот татко заминал за Виена, а како знак на добрите односи помеѓу српскиот и виенскиот двор, го одликувал австрискиот министер за финансии и министер за Босна и Херцеговина - Бенјамин Калај со лентата Бел орел, меѓутоа српската јавност негодувала на овој чин.

На Видовден во 1896 година, за првпат во историјата на Србија, дошло до средба помеѓу владетелите на Црна Гора и Србија. Александар му приредил величествен пречек на црногорскиот кнез Никола I Петровиќ, српскиот владетел командувал со воениот ешалон и прв се ракувал со Никола. Во оваа прилика, Никола одржал долг говор и го поздравил српско-црногорското пријателство. На Ѓурѓовден во 1897 година, Александар го посетил Цетиње.

На 19 февруари 1897 година, Александар остварил официјална посета на Софија каде се сретнал со бугарскиот кнез Фердинанд I. Во текот на оваа посета бил потпишан српско-бугарски договор со кој требало да бидат регулирани интересите на Србија и Бугарија во Османлиското Царство. По потпишувањето на овој договор, Александар се смирил со својот татко, а Милан се вратил во Србија. Била формирана нова влада на чело со Владан Ѓорѓевиќ, а кралот Милан бил поставен за главен командант на српската армија.

Македонско прашање

уреди
 
Фердинанд I
 
Македонското население според австриска статистика

Во Македонија најслаби позици имало Кралствотото Србија. Отука Александар презел една сила дипломатска активност. Во мај 1896 година во Белград пристигнал штотуку признаениот бугарски кнез Фердинанд I и Константин Стоилов. Притoа биле водени преговори со Александар и министерот Стојан Новаковиќ. Српскиот министер предложил разграничување на сферите на влијание во Македонија [3], меѓутоа Александар бил многу појасен. Српскиот крал побарал Србија да добие излез на море. Александар сметал дека реката Струма требало да биде граничната линија за сферите на влијание. Константин Стоилов во својот дневник запишал: Тоа прашање не дели. [4][5].

Во текот на посетата на Никола I Петровиќ во Белград, била постигната согласност за заедничка одбрана на нивните интереси. Црна Гора и го признала правото на Србија над Македонија, а бил договорен и заеднички настап пред османлиските власти за назначување на српски митрополит во Скопје. Црногорскиот министер за надворешни рабори - Гајко Вуковиќ добил задача да работи на постигнување на договор помеѓу Србија и Бугарија во однос на македонското прашање. Меѓутоа, тој по неговата посета на Софија и Белград, заклучил дека српско-бугарските противречности во Македонија се големи и дека двете страни тешко можат да дојдат до заеднички догововор [3].

По потпишувањето на српско-бугарската спогодба од 1897 година, Србија постојано барала поделба на Македонија. Нејзините предлози биле 50 : 50. На Србија требало да и припаднат териториите западно од реката Вардар со градовите Скопје и Куманово, а Бугарија требало да ја добие територијата источно од Вардар. Според српските предлози, Солун требало да биде заедничкки [6].

 
Црногорскиот кнез Никола
 
Пелагонија

Во текот на посетата на Александар на Цетиње во 1897 година биле водени прегововори за поделба на Османлиското Царство. Границата на разграничување требало да минува низ Косово, а од таму кон Охридското Езеро, така што Дебар требало да и припадне на Црна Гора. Србија требало да добие излез на Солун. Црногорскиот кнез се обврзал да и помогне на Србија при нејзиното разграничување со Бугарија по вододелницата Вардар и Струма, при што Вардарскиот слив требало да и припадне на Србија, а Струмскиот на Бугарија [3].

Во текот на Грчко-турската војна од 1897 година, Александар бил неутрален, а таквото негово држење било наградено со право на отворање на српски училишта во Битолскиот и Солунскиот вилает, а во Скопје за администратор на скопската патријаршиска митрополија бил назначен Фирмилијан [7].

Во почетокот на 1899 година, Владан Ѓорѓевиќ во Париз имал средба со бугарскиот дипломатски претставник каде јасно истакнал дека македонското прашање за Србија претставува борба за живот или смрт [8]. Тој истакнал дека ако Србија и Бугарија не се договорат околу Македонија, тогаш Србите ќе си го земат она што им припаѓа. Овој став, од страна на Александар Обреновиќ му бил презентиран и на Шишманов, бугарскиот дипломатски претставник во Белград.

