Михајло Пупин
Михајло Пупин (Идвор, 4 октомври 1858 - Њујорк, 12 март 1935) бил знаменит великан во областа на физиката и електрониката, научник и пронаоѓач од светски глас, кој дал особен придонес во областа на телекомуникациите, радиотехниката и радиологијата.
Михајло Пупин | ||
Роден | 4 октомври 1858 Идвор, Србија | |
---|---|---|
Починал | 12 март 1935 Њујорк, Њујорк, Соединетите Држави | (возр. 76)|
Познат | физичар, електротехничар, пронаоѓач |
Бил професор по физика и математика на Колумбија во САД, го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рендгенски зраци. Човештвото најмногу го задолжил со решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина. За своето автобиографско дело „Од имигрант до пронаоѓач“ посмртно ја добил Пулицеровата награда во 1924 година, како и многу други награди со светско значење за својата научна работа.
Животопис
уредиВо родното место завршил oсновно училиште, а потоа 5 класа гимназија во Панчево на германски јазик, бидејќи тој крај се наоѓал под австроунгарска власт. Бунтовен, со немирен дух, поради учеството во демонстрациите против австроунгарските власти, бил принуден да ја напушти гимназијата во Панчево и по совет на својата мајка, заминал да се школува во Прага. Но тука, разочаран од наставниците и поради недостиг на материјални средства, на полугодието од седмиот клас, го напуштил училиштето и во 1874 година, преку Хамбург, кога имал само 20 години, заминал за Америка, во САД.
Во САД, Михајло Пупин 5 години работел како чувар на магацин, физички работник, како бојаџија на коли, молер, и како ложач во една фабрика за бисквити во Њујорк. Во исто време започнал да посетува и вечерно училиште, како подготовка за приемниот испит на колеџот Колумбија, што потоа есента 1879 година го положил со одличен успех. Дипломирал за 4 години како најдобар студент, примил американско државјанство, и како професор по уметност, пак продолжил да студира. Семејните корени му се од с.Вевчани.
Професионална кариера
уредиСтудирал првин со стипендија на студии по математика и теориска физика во Кембриџ, Англија. Потоа, откако добро ги проучил делото на Максвел, продолжил да студира физика во Берлин. Соработката со Херман Хелмхолц, кај него уште повеќе ги развила желбите и способностите за експериментирање. Под негово менторство докторирал со одличен успех, на тема „Осмотскиот притисок и неговиот однос кон слободната енергија“.
Како доктор на науки, во 1889 година Михајло Пупин се вратил во Њујорк и станал професор по математичка физика на Катедрата за електротехника и управник на Електротехничкиот институт на универзитетот Колумбија. Во таа лабораторија тој реализирал 25 извонредно значајни патенти, кои денес сè уште се фундаменти во соодветната технологија.
Од неговиот особено значен придонес во областа на физиката, доволно е ако се споменат само енциклопедиските единици именувани според неговото име, како што се Пупиновата теорија, Пупиновите калеми, пупинизацијата.
Признанија
уредиВо текот на својот работен и животен век д-р Пупин добил многу почести, награди и признанија. Бил претседател на Американскиот институт на радиоинженерите и претседател на АИЕЕ (Американски институт на електроинженери), прв човек на Американската асоцијација за унапредување на науката и на Њујоршката академија на науки, како и член на Француската и на Српската академија на науки.
Во 1920 година го доби Едисоновиот медал на АИЕЕ за својата работа во математичката физика и нејзината примена во електричната трансмисија. Една сала во универзитетот во Колумбија и многу лаборатории во другите универзитети во САД го носат неговото име. Во негова чест на Месечината е именуван кратерот Пупин. Во 1946 година во тогашна Југославија е основан институтот за инженерство и технолошки истражувања „Михајло Пупин“.
