Лагадина
Лагадина (грчки: Λαγκαδάς, Лангадас) — град во Солунско, Егејска Македонија, денес административен центар на општината Лагадина на Солунскиот округ на Централна Македонија, Грција. Населението брои 8.447 жители (2021).
Лагадина Λαγκαδάς | |
---|---|
Поглед на Лагадина и околината од воздух | |
Координати: 40°45.11′N 23°04.05′E / 40.75183° СГШ; 23.06750° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Солун |
Општина | Лагадина |
Општ. единица | Лагадина |
Надм. вис. | 110 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 8.447 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Пошт. бр. | 545 00 |
Географија и местоположба
уредиГрадот се наоѓа во средиштето на Лагадинско Поле на север од Лагадинското Езеро и 20 км североисточно од Солун. Лежи на надморска височина од 110 м.[2]
Историја
уредиСе смета дека името потекнува од старословенскиот поим „лѫгъ“ (лонг), со значење влажно шумовито место.[3]
Османлиско време
уредиВо март 1430 г. султанот Мурат II се сместил во Лагади оттукатука го раководел последниот јуриш, заземајќи го градот по долгата осумгодишната опсада.[4]
Лагадина била чисто македонска населба, но состојбата почнала бргу да се менува кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Лагадина имало 150 домаќинства со 614 жители, од кои 493 Македонци и 121 жител муслимани [Турци].[5][6]
Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Лагадна живееле 1.500 Македонци [5] христијани, 525 Турци, 15 Евреи и 250 Роми.[7] Понатаму К’нчов објаснува дека македонското население на Лагадина и Лагиново било изложено на погрчување и во нив машкото население било двојазично. Во многу семејства грчкиот јазик се натурил преку бракови со грчки жени од селата околу Бешичкото Езеро.[8]
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Лагадина живееле 800 Македонци[5] под врховенството на Цариградската патријаршија и 500 Грци. Тодор Симовски смета дека бројот на Грци е крајно претеран, наведувајќи го Боривое Милоевиќ, кој во својот патопис 1917-18 г. го опишал како место со 350 куќи, од кои 300 им припаѓале на погрчени словени,[2] што значи дека Лагадина била речиси целосно македонски град во етнички поглед. Дека Грчката пропаганда била исклучително силна сведочи фактот што во паланката работеле две грчки училишта.[9] Сепак, Според Анастасија Каракасиду, кон крајот на османлиското владеење Лагадина било претежно „словенојазично“ место.[10]
И покрај поволната местоположба, Лагадина не можела да се развие во поголем град поради близината до Солун.[2] За време на Првата балканска војна градот бил окупиран од Бугарите и на чело на Лагадинската околија е поставен бугароманскиот проврховистички деец Михаил Думбалаков од Сухо[11]. Подоцна Лагадина е заземена од грчката војска, која ги истерала Бугарите.[12]
Со Букурешкиот договор во 1913 г. Лагадина е припоена кон грчката држава. Истата година паланката имала 2.500 жители.[13] Во 1920 г. населението се накачило на 3.327 жители поради сместување на доселенички семејства.[2] Во 1924 г. малубројните преостанати Турци се иселиле во Турција според Лозанскиот договор, а на нивно место грчките власти довеле уште 2.040 Грци доселеници. Во 1928 г. Лагадина е заведена како паланка со 5.152 жители, од кои 2.193 (568 семејства) биле доселеници.[14]
За време на Втората светска војна, германскиот окупатор ги ликвидирал сите 200 Евреи од Лагадина, кои се занимавале претежно со трговија.[2]
Население
уредиНаглото зголемување на жителите во 1951 г. се должи на насобраните евакуирани жители од загрозените села во Граѓанската војна, кои потоа се вратиле во родните места.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 5.852 | 7.645 | 6.752 | 6.707 | 5.890 | 6.113 | 7.259 | 7.764 | 8.447 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Знаменитости
уреди- Црква „Св. Петка“ од 1934 г.
- Лагадински амам од првата половина на XVI век
Самоуправа и политика
уредиГрадот припаѓа на општинската единица Лагадина со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Лагадина, во округот Солун. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Лагадина, каде тој е единствено населено место.
Стопанство
уредиНаселението на Лагадина се занимава претежно со земјоделство и малопродажба. По војната тука е изградена и конзервна фабрика. Главни производи се пченицата, тутунот, памукот, овошјето и градинарските култури.[2]
Збратимени градови
уреди- Сандански (Свети Врач), Пиринска Македонија, Бугарија
Поврзано
уредиНаводи
уреди„Лагадина“ на Ризницата ? |
- ↑ „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 291.
- ↑ „Λαγκαδάς“. Δήμος Λαγκαδά. Архивирано од изворникот на 2012-11-16. Посетено на 2014-06-08.
- ↑ Имбър, Колин (2000). Османската империя 1300-1481. София: Амисития. стр. 160. ISBN 954-90556-2-0.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.153.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 170.
- ↑ Кънчовъ, Василъ. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 75.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 196-197.
- ↑ Каракасиду, Анастасия. Житни поля, кървави хълмове. Преходи към националното в Гръцка Македония (1870 - 1970), Ciela, София, 2008, стр. 69.
- ↑ Генов, Георги. Беломорска Македония 1908 - 1916, Торонто, 2006, стр.125
- ↑ Генов, Георги. Беломорска Македония 1908 - 1916, Торонто, 2006, стр.185
- ↑ „Απαρίθμηση των κατοίκων των νέων επαρχιών της Ελλάδος του έτους 1913. Μακεδονία“. Архивирано од изворникот 2012-07-31. Посетено на 2012-07-31.
- ↑ „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
Надворешни врски
уреди- Дијалектни текстови од с. Ајватово и с. Балевец, Лагадинско — Институт за ареална лингвистика при МАНУ