Бидејќи Александар не можел да се договори со Бугарите за поделба на Македонија, во најголема тајност, во јуни 1899 година ги обновил преговорите со Атина кој биле прекинати со неговиот државен удар од 1893 година. Во претолнината на Грција го испратил својот секретар Михајло Миличевиќ во својство на специјален пратеник. Миличевиќ по македонското прашање водел преговори со грчкиот министер за надворешни работи - Раманос. Меѓутоа, двете страни не можеле да се договорат за граничната линија помеѓу Србија и Грција. Српската страна прифатила Мелник, Неврокоп, Костур и Бер да останат во грчка сфера, Грците побарале границата во западниот дел од Македонија да се движи на север од Битола. Поради преголемите претензии на двете страни преговорите се комплицирале и тие биле прекинати [3]. Во 1901 година, Александар ги обновил преговорите со Грција преку владата на Алекса Јовановиќ, а подоцна и преку владата на Вујиќ, меѓутоа тие биле повторно прекинати.

Во 1903 година, поради случувањата во Македонија, односите помеѓу Бугарија и останатите држави биле затегнати. Францускиот амбасадор во Лондон - Кабон [9], имал средба со Александар кој се искажал против сите опции за Македонија:

Против делење, против автономија бидејќи не сакал да види реприза на Источнма Румелија и против рефеорми спроведени од страна на големите сили. Тој едноставно сакал да види војна меѓу Бугарија и Турција, со што Бугарија би добила една лекција за наредните 25 години да не помисли да се меша во Македонија [5]

Бракот со Драга Луњевица Машин

уреди
 
Драга Луњевиц Машин
 
Александар и Драга

Владата на Владан Ѓорѓевиќ, која била под влијание на Милан, го поставила прашањето за пронаоѓање на достојна жена за кралот Александар. Милан предложил тоа да биде германската принцеза Шамбург Липе, ќерка на негов голем пријател. Во Белград, тогаш веќе се знало за љубовта помеѓу Александар и Драга Луњевица Машин.

По неуспешниот атентат од 1899 година, Милан започнал да се пресметува со Радикалите на сите можни начини. Меѓутоа оваа политика не му се допаднала на Александар, поради две причини: требало да ја стави пред свршен чин цела Србија со објавувањето на веридбата со Драга Машин и да се прекрати антирадикалната кампања на Милан. Александар Обреновиќ решил да ги отстрани од политиката својот татко и првиот министер на српската влада.

Под изговор дека треба да се преговара околу прашањето за својата женидбата со принцезата Александра Шамбург Липе, Александар го испратил својот татко во Карлсбад, а Владан Ѓорѓевиќ го испратил во Австроунгарија за да потпише некои договори. По нивното заминување, Алексанадар решил да ја објави својата веридба.

На 8 јули 1900 година, Александар ја изестил јавноста дека ја побарал раката на Драга. Меѓутоа на женидбата се спротивставил Милан. Односите помеѓу двајцата се влошиле, Александар се свртел против својот татко, дури ги помилувал и Радикалите, кои лежеле во затвор поради атентатот врз Милан од 1899 година.

На 10 јули 1900 година, во Соборната црква, во присуство на високите офицери, Александар Обреновиќ одржал говор во кој истакнал: Јас сум глава на Домот Обреновиќ и јас имам право и должност да водам грижа за судбината и иднината на Династијата. Според тоа, мешањето на мојот татко во мојата женидба е споредна работа и од мало значање. Главно е што мислам јас, а не мојот татко. Мојот татко не одговори на мојте желби и јас, како врховен командант, со право го разрешив од должноста командант на активната војска.

По објавувањето на веридбата, на 23 јули 1900 година се случила кралската свадба во Соборната црква во Белград. Меѓутоа, овој брак на Александар ги распалодносите со моќните држави.

Изолација

уреди
 
грофот Владимир Николајевич Ламздорф, руски министер за надворешни работи
 
Грофот Голуховски, австроунгарски министер за надворешни работи

Александар започнал со активност за средување на надворешната и внатрешната положба. Се свртел кон Руското царство, откако претходно ги ослободил радикалите кои биле затворени поради атентатот врз неговиот татко. Но на ова остро реагирал австрискиот министер за надворешни работи - Голуховски. По смртта на неговиот татко, како знак на добра волја поради бременоста на кралицата, им пружил рака на сите политички затвореници. Формирал нова влада на чело со радикалот Михаило Вујиќ, која се состоела од либерали и радикали. Потоа донел нов устав, а неговата главна одлика бил дводомниот систем.

