„Наспроти“ (француски: À rebours) — роман на францускиот писател Жорис-Карл Уисманс од 1884 година.

Содржина

уреди
 
Издание на книгата од 1922 година.

Романот се состои од Белешка и од 16 глави.

  • Белешка: Семејството Дезесент со текот на времето назадува и пропаѓа, а војводата Жан е последниот изданок на старата лоза. Тој расте осамен, без никакво внимание и грижа од родителите. По завршувањето на езуитското училиште, тој води блуден живот, исполнет со телесни наслади на кои троши голем дел од своето богатство, но во кои не наоѓа задоволство. Оттука, тој одлучува да го напушти другарувањето со пријателите, писателите и мислителите и да се повлече на некое осамено место, далеку од луѓето. За таа цел, тој купува куќа во Фонтене, мало место во близината на Париз.[1]
  • Глава I - X: Дезесент ја опремува куќата по својот необичен и екстравагантен вкус, а потоа се затвора дома и воопшто не излегува надвор, ниту пак прима посетители. Времето го минува уживајќи во својата богата библиотека на дела од латинската книжевност, во збирката на уметнички дела, во егзотичните цвеќиња и во вештината на правење мириси. Затворен дома, Дезесент им се предава на спомените на училишните денови, како и на поранешниот блуден живот и на своите љубовници. Истовремено, тој страда од невроза и често го мачат кошмарни сонови.[2]
  • Глава XI - XVI: По една тешка психичка криза, Дезесент наеднаш решава да отпатува за Лондон, но по пристигнувањето во Париз се премислува и веднаш се враќа назад за повторно да се задлабочи во делата од домашната библиотека, особено уживајќи во книгите на Бодлер, Маларме, Верлен и неколку други поети. Меѓутоа, невротичните напади не престануваат и неговата здравствена состојба се влошува. Поради тоа, Дезесент е принуден да повика еден познат лекар, кој му наложува да го напушти осамениот живот и да се врати во Париз како единствен начин за да се излечи од неврозата. Додека се подготвува за преселбата, Дезесент е огорчен, зашто не сака да ја прифати дружбата со аристократијата, а нема доволно цврста вера за да му се придружи на свештенството. Романот завршува така што тој го проколнува современото општество во кое владеат богатството, суетата и неправдата.[3]

Осврт кон делото

уреди

Романот „Наспроти“ се смета за Библија на декаденцијата, книга која го поттикнала Оскар Вајлд да го напише романот „Сликата на Доријан Греј“. Рускиот филозоф Николај Берѓаев, пак, изјавил дека овој роман е „најзначајното дело на современата француска книжевност“, додека Барбе д'Орвили го пофалил со зборовите: „По ваква книга, на писателот не му преостанува ништо друго, освен да бира меѓу цевката на пиштолот и подножјето на крстот!“ Романот е полн со размислувања за животот и за уметноста, сето тоа зачинето со мечти, психолошки анализи, посебно верско расположени, како и со остроумни и строги книжевни судови. Тој не само што претставува пресвртница во творештвото на Уисманс, туку означува и мошне важна промена во француската книжевност од крајот на 19 век — прекинот со натурализмот.[4]

Во есејот „Култовите на сексот и убавината“, Камиј Паља објаснува како романот „Наспроти“ ги проширува декадентните иновации на Балзак, Готје, По и Бодлер. Насловот на делото значи „против природата“, а главниот лик е потомок на дегенерирана аристократска лоза кој се одрекува од општествените односи и се затвора во својата палата. Опкружен со книгите и со уметничките слики, тој наликува на фараон закопан со своето богатство, а истовремено, тој е свештеник и идол на сопствениот култ. Романот ја прикажува стварноста која на комичен начин ги изигрува возвишените идеали на авторот кој се поистоветува со главниот лик. Дезесент посакува ументички и вештачки живот, но природата му се одмаздува така што го измачува со разни здравствени проблеми така што неговиот декадентен потфат пропаѓа и тој е принуден да се врати во општеството. Инаку, „Наспроти“ е роман без дејствие, во согласност со романтичарското повлекување од активноста. Тој е духовна автобиографија која ги бележи патувањата не низ просторот, туку низ облиците на перцепцијата и искуството, а главите во книгата се медитации за нештата: книгите, цвеќињата, старините итн. Дезесент е декадентно сексуално повлечен, а неговата палата е обид да изгради машка куќа, ментален простор кој го исклучува женското. Понатаму, тој собира вештачко цвеќе кое изгледа како вистинско, зашто смета дека природата е несоодветна и сака неа да ја присили да влезе во рамките на уметноста. Во тој поглед, Уисманс нуди фантастичен каталог на медитации за романтичарската природа, кои претставуваат проторусистичка полемика во која природата, а не општеството, е прикажана како длабоко расипана. Во органскиот свет има напреднато болест со грозотии кои ги навредуваат убавината и формата. На повеќе места во романот, Уисманс дава грозни описи на цвеќиња кои ги споредува со грозни, озобличени нешта, како: потечени, влакнести стебла“, „листови со боја на сирово месо“, „остатоци од ампутирани екстремитети“, „отворени рани“, „меурчиња од изгореници“ итн. за на крајот да заклучи дека сè „се сведува на сифилис“.[5]

Исцрпениот Дезесент сонува жени со необични и, исто толку грозни, особини: висока, слаба жена со пруски војнички чизми, диво, бесполово суштество качено на коњ итн. при што тој го доживува едно од најстрашните архетипски искуства во книжевноста, забележувајќи дека нешто се движи по земјата, „жена со пепеласто лице, облечена само во свилени чорапи“, а тој престрашено се повлекува пред нејзината осипана кожа. Во романот, женските гениталии се прикажани како цвет и како рана, зашто тоа е местото каде што е роден мажот и од каде тој мора да тргне. Женската вегетација во романот е во врска со некои мизогини забелешки на Уисманс за сликите со капачките на Едгар Дега. Според Паља, „Наспроти“ е дело на идеалистички ерген кој создава ритуален култ на остро дефинирани уметнички предмети, зашто декадентниот естетизам е најсеопфатниот систем на отпор кон женската природа што го измислила западната култура. Естетската амбиција на Дезесент е разликувањето на сите нешта и доживувања, постапка која го гарантира идентитетот на предметот наспроти природата, но иронично е тоа што во „Наспроти“ разликувањето се враќа во неразликување. Во романот, самиот јазик ја задржува декадентната издвоеност и ја доведува до кулминација напнатоста на движењето за проширување на рационалистичкиот француски јазик. Во тој поглед, богатиот бизарен речник на Уисманс истовремено е застарен и футуристички. Разновидноста на јазикот на Уисманс е психички, а оттука и сексуален, развој. Во романот има малку ликови, зашто зборовите ги заменуваат личностите при што јазикот станува распнатиот труп на Бодлер. Кај Уисманс, со неговата затрупаност со ретки зборови, јазикот создава нови густи лица. „Наспроти“, кој изворно бил насловен „Осамен“, е романтичарски самодоволен, а неговата лингвистичка енергија е вложена во инертни сексуални диференцијации. Неговите зборови се зовриени повеќекатници, спори на конкурентскиот идентитет.[6]

Наводи

уреди
  1. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 5-16.
  2. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 18-174.
  3. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 175-310.
  4. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011.
  5. Камил Паља, „Култовите на сексот и убавината“, во: Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 313-316.
  6. Камил Паља, „Култовите на сексот и убавината“, во: Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 316-322.