Џејмс Болдвин (англиски: James Baldwin, 2 август 1924, Њујорк, САД - 1 декември 1987, Сен Пол де Венс, Франција) - американски писател и есеист.

Животопис

уреди

Болдвин е роден во њујоршкиот црнечки кварт Харлем, како прво од многубројните деца на еден црн свештеник. И самиот тој, на возраст од 14 години почнал да проповеда во блиската црква, но на возраст од 17 години ја напуштил свештеничката активност, завршил гимназија и почнал да пишува. Потоа, тој го напуштил домот и работел различни работи во индустријата и во трговијата, но истовремено активно се вклучил во агитацијата против расната дискриминација. Самиот тој го опишува својот живот на следниов начин: „Бев само црнче; милиони како мене беа препуштени на милоста и немилоста на пазарот на работна сила, а работничките синдикати и да не ги споменувам - така што ми беше потполно јасно дека во прашумата во којашто се затекнав немам никаква иднина; мојата пропаст беше само прашање на време.“ На возраст од 23 години заминал во Париз каде, исто така, работел различни работи, а по пет години повторно се вратил во Њујорк. Во средината на 1950-тите по вторпат заминал во Париз, а по враќањето во САД се ангажирал како борец за правда и за вистина.[1] За причината на емигрирањето, Болдвин изјавил: „Се сомневав дека би можел да го преживеам беснилото на расниот проблем во Америка (Понекогаш сè уште се сомневам.) Сакав да си оневозможам себеси да постанам само Црнец, или дури само црнечки писател. Тоа ми даде време да исповратам многу од мојата горчина.“ Во рамките на својот политички ангажман, Болдвин бил противник на либералното покровителство на црнечкото движење од страна на белците, спротивставувајќи се на третманот на Црнецот „како на паганин кој треба да биде спасен, да биде искапен за да стане бел.“ Истовремено, тој ја отфрлил наивната идеализација на Црнецот како угнетено човечко суштество, велејќи дека „угнетувањето не го прави нужно поединецот подобар од другите. Јас се противам на групирањето со кого и да било против кого и да било во името на расните или религиозните причини.“ Ваквите негови ставови станале поизразени по средбата со водачот на терористичката организација „Црни муслимани“ (Black Muslims) поради што бил обвинет од белите либерали како потенцијален терорист или како „професионален Црнец“.[2]

Творештво

уреди

Болдвин е еден од најпознатите црни писатели во САД. Првите книжевни обиди ги направил по завршувањето на гимназијата, а во 1945 година го привлекол вниманието како писател и ја добил првата стипендија. Во 1953 година го објавил својот прв роман, „Кажи го тоа во гората“, плод на десетгодишна работа. Издавачката куќа прифатила да го објави неговиот ракопис, но побарала да бидат исфрлени некои делови од книгата, и тоа токму оние што му биле омилени на младиот писател. Во 1955 година ја објавил збирката есеи „Белешки на домородниот син“, а една година потоа се појавил и неговиот втор роман „Собата на Џовани“. По второто враќање од Париз во САД, во 1960-тите објавил повеќе книги, како: „Никој не ми го знае името“ (есеи, 1961), „Друга земја“ (роман, 1962), „Идниот пат оган“ (есеи, 1963), „Жалопојка за господинот Чарли“ (драмски текст, 1964), „Во пресрет на човекот“ (раскази, 1965), „Кажи ми колку долго“ (проза, 1968), „Возот замина“ (проза, 1968) и „Агол за амин“ (драмски текст, 1968).[1]

