Боривое Милоевиќ
Боривое Ж. Милоевиќ (српски: Боривоје Ж. Милојевић; Царина, 22 декември 1885 — Белград, 22 октомври 1967)[1] — српски географ, професор Белградскиот универзитет и член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ). Во македонската историографија е познат по делата во кои обработува разни аспекти на географијата на Македонија, меѓу кои и важното дело „Јужна Македонија: антропогеографска испитивања“ (Јужна Македонија: антропогеографски испитувања) во кое ги опишува краиштата на Егејска Македонија низ кои пропатувал во текот на две години и врши подробен попис на населението по селата и градовите ширум тој дел на Македонија.[2]
Боривое Милоевиќ Боривоје Милојевић | |
---|---|
Роден(а) | 22 декември 1885 Царина, Кралство Србија |
Починал(а) | 22 октомври 1967 Белград, СР Србија | (возр. 81)
Почивалиште | Крупањ, СР Србија |
Националност | Србин |
Полиња | антропогеографија, физичка географија |
Ментори | Јован Цвииќ |
Животопис
уредиРоден е на 22 декември 1885 г. во учителско семејство селото Царина кај Осечина, западна Србија.[3] Првите четири одделенија ги завршил во Крупањ (1892—1896) и останал во блиска врска со овој крај. Студиите по географије ги запишал во 1904 г., а веќе на крајот на IV семестар (1906) е избран за асистент. По дипломирањето извесно време работел како гимназиски професор. Го слушал зимскиот семестар на 1911/12 г. во Хале, Германија, кај видните географи А. Пенк, О. Шлитер, Ј. Валтер и други. За време на Првата светска војна се повлекувал заедно со српската војска преку Албанија. Потоа, во 1918/19 г. заминал во Лозана, каде слушал предавања по геологија и стопанска географија. Докторирал во 1920 г., и истата година е избран за доцент, а веќе во 1921 г. за вонреден професор на Белградскиот универзитет. Бил прво ученик, а потоа најблизок соработник на познатиот географ Јован Цвииќ (1865-1927),[3] кој во 1925 г. го предложил за редовен професор; сепак, Милоевиќ го стекнал ова звање дури во 1927 г. по смртта на Цвииќ, кога ја презел Катедрата по географија и раководењето со географското друштво. Како редовен професор на Белградскиот универзитет се задржал сè до неговото пензионирање во 1956 г.
Присуствувал на 6 април 1910 г. на основањето на Српското географско друштво кое тогаш го основале Јован Цвииќ, Павле Вуевиќ (1881—1966) и уште неколку природонаучници, универзитетски професори. Бил меѓу соработниците на Гласникот на Српското географско друштво во периодот 1912-1927 г. и негов главен и одговорен уредник во големиот период од 1928 до 1962 г. Бил на функцијата секретар, потпретседател и претседател на друштвото до 1962 г. кога се повлекол поради болест.
Објавил преку 250 научни трудови и прилози, од кои најзначајни се: „Динарско приморје и острва“ (Динарското приморје и островите; Белград, 1933), „Високе планине у нашој Краљевини“ (Високите планини во нашето Кралство; Белград, 1937), „Главне долине у Југославији“ (Главните долини во Југославија; Белград, 1951) и учебникот „Општа регионална географија“ (Белград, 1956). Од останатите трудови треба да се споменат и „Лесне заравни и пешчаре у Војводини“ (Лесни висорамнини и песочини во Војводина; Нови Сад, 1949). Неговиот прв труд значаен за западносрпските области Раѓевина и Јадар е „Рађевина и Јадар, антропогеографска испитивања“ (Раѓевина и Јадар, антропогеографски испитувања; во: Насеља српских земаља, кн. 9, Белград, 1913, стр. 633–816.) каде на терен го истражувал потеклото на населението, бројот на домаќинствата, старите презимиња, славите и од тоа составил книга која служи како како поаѓалиште за секое понатамошно трагање по корените меѓу луѓето од овој крај.
Во 1947 г. Милоевиќ добил почесен докторат од неколку француски универзитети — Монпелје, Гренобл и Рен, а следната година и од оној во Прага.[3] Бил почесен член на вкупно седум странски географски друштва, еден од само девет почесни странски членови на Географското друштво на СССР. Во рамките на СФРЈ бил и почесен член на Географското друштво на Хрватска.
Милоевиќ важел за ненадминат предавач — популаризатор на географијата. Останала запаметена популарноста и посетеноста на неговите предавања во малата сала на Коларчевиот универзитет во Белград. Се вели дека толкава популарност уживал самко уште академикот Иван Ѓаја.
Во 1948 г. станал дописен член на Југословенската академија на науките и уметностите. Во 1955 г. е избран за редовен член-соработник на „Матица српска“. Поради севкупниот придонес за науката во 1947 избран е за дописен, а во 1961 г. за редовен член на Српската академија на науките и уметностите.
Починал на 22 октомври 1967 г. во Белград. По сопствена желба е погребан на гробиштата во гратчето Крупањ. По него тамошното основно училиште го носи името „Боривое Ж. Милоевиќ“.[4]
Поврзано
уреди- Тодор Симовски — истакнат македонски географ посветен на Егејска Македонија
Наводи
уреди- ↑ „Боривоје МИЛОЈЕВИЋ“. sanu.ac.rs. Архивирано од изворникот на 21 декември 2012. Посетено на 26 јануари 2019.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ Јужна Македонија: антропогеографска испитивања, 1920 г.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Милоевиќ, Боривое“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 951–952. Text "series " ignored (help)
- ↑ Милојевић, Боривоје Ж. (1932). Општа географија. Београд.
|access-date=
бара|url=
(help)
Надворешни врски
уреди- Јужна Македонија: антропогеографска испитивања, 1920 г. — опширното дело за Егејска Македонија
- Биографија на Боривое Милоевиќ на порталот на САНУ (српски)
- Биографија на Б. Ж. Милоевиќ — страница на основното училиште во Крупањ (српски)
- Стеван М. Станковић: Регионална географија академика Боривоја Ж. Милојевића, Гласник Српског географског друштва, стр. 19-28, година 86, број 2, 2006.