Покрај разните одликувања, му биле доделени дури 18 почесни докторати на разни универзитети. Пупин бил член на повеќе академии на науки и претседател на Академијата на науките во Њујорк. Со светска слава се здобил и со неговото автобиографско дело „Од имигрант до пронаоѓач“ за која ја добил најугледната американска награда за книжевност, Пулицеровата награда. Во знак на признание на Михајло Пупин, голем број угледни институции во светот и на поранешните југословенски простори го носат неговото име.
Патенти
уредиПупин има објавено околу 70 технички статии и извештаи[1] и 34 патенти.[2]
Број на патент | Назив на патент | Назив на англиски јазик]] | Датум на објавување |
---|---|---|---|
519.346 | Апарат за телеграфски и телефонски пренос | Apparatus for telegraphic or telephonic transmission | 8 мај 1894. |
519.347 | Трансформатор за телеграфски, телефонски или други електрични системи | Transformer for telegraphic, telephonic or other electrical systems | 8 мај 1894. |
640.515 | Техника на дистрибуција на електрична енергија со помош на наизменични кола | Art of distributing electrical energy by alternating currents | 2 јануари 1900. |
640.516 | Електричен пренос со резонантни кола | Electrical transmission by resonance circuits | 2 јануари 1900. |
652.230 | Техника на намалување на слабеењето на електричните бранови и апарати за тоа | Art of reducing attenuation of electrical waves and apparatus therefore | 19 јуни 1900. |
652.231 | Метод на намалување на слабеењето на електричните бранови и апарати за тоа | Method of reducing attenuation of electrical waves and apparatus therefore | 19 јуни 1900. |
697.660 | Машина за намотување | Winding-machine | 15 април 1902. |
707.007 | Повеќекратна телеграфија | Multiple telegraphy | 12 август 1902. |
707.008 | Повеќекратна телеграфија | Multiple telegraphy | 12 август 1902. |
713.044 | Производство на асиметрични струи во симетричен наизменичен електричен процес | Producing asymmetrical currents from symmetrical alternating electromotive process | 4 ноември 1902. |
768.301 | Безжичен пренос на електрични сигнали | Wireless electrical signalling | 23 август 1904. |
761.995 | Апарат за намалување на слабеењето на електричните бранови | Apparatus for reducing attenuation of electric waves | 7 јуни 1904. |
1.334.165 | Пренос на електрични бранови | Electric wave transmission | 16 март 1920. |
1.336.378 | Антена со дистрибуиран позитивен отпор | Antenna with distributed positive resistance | 6 април 1920. |
1.388.877 | Звучен генератор | Sound generator | 3 декември 1921. |
1.388.441 | Повеќекратна антена за пренос на електробранови | Multiple antenna for electrical wave transmission | 23 декември 1921. |
1.415.845 | Селективна спротивна импеданција на примените електрични осцилации | Selective opposing impedance to received electrical oscillation | 9 мај 1922. |
1.416.061 | Радиоприемен систем со висока селективност | Radio receiving system having high selectivity | 10 мај 1922. |
1.456.909 | Бранов проводник | Wave conductor | 29 мај 1922. |
1.452.833 | Апарат за селективно засилување | Selective amplifying apparatus | 24 април 1923. |
1.446.769 | Апериодичен пилотен проводник | Aperiodic pilot conductor | 23 февруари 1923. |
1.488.514 | Апарат за селективно засилување | Selective amplifying apparatus | 1 април 1923. |
1.494.803 | Електрично нагодување | Electrical tuning | 29 мај 1923. |
1.503.875 | Тонски радиоприемник | Tone producing radio receiver | 29 април 1923. |
Пупин и Македонија
