Папа Лав I

(Пренасочено од Лав I (папа))
Лав I
400-461
Претходник:
Сикст III
Римски папа
440-461
Наследник:
Хилариј

Папата Свети Лав I (лат. Papa Leo I) или Свети Леон Велики (400.-461.год) бил папа на римската црква од 29 септември 440. год. до 10 ноември 461[1].

Тој — римски аристократ, црковен учител, и првиот папа од римската црква што бил наречен „Велики“. Познат е по тоа што го пресретнал хунот Атила пред портите на Рим, но и по зацврстувањето на римската црква и проширувањето на јазот со Византија. Во таа смисла, Лав I е еден од основачите на римокатолицизмот и водечка личност во централизацијата и организацијата на Римската католичка црква.

Католичката и многу англикански цркви го одбележуваат 10 ноември како ден на Свети Лав, а православните цркви го одбележуваат 18 февруари. Во католичката црква, верниците му се молат на Св. Лав Велики да не скршнат од вистинската вера и за заштита од насилниците.[2]

Падот на Рим

уреди

Блискиот крај на Западното Римско Царство и распадот на државниот систем му овозможил на Лав I да се претставува како претставник на власта. Кога Хунот Атила навлегол во Италија во 452. и се заканувал да го освои и Рим, токму Лав, со уште двајца високи претставници на граѓанската власт, отишол да го пресретне и го издејствувал неговото повлекување.

 
Средбата на Лав Велики и Атила од Рафаел го прикажува Лав придружуван од св. Петар и Св.Павле како го пресретнува Атила пред портите на Рим.

Според Проспер од Аквитанија, Атила бил толку импресиониран од Лав, што се повлекол,[3] но Јорданес дава други основи, како, на пример, дека Лав имал подготвено поголема сума на злато за поткуп на Атила, како и дека логистичките и стратешките прашања биле вистинската причина за милоста на Атила. Армијата на Атила била веќе доста развлечена и натоварена со богатства од извршените грабежи, па веројатно затоа молбата од Папата, а можеби и платениот откуп во злато, биле доволна причина да не го нападне Рим. Други извори од католичката црква велат дека неверојатно висок човек, облечен во свештеничка роба и вооружен со огнен меч видлив само за Атила, му се заканил со смрт за него и за неговата армија за време на разговорите со Лав, и ова го натерало Атила да се покори на барањето од Папата.[4] Сепак, примирјето што Лав го обезбедил, не го спречило освојувањето од Вандалите три години подоцна, во 455 година, но и тогаш успеал да спречи убивање и палежи.

Писмото до Флавијан, црковна политика и доктрина

уреди

На вториот вселенски собор во Ефес (449.) претставниците на Лав го донеле неговиот томос (латински за текст, писмо, изјава) за верата на Римската црква во форма на допис до Флавијан, кое ги повторува, строго придржувајќи сè до учењето на Свети Августин, тезите на западната христологија, без да навлегува во прашањата што го интересирале Истокот. Соборот не го прочитал писмото, ниту пак обрнал внимание на протестите на пратениците на Лав, но ги разрешил Флавијан и Еузебиј, кои пак се пожалиле на Рим. Инаку, според верувањето на Лав (и на други теолози кои се основачи на католицизмот), црквата е изградена врз делото на Свети Петар, во согласност со евангелието по Матеј (стихови 16:16-19). Петар учествува во се' што е од Христа; другите апостоли она што го имаат со Христа е преку Петар, и затоа она што важи за Петар, важи и за неговите наследници - папите. Секој друг епископ е задолжен за грижа за неговото стадо, но римскиот епископ е задолжен за грижата за сите, а останатите се негови помошници. Покрај тоа, во писмото Лав барал и разрешување на Ефтихис како манихеец и еретик.

Лав побарал од императорот да се одржи нов екуменски собор во Италија, а во меѓувреме, на Римскиот синод во 449., ги отфрлил сите одлуки од Соборот во Ефес. Со смртта на императорот Теодосиј II во 450. и доаѓањето на власт на Марцијан, во Цариград се создала поповолна клима кон Рим. Анатолиј, новиот патријарх од Цариград, ги прифатил барањата на Лав I и го усвоил неговиот томос. Така Лав веќе не инсистирал на одржување на новиот собор во Италија, и тој се одржал во Калцедонија во 451.год. На Соборот во Калцедонија, делегатите на Лав биле почесни претседавачи, а епископите го признале како преносник на гласот на Свети Петар и како глава на црковното тело, барајќи и негова потврда за нивните декрети. Во очите на Лав I, заклучоците на Соборот во Калцедонија биле валидни бидејќи ја имале неговата согласност.

Поради сето ова, Лав I се смета за прв римски папа во денешното значење на оваа титула.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Сите папи досега: целосен список на The Guardian
  2. „Верски календар“, Дневник, година XVIII, број 5613, понеделник, 10 ноември 2014, стр. 26.
  3. http://www.fordham.edu/halsall/source/attila2.html
  4. „Catholic Forum“. Архивирано од изворникот на 2008-03-04. Посетено на 2008-02-10.