Меѓутоа, било утврдено дека бременоста на Драга Машин е лажна, а тоа ги расипало односите со големите сили. Најпрво реагирал рускиот двор во Санкт Петербург кој не сакал да ги прими српскиот крал и кралица на веќе договорената посета. Александар за тоа ги обвинил радикалите, извршил државен удар и формирал нова влада на чело со генералот Димитрије Цинцар Марковиќ.

Бидејќи бил одбиен од рускиот двор, Александар есента 1902 година се обидел да се доближи на Австроунгарија. Уште во јануари 1902 година, во Виена го испратил својот секретар Милош Петронијевиќ со ветување дека прашањето за наследството ќе го реши во договор со царството, односно дека ќе посини еден од потомците на Обреновиќ по женска линија кои живеле во Австроунгарија. Рускиот министер за надворешни работи грофот Владимир Николајевич Ламздорф при неговата посета на Ниш, остро се спротивставил на таквиот предлог.

Мартовски демонстрации

уреди

На 23 март 1903 година, работниците и студентите организирале масовни демонстрации кои завршиле со судир помеѓу демонстрантите и безбедносните сили. Во текот на судирот загинале шестмина. На Калемегдан, жесток говор одржал Димитрије Туцовиќ. Кралот Александар знаел дека не може да добие нови избори, се нафрлил врз Сенатот и радикалите обвинувајќи ги дека тие се виновни за нередите.

На 25 март, Александар извршил два државни удари. Со првиот, бил укинат уставот од 1901 година, биле распуштени Сенатот и Народното собрание, по што биле поставени нови луѓе во Сенатот, Државниот совет и судовите. Потоа, Александар со нов државен удар го вратил уставот од 1901 година. По овие мерки, на 18 мај 1903 година, владата спровела нови избори кои ги добила. Ова била последната победа на Александар во политичкиот живот на Србија.

Мајски преврат

уреди
 
Александар Машин, еден од водачите на Мајскиот преврат

Ноќта на 29 мај (стар стил) 1903 година, група на заговорници под водство на капетанот Драгутин Димитријевиќ Апис извршиле државен удар. Александар и неговата жена биле убиени во нивната спалана соба, a нивните тела биле фрлени низ прозорецот.

Заговорниците во текот на ноќта ги убиле: претседателот на Владата Димитрије Цинцар-Марковиќ, воениот министер Милован Павловиќ, Никодије и Никола Луњевица, браќа на Драга. Капијата на дворот била отворена од офицерот Петар Живковиќ, подоцна генерал за време на Александар Караѓорѓевиќ.

Со убиството на Александар згаснала лозата на династијата Обреновиќ, која со прекини, владеела со Србија од 1815 година. Александар и неговата жена почиваат во храмот св. Марко во Белград. По убиството на Александар, на српскиот престол седнал Петар I Караѓорѓевиќ [10].

Галерија

уреди

Извори

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Guy Gauthier, Les Aigles at les Lions, Histoire des monarchies balkaniques, Éditions France-Empire, 1996
  2. Драгиша Васић, Деветсто Трећа. Мајски преврат (1925). (Миомир Миленовић)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Михајло Војовиќ, Србија во меѓународните односи кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Белград, 1988
  4. Историја на бугарската дипломатија..., 226
  5. 5,0 5,1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903, Скопје, 2003
  6. Историја на бугарската дипломатија..., 240
  7. Димитар Димески, Македонското национално-ослободително движење во Битолскиот вилает (1893–1903), Скопје, 1981
  8. Михајло Миноски, Македонија во билатералните и мултилатерланите договори на балканските држави 1861 - 1913, Скопје, 2000
  9. Крсте Битоски, Дипломатските одгласи за Илинденскотот востани, Скопје, 1983
  10. Историјска библиотека: Утемељење култа Петра I Карађорђевића

Литература

уреди
  • Слободан Јовановић, Владавина Александра Обреновића, Београд, 1990.
  • Драгиша Васић, Деветсто трећа, Београд, 1925.
  • Момир Јовић, Историја Срба, Смедерево, 2000.
  • Владимир Ћоровић, Историја Срба-Том 3, Београд, 1995.
  • Војна енциклопедија, Београд, 1955.
  • Стателова, Ел.; Попов, Р.; Танкова, В. История на българската дипломация 1879-1913 г., Фондация „Отворено общество“, София 1994

Надворешни врски

уреди
Александар Обреновиќ
Роден(а): 24 август 1876 Починал(а): 11 јуни 1903
Владејачки титули
Претходник
Милан I
Крал на Србија
6 март 1889 – 11 јуни 1903
Наследник
Петар I