Знаме на Нацистичка Германија

Знамето на Нацистичка Германија дошло од логото на Национал-социјалистичката германска работничка партија (НСДАП) по нејзиното основање. По назначувањето на Адолф Хитлер за канцелар во 1933, знамето станало едно од двете национални знамиња, покрај црно-бело-црвеното знаме на Германското Царство. Една година по смртта на претседателот Хинденбург во 1934, двојното знаме било укинато и знамето со свастиката станало националното знаме на Германија во 1935, и останало сѐ до крајот на Втората светска војна и падот на Третиот Рајх.

Знамето на Национал-социјалистичката германска работничка партија (НСДАП) од 1920 до 1945. Од 1935 станало единственото државно знаме, сѐ до крајот во 1945. Однос 3:5
Користено заедно со свастиката од 1933 до 1935. Однос 3:5

По одбивањето на многу предлози, Хитлер во Мојата борба го опишува процесот на одбирање на новото знаме: „Јас, самиот, во меѓувреме, по безброј обиди, положив конечен изглед; знаме со црвена позадина, бел круг и црна свастика во средината. По долги обиди, исто така одредив совршен размер помеѓу големината на знамето и големината на белиот круг, како и изгледот и дебелината на свастиката.“

На германските бродови било користено знаме со белиот круг и свастиката поместени во лево. Постои дебата околу тоа дали тоа знаме било и официјалното државно знаме од 1935 до 1945.

Од 1933 до најмалку 1938 во Нацистичка Германија, пред какво било официјално знаме со свастика да влезе во употреба, прво морало да помине низ една церемонија каде што го допирало Крвавото знаме (Blutfahne), знамето со свастика користено од нацистичките паравоени единици за време на неуспешниот државен удар во 1923. Оваа долга церемонија се оддржала на сите Нирнбершки собири. Непознато е дали оваа традиција продолжила и по последниот Нирнбершки собир во 1938.

Денес, поседство и истакнување на знамиња со свастика е забрането со закон во Германија, Франција и Австрија.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди