Јохан Карл Родбертус
Јохан Карл Родбертус (германски: Johann Karl Rodbertus; 1805-1875) - германски економист и политичар.
Творештво
уредиРодбертус бил водечки член на Левиот центар во Парламентот на Прусија. Тој предложил програма со која постепено би се создала социјалистичка држава во рамките на Германското Царство.[1]
Родбертус ја дефинирал вредноста на производите како „квантитативно важење на еден предмет наспроти другите, сфаќајќи го тоа важење како мера.“ Притоа, тој заклучува дека на постои некоја вистинска мера на вредноста така што мораме да се задоволиме со некаков сурогат за неа. Како сурогат може да послужу трудот, но само ако се разменуваат производи со еднакво количество труд. Според него, токму државата треба да обезбеди производите да се разменуваат сразмерно на вложениот труд во нивното производство. Државата ќе го направи тоа така што ќе издава хартиени пари (како еден вид потврди за вложениот труд) и од нив ќе им дава аванси на индустријалците, кои пак ќе ги користат за плаќање на работниците; тие, пак, со парите ќе ги купуваат производите и на тој начин парите ќе се вратат таму каде што потекнуваат. На пример, оној што ставил во промет некој производ ќе добие писмена потврда (хартиени пари) на кои ќе биде точно забележено количеството труд вложено во производите. Така, тој што ќе предаде производи направени за два работни дена ќе добие потврда на која ќе пишува „два дена“. Со точно спроведување на ова правило при емисијата на парите ќе биде задоволен условот дека секој производ ќе се разменува според вложениот труд. Меѓутоа, Родбертус смета дека дури ни овој систем не ја отстранува експлоатацијата на работниците, кои никогаш не можат да ја присвојат целата вредност што ја произвеле со својот труд, зашто од нивната врендост треба да се исплатат и разните непроизводни но корисни функции. Покрај тоа, Родбертус смета дека и профитот и земјишната рента треба да постојат и понатаму, зашто и земјопоседниците и капиталистите вршат некои општествени функции кои се корисни и потребни, па профитот и рентата претставуваат надомест за нивното извршување. Инаку, тој сметал дека до денот на победата на пролетеријатот ќе поминат уште 500 години. Фридрих Енгелс го оценува делото на Родбертус, „Прилог кон спознавањето на нашето државно стопанство“ (1842), како „безусловно значајна книга“ во времето кога се појавила, а неговото продолжение на Рикардовата теорија на вредноста било почеток што ветува многу, но наместо да го доразвие тоа учење, Родбертус го свртел кон утопија. Оттука, Енгелс го критикува Родбертусовото учење како детска фантазија и чиста утопија која ја поништува улогата на пазарната конкуренција во одредувањето на разменската вредност (цените) на производите.[2]
Родбертус го обвинувал Карл Маркс дека интелектуално го ограбил така што во „Капиталот“ го искористил неговото дело „Прилог кон спознавањето на нашето државно стопанство“ без притоа да го наведе авторот. Енгелс ги отфрла тие обвинувања, тврдејќи дека Маркс никогаш не ја видел книгата на Родбертус. Инаку, во своите три „Социјални писма“, Родбертус тврдел дека тој ја открил конституираната вредност пред за неа да пишува Пјер Жозеф Прудон. Според Енгелс, од 1842 година до смртта, Родбертус само ги повторувал истите ставови кои ги изложил на почетокот и не разбрал дека, всушност, повторно го открил само она што веќе одамна било откриено.[3]
Од друга страна, Маркс го критикувал Родбертусовото учење за земјишната рента, истакнувајќи дека тој „ја насетува разликата меѓу вишокот на вредноста и неговите специјални облици... но ја промашува целта, зашто однапред се грижи да толкува една специјална појава, земјишната рента, наместо да го пронајде општиот закон.“ Според Ленин, „Родбертус главно го повторува учењето на Адам Смит, заедно со неговата основна грешка (растворањето на вредноста на наемнината и на вишокот на вредноста)“.[4]
Наводи
уреди- ↑ F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 182.
- ↑ Фридрих Енгелс, „Предговор“, во: Карл Маркс, Беда филозофије (Одговор на Филозофију беде г. Прудона). Култура, Београд, 1946, стр. 16-23.
- ↑ Фридрих Енгелс, „Предговор“, во: Карл Маркс, Беда филозофије (Одговор на Филозофију беде г. Прудона). Култура, Београд, 1946, стр. 10 и 24.
- ↑ „Регистар имена“, во: Карл Маркс, Беда филозофије (Одговор на Филозофију беде г. Прудона). Култура, Београд, 1946, стр. 189.
Оваа биографска статија за личност од Германија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |