Пуста Река
Пуста Река — село во Општина Крушево, во околината на градот Крушево.
Пуста Река | |
Поглед на селото Пуста Река | |
Координати 41°24′46″N 21°9′20″E / 41.41278° СГШ; 21.15556° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Крушево |
Население | 53 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7550 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 16019 |
Надм. вис. | 940 м |
Пуста Река на општинската карта Атарот на Пуста Река во рамките на општината | |
Пуста Река на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиОва високо село се наоѓа во крајниот северозападен дел на територијата на Општина Крушево, чиј атар се допира со подрачјето на општините Кичево, Демир Хисар и Пласница.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 940 метри. Од градот Крушево е оддалечено 11 километри.[2] Низ самото село води регионалниот пат 2337.
Пуста Река е планинско село, сместено северозападно од градот Крушево. Се наоѓа на близу 1000 метри надморска височина, опколено со средновисоки планини, дел од планината Баба Сач и има многу убави терени со борови, букови и дабови шуми. Надморската височина и околните шуми го прават селото да има многу пријатна клима и во лето температурите не се многу високи. Низ селото тече мала рекичка која во лето пресушува, а повисок водостој има само во рана пролет кога се топи снегот од планините.
Соседни села на Пуста Река се: Преглово и Пласница од север, Цер од запад, Горно Дивјаци од исток, и Долно Дивјаци и Зашле од југ.
Историја
уредиЗа настанокот на селото Пуста Река нема поточни податоци кога е настанато, но се знае како е настанато. Тоа настанало од тројца браќа кои биле по потекло од селото Вранештица (Кичевско).
За името на селото се смета дека е настанато поради тоа што селото било запалено и до темел изгорено трипати. Еднаш тоа било запалено за време на турското владеење а двапати било изгорено за време на Втората светска војна. Во Пуста Река за време и на турското ропство, а и за време на Втората светска војна била развиена свеста за слободна Македонија и бил развиен отпорот и кон двете ропства при што се појавувале помали „дружини“ кои се бореле против непријателот, а селото било познато како село јатак на ајдуци.
Познати се неколку народни херои кои во текот на Втората светска војна ги дале своите животи и во нивна чест во селото се подигнати неколку споменици. Значајно е да се спомене дека во близина на селото во месноста Грујова нива е создаден првиот Крушевски баталјон.
Може да се спомене дека како и во сите села од Западна Македонија така и од ова село има доста печалбари кои се заминати во европските и прекуокеанските земји.
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 11,3 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 672 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 238 хектари, а на пасиштата 195 хектари.[2]
Во основа, селото има полјоделско-шумарска функција. Во минатото, во селото работеле фабрички погон „Илинденка“, земјоделска задруга и услужни објекти.[2] Во селото на времето работел и хотел.
Во турско време работел рудник за злато во близина на селото.[3]
Населението нема поволни услови да се занимава со земјоделство и поради тоа произведува многу малку, колку за свои потреби. Само две куќи во селото одгледуваат овци, додека пак останатите одгледуваат говеда, коњи и друго.
Во пролетниот период жителите на ова село собираат шумски плодови, мовови и печурки кои ги продаваат за да обезбедат средства за издршка. Тие, исто така се занимаваат со лов на диви животни, бидејќи селото изобилува со преубави планински терени. Има поволни услови за одгледување на пчели и за развој на пчеларството.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, селото Пуста Река имало 470 жители, сите Македонци.[4] Според секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) од 1905 година, во Пуста Река имало 400 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Пуста Река се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 61 куќа.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[7]
Селото преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Во 1961 година, селото имало 415 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 173 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Пуста Река живееле 134 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 53 жители, од кои 46 Македонци и 7 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 470 | 400 | 459 | 454 | 415 | 367 | 287 | 201 | 173 | 134 | 53 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
уредиПуста Река е македонско село.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1951 година родови во селото:[14]
- Староседелци и доселеници со непознато потекло: Славковци или Шипинковци (23 к.), Јовковци (9 к.), Коруновци (4 к.) и Бендеровци или Миленковци (1 к.).
- Доселеници со познато потекло: Биљановци (6 к.), доселени се од селото Кореница, Прилепско. Го знаат следното родословие: Миајле (жив на 68 г. во 1951 година) Никола-Димитрија, кој се доселил од Кореница; Деспотовци (6 к.), доселени се од селото Лисичани, Кичевско; Јанковци (3 к.), доселени се од некое село во Мариово. Го знаат следното родословие: Стојан (жив на 48 г. во 1951 година) Тренче-Стеван, кој се доселил; Јаневци (3 к.), доселени се од селото Пласница, Кичевско, го знаат следното родословие: Степан (жив на 67 г. во 1951 година) Крсте-Јане, кој се доселил; Вијачовци или Илијовци (4 к.), доселени се од селото Вранештица, Кичевско; Грујовци (3 к.), доселени се од селото Белушино; Митановци (1 к.) и Божиновци (3 к.), стари деленици од Грујовци; Чоктуровци или Кузмановци (12 к.), доселени се од селото Кривогаштани, Прилепско и Чкаловци (2 к.), доселени се од селото Врбјани, Дебрца.
Иселеништво
уредиСелото има околу 80 куќи од кои повеќето се празни, бидејќи голем број на жители заминале во градовите Прилеп, Битола, Кичево, Скопје, како и во европските и прекуокеанските земји поради непостоење на основни услови за нормален живот.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1951 година: Славковци во Врбоец (едно семејство); Јовковци во Романија (три семејства); Коруновци во Крушево (едно семејство); Биљановци во Јабука во Војводина, Србија (едно семејство) и во САД (едно семејство); Јанковци во САД (едно семејство); Јаневци во Пласница кај Кичево (како домазет од 1950 година); Вијачовци во: Јабука во Војводина, Србија (едно семејство); Божиновци во Јабука во Војводина, Србија (едно семејство) и Чоктуровци во Романија (две семејства).[14]
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
- Амбуланта
- Месна заедница
-
Гласачко место во селото
-
Поранешното училиште
-
Поранешниот хотел
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Пуста Река било христијанско село во рамките на Битолската каза (нахија Демир Хисар), на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Крушево, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Крушево.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крушево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел на тогашната Општина Долно Дивјаци, во која покрај селото Долно Дивјаци, се наоѓале и селата Арилево, Горно Дивјаци, Зашле, Кочишта и Пуста Река. Општината Долно Дивјаци постоела и во периодот 1950-1952, кога влегувале селата Арилево, Горно Дивјаци, Долно Дивјаци и Пуста Река.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1204 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на старото основно училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 67 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 64 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[18]
- Долна Црква — црква и некропола од средниот век;
- Крушка — црква и некропола од средниот век; и
- Манастирче — средновековна населба.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Илија“ — манастирска црква; и
- Црква „Св. Петка“ — нова селска црква.
- Манастири
- Пусторечки манастир — мал манастир надвор од селото
- Споменици
- Биста на Јоше Вијачоски
- Биста на Симон Биљаноски
- Споменици на НОБ во селото
- Реки[20]
- Пуста Река — мала река низ селото
-
Биста на Јоше Вијачоски
-
Биста на Симон Биљаноски
-
Спомен-плоча на споменикот на НОБ
-
Споменик на НОБ
-
Споменик на НОБ
-
Манастирската црква „Св. Илија“
-
Главната селска црква „Св. Никола“
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Пуста Река
- Андрија Велев Деспотоски — македонски револуционер од ВМОРО.[21]
- Никола Крстев Колески — македонски револуционер од ВМОРО.[22]
- Златко Билјаноски — комунистички деец, првоборец и државник
- Ладо Чкалоски — македонски партизан.
- Јоше Вијачоски — македонски партизан.
Галерија
уреди-
Амбар
-
Кош
-
Дел од селото
-
ЈНА чешма во близина на манастирот
-
Дел од селото
-
Сретселото
-
Селската чешма
-
Селската чешма
-
Селската чешма
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 248. Посетено на 25 декември 2021.
- ↑ Sotir. „Крушевска чаршија – синоним за образование, начин на живот и солидарност – Викенд во Крушево“ (англиски). Посетено на 2021-12-25.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 240.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.172-173.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 14.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 декември 2021.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 14,0 14,1 Русиќ, Бранислав. Железник-Пуста Река. Архивски фонд на МАНУ АЕ 97/1а.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 25 декември 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 203. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 58. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)
Надворешни врски
уреди- Пуста Река на Ризницата ?