Националсоцијализам

(Пренасочено од Нацист)

Националсоцијализам или Нацизам (германски: Nationalsozialismus) главно се однесува на тоталитаристичката идеологија и дејствување на Нацистичката партија (Националсоцијалистичка германска работничка партија, германски: Nationalsozialistische Deutsche Arbeiterpartei или NSDAP, НСДАП) на чело со Адолф Хитлер. Исто така, овој израз се однесува и на политиката на владата на Германија од 1933 до 1945 година, периодот во германската историја познат како Нацистичка Германија или „Третиот Рајх“.

Националсоцијализам
Кукест крст
Кукест крст
Знаме на Нацистичката партија, слично, но не идентично со националното знаме на Нацистичка Германија (1933–1945), во кое свастиката е малку надвор од центарот

Основање на националсоцијалистичката партија

уреди

Партијата била основана на 5 јануари 1919 година, како Германска работничка партија (DAP), а нјезин основач бил Антон Дрекслер. Хитлер, како десетар, бил пратен од германската разузнавачка служба да ја разгледа партијата, но поради импресивната говорничка способност за време на една дискусија со членовите, тој бил поканет да ѝ се приклучи на партијата. Тој влегол во партијата во септември 1919 година, станувајќи одговорен за пропагандата. Партијата била преименувана во Националсоцијалистичка германска работничка партија на 1 април 1920 година, за разлика од предлогот на Хитлер - Социјал-револуционерна партија. Хитлер станал водач на партијата на 29 јули 1921 година.

Нацизмот како идеологија

уреди

Нацизмот не бил прецизна, теоретски поткрепена идеологија, ниту пак масовно движење, туку германска комбинација од разни идеологии и групи, обединети од гневот кон Версајскиот договор и кон наводната Еврејска/комунистичка завера за понижување на Германија на крајот на Првата светска војна. Така, нацизмот се состоел од неконкретен збир од повеќе гледишта: антипарламентаризам, етнички национализам, расизам, колективизам, антисемитизам, социјална демагогија, опозиција на економскиот и политичкиот либерализам, расистички поглед на завера на финансискиот капитализам и антикомунизам.

Според Фридрих фон Хајек, погрешно е да се смета дека националсоцијализмот се појавил само како ирационален револт без интелектуална позадина, ниту пак како капиталистичка реакција на подемот на социјализмот. Според него, националсоцијализмот претставува само кулминација на долгата традиција на мислители, почнувајќи од Јохан Готлиб Фихте, Фердинанд Ласал, Јохан Карл Родбертус, Томас Карлајл, Вернер Зомбарт, Хјустон Стјуарт Чемберлен, Огист Конт, Жорж Сорел итн. Уште повеќе, Хајек тврди дека уште од самиот почеток постоела блиска поврзаност меѓу националсоцијализмот и социјализмот. На пример, Зомбарт бил еден од првите германски социјалисти, но во 1915 година ја промовирал идејата за „Германската војна“ против комерцијалната цивилизација на Англија.[1] Според него, двајца други германски социјалдемократи, Јохан Пленге и Паул Ленч се творците на клучните идеи со кои се послужиле непосредните идеолози на националсоцијализмот, како што се: Освалд Шпенглер, Артур Мелер ван ден Брук, Отмар Шпан, Ханс Фрејер, Карл Шмит и Ернест Јингер.[2] Врз основа на тоа, Хајек го означува нацизмот како чисто социјалистичко движење со силни антикапиталистички тенденции и тврди дека главната причина за занемарување на овој факт е поврзаноста на националсоцијализмот со германскиот национализам кој го претставуваат големите индустрии и големите земјопоседници.[3]

Во шестата глава од своето дело „Бегство од слободата“, германскиот психоаналитичар Ерих Фром дава психолошка анализа на нацизмот. Според него, не е исправно појавата на нацизмот да се толкува само со економски и политички фактори, туку тој тврди дека нацизмот претставува и психолошки проблем, поврзан со карактерната структура на приврзаниците на нацизмот и со психолошките својства на нацистичката идеологија. Фром тврди дека нацистичката идеологија го изразувала општествениот карактер на ниската средна класа во Германија, односно националистичката идеологија претставувала само рационализација со која општетсвената инфериорност на ниската средна класа се проектирала на национална инфериорност. Фром смета дека Хитлеровата личност и неговите идеи се краен израз на авторитарната карактерна структура со која се одликувале одредени делови од германското население. Суштината на авторитарниот карактер се состои во присуството на садистички и мазохистички елементи. Според Фром, садистичкиот нагон за моќ е силно изразен во делото на Хитлер „Мојата борба“, а љубовта кон моќта и омразата кон немоќните, кои се типични за садо-мазохистичкито карактер, можат да објаснат голем дел од политичките акции на нацистите. Така, Хитлер ја мразел Вајмарската република затоа што била слаба, а истовремено им се восхитувал на индустриските и воените водачи затоа што биле моќни. Слично на тоа, во својата книга Хитлер ѝ се восхитува на Британија, нарекувајќи ја „моќна држава“, но по Минхенската спогодба, гледајќи ја нејзината слабост, неговата љубов се претворила во омраза и желба да ја уништи Британија. Од друга страна, мазохистичката страна на нацистичката идеологија се манифестира во нејзиниот однос кон народните маси. Според нацизмот, поединецот не е важен и треба да се изгуби во силата и славата на државата и нацијата. Во таа смисла, Гебелс пишува: „Да се биде социјалист, значи да поимот „јас“ да се потчини на поимот „ти“; социјализмот е жртвување на поединецот за целината.“ Во „Мојата борба“, Хитлер, исто така, го истакнува жртвувањето на поединецот кој „се откажува од застапувањето на личното мислење и интерес“.[4]

Нацизмот како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „Музика од столбот“ — расказ на рускиот писател Виктор Пелевин од 1991 година.[5]
  • „Откровението на Крегер“ — расказ на рускиот писател Виктор Пелевин од 1991 година.[6]
  • „Оружје на одмаздата“ — расказ на рускиот писател Виктор Пелевин од 1991 година.[7]
  • Момчињата од Бразил“ (англиски: The Boys From Brazil) — американски филм од 1978 година, во режија на Френклин Ј. Шафнер.[8]
  • „Наци-бебе“ (англиски: Nazi Baby) — песна на британската панк-рок група Вајбрејторс (The Vibrators) од 1978 година.[9]
  • „Кој ги создава нацистите?“ (англиски: Who Makes the Nazis?) — песна на британската рок-група Фол (The Fall) од 1982 година.[10]
  • „Наци-запченик“ (англиски: Nazi Driver) — песна на американската рок-група Саундгарден (Soundgarden) од 1988 година.[11]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 181-183.
  2. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 189.
  3. F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 245.
  4. Erih From, Bekstvo od slobode. Beograd: Nolit, 1983, стр. 182-206.
  5. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 342-348.
  6. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 370-378.
  7. Виктор Пелевин, Синиот фенер. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 379-392.
  8. „HRT (пристапено на 3.11.2017)“. Архивирано од изворникот на 2017-11-21. Посетено на 2017-11-16.
  9. The Vibrators – V2 (пристапено на 16.9.2024)
  10. YouTube, The Fall - Hex Enduction Hour (Full Album) (пристапено на 18.6.2017)
  11. Discogs, Soundgarden ‎– Ultramega OK (пристапено на 8.8.2019)