Всушност, најголема вредност во творештвото на Болдвин имаат неговите есеи („Белешките на синот на домородците“, „Никој не ми го знае името“ итн.) во кои тој се зафаќа со различни теми, од глобалната закана предизвикана од јадреното оружје до идејата за создавање посебни училишта за црните и за белите деца во САД. Притоа, неговиот израз е повеќе реторички отколку книжевен и повеќе се темели врз психологијата и врз структурата на романот отколку врз традиционалниот американски есеј. Според И. Хоу, есеите на Болдвин се најсовршени во рамките на американската есеистика. Во центарот на неговата есеистичка дејност се прашањата од типот на: Зошто вистината за белците и црнците во Америка е толку ужасна, што не може да се искаже? Според него, целокупното зло во американското општество, вклучително и расната дискриминација, е само одраз на еден сериозен проблем: некаква полуденост од која Американците не можат да се ослободат и кои не можат да се соочат со стварноста, туку градат мрежа од самозалажувања што ги заштитува од конечната вистина на човековото постоење - смртта. Слепилото за овој факт е основата на американскито поглед на светот и причина за бројните противречности на американското општество. Црнците, пак, војуваат против структурата на моќта врз која почива системот на вредностите во САд и затоа ним им е полесно да ги согледаат лажните вредности. Така, во општеството што е непријателско и се заканува да го згмечи човекот станува невозможно да се направи разлика меѓу стварното и замисленото. Оттука, според Болдвин, белците кои владеат се шизофреничари, а црнците кои се жртви се параноици, но и едните и другите се далеку од вистината, а со тоа и далеку од слободата.[3] Во целокупното творештво, Болдвин се спротивставува на илузијата на психијатриската и техничката среќа како врховен идеал во неговата земја. Во таа смисла, тој истакнува дека привидот на самозадоволството и среќата е кобна негација на хуманото и индивидуалното постоење во американското општество, велејќи: „Мислам дека психијатријата на некој начин стана чума во оваа земја. Вистинска крв тече по вистинските улици на овој свет, но на Американците им е важно да бидат среќни. Тие мислат дека нешто не е во ред со оној кој е вознемирен. Ретко им паѓа на памет дека уште помалку е во ред со оној кој не е вознемирен.“ Во таквиот свет, според Болдвин, нормален е само оној кој е доведен до „работ на паметта“.[4]

Меѓутоа, Болдвин не е песимист и според неговите зборови, „оваа земја ќе се преобрази... но, нема да ја преобрази некаков божји чин, туку сите ние, ти и јас... Ние го создадовме светот во којшто живееме и ние мораме одново да го создадеме.“ Според него, општествената акција започнува со смела конфронтација со самите себе, а човекот не смее да се помири со општествените неправди. Или, според неговите зборови, „прашањата што човекот си ги поставува себеси почнуваат, најпосле, да го објаснуваат светот и стануваат човеков клуч за искуствата на другите луѓе. од ова соочување зависи мерката на нашето искуство и сочувство.“[5] Во 1964 година, Роберт Коулз напишал дека Болдвин е „остроумен критичар на вулгарната стварност на Америка“ и дека препорачува грандиозен лек за современите зла, а тоа е „љубовта, љубовта, љубовта“. Едмунд Вилсон, пак, смета дека пишувајќи за Црнците, Болдвин всушност пишува за тоа што значи да се биде човек. Сепак, наспроти острата самосвест и повремениот егзибиционизам, Болдвин не бил помоден, кафански популарен мислител од типот на говорниците по парковите. Тој е идеалист, кој го соочува човекот со дилемите со кои се соочува современото општество, иако не ги нашол вистинските одговори на нив.[5]

Според зборовите на самиот Болдвин, „ако има каква и да било порака во моите романи, таа е иста во сите три дела: сите ние мораме да направиме напор да се однесуваме кон сите луѓе едноставно како кон индивидуални човечки суштества. Никаква етикета, никаква парола, никаква политичка партија, никаква боја на кожата, па дури ни која и да било религија не се поважни од поединецот како човечко суштество.“[4]

Како ангажиран писател, Болдвин бил чест гостин во бројни американски списанија и во телевизиските дебати за различни општествени прашања, а служел и како неофицијален државен советник од областа на граѓанските права.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Tihomir Vučković, „Džems Boldvin“, во: Džems Boldvin, U susret čoveku. Beograd: Rad, 1969, стр. 99-100.
  2. Svetozar Koljević, „Pogovor“, во: Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 589-590.
  3. Tihomir Vučković, „Džems Boldvin“, во: Džems Boldvin, U susret čoveku. Beograd: Rad, 1969, стр. 100.
  4. 4,0 4,1 Svetozar Koljević, „Pogovor“, во: Džems Boldvin, Druga zemlja. Sarajevo: Svjetlost, 1986, стр. 591.
  5. 5,0 5,1 Tihomir Vučković, „Džems Boldvin“, во: Džems Boldvin, U susret čoveku. Beograd: Rad, 1969, стр. 100-101.
  6. Tihomir Vučković, „Džems Boldvin“, во: Džems Boldvin, U susret čoveku. Beograd: Rad, 1969, стр. 99.