уредиСемејните корени на Пупин се во село Нича, Москополе, денешна Албанија. Семејството, со јасно изразени влашки чувства, во потрага по подобар живот се преселило во Вевчани, а од таму повеќето членови од големото сточарско семејство, меѓу кои и неговите родители Константин и Олимпијада, заминале во банатското село Идвор во Србија. По смртта на неговата мајка, за време на неговиот престој во Германија, Михајло Пупин основал фондација која била наменета за помагање при школувањето на деца од Србија и Македонија. Таа фондација била наменета да го зачува споменот на неговата мајка.[5]
Во неговата политичка активност на Париската мировна конференција (1919) Михајло Пупин се залагал и дал придонес за создавање на Југославија како заедничка држава на Јужните Словени во тогашните воспоставени граници (границите на Кралството СХС). Во меѓувреме, тој лично пратил писмо до американскиот претседател Вудро Вилсон, каде ги објаснил границите и етничките одлики на Далмација, Словенија, Истра, Банат, Меѓимурје, Барање и Македонија.[5]
Михајло Пупин имал особена љубов кон Македонија и Охрид, каде давал црковни ѕвона како поклони на охридските цркви, основал фонд за помош на сиромашното население и сл. Во 1913 година била основана фондацијата „Олимпијада Пупин“ во рамките Српската академија на науки и уметности, која давала помош при образованието на децата од Србија и Македонија. Во чест на Пупин, уште во 1930-те години една улица го носела неговото име.[5] Според кажувањето на неговите потомци, тој ја афирмирал посебноста на Македонија и на македонскиот народ и се залагал за автономија на Македонија.[6] Освен тоа, особено значајно било и неговото донаторство и добротворство во Македонија.
Во негова чест во Вевчани е отворен спомен-дом на Михајло Пупин. Семејната куќа на родот Пупин, изградена во средината на 19 век, е целосно обновена и сега е сместувачко-угостителски објект со музејска поставка за животот и делото на Пупин.
Литература
уреди- С. Бокшан, Михајло Пупин и његово дело, Научна издања Матице српске, Нови Сад, 1951 (српски)
- С. Гвозденовић, Чикаго, Америка и Видовдан, Савез Срба у Румунији-Српска Народна Одбрана, Темишвар-Чикаго, 2003 (српски)
- Ј. Николић, Фељтон Вечерњих новости, галерија српских добротвора, 2004 (српски)
- П. Радосављевић, Идворски за сва времена, НИН, Бр. 2828, 2005 (српски)
- Р. Смиљанић, Михајло Пупин-Србин за цео свет, Едиција – Срби за цео свет, Нова Европа, Београд, 2005 (српски)
- Саво Б. Јовић, Христов светосавац Михајло Пупин, Издавачка установа Св. арх. синода, Београд, 2004 (српски)
- Edward Davis, "Michael Idvorsky Pupin: Cosmic Beauty, Created Order, and the Divine Word." In Eminent Lives in Twentieth-Century Science & Religion, ed. Nicolaas Rupke (Frankfurt: Peter Lang, 2007), pp. 197–217. (англиски)
- Michael Pupin, "From Immigrant to Inventor" (Charles Scribner's Sons, 1924) (англиски)
Наводи
уреди- ↑ Биографија на Михајло Пупин
- ↑ Биографија на Михајло Пупин на мрежната страница на Универзитетот Колумбија
- ↑ acmi.net.au Архивирано на 3 март 2004 г. Список на патенти објавени во САД (англиски)
- ↑ uspto.gov United States Patent and Trademark Office. (англиски)
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Павошевиќ, Светлана. „Биографија на Михајло Пупин“ (PDF) (српски). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-12-22. Посетено на 2011-07-01.
- ↑ „Михајло Пупин се враќа во Вевчани“. Архивирано од изворникот на 2020-04-14. Посетено на 2008-10-09.
Надворешни врски
уреди- Аутобиографија „Са пашњака до научењака“ Архивирано на 9 декември 2008 г. (српски)
- Дневник, 09.10.2008: Споменот за Пупин се врати во Вевчани (македонски)
- МИМ, 19.2.2008: Михајло Пупин се враќа во Вевчани Архивирано на 14 април 2020 г. (македонски)